Connect with us

Интервјуа

Интервју | МАРИЈА РИСТОВСКА: Ecommerce4all.eu ги обединува е-трговците во регионот

Објавено

на

Разговараме со Марија Ристовска, проектен менаџер во Асоцијацијата за е-трговија на Северна Македонија, која ќе сподели повеќе детали за новата регионална платформа за е-трговија – Ecommerce4all.eu. Оваа платформа, која неодамна беше официјално комплетирана, веќе има големо значење за пазарите во ЦЕФТА регионот, обезбедувајќи корисни информации и ресурси за сите заинтересирани за онлајн продажба и купување. Достапна на седум јазици и со обемен опфат на теми, Ecommerce4all.eu има за цел да ги зајакне е-трговците и да ја олесни нивната работа низ различни пазари.

Преку ова интервју ќе откриеме кои се главните придобивки од платформата, како е создадена и што може да понуди на сегашните и идните е-трговци и е-купувачи, како и кои се предизвиците што ги надминале за време на процесот на реализација.

Банкарство: Мора да признаеме дека ова е една од ретките веб платформи кај нас која е посветена на зајакнување на регионот, во овој случај зајакнување на регионалната е-трговија. Aјде накратко да ја објасниме ecommerce4all.eu – што може да се најде на неа и кои се бенефитите од платформата?

Марија Ристовска: Да, www.ecommerce4all.eu пред некое време беше целосно комплетирана и сега е достапна за сите кои сакаат повеќе да ја запознаат е-трговијата во 7-те пазари на CEFTA: Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија, Косово и Молдавија. Платформата овозможува  да се запознаете so начините за креирање и водење на е-продавница, регулативите кои важат во CEFTA пазарите, да се запознаете со регионалните успешните еCommerce приказни, да најдете информации за е-плаќањата, информации за сите курирски служби на овие пазари и многу други корисни информации, податоци и документи поврзани со е-трговија.

    Земено сè заедно, www.ecommerce4all.eu е првата регионална веб платформа која дава целосен и детален преглед во регионалната е-трговија. Поделена е во 6 модули, кои ги обратуваат најважните сегменти за правилно водење на бизнис во е-трговијата. Секој од модулите: „Податоци за е-трговија“, „Регулатива во е-трговија“, „Успешни приказни“, „Е-плаќање“, „Достава“ и „Регионален Беџ за доверба“ се креирани да послужат како појдовна точка во работењето во е-трговијата и да им дадат подобар увид на сегашните и идните е-трговци, но и е-купувачите, во работите кои тие ги или не ги знаеле. Но, она што е уште поважно за двете категории на корисници на платформата (е-трговци и е-купувачи) е што покрај информации за сопствениот пазар, можат да дознаат и многу информации и за останатите пазари од регионот, кои се преведени на англиски јазик. 

    Банкарство: Колку време ја подготвувавте платформата и кој сè беше вклучен во нејзиното создавање?

    Марија Ристовска: Целосната реализација на платформата – од истражување, прибирање на информации, развој, оптимизирање, преведување на 7 јазици и сè останато што следува со креирање на еден комплексен проект – траеше 2 години и во неа беа беа вклучени регионални асоцијации за е-трговија и организации кои синхронизирано работеа во нејзиното создавање. Со проектна поддршка на Deutsche Gesellschaft für Internationale Zusammenarbeit (GIZ), ние, Асоцијацита за е-трговија на Македонија го имплементиравме овој проект во заедничка корелација со: eCommerce Asocijacija Srbije, Asocijacija za internet trgovinu “eComm” u Bosni i Hercegovini, Albanian E-commerce Association, 

      eCommerce Association in Bosnia and Herzegovina, STIKK, Privredna Komora Crne Gore и AmCham Moldova. 

      Во креирањето на платформата детално ги разгледувавме и обработувавме проблемите и препреките со кои се соочуваат е-трговците, е-купувачите и сите тие кои сакаат да започнат бизнис во е-трговија и заедно со останатите асоцијации и организации создадовме платформа која дава преглед во многу од сегментите кои ја сочинуваат е-трговијата.  

      Банкарство: Често е-трговците и тие што сакаат да станат е-трговци имаат проблем со наоѓање на релевантни информации и податоци за домашниот пазар, но уште потешко за регионалните пазари. Како на нив може ecommerce4all.eu да им помогне во овој случај? 

