Бизнис
КИБС доби лиценца за работа со инстант плаќања
Клириншката куќа Клириншки интербанкарски системи АД Скопје – КИБС АД Скопје, на 17.9.2025 година доби дозвола од Народната банка на Република Македонија за оператор на платен систем за инстант кредитни трансфери во денари согласно Законот за платежни услуги и платни системи.
Со овој значаен чекор се заокружува поставувањето на платформата на платниот систем КИБС Инстант, која истовремено е централно решение за извршување инстант плаќања во земјата, како и поставувањето на платформата што овозможува канали за иницирање и прифаќање инстант плаќања од крајните корисници.
Инстант плаќањата претставуваат револуционерна иновација кај плаќањата, овозможувајќи трансфери на средства од сметка на сметка за помалку од 10 секунди, достапни 24 часа на ден, 7 дена во неделата, 365 дена во годината, без оглед на тоа дали сметките на праќачот и примачот се кај ист или кај различен учесник во платниот систем.
Со добивањето на оваа лиценца, Република Македонија станува подготвена да се усогласи со највисоките европски стандарди во областа на платните системи. Системот за инстант плаќања носи голем број придобивки, за граѓаните – удобност и брзина, за компаниите – подобра ликвидност и поефикасна наплата, а за целата економија – намалени трошоци и поголема дигитализација на финансиските текови.
Овој напредок се надоврзува на новата регулатива на ЕУ за инстант плаќања, која влезе во сила на 9 јануари 2025 година и со која банките и другите даватели на платежни услуги во земјите од ЕУ и ЕЕА се обврзани да примаат и да иницираат вакви плаќања во евра. Иако регулативата сè уште не е транспонирана во домашното законодавство, КИБС АД Скопје со оваа поставена платформа веќе е целосно усогласен со европските стандарди и освен домашни инстант плаќања, овозможува и идно поврзување со шемата СЕПА за прекугранични инстант плаќања.
Како водечка компанија во дигиталната трансформација во земјата, КИБС континуирано се стреми на бизнисите, граѓаните и на државата да им овозможи пристап до технолошки иновативни услуги што го поддржуваат развојот на модерната економија. Со воведувањето на инстант плаќањата се отвораат нови можности за крајните корисници на платежните услуги во насока на унапредување на дигиталните финансиски услуги и поттикнување на иновациите на пазарот на плаќања.
КИБС останува стабилен и доверлив партнер на банките, трезорите и другите даватели на платежни услуги што ќе прават испорака на оваа и на останатите услуги поврзани со плаќања и сметки, а истовремено ќе продолжи и со нивно унапредување следејќи ги глобалните трендови.
ПР Објава: Овој текст е изработен од Кибс АД Скопје. Сите изнесени мислења и информации се соопштени од страна на нарачателот.
Бизнис
„Фолксваген“ пред историска реорганизација: можни се до 100.000 откази и затворање фабрики во Германија
Германскиот автомобилски гигант „Фолксваген“ се соочува со една од најтешките одлуки во својата историја. Компанијата, која со децении важи за симбол на германската индустриска моќ, подготвува длабока реорганизација што би можела да донесе масовно намалување на бројот на вработени, затворање производствени погони и нова корпоративна структура.
Според информациите што ги објавија германскиот „Manager Magazin“ и агенцијата „Ројтерс“, раководството на групацијата разгледува план со кој би можеле да бидат укинати до 100.000 работни места. Тоа би било двојно повеќе од претходно договорената програма со синдикатите од крајот на 2024 година, кога беше предвидено до 2030 година да се намалат околу 50.000 позиции.
Плановите, според извештаите, веќе биле претставени од извршниот директор Оливер Блуме пред највисокото раководство, а за нив треба да расправа и Надзорниот одбор на состанок закажан за 9 јули. Од „Фолксваген“ не ги коментираат доверливите документи, но признаваат дека групацијата мора да помине низ сериозни промени.
Една од најдраматичните мерки што се разгледува е затворање на четири фабрики во Германија. Според информациите, производството постепено би можело да запре во погоните на „Фолксваген“ во Хановер, Цвикау и Емден, како и во фабриката на „Ауди“ во Некарсулм. Со тоа би биле директно погодени повеќе од 45.000 работни места.
Производството во овие фабрики, според планот, би престанало откако актуелните модели ќе го завршат својот животен циклус, без да бидат заменети со нови. Сепак, спроведувањето на ваков план нема да биде лесно, бидејќи „Фолксваген“ има договор со синдикатите за заштита на работните места до крајот на 2030 година, додека кај „Ауди“ таквата гаранција важи до 2033 година.
Работничкиот совет и моќниот синдикат IG Metall веќе најавуваат силно противење на можни затворања фабрики и масовни отпуштања.
