Интервјуа
ИНТЕРВЈУ | SMART FINANCE: Со обезбедување на неповратни грантови за нашите клиенти ја зголемуваме нивната финансиска ефикасност и профитабилност
Започнувајќи како приказна што ќе создаде вистинска вредност за клиентите да успеат да развијат успешен бизнис модел, компанијата Smart Finance веќе три години успешно функционира на нашиот пазар во полето на консултанството и финансиите.
Со фокус на креативност, експертиза и професионализам, тимот на Smart Finance нуди решенија за раст и развој на бизнисите на своите клиенти. Ова вклучува оптимизација на финансиското работење, пристап до неповратни грантови и субвенции, како и проектно финансирање во областа на недвижности.
Во интервјуто, Стојан Ѓуровски како СЕО и Марија Солева Илиевска како Managing Partner ги споделуваат досегашните успеси на компанијата и идните планови за раст и иновации. Тие ги истакнуваат ангажманите на компанијата за поддршка на самите почетоци, поддршка во растот на клиентите и стремежот кон постигнување на финансиска независност и успешен бизнис модел.

Банкарство: Smart Finance е компанија која постои и функционира на пазарот повеќе од три години. Дали може да ни кажете нешто повеќе за Smart Finance, кој беше мотивот за основање на компанијата?
Стојан Ѓуровски: Smart Finance е компанија која успешно функционира на пазарот веќе три години.
Мотивот за основање на компанијата произлезе од потребата за иновација на финансиските услуги, но и од желбата да се креира долгорочно партнерство со клиентите, да ги поддржиме во нивните финансиски стратегии и потреби. Со своето искуство стекнато во банкарскиот сектор, конкретно во делот на корпоративни клиенти, забележуваме висок степен на нереализирани грантови од страна на компаниите во Македонија, кои остануваат неискористени поради недоволната информираност или поради сложениот процес на аплицирање. Ова ја открива потребата за креирање на среднорочни и долгорочни стратегии и бизнис анализи кои ќе им овозможат на компаниите да ги искористат овие неповратни грантови. Неповратните грантови се најдобар извор за финансирање на бизнисите, освен што ја зголемуваат довербата на инвеститорите, истите даваат и поголема флексибилност во однос со управувањето на финансиите и покрај тоа, средствата добиени од грант се неповратни.
Овие карактеритстиките кои со себе си ги носат неповратните грантови се моќен инструмент за развој и поддршка на бизнисите.
Целта на Smart Finance е да ги обезбеди потребните информации и совети на своите клиенти, давајќи им можност да ги искористат грантовите на најефикасен начин. Она по што се издвојува Smart Finance е желбата за успех, бидејќи успехот на клиентите е и наш успех, се стремиме кон тоа да бидеме партнер кој ќе им помогне на клиентите да ги остварат финансиските планови и да постигнат финансиска стабилност.

Банкарство: Кои се основните консултантски услуги што ги нуди вашата компанија и како се разликуваат од услугите на вашите конкуренти, која е вашата конкурентска предност, односно зошто клиентите би требало да се одлучат за соработка со Вашата компанија?
Стојан Ѓуровски: Нашиот тим во Smart Finance е специјализиран во повеќе области, нуди широк спектар консултантски услуги, вклучувајќи неповратни грантови и субвенции, проектно финансирање, недвижности, надворешен финансиски менаџер и due diligence.
Она што несомнено нè издвојува од конкуренцијата е нашиот персонализиран пристап кон секој клиент. Нашата конкурентска предност лежи во високиот степен на експертиза и искуство на нашиот тим, како и во тоа што секој клиент за нас е индивидуален предизвик, а не само уште еден проект. Посветени сме на идејата за креирање на иновативни решенија кои ги задоволуваат потребите на нашите клиенти и ги надминуваат нивните очекувања. Па затоа, ако клиентите сакаат да имаат партнер кој ќе ги разбере и поддржи на нивниот финансиски пат, тогаш соработката со нас е нивниот вистински избор!
Банкарство: Мотото на Вашата компанија е: “Осигурајте си успешна финансиска приказна со наша помош”! Може ли накратко да ни објасните како изгледа процесот на едуцирање и консултирање на клиентите и какви придобивки ќе имаат од користењето на услугите на Smart Finance?
Стојан Ѓуровски: Процесот на едуцирање и консултирање на клиентите во Smart Finance започнува со детално разбирање на потребите на клиентот, неговите цели и финансиски ставови. Ги идентификуваме предизвиците на клиентите, а потоа, нашите финансиски консултанти создаваат персонализирана стратегија, која ги води клиентите кон успешно постигнување на нивните финансиски цели. Придобивките од користењето на услугите на Smart Finance се многубројни.