      Марија Ристовска: Она што го нуди www.ecommerce4all.eu за сегашните и идните е-трговци е голем број на релеванти податоци, информации и ресурси за домашната е-трговија во секој пазар поединечно. Кога зборуваме за податоци, мислиме на интерактивни графици кои прикажуваат корисни податоци кои се поделени во 5 секции: „Бизнис факти“, „Индикатори за подготвеност за е-трговија“, „Користење на интернет, е-купувачи и дигитални вештини“, „Категории на онлајн купување“ и „Интернет активности“. 

        Исто така, на веб платформата се достапни и над 50 закони, прирачници, документи и ресурси поврзани со е-трговија на CEFTA пазарите. Потоа, може да најдат информации за банките кои што нудат имплементација на платежен процесор, информации за безбедноста и процесите при е-плаќање, информации за правилно постапување при увоз и извоз, достапните компании за достава, нивните информации, услуги и цени на услугите. 

        Но, она што е поважно за е-трговците кои планираат регионално проширување на својот бизнис, е тоа што сите овие информации може да ги најдат и за пазарот на кој го планираат тоа проширување. На пример, е-трговец од Македонија кој планира регионално проширување во Србија или Босна и Херцеговина, може да ги види регулативите за е-трговија кои важат во тие пазари, може да одберат со која банка или организација ќе соработуваат за да го имплементираат својот платежен процесор, со која курирска служба ќе соработуваат, кои производи најмногу се трошат на избраниот пазар, колкава е куповната моќ на е-купувачите и колку често тие купуваат и многу други информации со кои подетално ќе се запознаат со пазарот и полесно ќе се пригодат на условите на тој пазар. 

        Банкарство: Но, тука мора да ги споменеме и е-купувачите, кои исто така имаат проблем во наоѓање на информации особено во ситуации на онлајн измами и заштита на своите потрошувачки права. Што на нив може да им понуди ecommerce4all.eu? 

        Марија Ристовска: Често до нас како Асоцијација за е-трговија на Македонија стигнуваат дописи и поплаки од измамени купувачи при купување онлајн (најчесто од социјални мрежи и од нерегистрирани е-трговци). И онлајн купувачите кои биле измамени често не знаат како можат да ги остварат своите прават или кон кој надлежен орган да се обратат. Но, исто така, голем број од е-купувачите не се запознаени со соствените права кога купуваат онлајн. На пример, не се запознаени со максималниот број на денови за испорачување на претходно нарачан производ, кој е максималниот број на денови за враќање на производ и враќање на средства, кој ги сноси трошоците за враќање на производ и тн. Поради тоа, на www.ecommerce4all.eu создадовме прирачник: „Заштита на правата на потрошувачите во С. Македонија” кој е наменет за онлајн купувачите и во кој тие можат да најдат информации за тоа каде да се обратат при случај на онлајн измама, кој врши надзор на работата на е-трговците, како да ја проверат веродостојноста на е-трговците, на што треба да внимаваат кога купуваат онлајн, кои се роковите во кои можат да вратат производ и многу други информации кои се однесуваат само за нив. Покрај овие информации, тие можат подетално да се запознаат со процесот на е-плаќање и да добијат увид во безбедноста на онлајн трансакциите и воедно, можат да се запознаат и со процесот на отворање на е-продавница, доколку се заинтересирани да започнат со онлајн продажба.

          Банкарство: Сигурно секој пазар има свој highlight во е-трговијата. Кој е highlight-от за македонскиот пазар според податоците кои се достапни на платформата? 

          Марија Ристовска: Тоа што податоците на Светска банка го покажаа и на кои што сме особено горди е тоа што во рангирањето за “Ease of doing business rank” односно за тоа колку е лесно да се води бизнис на одреден пазар и каква е климата за водење на бизнис, Македонија е рангирана на #17 место, односно е најповолен пазар за водење бизнис во регионот. Исто така, вкупната стапка на данок и придонес (% од добивката) е најдобра во Северна Македонија во однос на останатите ЦЕФТА пазари.

