Connect with us

Останато

АЕТМ: Последна можност за гласање – Поддржете ја вашата омилена е-продавница!

Објавено

на

Јавното гласање за „E-commerce Awards 2024“ влегува во својата завршна фаза – денес е последен ден да дадете поддршка на вашата омилена е-продавница. Ова е можност да им оддадете признание на е-трговците кои се издвојуваат со својата посветеност, иновации и врвна услуга во македонската е-трговија.

Оваа година, „E-commerce Awards 2024“ ги наградува најдобрите македонски е- продавници во 23 категории, поделени во три главни секции. Со повеќе од 200 номинирани е-трговци, гласот на потрошувачите игра клучна улога во изборот на најдобрите.

Гласањето е отворено за сите граѓани и се одвива на официјалната веб-страница www.ecommerceawards.mk. Процесот е едноставен и бесплатен – потребно е само да ја внесете вашата валидна е-мејл адреса за потврда на гласот. Рокот за гласање истекува вечерва во 23:59 часот.

Како се избираат победниците?

По завршувањето на јавниот дел од гласањето, следува оценување од страна на стручното жири на овогодинешниот избор. Во конечниот резултат, гласовите од публиката носат 60%, додека пак гласовите на жири-комисијата носат 40%. Категоријата „Најпопуларна е-продавница“ е единствената категорија каде што победникот се избира исклучиво врз основа на гласовите од јавноста, што ја прави оваа награда вистински одраз на довербата и задоволството на онлајн купувачите.

Што добиваат победниците?

На свечениот настан за доделување на наградите кој ќе се оддржи во март 2025 година, победниците со најмногу поени ќе добијат престижни статуетки како признание за нивната извонредност во е-трговијата и виртуелни беџови со освоената награда кои ќе можат да ги постават на своите е-продавници, и со кои ќе можат да влијаат за зголемување на довербата кај постојните и потенцијалните онлајн купувачи.

Зошто е важен овој избор?

„E-commerce Awards 2024“ не е само избор – тоа е иницијатива што има за цел да го поттикне развојот на македонската е-трговија и да ги истакне најдобрите практики, да ја зголеми конкурентноста и да ги мотивира е-трговците за подобрување на нивните услуги, но и да им даде глас на потрошувачите, кои преку своите гласови можат да влијаат врз тоа кои е-продавници ќе добијат признание за својата работа.

Оваа година, наградите за е-трговија се организираат со поддршка на PRIME партнерите – ИУТЕ и Mybox, како и други реномирани партнери од приватниот сектор, кои заедно придонесуваат за развојот на е-трговијата во Македонија.

Повеќе детали за изборот може да погледнете на официјалната веб страница: https://ecommerceawards.mk/.

Останато

УЈП ги повика граѓаните со неодобрени профили да ја завршат регистрацијата за е-Даночни услуги

Објавено

на

Управата за јавни приходи ги заврши активностите за комплетирање на регистрацијата во системот е-Даночни услуги за граѓаните кои поднеле барање за отворање кориснички профил како физички лица, но не ја завршиле целосно постапката.

До овие граѓани се испратени персонализирани пораки од електронската адреса [email protected], со насоки за понатамошно постапување.

Од УЈП информираат дека корисниците треба да се обратат во надлежната даночна канцеларија со важечки документ за лична идентификација, каде што овластено службено лице ќе ја одобри нивната регистрација.

Со валиден и активен профил во системот е-Даночни услуги, граѓаните можат да користат електронски услуги преку порталот uslugi.gov.mk, да имаат увид во Годишната даночна пријава, да остваруваат права од надлежност на УЈП и други институции, како и да ја користат апликацијата „МојДДВ“.

За дополнителни информации, граѓаните можат да се обратат на [email protected] или на телефонските броеви 02/3253-200 и 0800 33 000, кој е достапен само за повици од фиксни оператори.

Продолжи со читање

Бизнис

Кина руши рекорди: Надворешната трговија порасна за речиси 17% и достигна 3,75 трилиони долари за само шест месеци

Објавено

на

Кинеската надворешна трговија во првите шест месеци од 2026 година достигна 25,47 трилиони јуани (околу 3,75 трилиони американски долари), што претставува раст од 16,9% на годишно ниво, покажуваат податоците на Генералната царинска управа на Кина.

Извозот се зголемил за 13,4%, достигнувајќи 14,73 трилиони јуани, додека увозот пораснал за 22,1%, на 10,74 трилиони јуани, што укажува на забрзан раст на домашната побарувачка и порамнотежен развој на надворешната трговија.

Во вториот квартал годинава, вкупната трговска размена изнесувала 13,61 трилиони јуани, со годишен раст од 18,4%, што е најсилен квартален резултат од третиот квартал на 2021 година. Само во јуни, трговијата пораснала за 24,2%, продолжувајќи го позитивниот тренд седумнаесетти месец по ред.

Особено силен раст е забележан кај извозот на машини и електронски производи, кој се зголемил за 20,1%, како и кај високотехнолошките производи, чиј извоз пораснал за 39%. Значително зголемување е регистрирано и кај производите поврзани со вештачка интелигенција, зелените технологии и напредната индустриска опрема.

Според кинеската Царинска управа, приватните компании и натаму имаат водечка улога во надворешната трговија, учествувајќи со 57% од вкупната размена, додека околу 267.000 компании во текот на првата половина од годината успеале да освојат нови извозни пазари.

Продолжи со читање

Останато

ЕЦБ избра 36 компании за тестирање на дигиталното евро

Објавено

на

Европската централна банка избра 36 даватели на платежни услуги од еврозоната кои ќе учествуваат во пилот-проектот за дигиталното евро, чиј почеток е планиран за втората половина на 2027 година.

Тестирањето ќе трае 12 месеци и ќе се спроведува во ЕЦБ и во 19 национални централни банки од еврозоната. Целта е да се проверат техничкото функционирање на дигиталното евро, оперативните процедури и корисничкото искуство пред евентуалното воведување на новата дигитална валута.

На повикот објавен во март годинава пристигнале повеќе од 50 апликации, што, според ЕЦБ, покажува голем интерес од финансискиот сектор. Меѓу избраните учесници има банки и небанкарски компании со различна големина, деловни модели и географска застапеност.

Членот на Извршниот одбор на ЕЦБ, Пјеро Чиполоне, оцени дека големиот интерес покажува оти приватниот сектор е подготвен активно да се вклучи во развојот на дигиталното евро и во зајакнувањето на европскиот платен систем.

Во пилот-проектот ќе се користи бета-верзија на дигиталното евро, која технички и функционално ќе биде блиска до решението предвидено во нацрт-законодавството. Сепак, оваа верзија нема да има статус на законско платежно средство.

Дел од компаниите ќе им овозможат на вработените во Евросистемот да отворат тест-сметки и да вршат плаќања, додека други ќе соработуваат со избрани трговци кои ќе можат да примаат дигитални евра. Некои учесници ќе ги извршуваат двете улоги.

Во тестирањето ќе учествуваат вработени од ЕЦБ и од националните централни банки, интернет-продавници, ресторани, кафетерии и други трговци. Ќе се проверуваат онлајн и офлајн трансакции меѓу физички лица, како и плаќања во продавници и преку електронска трговија и мобилни уреди.

Пилот-проектот ќе се реализира во Белгија, Германија, Естонија, Ирска, Грција, Шпанија, Франција, Хрватска, Италија, Кипар, Латвија, Литванија, Луксембург, Холандија, Австрија, Португалија, Словенија, Словачка и Финска.

Избраните компании во следниот период ќе соработуваат со ЕЦБ и со националните централни банки за подготовка на потребната инфраструктура и процеси за тестирањето.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange