Connect with us

Останато

Групацијата 4iG именува извршен директор и заменик-извршен директор на OНЕ Македонија

Објавено

на

4iG, водечка телекомуникациска и ИТ-групација во Централна и Источна Европа, именува двајца високи извршни директори да ја водат гринфилдинвестицијата во Северна Македонија, OНE Mакедонија Телекомуникации ДООЕЛ. Овој потег претставува важен чекор во подготовката на Групацијата да учествува на националниот тендер за фреквенции и да воведе трет мобилен оператор со целосна услуга на македонскиот пазар.

Брано Ѓуровиќ е назначен за главен извршен директор на OНЕ Македонија. Ѓуровиќ е искусен извршен директор со повеќе од две децении богато искуство во телекомуникацискиот и технолошкиот сектор низ целиот Западен Балкан и пошироко. Како поранешен извршен директор на OНЕ Албанија, тој успешно ја водел трансформацијата на бизнисот по преземањето, обезбедувајќи подобри перформанси, проширена покриеност и дигитално интегрирано корисничко искуство. Претходно, тој бил комерцијален директор во ОНЕ Црна Гора, а пред тоа работел во Ericsson, Microsoft и други регионални даватели на услуги, каде што бил одговорен за стратегиите за дигитализација, B2B менаџмент на регионално ниво и национални инфраструктурни проекти.

„Северна Македонија претставува стратешки важен нов пазар за групацијата 4iG. Растечката побарувачка во земјата, квалификуваната работна сила и дигиталните амбиции се добро усогласени со нашите долгорочни цели. На пазарот не  влегуваме со слогани, туку со докажан оперативен модел и силна посветеност на квалитетна услуга. Нашата цел е да направиме модерни, безбедни и инклузивни телекомуникациски услуги достапни за сите, обезбедувајќи конкретни придобивки за секој граѓанин“ – изјави Брано Ѓуровиќ, извршен директор на OНЕ Mакедонија.

Габор Алтман е именуван за заменик-извршен директор на OНЕ Mакедонија. Алтман има повеќе од 25 години искуство во раководење на телекомуникациски компании, развој на инфраструктура и дигитални иновации. Тој имал извршни позиции во неколку големи телекомуникациски компании и системски интегратори, каде што раководел со програми за трансформација, проекти за подготовка за 5G и модернизација на корисничките услуги. Алтман е познат по изградбата на ефикасни организациски структури и проширувањето на гринфилд инвестициите со дисциплиниран и брз пристап, што го прави идеален избор за динамичниот пазар во Северна Македонија. Тој повторно се враќа на македонскиот пазар, носејќи претходно искуство од неговата работа во Македонски Телеком во Скопје, каде што од 2008 до 2012 година извршувал повеќе високи комерцијални позиции.

„Ова е ретка можност, да се дизајнира телекомуникациска компанија од следната генерација од самиот почеток, со целосен локален фокус и стратешка поддршка. Со поддршка од Групацијата 4iG и со почит кон македонскиот пазар и институциите, подготвени сме да започнеме со градење од првиот ден. Исто така, ми претставува особено задоволство што се враќам во Скопје, каде што имав можност да работам пред повеќе од десет години, искуство кое продолжува да ја обликува мојата професионална перспектива“, изјави Габор Алтман, заменик-извршен директор.

Групацијата 4iG веќе има основано локално правно лице и се подготвува да учествува на тендерската постапка за фреквенции, распишана од Агенцијата за електронски комуникации (АЕК). Нивното влегување на пазарот во Северна Македонија не претставува само комерцијална експанзија, туку и долгорочна стратешка инвестиција во дигиталната иднина на земјата.

Работејќи под брендот OНЕ во Албанија и Црна Гора, Групацијата 4iG опслужува над 2,2 милиони индивидуални и 400 000 деловни корисници и активно гради безбедни мрежи со високи перформанси низ целиот Западен Балкан. Со богато искуство во воведување инфраструктура подготвена за 5G и усогласена со ЕУ, компанијата има уникатна позиција да ги поддржи целите на Северна Македонија за поголема конкуренција, инклузија и дигитални иновации.