Прво, клиентите имаат први пристап до информaциите за расположливите грантови, што ќе им помогне во зголемување на нивната финансиска ефикасност и профитабилност. Во исто време, нашите финансиски консултанти обезбедуваат стабилна и професионална поддршка, што им овозможува на клиентите да се фокусираат на своите основни деловни активности.
На крај, со заедничка соработка, клиентите можат да си обезбедат успешна финансиска приказна, со нашата помош како нивен партнер за финансиски раст и развој.

Банкарство: Значаен аспект во секојдневното работење е управувањето со ризиците. Каква е вашата стратегија за управување со ризиците и на кој начин ги анализирате и преземате чекорите за минимизирање на ризиците кои може да се појават кај одреден клиент? Како ја обезбедувате стабилноста на клиентските инвестиции на долг рок?
Марија Солева Илиевска: Нашата стратегија за управување со ризиците започнува со детално разбирање на бизнис моделот на клиентот. Со моето искуство во работењето во областа на кредитниот ризик во Банкарскиот сектор за корпоративни ентитети, ја разбирам важноста на индивидуалниот пристап и деталната проценка на ризиците. Ова вклучува детектирање и анализа на кредитните ризици, и со клиентите работиме заедно за да дефинираме стратегии за минимизирање на ризиците, прилагодени специфично за нивните потреби и цели. Иако, секогаш постојат ризици кои не можат целосно да се минимизираат, ние се фокусираме врз база на ризиците да ги одбереме најдобрите можни решенија со цел да донесеме издржана инвестициска одлука.
Дополнително, правиме евалуација на компаниите, користиме различни модели за оценување на компаниите и нивната потенцијална стабилност на долг рок, што ни помага да ги одредиме најдобрите инвестициски планови и стратегии за нашите клиенти.
Со оваа целосна и прецизна анализа и управување со ризиците, ние целосно се ангажираме да обезбедиме стабилност и успешност на инвестициите на нашите клиенти на долг рок.
Банкарство: Живееме во ера на иновации и секојдневни иновативни решенија и производи. Дали планирате да воведете некој новитет во секојдневното работење? Кои се најважните трендови и иновации во областа на финансиските технологии што вашата компанија ги следи и како ги интегрирате во вашите услуги?
Марија Солева Илиевска: Живееме во време каде дигитализацијата е главен двигател, а нашата компанија се адаптира кон овој тренд. Ги следиме најновите трендови и иновации, напредните дигитални услуги во областа на финансиите и внимателно ги интегрираме во нашите услуги.
Возбудени сме да најавиме дека во тек е развој на иновативна паметна платформа која ќе биде апсолутно нова и не само за Македонија туку и за целиот Балкански регион. Без да откриваме многу детали, можеме само да потврдиме дека оваа платформа ќе им ги олесни на клиентите сите аспекти од нивните бизнис процеси и потреби.
Преку нашата нова платформа, клиентите ќе имаат пристап до напредни алатки и функционалности кои ќе им помогнат да ги оптимизираат своите потреби, да просперираат во своите деловни активности. Оваа иновативна платформа е само еден од начините преку кои сме подготвени да го подобриме и направиме искуството на нашите клиенти подобро и поефикасно.

Банкарство: Кои се најголемите предизвици со кои се соочуваат компаниите денес и Smart Finance помага во нивното надминување?
Стојан Ѓуровски: Компаниите се соочуваат со низа предизвици денес, особено во однос на пристапот до финансии, грантови и ефикасноста на процесите. Во Smart Finance, ние ја разбираме комплексноста на процесите и сме тука да помогнеме во нивното надминување.
Што се однесува до пристапот до грантови, програмите за доделување на грантови често имаат строги критериуми и упатства кои мора да се исполнат. Нашата компанија нуди поддршка за компаниите при изработката на анализа на бизнис модел, среднорочни и долгорочни стратегии, развивање на сопствен бизнис и финансиски план, како и подготовка на сите придружни материјали. Нашиот тим од експерти во нивната област внимателно и прецизно ги комплетираат апликациите со минимален ангажман од страна на клиентите, обезбедувајќи дека секој аспект од апликацијата е стратешки претставен за да се максимизираат шансите за успех.
Ова е само еден начин преку кој им помагаме на нашите клиенти да ги надминат предизвиците во инвестирањето и финансиското управување. Нашата компанија е посветена на обезбедување на комплетни финансиски решенија и поддршка, што им овозможува на клиентите да се фокусираат на своите основни деловни активности, додека ние се грижиме за нивните финансии.