Реорганизацијата не се однесува само на намалување на трошоците. Според објавените информации, раководството размислува основниот бренд „Фолксваген“ и бизнисот со автомобилски компоненти да ги издвои во посебни компании. Таквата структура би можела во иднина да ѝ овозможи на групацијата полесно да привлекува капитал или одделни делови од бизнисот да ги листира на берза.
Покрај тоа, се планира и кратење на инвестициите за околу 15 проценти во следните пет години, на нешто повеќе од 130 милијарди евра.
Причините за ваквите радикални чекори се поврзани со сè поголемиот притисок врз компанијата. Во првиот квартал од годинава нето-добивката на групацијата се намалила за 28 проценти, на 1,56 милијарди евра, додека приходите паднале за два проценти, на 75,7 милијарди евра.
Дополнителен проблем се американските царини, кои според проценките на компанијата создаваат околу четири милијарди евра дополнителни годишни трошоци. Истовремено, „Фолксваген“ се соочува со сè посилна конкуренција на кинескиот пазар, каде што веќе ја загуби долгогодишната лидерска позиција. Во 2024 година беше престигнат од BYD, а во 2025 година падна и зад Geely. Само во првиот квартал продажбата на групацијата во Кина се намалила за околу 20 проценти.
Скапата транзиција кон електрични возила, конкуренцијата од кинеските производители, царините во САД и падот на профитабилноста го ставаат „Фолксваген“ пред одлуки кои до неодамна изгледаа незамисливо.
Бизнис
САД го продолжија рокот за разговори за странските средства на „Лукоил“ до 25 јули
Американската Канцеларија за контрола на странски средства, OFAC, го продолжи рокот до 25 јули за општата лиценца што им овозможува на компаниите да преговараат со рускиот нафтен гигант „Лукоил“ за купување на неговите странски бизниси.
Претходниот рок истекуваше на 27 јуни, но со новото продолжување се остава дополнително време за разговори и за можни условни договори поврзани со продажбата на Lukoil International GmbH, компанија преку која „Лукоил“ управува со дел од своите меѓународни средства.
Одлуката е дел од поширокиот санкциски режим на САД кон руски компании и лица, воведен во контекст на руската војна против Украина. Преку ваквите лиценци, OFAC дозволува ограничени активности кои инаку би биле забранети со санкциите, но само под конкретни услови и во строго определен временски период.
Според американските правила, дозволата не значи целосно укинување на санкциите, туку овозможува одредени трансакции и разговори поврзани со потенцијална продажба на странските средства на „Лукоил“. OFAC задржува право да ја повлече лиценцата доколку процени дека страните не водат сериозни и добронамерни преговори за отуѓување на средствата.
Продолжувањето на рокот е значајно и за пазарите во Југоисточна Европа, каде што „Лукоил“ има присуство преку повеќе компании и малопродажни мрежи. Потенцијалната продажба на странските средства на рускиот нафтен гигант би можела да има влијание врз сопственичката структура и работењето на дел од неговите бизниси надвор од Русија.
Засега не се објавени детали за тоа кои компании се вклучени во разговорите, ниту дали постои конкретен договор за купување на странските средства на „Лукоил“.
Бизнис
iuteCare нуди помош на пат во државата и во соседните земји
iute Macedonia ја промовира услугата iuteCare, наменета за возачи на кои им е потребна брза помош при непредвидени ситуации на пат.
Како што информираат од компанијата, услугата овозможува помош при дефект на возилото, проблем со гума, акумулатор, изгубени или заклучени клучеви, како и шлепување. Поддршката е достапна во Македонија и во сите соседни земји.
Од iute Macedonia порачуваат дека целта на услугата е возачите да имаат сигурен контакт во моменти кога на патот им е потребна помош, без паника и дополнителна неизвесност.
Услугата iuteCare може да се активира преку апликацијата Myiute, по цена од 1.490 денари годишно
-
Бизниспред 2 месециОд полноќ нови цени на горивата
-
Останатопред 2 месеци
Почна исплатата на средствата од МојДДВ за првиот квартал од 2026 година
-
Советипред 2 месеци
УЈП објави видео упатство за е-даночни услуги и потврда на ДЛД-ГДП пријавата
-
Продуктипред 2 месециКБ Прво пензиско друштво: Редовното инвестирање е пат до посигурна финансиска иднина
-
Бизниспред 2 месециДизелот од полноќ поевтинува за 4 денари
-
Бизниспред 2 месеци„МЕПСО“ ја обжали одлуката во спорот со „Енергоинвест“, уверени се во победа на арбитражa
-
Банкипред 2 месециХалкбанк со кредитна линија за поддршка и развој на одржлива земјоделска активност во соработка со Европскиот фонд за Југоисточна Европа (ЕФСЕ)
-
Останатопред 2 месеци
УЈП испрати над 860.000 даночни пријави, граѓаните имаат рок до 31 мај за потврда