Останато

Димитриеска-Кочоска: До крајот на годината без промени во проекциите за растот и буџетскиот дефицит

Објавено

на

До крајот на годинава не се очекуваат позначајни промени во проекциите за економскиот раст и буџетскиот дефицит, изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

Според неа, економските движења засега се во рамките на проекциите предвидени со Ребалансот на Буџетот, а Министерството за финансии продолжува да ги следи состојбите и на домашен и на глобален план.

„До крајот на годината не очекуваме позначајни промени и остануваме на проекцијата што ја имавме, особено имајќи предвид дека стапката на раст во вториот квартал е 4,3 проценти“, рече Димитриеска-Кочоска во интервју за Македонската телевизија од Њујорк.

Таа посочи дека и буџетскиот дефицит треба да остане во предвидените рамки, независно од тоа дали до крајот на годината ќе има нов ребаланс на Буџетот.

Доколку биде донесена одлука за ребаланс, според министерката, ќе се интервенира и на приходната и на расходната страна. Во спротивно, Министерството очекува дефицитот и задолжувањето да останат во рамките веќе одобрени од Собранието.

Димитриеска-Кочоска информираше дека Министерството неодамна одржало состанок со Управата за јавни приходи и Царинската управа, на кој биле анализирани наплатата на приходите и очекувањата до крајот на годината.

Според неа, полнењето на Буџетот во најголем дел се одвива согласно планираното, додека отстапување има кај приходите од акцизи поради мерките што се применуваат.

Министерката оцени дека глобалната неизвесност и натаму останува еден од главните ризици и дека идните одлуки ќе зависат и од развојот на состојбите на меѓународните пазари.

Таа во Њујорк учествува на работната сесија „Поттикнување на растот во новата економија“, во рамки на „Состаноците за влијанието врз одржливиот развој 2026“ на Светскиот економски форум.

Како што посочи Димитриеска-Кочоска, во дискусиите бил нагласен фокусот на долгорочен економски раст базиран на продуктивност, како и потребата од пониски трошоци за енергенси и други влезни параметри за подобрување на конкурентноста на економијата.

Таа додаде дека мерките што досега биле преземени како одговор на кризата имаат влијание врз Буџетот, особено врз приходите од акцизи, но нагласи дека Министерството ќе продолжи да ги приспособува политиките во зависност од глобалните економски движења.

Продолжи со читање

Бизнис

Скопје ја отвора регионалната дискусија за иднината на микрофинансирањето

Објавено

на

Останува уште една недела до почетокот на MicroBalkans 2026 – „Lending Reimagined“, регионалната конференција која по Сараево и Дубровник, на 24 и 25 септември ја носи во Скопје дискусијата за иднината на кредитирањето, микрофинансирањето и новите модели на финансирање.

Како ќе изгледа финансирањето на бизнисите во иднина? Кои можности ги отвораат дигитализацијата, финтек иновациите и алтернативните модели на финансирање? Како да се олесни пристапот до капитал за граѓаните, претприемачите и микро, малите и средните претпријатија, во услови кога сè потешко доаѓаат до средства преку традиционалните извори на финансирање?

Ова се дел од прашањата што ќе бидат во фокусот на MicroBalkans 2026, која ќе обедини над 200 учесници од повеќе од 15 земји и на едно место ќе ги поврзе финансиските институции, инвеститорите, регулаторите, претприемачите и експертите од земјата, регионот и Европа.

Со приближувањето на настанот, MicroBalkans 2026 се најавува како значајна регионална средба и за младите претприемачи, основачите на стартапи, сопствениците на микро, мали и средни претпријатија, како и за професионалците од банкарскиот, небанкарскиот, финтек и ИТ секторот кои сакаат да ги следат најновите трендови и да откријат нови можности за раст и соработка.