            Интервјуа

            Интервју | Самоил Крстевски | Сопственик на маркетинг агенција Media Lab Solution

            Објавено

            на

            Во време кога дигитализацијата забрзано го менува начинот на кој брендовите комуницираат со публиката, маркетингот станува сè поважен дел од деловната стратегија. Но, поголемата брзина, бројот на канали и достапноста на новите технологии носат и нови предизвици, од одржување на квалитетот на комуникацијата до градење и зачувување на довербата.

            За современите трендови во маркетингот, влијанието на дигитализацијата, значењето на практичното знаење и ризикот од површен пристап во маркетингот и комуникацијата, разговараме со Самоил Крстевски, сопственик на маркетинг агенцијата „Media Lab Solution“, кој има долгогодишно искуство во маркетингот, високото образование и работењето со компании, особено од финансискиот и осигурителниот сектор.

            Банкарство: Вашиот професионален пат опфаќа искуство во високото образование, работа како маркетинг менаџер во неколку компании од осигурителниот сектор, а денес управувате со маркетинг агенција која работи на брендирање и позиционирање на сериозни компании, особено од финансискиот сектор. Како сите овие различни професионални искуства го обликуваа вашиот пристап кон бизнисот и градењето доверба со клиентите?

            Самоил Крстевски: Работата во различни професионални сфери ми овозможи оформување на поширок и посуштински поглед кон пазарот, човечкиот фактор и вредноста на стратешки поставениот деловен пристап.

            Многу често зборувам за тоа дека работата со студентите носи посебно задоволство и енергија. Искуството во високото образование ми овозможи континуирано и одблизу да следам многу генерации млади луѓе, да го разберам нивниот начин на размислување, нивните очекувања, амбиции и поглед кон иднината, но и да бидам во тек со промените што ги носи секоја нова генерација. Таа поврзаност со младите продолжува и денес. Дел од мојот тим го сочинуваат млади луѓе кои со своите идеи, енергија и поинаков поглед кон работата внесуваат свежина во секојдневието. Верувам дека токму спојот на искуството и новата енергија создава средина во која и едните и другите постојано учиме, се надградуваме и се движиме напред.

            Осигурителниот сектор, од друга страна, претставува сериозна индустрија што гради силно чувство за одговорност кон клиентите и бара прецизна и јасна комуникација.

            Денес, како сопственик на маркетинг агенција, овие искуства се спојуваат и маркетингот не се гледа само како промоција, туку како сериозна деловна функција што директно влијае врз кредибилитетот, репутацијата и долгорочната позиција на брендот.

            Банкарство: Колку образованието денес има значење во создавањето професионалци што можат да одговорат на современиот пазар?

            Самоил Крстевски: Образованието и понатаму има исклучително важна улога затоа што ги поставува темелите на знаењето, аналитичкото размислување и професионалната зрелост.

            Но, денес не е доволно да се поседува само формално образование, најголема вредност има кога по завршеното образование се надградувате со добро практично професионално искуство. Неформалното образование, за жал, кај нас се уште е на многу ниско ниво и најчесто е сведено на обуки и школувања од некомпетентни предавачи. Така, често се случува и кај нас да пристигне навидум одлично “CV” од кандидати кои аплицираат за работа, а суштински се слаби познавачи на индустријата, алатките за работа и немаат чувство за оваа проблематика. Не е доволно да се наведе само дали е посетен некој курс или академија кога реалноста е поинаква и тој кандидат не е подготвен за работа на реални проекти.

            Банкарство: Управувате со маркетинг агенција која соработува со реномирани домашни и странски компании. Како тоа го менува пристапот кон маркетингот?

            Самоил Крстевски: Работата со различни компании, а особено оние од финансискиот сектор, наметнува многу повисоко ниво на одговорност. Во таков контекст, маркетингот не се сведува само на комуникација и видливост, туку станува дел од пошироката
            деловна стратегија. Секоја порака мора да биде внимателно поставена, секој канал внимателно избран, а секоја кампања усогласена со законските прописи, регулативите, вредностите и репутацијата на клиентот. Тоа покажува дека во маркетинг комуницирањето мора да бидеме одмерени, аналитички поткрепени и суштински поврзани со деловните цели и очекувања.

            Денешниот маркетинг свет се движи многу побрзо, а воедно е покомплексен и поконкурентен од кога било досега. Компаниите имаат на располагање повеќе канали, повеќе формати и повеќе алатки, но истовремено се соочуваат со многу поголем притисок да бидат релевантни, прецизни и доследни. Пазарот повеќе не наградува само присуство. Се повеќе се вреднува способноста да се изгради порака што има тежина, комуникација што создава доверба и стратегија што носи реална деловна вредност. Еден од најголемите предизвици е да се задржи квалитетот и сериозноста на комуникацијата во средина што постојано бара брзина и видливост.

            Вториот предизвик е засилената конкуренција затоа што многумина имаат пристап до истите платформи и формати, а третиот и најважен е довербата. Денешната публика многу брзо препознава кога комуникацијата е неавтентична, пренагласена или без вистинска содржина. Токму затоа, брендовите мора да градат позрел, попрецизен и поодговорен однос со публиката.

            Банкарство: Каква улога има дигитализацијата во современиот маркетинг?

            Самоил Крстевски: Дигитализацијата денес има суштинска улога и веќе не се гледа како дополнување, туку како основа на современиот маркетинг. Таа овозможува попрецизно таргетирање, подобра сегментација, анализа на однесувањето на публиката, управување со кампањи во реално време и поефикасна дистрибуција на содржината.

            Практично, дигитализацијата му овозможува на маркетингот да биде побрз, “попаметен” и многу поприлагоден на конкретниот корисник.

            Генерално, сметам дека дигитализацијата и кај нас е навлезена на завидно ниво и не заостануваме многу од светските трендови, иако се уште се зборува дека треба да се воведе и дека се уште не е доволно застапена кај нас, па се организираат форуми, панел-дискусии на кој се зборува за недостатоците и проблемите, но никогаш не слушаме кое е всушност решението, како да се подигне свеста или да слушнеме некое практично искуство од имплементација на дигитализацијата.

            Банкарство: На кој начин дигитализацијата најмногу ќе се користи во маркетингот во периодот што следи?

            Самоил Крстевски: Моја лична проценка е дека најголема примена ќе има во прилагодениот пристап, автоматизацијата и аналитиката. Тоа значи дека брендовите се повеќе ќе се насочуваат кон комуникација што е приспособена на интересите, навиките и однесувањето на конкретниот корисник. Технологијата ќе зазема се поголема улога, но нема да го замени човечкиот фактор. Таа може да ја зголеми ефикасноста, да помогне во анализата и да го забрза извршувањето, но не може да ја замени проценката, интуицијата, стратешкото размислување и чувството за контекст. Маркетингот и понатаму ќе зависи од знаењето, зрелоста и способноста на луѓето да донесат правилни одлуки и да изградат вистинска врска со публиката.

            Банкарство: Дали постои ризик дигитализацијата да доведе до премногу површен маркетинг?

            Самоил Крстевски: Да, тој ризик е реален. Кога комуникацијата се сведува само на брзина, формат и постојано присуство, постои опасност да се изгуби тежината на пораката. Во обидот да бидат модерни и видливи, дел од брендовите стануваат премногу лесни во тонот и недоволно внимателни кон сопствениот идентитет.

            Банкарство: Што денес бараат компаниите од една маркетинг агенција?

            Самоил Крстевски: Тие бараат повеќе од креативно решение. Бараат партнер што пред се ја разбира индустријата, деловниот контекст, пазарот и специфичните цели на клиентот. Ние кои сме дел од оваа индустрија, често сме сведоци на лоши стратегии и погрешно комуницирање при презентација на одреден производ или услуга.

            Секоја индустрија има свои правила и зборови што се користат за одредена публика. Мора да се внимава кога ќе се помине прагот и наместо одлична промоција ќе се создаде несакан ефект.

            Современиот маркетинг не е прашање на видливост по секоја цена, туку на стратешко, одговорно и доследно градење доверба, репутација и долгорочна вредност.

            Продолжи со читање

            Интервјуа

            Дигитализацијата и довербата се двигатели на новото банкарство – Беркан Имери во FinSight

            Објавено

            на

            Македонскиот банкарски сектор во изминатите години поминува низ значајна трансформација, поттикната од дигитализацијата, променетите навики на клиентите и растечкиот интерес за нови форми на инвестирање. Во такви услови, банките сè повеќе се позиционираат како финансиски партнери кои, покрај традиционалните услуги, нудат пристап до современи инвестициски решенија и дигитални финансиски алатки.

            Во најновото издание на емисијата FinSight, гостин е Беркан Имери, член на Управниот одбор на Халк Банка, една од најбрзорастечките банки на македонскиот пазар во последните години.

            Во интервјуто, Имери говори за развојниот пат на банката, промените во финансиското однесување на граѓаните и компаниите, како и за предизвиците и можностите што ги носи новата економска реалност.

            Посебен акцент е ставен на сè поголемиот интерес на домашните инвеститори за вложување во хартии од вредност на меѓународните пазари, тема која добива на значење во услови на глобализирани финансиски текови и потреба од диверзификација на инвестициите.

            Во разговорот се анализираат и актуелните движења на каматните стапки на депозитите и кредитите, побарувачката за станбени кредити, како и најчестите причини поради кои граѓаните се задолжуваат.

            Дополнително, Имери зборува за искористеноста на средствата од унгарската кредитна линија од страна на македонските компании, улогата на банките во поддршката на бизнис-секторот и можностите за понатамошен економски развој.

            Во време кога дигиталните услуги стануваат стандард, интервјуто отвора и важни прашања поврзани со сајбер безбедноста, заштитата од финансиски измами и иднината на безготовинските плаќања. Дали мобилниот телефон ќе стане главна алатка за плаќање и дали класичните платежни картички постепено ќе ја губат својата улога се дел од темите на кои Имери дава свој осврт.

            На крајот од разговорот, тој ги открива и стратешките приоритети на Халк Банка за следните пет години, визијата за понатамошен раст и позиционирање на банката во сè поконкурентна финансиска средина.

            Целото интервју со Беркан Имери во FinSight можете да го проследите во продолжение.

            Новинар: Наташа Мерсовска

            Продолжи со читање

            Интервјуа

            Филомена Пљакоска Аспровска во FinSight: Дали мобилниот телефон ќе стане нашиот единствен паричник?

            Објавено

            на

            Како изгледа иднината на плаќањата во време кога дигитализацијата и вештачката интелигенција сè повеќе го менуваат начинот на кој купуваме, плаќаме и управуваме со сопствените финансии?

            На овие и на многу други актуелни прашања одговори дава Филомена Пљакоска Аспровска, главен извршен директор и претседател на Управниот одбор на CaSys, во најновата епизода на поткастот FinSight, реализирана со поддршка на GEA – Алијансата за родова еднаквост при АЕТСМ.

            Во разговорот се отвораат теми поврзани со улогата на CaSys во развојот на современата платежна инфраструктура во земјата, како и предизвиците и можностите што ги носи забрзаната дигитална трансформација на финансискиот сектор.

            Дали мобилниот телефон постепено го заменува традиционалниот паричник? Се менуваат ли навиките на граѓаните кога станува збор за плаќањата и дали пластичната платежна картичка ќе остане дел од нашето секојдневие и во иднина? Ова се само дел од прашањата за кои се дискутира во интервјуто.

            Пљакоска Аспровска зборува и за подготвеноста на македонското општество за безготовински плаќања, трендовите во користењето на платежните картички, како и за улогата на институциите во градењето поголема доверба кај граѓаните во дигиталните начини на плаќање.

            Во фокусот на разговорот е и развојот на е-трговијата во Македонија. Каде се наоѓаме во споредба со земјите од регионот и со развиените европски пазари? Зошто дел од граѓаните сè уште се воздржани кога станува збор за онлајн купување и како можат подобро да се заштитат од злоупотреби и интернет измами?

            Интервјуто обработува и теми поврзани со токенизираните плаќања, нивната безбедност и разликите во однос на традиционалните картични трансакции, како и очекувањата за тоа како ќе изгледаат плаќањата во следната деценија.

            Дополнително, се разговара и за трансформацијата на банките во дигиталната ера, односно дали финансиските институции постепено стануваат технолошки компании, како и за активностите на Casys во областа на родовата еднаквост и намалувањето на разликите меѓу мажите и жените на работното место.

            Новата епизода на FinSight е достапна на YouTube каналот на Банкарство.

            Новинар: Наташа Мерсовска

            Продолжи со читање

            Популарно

            Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange