Анализи
АНАЛИЗА: Кешот vs дигиталната ера – дали граѓаните ќе им останат верни на банкоматите?
Во набиената агенда на гувернерот Трајко Славески влезе и одлуката да им овозможи на граѓаните бесплатно повлекување пари од банкомат, без провизија независно на која банка е банкоматот. Според најавата, НБРМ предлага граѓаните да имаат право на четири бесплатни повлекувања готовина месечно од банкомати на други банки, при што износот на една трансакција да не биде поголем од 2.000 денари.
Образложението на гувернерот Славески е да на граѓаните да им обезбеди полесен и подостапен пристап до готовина, без разлика во која банка ги чуваат парите. Според него, и покрај дигитализацијата, готовината останува важна за мнозинството граѓани, кои ја користат за секојдневните потреби. И тој лично смета дека секој треба да има дома готовина барем за неколку дена до една недела затоа што анонимноста и слободата на кешот треба да се почитуваат.
Оваа мерка се очекува да стапи во сила почетокот на 2026 година. Имајќи предвид дека има банки во земјава кои им овозможуваат на своите клиенти без провизија да подигаат пари од банкомат и од други банки, Славески има еден аргумент зошто и другите банки би можеле да го овозможат тоа.
Како добар аргумент му дојде и информацијата од Грција дека од 11 август кај нашиот јужен сосед стапи на сила ново законодавство, донесено од Министерството за економија и финансии, со кое се укинуваат речиси сите трошоци поврзани со подигање готовина од банкомат. Целосно се укинаа провизиите за подигање готовина помеѓу сите банки кои учествуваат во националниот интербанкарски систем DIAS. Нема провизии за трансакции преку банкомати на трети страни во случај кога постои директна или индиректна сопственичка поврзаност помеѓу банките, ниту за подигање готовина во рурални средини и општини каде има само еден банкомат.
Тргнавме од најновата идеја на НБРМ и анализиравме колку таа ќе им користи на граѓаните во земјава. Зошто гувернерот Славески смета дека граѓаните ќе заштедат доколку им се овозможи да повлекуваат пари од банкомат бесплатно (барем 4 пати месечно)?
Веројатно затоа што граѓаните се уште многу го сакаат кешот. Повеќе од половина од вредноста на домашните платежни трансакции со картички се однесува на подигање готовина на банкомат. Заклучно со март оваа година, вкупната вредност на платежните трансакции со картички од страна на физички лица изнесува 31,6 милијарди денари, од кои 16,7 милијарди се повлечени на банкомат. Безготовински се потрошени 10,6 милијарди денари преку трансакции на ПОС терминал и 2,4 милијарди денари преку онлајн трансакции во е-трговија.

Овие бројки веројатно се доволно големи за централната банка да процени дека укинувањето на провизиите за повлекување готовина на банкомат е доволно значајна мерка за да ги намали дел од трошоците на граѓаните за банкарски услуги.
Исто така, факт е и дека граѓаните тешко се откажуваат од навиката да користат готовина како пари што им се 24/7 на располагање и на картичката, во телефонот преку Apple Pay, Google Pay, Garmin Pay или пак за вршење онлајн трансакции. Не ги разубедува ниту фактот дека добар дел од банкарските услуги преку електронско банкарство се бесплатни или со многу пониски трошоци од тие што се вршат на шалтер.
Податоците на Народната банка покажуваат дека во првите три месеци оваа година вкупната вредност на готовината повлечена на банкомат изнесува 48,1 милијарди денари, а во истиот период претходната година била 45 милијарди денари. Годишниот раст изнесува 6,8%. Во исто време, вредноста на платежните трансакции на ПОС терминали е зголемена за 6,2%, од 28,4 милијарди денари во првиот квартал од 2024 на 30,2 милијарди во истиот квартал годинава. Вредноста на трансакциите пак во е-трговија бележи најголем раст од дури 20%. Во првите три месеци лани биле извршени трансакции во вредност од 6 милијарди денари, а годинава од 7,1 милијарда денари.
Вредност на трансакции со картички јануари-март 2024/2025 (денари)

Ако се погледне возрасната структура на граѓаните што вршат трансакции со картички, може да се забележи дека помладите подеднакво повлекуваат пари на банкомат или плаќаат директно со картичка или онлајн. Во 2024 година, според последно објавените податоци на Народната банка, граѓаните на возраст од 35 до 44 години, на банкомат повлекле 42,1 милијарда денари, на ПОС терминал платиле 32,6 милијарди денари, а во е-трговија 6 милијарди денари. Тие на возраст од 45 до 54 години, на банкомат повлекле 38,8 милијарди денари, на ПОС терминал поминале 28,3 милијарди денари, а во е-трговија 4,4 милијарди денари. Најлош е соодносот кај граѓаните на возраст над 55 години, кои на АТМ повлекле 73,7 милијарди денари, на ПОС терминал платиле 37,7 милијарди денари, а во е-трговија само 4,6 милијарди денари.
Анализи
ЕУ од суфицит премина во дефицит, трговскиот биланс се влоши за 89 милијарди евра
Европската унија го заврши првото полугодие од 2026 година со дефицит во стоковната размена со остатокот од светот од 14,9 милијарди евра, откако во истиот период минатата година имаше суфицит од 74,1 милијарда евра, покажуваат најновите податоци на Евростат.
Тоа значи дека трговскиот биланс на ЕУ за една година се влошил за дури 89 милијарди евра.
Од јануари до крајот на јуни, извозот на стоки од ЕУ во земјите надвор од Унијата изнесувал 1.317 милијарди евра, што е намалување од 2,1 отсто во однос на истиот период во 2025 година. Во исто време, увозот се зголемил за 4,7 отсто, на 1.331,9 милијарди евра.
Само во јуни, ЕУ остварила суфицит од 3,9 милијарди евра, во споредба со 5,2 милијарди евра во истиот месец минатата година. Извозот на годишно ниво пораснал за 12,5 отсто, на 241,5 милијарди евра, додека увозот се зголемил за 13,5 отсто, на 237,7 милијарди евра.
Евростат наведува дека трговскиот биланс во јуни се влошил за 1,3 милијарди евра во споредба со истиот месец во 2025 година. Главната причина е зголемениот дефицит во трговијата со енергенси, кој делумно бил ублажен со поголемиот суфицит кај хемиските и сродните производи.
ЕУ во јуни извезла енергенси во вредност од 12,2 милијарди евра, додека увозот достигнал 42,6 милијарди евра. Со тоа, дефицитот во оваа категорија изнесувал 30,4 милијарди евра, наспроти 23,8 милијарди евра една година претходно.
Најголем суфицит бил забележан во трговијата со хемиски производи, во износ од 17,3 милијарди евра, додека кај машините и возилата бил остварен вишок од 14,6 милијарди евра.
Најголем трговски дефицит ЕУ имала со Кина, во износ од 35,1 милијарда евра. Со Соединетите Американски Држави бил остварен суфицит од 11,2 милијарди евра, а со Обединетото Кралство од 17,1 милијарда евра.
Еврозоната, пак, во јуни повторно се вратила во суфицит, кој изнесувал 8,6 милијарди евра, по дефицитот од девет милијарди евра во мај. Во јуни минатата година суфицитот изнесувал 4,8 милијарди евра.
Извозот од еврозоната во јуни пораснал за 14,4 отсто, на 272,5 милијарди евра, додека увозот се зголемил за 13,1 отсто, на 264 милијарди евра.
Сепак, резултатот за целото прво полугодие е значително послаб од лани. Суфицитот на еврозоната се намалил од 82,2 милијарди евра во првите шест месеци од 2025 година на само 9,8 милијарди евра во истиот период годинава.
Анализи
Европските берзи тргуваат претпазливо и покрај рекордот на Волстрит
На европските берзи во петокот претпладне се тргуваше претпазливо, и покрај растот на Волстрит претходниот ден и новото рекордно ниво на американскиот индекс S&P 500.
Индексот STOXX 600, кој ги следи водечките европски компании, околу 9:30 часот беше речиси непроменет во однос на претходниот ден.
Лондонскиот FTSE се намали за 0,12 отсто, на 10.758 поени, додека германскиот DAX порасна за 0,55 отсто, на 26.445 поени. Парискиот CAC забележа минимален раст од 0,02 отсто и достигна 8.650 поени.
Мирно тргување беше забележано и на Загрепската берза, каде прометот остана релативно скромен.
Околу 10:30 часот индексот Crobex беше во плус од 0,09 отсто, на 4.433 поени, додека Crobex10 порасна за 0,06 отсто, на 2.865 поени.
Редовниот промет со акции до тој момент изнесуваше околу 370.000 евра, што е приближно 270.000 евра повеќе во споредба со истиот период претходниот ден.
Најголем промет, од околу 250.000 евра, беше остварен со акциите на Končar, чија цена остана непроменета на 1.010 евра.
Акциите на Maistra забележаа промет од околу 36.000 евра, а нивната цена се намали за 0,8 отсто, на 65,50 евра.
Промет поголем од 20.000 евра беше остварен и со уште две акции. Акциите на Zagrebačka banka поевтинија за 0,4 отсто, на 22,40 евра, додека повластените акции на Adris grupa пораснаа за 0,5 отсто, на 107 евра, пренесува Хина.
Анализи
Албанија има најсилна сајбер-заштита во светот, Северна Македонија на 30. место
Албанија има најсилна сајбер-заштита во светот, покажуваат податоците од Националниот индекс за сајбер-безбедност (NCSI), кој ја оценува подготвеноста на државите да спречат и да одговорат на сајбер-напади.
На ранг-листата што ја изработува естонската Академија за е-управа се опфатени 155 држави и територии, а Албанија го освои првото место со 98,33 од максимални 100 поени.
Со овој резултат, балканската земја зад себе остави некои од технолошки најразвиените држави во светот, меѓу кои Германија и САД, како и второпласираната Чешка.
Особено впечатлив е напредокот на Албанија во последните неколку години. Минатата година земјата се наоѓала на 15. место, додека во 2023 година била дури на 54. позиција.
Индексот ја оценува способноста на земјите да спречуваат сајбер-закани, да ја заштитат критичната инфраструктура и најважните услуги, да реагираат на сајбер-инциденти, да развиваат национални стратегии, да ги подобруваат стручните капацитети и да ја зајакнуваат меѓународната соработка.
Некои од најголемите светски економии се пласираа значително пониско. Франција е на 16. место, Германија на 19., а Соединетите Американски Држави се на 31. позиција.
Северна Македонија се најде на високото 30. место, една позиција пред САД. Од земјите во регионот, Словенија е на 15. место, Хрватска на 35., додека Србија е на 40. позиција.
-
Интервјуапред 2 месециДигитализацијата и довербата се двигатели на новото банкарство – Беркан Имери во FinSight
-
Продуктипред 1 месецИднината на банкарството е во доброто корисничко искуство
-
Останатопред 2 месециОд јули почнува исплатата на К-15, минималниот износ е 19.116 денари
-
Банкипред 2 месециНов банкомат на Халкбанк пред МНТ инспириран од театарската сцена
-
Банкипред 2 месециИсплатата на јунските пензии преку Стопанска банка почнува на 1 јули
-
Банкипред 2 месециКомерцијална банка почнува со исплата на јунските пензии од 1 јули
-
Кариерапред 2 месециНЛБ Банка вработува банкарски советник во Струмица
-
Банкипред 1 месецСтопанска банка со промотивна камата од 4,9 отсто за Mastercard Platinum картичката





