Останато
Асоцијацијата за е-трговија потпиша Меморандум за соработка со Кинеската комора за е-трговија
Асоцијацијата за е-трговија на С. Македонија (АЕТСМ) и Кинеската комора за е-трговија (CECC) потпишаа Меморандум за соработка, со кој се поставуваат основите за заедничка соработка и развој на партнерства во областа на е-трговијата и дигиталната економија. Потпишувањето претставува значаен чекор напред во насока на унапредување на прекуграничната е-трговија, размена на знаења и информации, и градење на долгорочни партнерства меѓу македонскaтa и кинеската бизнис заедница.
Претседателката на Асоцијацијата за е-трговија, д-р Нина Ангеловска Станков, веќе извесен период престојува во Кина во рамки на работна посета, каде активно работи на воспоставување на партнерства и истражување можности за меѓународна соработка. Е-трговијата во Кина е меѓу најразвиените и најиновативните во светот, а можностите за остварување на соработки се големи.
– “Екосистемот на е-трговија во Кина е неверојатно развиен и интегриран, од кој што има многу што да се научи. Купувањето онлајн е дел од секојдневие за милиони луѓе. Она што го прави исклучителен овој систем е тоа што целата инфраструктура – од нарачка, плаќање, складирање, па сè до достава е дигитално поврзана и автоматизирана. Технологијата е длабоко интегрирана во секој аспект од животот со цел да го направи функционирањето поефикасно и поорганзирано. Брзата испорака на пратки во толку големи градови е возможна благодарение на густата мрежа на магацини (fulfillment центри) што се поставени близу до градовите; автоматизација и роботизација во складиштата; интегрирани логистички системи; достава со лесни електрични возила. Покрај тоа мрежата на out-of-home delivery е широко распространета, со густа мрежа на пакетомати за самостојно подигнување на пратките.” – објасни Ангеловска Станков
Во рамки на посетата, Ангеловска оствари повеќе средби со претставници од Кинеската комора за е-трговија, на кои беа разгледувани конкретни можности за соработка, размена на знаења и искуства, поддршка за македонските компании, како и отворање на нови канали за зголемување на увозот и извозот и пристап до нови пазари за членките на АЕТСМ.
Меморандумот со Кинеската комора за е-трговија (CECC) предвидува соработка во неколку клучни области, вклучувајќи промоција и поддршка на прекуграничната е-трговија помеѓу двете земји, размена на информации, добри практики и политики, како и организирање на заеднички настани, бизнис средби, вебинари и саеми. Дополнително, меморандумот опфаќа поддршка на извозно-увозни активности на членовите на двете организации и поттикнување на еднаквост и вклучување на жените во е-трговијата и дигиталната економија.
– „Овој Меморандум претставува значаен исчекор во нашата мисија да ја поттикнеме меѓународната соработка и да создадеме нови можности за македонските компании на глобалната сцена. Соработката со Кинеската стопанска комора за е-трговија отвора нови перспективи за размена на знаење, пристап до огромниот кинески пазар и унапредување на прекуграничната е-трговија. Во време кога дигиталната економија станува сѐ поцентрална за економскиот раст, потребно е да се градат мостови за подобри соработки и прогрес. Ова партнерство отвора врати за пристап до вредни ресурси и нови соработки, но и создава поттик за иновации преку директна поврзаност со еден од најиновативните и најдинамични пазари во светот – Кина.“, изјави д-р Ангеловска Станков.
Кинеската комора за е-трговија (CCEC) е национална корпоративна организација во електронската индустрија, составена од компании, здруженија и индустриски тела кои се занимаваат со производство, дистрибуција и истражување на електронски производи. Комората брои над 16.000 компании членки.
– „Со овој меморандум воспоставуваме стратешко партнерство помеѓу Асоцијацијата за е-трговија на Северна Македонија и Кинеската комора за е-трговија за унапредување на соработката во областа на е-трговијата и дигиталната трговија. Тој ги опфаќа областите на соработка како што се размена на експертиза, заеднички настани и поддршка за членовите, со заедничка посветеност на инклузивен раст и родова еднаквост во дигиталната економија.“, изјави Лин Ханџонг, Заменик генерален секретар на CECC.
Со овој меморандум за соработка, АЕТСМ го зацврстува своето меѓународно присуство и создава можности за соработка со една од најсилните и најразвиени економии во светот. Потпишаниот документ е доказ за заедничката заложба за продлабочување на односите, градење на доверба и отворање на нови можности за членовите на двете организации.
Ова партнерство претставува почеток на еден подинамичен и поинтегриран пристап кон глобалната е-трговија, со фокус на иновациите, конкурентноста и дигиталната трансформација.
Останато
Трамп доби своја монета од еден долар во САД
Ликот на американскиот претседател Доналд Трамп се најде на нова монета од еден долар, издадена по повод 250-годишнината од основањето на Соединетите Американски Држави. Со тоа Трамп стана првиот жив американски претседател во последните сто години чиј лик се појавува на монета во оптек.