На конференцијата свое воведно обраќање ќе има проф. д-р Трајко Славески, гувернер на Народната банка на Република Северна Македонија.

„Финансискиот сектор има значајна улога во економскиот развој преку насочување на капиталот кон продуктивни инвестиции и претприемништво. Во услови на забрзана дигитализација и технолошки развој, финансискиот систем се трансформира, што бара навремено следење на новите трендови и ризици. MicroBalkans 2026 е значајна можност за размена на искуства за новите модели на финансирање, дигитализацијата и примената на новите технологии, како и за продлабочување на регионалната соработка. За Народната банка, развојот на стабилен, сигурен и ефикасен финансиски систем, усогласен со европските и меѓународните стандарди, останува приоритет“, посочува Славески.

Во официјалниот дел и на церемонијата на отворање, свои обраќања ќе имаат и Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација, Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Северна Македонија, и Никола Јошевски, претседател на Групацијата на небанкарски финансиски друштва.

На конференцијата ќе учествуваат домашни, регионални и меѓународни експерти, претставници на финансиски институции, инвестициски и развојни фондови, финтек компании, регулатори и професионални организации од регионот и Европа.

Меѓу најавените говорници и панелисти се Висар Перани од Меѓународната финансиска корпорација (IFC), Рита Колумбија, постојан координатор на Обединетите нации во Северна Македонија, Габриеле Џуљети од Банка Етика, Јоргос Пападакис од Европската микрофинансиска мрежа, Амра Омерагиќ од Finance in Motion, Алберто Дидони од Development Guarantee Group, Никола Башановиќ од Централната банка на Црна Гора, Елма Жукиќ од Здружението на микрофинансиски институции во Босна и Херцеговина (AMFI), Арлинда Муја од Kredo и Албанското здружение за микрофинансирање, Милена Ханеш од Microfin, Слободан Раковиќ од Iute Group, Ана Кентера од Alter Modus, Георги Роуков од Credissimo, Теодор Тодоровски од P2P.mk, Бјанка Катру од M Cash и, како и други истакнати претставници на финансискиот и микрофинансискиот сектор од регионот и Европа.

Панелите ќе понудат одговори на клучни прашања: зошто небанкарското финансирање е важно за регионот, кои дигитални модели функционираат на локалните пазари, како да се надмине јазот во микрофинансирањето, од каде доаѓа капиталот за раст и кои регулаторни промени се очекуваат од 2027 година. Дел од дискусиите ќе бидат посветени и на современите модели на наплата, управувањето со ризици и градењето одговорен однос со клиентите.

Настанот ќе отвори простор за директно поврзување со финансиски институции, потенцијални инвеститори, партнери и носители на одлуки, создавајќи основа за нови соработки и деловни можности.

MicroBalkans 2026 ќе обедини над 200 учесници од повеќе од 15 земји, потврдувајќи ја улогата на конференцијата како значајна регионална платформа за размена на знаења, градење партнерства и развој на иновативни решенија за иднината на финансискиот сектор. Конференцијата ќе придонесе кон создавање поинклузивен, подигитализиран и поодржлив финансиски екосистем, со силен фокус на поддршка на претприемништвото и економскиот развој.

Конференцијата ќе се одржи на 24 и 25 септември 2026 година во хотел „Холидеј Ин“ во Скопје. Организирана од Групацијата на небанкарски финансиски друштва при Стопанската комора на Северна Македонија, во партнерство со Алијансата на Западен Балкан (Western Balkans Alliance) и Европската микрофинансиска мрежа (European Microfinance Network), MicroBalkans 2026 се позиционира како водечка регионална платформа за микрофинансирање, финансиска инклузија и дигитална трансформација на финансиските услуги.

Пријавите за учество се сѐ уште отворени, а сите заинтересирани претприемачи, финансиски професионалци, институции, компании и партнери имаат можност во следните неколку дена да се приклучат кон регионалната сцена што во Скопје ќе разговара за иднината на финансирањето.

ПР објава

Продолжи со читање

Останато

Одбележан денот на пензиската свесност – Институциите и пензиските друштва обединети за поголема финансиска писменост кај младите

Објавено

на

Денеска, во просториите на СЕПУГС „Васил Антевски Дрен“ – Скопје, со свечен настан беше одбележан 15 Септември – Денот на пензиска свесност. Настанот, организиран од Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС), СЕПУГС „Васил Антевски Дрен“ и Асоцијацијата на Друштва за управување со пензиски фондови на Северна Македонија, имаше за цел унапредување на финансиската писменост кај младите и зајакнување на соработката помеѓу образовниот, институционалниот и бизнис секторот.

Централен дел на настанот беше свеченото потпишување на Меморандумот за соработка меѓу МАПАС и СЕПУГС „Васил Антевски Дрен“ – Скопје. Меморандумот предвидува реализација на заеднички едукативни активности, спроведување на практична настава, учење преку работа и феријална практика за учениците во престојната учебна 2026/2027 година. Целта на оваа соработка е подобро подготвување на младите за нивниот понатамошен образовен и професионален развој преку директно запознавање со функционирањето на финансискиот и пензискиот систем.

Настанот го отвори директорот на СЕПУГС „Васил Антевски Дрен“ – Скопје, Александар Мијоски, кој им посака добредојде на присутните и изрази благодарност за укажаната чест училиштето да биде домаќин на ваков значаен настан. Тој особено се заблагодари за континуираната поддршка од институциите и за можноста што им се нуди на учениците преку практичната настава да се стекнат со реални вештини.

Претседателот на Советот на експерти на МАПАС, Ремзи Бајрами, се осврна на потребата од рана финансиска едукација и важноста од поврзување на теоријата со реалниот сектор.

„Финансиските навики се создаваат рано. Одлуките што ги носиме денес, начинот на кој размислуваме за парите, штедењето, планирањето и иднината, постепено го определуваат нашиот финансиски пат. Знаењето за финансии не е дополнителна вештина, тоа е животна вештина. Со потпишувањето на овој Меморандум не воспоставуваме само формална соработка помеѓу две институции, туку воспоставуваме мост помеѓу образованието и практиката“, истакна Ремзи Бајрами, претседател на Советот на експерти на МАПАС.

Во рамките на настанот беше промовирано и новото едукативно видео „Твојата патека, твоја иднина“, кое е дел од долгогодишната едукативна кампања „Засади желба“, која ја реализираат пензиските друштва со поддршка на МАПАС. Претседателот на Асоцијацијата на Друштва за управување со пензиски фондови на Северна Македонија ја истакна клучната порака на кампањата, дека навременото донесување финансиски одлуки и разбирањето на личната сопственост врз средствата во вториот столб претставуваат важен чекор кон посигурна иднина.

„Финансиската писменост не е знаење што се стекнува на крајот од работниот век, туку вештина што се гради уште од почетокот на професионалното формирање. Годинава, по шести пат ја промовираме кампањата „Твојата патека, твоја иднина“, со која сакаме да испратиме јасна порака: иднината не се случува сама по себе. Таа се создава преку одлуките што ги носиме денес. Вториот пензиски столб претставува значаен дел од таа иднина. Средствата што се акумулираат на индивидуалните сметки се лична сопственост на секој член“, истакна Маријан Николовски, претседател на Асоцијацијата на Друштва за управување со пензиски фондови на Северна Македонија.

Во таа насока, тој упати и директна порака до младите, потсетувајќи ги дека нивната финансиска иднина започнува да се гради од самиот момент на потпишување на првиот договор за вработување.

Со одбележувањето на овој ден, институциите и пензиските друштва испратија обединета порака дека активното вклучување на компаниите во образовниот процес и финансиската писменост се неопходни предуслови за создавање услови младите успешно да ја градат својата иднина во нашата држава.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange