Останато
Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Државниот завод за ревизија и Институтот на сметководители и овластени сметководители

Меморандумот предвидува реализација на голем број активности, почнувајќи од континуирана размена на информации, податоци и искуства, преку организирање заеднички обуки и учество во научни и апликативни проекти и студиски посети, па сѐ до соработка и координација во процесот на изготвување на предлог-документи за развој на сметководствената и ревизорската професија.
„Државниот завод за ревизија постојано се залага за унапредување на професионалните стандарди во областа на ревизијата и управувањето со јавните средства. Потпишувањето на овој меморандум претставува значаен чекор во зајакнувањето на партнерството со ИСОС, со цел да се постигнат уште поголеми резултати во заедничкиот интерес – транспарентност, отчетност и квалитет во финансиското известување“, изјави Главниот државен ревизор, м-р Максим Ацевски.

Посебен акцент во соработката двете институции ќе стават на размената на знаења и искуства во имплементацијата на Меѓународните стандарди за финансиско известување и Меѓународните стандарди за финансиско известување за мали и средни субјекти, како и на подобрување на ефикасноста и ефективноста во работењето на своите членови и вработени.
Искажувајќи задоволство од потпишаниот Меморандум, претседателката на ИСОС Весна Прентоска, истакна: „Оваа соработка ќе ни овозможи да ги обединиме силите и знаењата во промовирање на меѓународните стандарди за финансиско известување, како и во поддршка на континуираниот професионален развој на нашите членови. Сигурна сум дека заедничките иницијативи ќе донесат долгорочни придобивки за професијата, но и за државата, националната економија и општеството во целина“.
Првите луѓе на ДЗР и ИСОС заеднички оценија дека ова партнерство претставува значаен чекор кон подобрување на професионалните практики и креирање додадена вредност во работењето на двете институции.
Останато
Промени во Надзорниот одбор на ПроКредит Банка АД Скопје

ПроКредит Банка АД Скопје ја информира јавноста за промени во составот на Надзорниот одбор на Банката, согласно член 166-б од Законот за хартии од вредност, кои треба да бидат објавени на веб-страницата на Македонската берза.
Народната банка на Република Северна Македонија издаде решение за претходна согласност за реименување на г-ѓа Јованка Јолеска Поповска за член на Надзорниот одбор на ПроКредит Банка АД Скопје, за нов мандат во времетраење од четири години.
Со оваа промена, Надзорниот одбор на Банката продолжува да функционира во следниот состав:
Јованка Јолеска Поповска, член
Дрис Нор, член
Кристиан Едгардо Дагроса, член и претседател
Каспар Линус Бауман, независен член
Елена Наумовска, независен член
Ериола Биболи, член
ПроКредит Банка останува посветена на принципите на добро корпоративно управување и транспарентност во своето работење.
Останато
Европскиот парламент даде зелено светло за прифаќање на еврото од страна на Бугарија

Европскиот парламент со убедливо мнозинство (531 глас „за“) го поддржа влезот на Бугарија во еврозоната, што ја приближува земјата до користење на еврото од 1 јануари 2026 година. 69 пратеници гласаа „против“, а 79 беа воздржани.
„Денешното гласање испраќа јасна порака – Бугарија е подготвена за еврозоната,“ изјави известувачот Ева Мајдел. Таа додаде дека се исполнети сите критериуми, и дека ова е значаен чекор кон целосна европска интеграција.
Сепак, пред еврото официјално да се воведе, потребна е и согласност од земјите членки на ЕУ, што се очекува да се случи до крајот на денот.
Во последните месеци во Бугарија се одржаа протести против усвојувањето на еврото. На 28 јуни, илјадници демонстранти се собраа во центарот на Софија, изразувајќи став дека треба да се задржи левот, став што го поддржуваат проруски и националистички партии.
Бугарија веќе 20 години е членка на ЕУ, но се соочува со политичка нестабилност и корупција, што придонесе за раст на евроскептицизмот. Противниците на еврото ширеле лажни информации дека усвојувањето на валутата ќе доведе до поголема сиромаштија. Сепак, економистите тврдат дека краткорочно нема да има големи промени, бидејќи левот е веќе фиксиран за еврото.
Останато
Фондацијата „Заедно за едно“ исплати финансиска помош за децата на загинатите во пожарот во Кочани и ќе набави опрема за терапија на повредените

Со цел да се помогне на семејствата и поединците кои беа погодени од трагичниот пожар во Кочани на 16 март 2025 година, Фондацијата „Заедно за едно“ основана од Македонската банкарска асоцијација, започнa низа активности за финансиска помош и медицинска поддршка на настраданите и нивните семејства.
Во првата фаза од поддршката, Фондацијата веќе исплати еднократна финансиска помош за децата кои во несреќата загубија родител. Средствата се префрлени директно на платежните сметки на децата или нивните законски застапници.
Покрај тоа, Фондацијата обезбеди средства за набавка на ракавици за пасивна рехабилитација, како и апарати за компресивна крио-терапија, кои претставуваат клучна компонента во процесот на опоравување на дел од повредените лица.
Фондацијата „Заедно за едно“ е формирана за да обезбеди суштинска и континуирана поддршка за оние на кои таа им е најпотребна. Затоа, наскоро ќе биде објавен Јавен повик за пријавување на повредените лица, со цел распределба на дополнителна финансиска помош за покривање трошоци поврзани со медицински третмани и рехабилитација.
„Ова не е трагедија која брзо ќе се надмине и затоа обезбедивме средства кои ќе бидат распределени во повеќе сегменти и во повеќе фази, со цел да помогнеме во закрепнување на повредените. Ќе помагаме континуирано и на долг рок. Да бидеме Заедно за едно – денес, утре и сè додека не заздрават сите“, изјави д-р Маја Стевкова Штериева, претседател на Македонската банкарска асоцијација.
Срествата во Фондацијата се обезбедени преку донации од банки, штедилници, други финансиски институции, како и од хумани компании и поединци, и се наменети за лицата и семејствата кои се засегнати од трагедијата.
Македонската банкарска асоцијација и Фондацијата „Заедно за едно“, остануваат доследни на својата заложба — да бидат поддршка на заедницата и на земјата секогаш кога е најпотребно.
- Банкипред 3 недели
Стопанска банка АД – Скопје назначи нов Генерален директор за финансии и член на Управниот одбор
- Останатопред 5 дена
Промени во Надзорниот одбор на ПроКредит Банка АД Скопје
- Фондовипред 5 дена
Промени во Надзорниот одбор на КБ Прво пензиско друштво АД Скопје
- Продуктипред 1 месец
Почни го летото со премиум поволности и поголеми бонуси со Visa Gold и Visa Classic од Комерцијална банка
- Продуктипред 4 недели
Халкбанк овозможува кредит целосно онлајн, без шалтер и документација
- Продуктипред 1 месец
ProActive – сметка што води сметка за вас и за сѐ околу вас
- Колумнипред 5 дена
Одржливиот развој не е слово на хартија, туку одлуки и активности кои банкарскиот сектор треба да ги направи
- Продуктипред 1 месец
Финансиска поддршка на дофат: потрошувачки кредит за сè што не може да чека