Американската ковница ја пушти монетата во продажба во средата, 2 септември. На предната страна е портретот на Трамп, заедно со натписите „LIBERTY“, „IN GOD WE TRUST“ и „1776 ~ 2026“, додека на задната страна е претседателскиот печат и бројот 250, во чест на големиот јубилеј.
Ролна од 25 монети се продава за 61 долар, а пакет од 100 монети за 154,50 долари. Побарувачката била голема, а дел од понудата била распродадена само неколку часа по почетокот на продажбата.
Иако имаат златна боја, монетите не содржат вистинско злато. Според американската Ковница, тие се изработени претежно од бакар, со 6 проценти цинк, 3,5 проценти манган и 2 проценти никел.
Монетите имаат номинална вредност од еден долар и можат да се користат како законско платежно средство, иако Ковницата ги промовира и како колекционерски изданија. Дополнително, 250.000 примероци биле исковани на 4 јули со специјална ознака и по случаен избор се вклучени во пакетите што се продаваат.
Појавувањето на ликот на жив претседател на американска валута предизвика и правни полемики, бидејќи американските прописи генерално го ограничуваат прикажувањето живи личности на парите. Администрацијата, сепак, се повикува на законските овластувања поврзани со специјалните дизајни за одбележување на 250-годишнината на САД.
Останато
МФ: За првпат национална сертификација за внатрешните ревизори во јавниот сектор
Министерството за финансии за првпат ќе организира национален испит за стекнување уверение за овластен внатрешен ревизор во јавниот сектор, со што се воведува и национална сертификација за оваа професионална функција.
Од Министерството оценуваат дека ова е важен чекор во зајакнувањето на системот на внатрешна финансиска контрола и во професионализацијата на ревизорските единици во јавните институции.
Спроведувањето на испитот, како што посочуваат, треба да придонесе за поголеми капацитети на единиците за внатрешна ревизија, но и за поодговорно, законско и транспарентно работење на институциите.
Од Министерството нагласуваат дека националната сертификација е дел и од активностите за зајакнување на механизмите за спречување на корупцијата и подобрување на контролата во јавниот сектор.
Воведувањето на националниот испит е значајно и во контекст на евроинтегративниот процес. Со неговото организирање се исполнува дел од препораките на Европската Унија во рамки на Поглавјето 32 – Финансиска контрола, а истовремено се придонесува и кон реализација на обврските од Реформската агенда.
Материјалите за подготовка, како и испитните прашања, веќе се објавени на веб-страницата на Министерството за финансии.
Тие се подготвени со техничка и експертска поддршка од Европската Унија за Централната единица за хармонизација при Министерството за финансии.
Министерството најавува дека во следниот период дополнително ќе информира за роковите и останатите чекори поврзани со организирањето и спроведувањето на испитот.
Останато
Привремено недостапни телефонските линии на Контакт центарот на УЈП
Управата за јавни приходи информира дека телефонските линии на Контакт центарот се привремено недостапни, а во тек се активности за отстранување на причините за прекинот.
Од УЈП посочуваат дека во моментов не се во функција телефонските броеви 198, 02/3253-200 и 0800 33 000, при што последниот број е достапен само од фиксни оператори.
До повторното воспоставување на телефонските линии, граѓаните и даночните обврзници се упатуваат да ги користат останатите канали за комуникација.
Физичките лица можат да се обратат во надлежната канцеларија на УЈП според адресата, додека правните лица според седиштето на компанијата. За информации е достапна и електронската адреса [email protected].
Од Управата за јавни приходи им се заблагодаруваат на граѓаните за разбирањето и најавуваат дека се преземаат активности за нормализирање на работата на Контакт центарот.
-
Продуктипред 2 месециИднината на банкарството е во доброто корисничко искуство
-
Банкипред 2 месециСтопанска банка со промотивна камата од 4,9 отсто за Mastercard Platinum картичката
-
Кариерапред 2 месециСтопанска банка Скопје вработува трезорист, отворен оглас за апсолвенти и дипломирани економисти
-
Анализипред 1 месецДали Македонија ќе ги следи Унгарија, Полска и Литванија и ќе го укине вториот пензиски столб?
-
Продуктипред 2 месециНулта толеранција за измами: Владата усвои нова Стратегија за заштита на финансиските интереси на ЕУ во земјава до 2030 година
-
Банкипред 1 месецПремиум дебитната картичка на Стопанска банка овозможува пристап до над 1.800 аеродромски деловни зони
-
Советипред 2 месециКБ Прво пензиско друштво: Вториот столб е лична заштеда за посигурна пензија
-
Кариерапред 1 месецАлта банка со активен оглас за стручен соработник во банкарска експозитура во Велес