Интервјуа
Интервју | Самоил Крстевски | Сопственик на маркетинг агенција Media Lab Solution
Во време кога дигитализацијата забрзано го менува начинот на кој брендовите комуницираат со публиката, маркетингот станува сè поважен дел од деловната стратегија. Но, поголемата брзина, бројот на канали и достапноста на новите технологии носат и нови предизвици, од одржување на квалитетот на комуникацијата до градење и зачувување на довербата.
За современите трендови во маркетингот, влијанието на дигитализацијата, значењето на практичното знаење и ризикот од површен пристап во маркетингот и комуникацијата, разговараме со Самоил Крстевски, сопственик на маркетинг агенцијата „Media Lab Solution“, кој има долгогодишно искуство во маркетингот, високото образование и работењето со компании, особено од финансискиот и осигурителниот сектор.
Банкарство: Вашиот професионален пат опфаќа искуство во високото образование, работа како маркетинг менаџер во неколку компании од осигурителниот сектор, а денес управувате со маркетинг агенција која работи на брендирање и позиционирање на сериозни компании, особено од финансискиот сектор. Како сите овие различни професионални искуства го обликуваа вашиот пристап кон бизнисот и градењето доверба со клиентите?
Самоил Крстевски: Работата во различни професионални сфери ми овозможи оформување на поширок и посуштински поглед кон пазарот, човечкиот фактор и вредноста на стратешки поставениот деловен пристап.
Многу често зборувам за тоа дека работата со студентите носи посебно задоволство и енергија. Искуството во високото образование ми овозможи континуирано и одблизу да следам многу генерации млади луѓе, да го разберам нивниот начин на размислување, нивните очекувања, амбиции и поглед кон иднината, но и да бидам во тек со промените што ги носи секоја нова генерација. Таа поврзаност со младите продолжува и денес. Дел од мојот тим го сочинуваат млади луѓе кои со своите идеи, енергија и поинаков поглед кон работата внесуваат свежина во секојдневието. Верувам дека токму спојот на искуството и новата енергија создава средина во која и едните и другите постојано учиме, се надградуваме и се движиме напред.
Осигурителниот сектор, од друга страна, претставува сериозна индустрија што гради силно чувство за одговорност кон клиентите и бара прецизна и јасна комуникација.
Денес, како сопственик на маркетинг агенција, овие искуства се спојуваат и маркетингот не се гледа само како промоција, туку како сериозна деловна функција што директно влијае врз кредибилитетот, репутацијата и долгорочната позиција на брендот.
Банкарство: Колку образованието денес има значење во создавањето професионалци што можат да одговорат на современиот пазар?
Самоил Крстевски: Образованието и понатаму има исклучително важна улога затоа што ги поставува темелите на знаењето, аналитичкото размислување и професионалната зрелост.
Но, денес не е доволно да се поседува само формално образование, најголема вредност има кога по завршеното образование се надградувате со добро практично професионално искуство. Неформалното образование, за жал, кај нас се уште е на многу ниско ниво и најчесто е сведено на обуки и школувања од некомпетентни предавачи. Така, често се случува и кај нас да пристигне навидум одлично “CV” од кандидати кои аплицираат за работа, а суштински се слаби познавачи на индустријата, алатките за работа и немаат чувство за оваа проблематика. Не е доволно да се наведе само дали е посетен некој курс или академија кога реалноста е поинаква и тој кандидат не е подготвен за работа на реални проекти.
Банкарство: Управувате со маркетинг агенција која соработува со реномирани домашни и странски компании. Како тоа го менува пристапот кон маркетингот?
Самоил Крстевски: Работата со различни компании, а особено оние од финансискиот сектор, наметнува многу повисоко ниво на одговорност. Во таков контекст, маркетингот не се сведува само на комуникација и видливост, туку станува дел од пошироката
деловна стратегија. Секоја порака мора да биде внимателно поставена, секој канал внимателно избран, а секоја кампања усогласена со законските прописи, регулативите, вредностите и репутацијата на клиентот. Тоа покажува дека во маркетинг комуницирањето мора да бидеме одмерени, аналитички поткрепени и суштински поврзани со деловните цели и очекувања.
Денешниот маркетинг свет се движи многу побрзо, а воедно е покомплексен и поконкурентен од кога било досега. Компаниите имаат на располагање повеќе канали, повеќе формати и повеќе алатки, но истовремено се соочуваат со многу поголем притисок да бидат релевантни, прецизни и доследни. Пазарот повеќе не наградува само присуство. Се повеќе се вреднува способноста да се изгради порака што има тежина, комуникација што создава доверба и стратегија што носи реална деловна вредност. Еден од најголемите предизвици е да се задржи квалитетот и сериозноста на комуникацијата во средина што постојано бара брзина и видливост.
Вториот предизвик е засилената конкуренција затоа што многумина имаат пристап до истите платформи и формати, а третиот и најважен е довербата. Денешната публика многу брзо препознава кога комуникацијата е неавтентична, пренагласена или без вистинска содржина. Токму затоа, брендовите мора да градат позрел, попрецизен и поодговорен однос со публиката.
Банкарство: Каква улога има дигитализацијата во современиот маркетинг?
Самоил Крстевски: Дигитализацијата денес има суштинска улога и веќе не се гледа како дополнување, туку како основа на современиот маркетинг. Таа овозможува попрецизно таргетирање, подобра сегментација, анализа на однесувањето на публиката, управување со кампањи во реално време и поефикасна дистрибуција на содржината.
Практично, дигитализацијата му овозможува на маркетингот да биде побрз, “попаметен” и многу поприлагоден на конкретниот корисник.
Генерално, сметам дека дигитализацијата и кај нас е навлезена на завидно ниво и не заостануваме многу од светските трендови, иако се уште се зборува дека треба да се воведе и дека се уште не е доволно застапена кај нас, па се организираат форуми, панел-дискусии на кој се зборува за недостатоците и проблемите, но никогаш не слушаме кое е всушност решението, како да се подигне свеста или да слушнеме некое практично искуство од имплементација на дигитализацијата.
Банкарство: На кој начин дигитализацијата најмногу ќе се користи во маркетингот во периодот што следи?
Самоил Крстевски: Моја лична проценка е дека најголема примена ќе има во прилагодениот пристап, автоматизацијата и аналитиката. Тоа значи дека брендовите се повеќе ќе се насочуваат кон комуникација што е приспособена на интересите, навиките и однесувањето на конкретниот корисник. Технологијата ќе зазема се поголема улога, но нема да го замени човечкиот фактор. Таа може да ја зголеми ефикасноста, да помогне во анализата и да го забрза извршувањето, но не може да ја замени проценката, интуицијата, стратешкото размислување и чувството за контекст. Маркетингот и понатаму ќе зависи од знаењето, зрелоста и способноста на луѓето да донесат правилни одлуки и да изградат вистинска врска со публиката.
Банкарство: Дали постои ризик дигитализацијата да доведе до премногу површен маркетинг?
Самоил Крстевски: Да, тој ризик е реален. Кога комуникацијата се сведува само на брзина, формат и постојано присуство, постои опасност да се изгуби тежината на пораката. Во обидот да бидат модерни и видливи, дел од брендовите стануваат премногу лесни во тонот и недоволно внимателни кон сопствениот идентитет.
Банкарство: Што денес бараат компаниите од една маркетинг агенција?
Самоил Крстевски: Тие бараат повеќе од креативно решение. Бараат партнер што пред се ја разбира индустријата, деловниот контекст, пазарот и специфичните цели на клиентот. Ние кои сме дел од оваа индустрија, често сме сведоци на лоши стратегии и погрешно комуницирање при презентација на одреден производ или услуга.
Секоја индустрија има свои правила и зборови што се користат за одредена публика. Мора да се внимава кога ќе се помине прагот и наместо одлична промоција ќе се создаде несакан ефект.
Современиот маркетинг не е прашање на видливост по секоја цена, туку на стратешко, одговорно и доследно градење доверба, репутација и долгорочна вредност.
Интервјуа
Дигитализацијата и довербата се двигатели на новото банкарство – Беркан Имери во FinSight
Македонскиот банкарски сектор во изминатите години поминува низ значајна трансформација, поттикната од дигитализацијата, променетите навики на клиентите и растечкиот интерес за нови форми на инвестирање. Во такви услови, банките сè повеќе се позиционираат како финансиски партнери кои, покрај традиционалните услуги, нудат пристап до современи инвестициски решенија и дигитални финансиски алатки.
Во најновото издание на емисијата FinSight, гостин е Беркан Имери, член на Управниот одбор на Халк Банка, една од најбрзорастечките банки на македонскиот пазар во последните години.
Во интервјуто, Имери говори за развојниот пат на банката, промените во финансиското однесување на граѓаните и компаниите, како и за предизвиците и можностите што ги носи новата економска реалност.
Посебен акцент е ставен на сè поголемиот интерес на домашните инвеститори за вложување во хартии од вредност на меѓународните пазари, тема која добива на значење во услови на глобализирани финансиски текови и потреба од диверзификација на инвестициите.
Во разговорот се анализираат и актуелните движења на каматните стапки на депозитите и кредитите, побарувачката за станбени кредити, како и најчестите причини поради кои граѓаните се задолжуваат.
Дополнително, Имери зборува за искористеноста на средствата од унгарската кредитна линија од страна на македонските компании, улогата на банките во поддршката на бизнис-секторот и можностите за понатамошен економски развој.
Во време кога дигиталните услуги стануваат стандард, интервјуто отвора и важни прашања поврзани со сајбер безбедноста, заштитата од финансиски измами и иднината на безготовинските плаќања. Дали мобилниот телефон ќе стане главна алатка за плаќање и дали класичните платежни картички постепено ќе ја губат својата улога се дел од темите на кои Имери дава свој осврт.
На крајот од разговорот, тој ги открива и стратешките приоритети на Халк Банка за следните пет години, визијата за понатамошен раст и позиционирање на банката во сè поконкурентна финансиска средина.
Целото интервју со Беркан Имери во FinSight можете да го проследите во продолжение.
Новинар: Наташа Мерсовска
Интервјуа
Филомена Пљакоска Аспровска во FinSight: Дали мобилниот телефон ќе стане нашиот единствен паричник?
Како изгледа иднината на плаќањата во време кога дигитализацијата и вештачката интелигенција сè повеќе го менуваат начинот на кој купуваме, плаќаме и управуваме со сопствените финансии?
На овие и на многу други актуелни прашања одговори дава Филомена Пљакоска Аспровска, главен извршен директор и претседател на Управниот одбор на CaSys, во најновата епизода на поткастот FinSight, реализирана со поддршка на GEA – Алијансата за родова еднаквост при АЕТСМ.
Во разговорот се отвораат теми поврзани со улогата на CaSys во развојот на современата платежна инфраструктура во земјата, како и предизвиците и можностите што ги носи забрзаната дигитална трансформација на финансискиот сектор.
Дали мобилниот телефон постепено го заменува традиционалниот паричник? Се менуваат ли навиките на граѓаните кога станува збор за плаќањата и дали пластичната платежна картичка ќе остане дел од нашето секојдневие и во иднина? Ова се само дел од прашањата за кои се дискутира во интервјуто.
Пљакоска Аспровска зборува и за подготвеноста на македонското општество за безготовински плаќања, трендовите во користењето на платежните картички, како и за улогата на институциите во градењето поголема доверба кај граѓаните во дигиталните начини на плаќање.
Во фокусот на разговорот е и развојот на е-трговијата во Македонија. Каде се наоѓаме во споредба со земјите од регионот и со развиените европски пазари? Зошто дел од граѓаните сè уште се воздржани кога станува збор за онлајн купување и како можат подобро да се заштитат од злоупотреби и интернет измами?
Интервјуто обработува и теми поврзани со токенизираните плаќања, нивната безбедност и разликите во однос на традиционалните картични трансакции, како и очекувањата за тоа како ќе изгледаат плаќањата во следната деценија.
Дополнително, се разговара и за трансформацијата на банките во дигиталната ера, односно дали финансиските институции постепено стануваат технолошки компании, како и за активностите на Casys во областа на родовата еднаквост и намалувањето на разликите меѓу мажите и жените на работното место.
Новата епизода на FinSight е достапна на YouTube каналот на Банкарство.
Новинар: Наташа Мерсовска
-
Банкипред 2 месециПремиум дебитната картичка на Стопанска банка овозможува пристап до над 1.800 аеродромски деловни зони
-
Кариерапред 2 месециНародната банка вработува седум лица: Плати до 91.385 денари
-
Кариерапред 2 месециНЛБ Групацијата вработува специјалист за Управување со ризици/финансии
-
Кариерапред 2 месециОглас за вработување во Централна кооперативна банка АД Скопје
-
Банкипред 2 месециНЛБ Банка ја исплати паричната помош за корисниците на социјална, детска и цивилна заштита
-
Банкипред 1 месецНОВО: Комерцијална банка воведе штедење на 25 и на 40 месеци со фиксни каматни стапки
-
Кариерапред 2 месециОглас за вработување во Централна кооперативна банка АД Скопје
-
Банкипред 1 месец10% поврат на средства со Mastercard картичките на Стопанска банка секој први во месецот





