Останато
Иновација во образованието: ПроКредит Банка и Економскиот факултет при УКИМ ги подготвуваат студентите за иднината
Со цел да се намали јазот меѓу академската настава и реалните потреби на пазарот на труд, ПроКредит Банка и Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје реализираа заеднички мултидисциплинарен проект во кој учествуваа над 150 студенти. Преку овој иновативен образовен модел, студентите добија можност да работат на реални предизвици од банкарската пракса, под менторство на универзитетски професори и експерти од банкарскиот сектор.
Проектот, кој се спроведуваше во текот на цел семестар, вклучи студенти од различни насоки кои, во рамки на своите предмети, работеа во тимови на практични задачи поврзани со иновации, дигитализација, маркетинг стратегии и одржливост. Тие беа менторирани од проф. д-р Мијалче Санта, проф. д-р Стојан Дебарлиев, проф. д-р Димитар Јовевски и експерти од ПроКредит Банка, што овозможи директно спојување на академското знаење со применета пракса.



На завршниот настан, кој се одржа во просториите на ПроКредит Банка, студентските тимови ги презентираа своите решенија пред жири составено од менаџерскиот тим на банката и професори од факултетот. Најуспешните тимови беа наградени, а дел од студентите добија можност за практична работа и потенцијално вработување во банката.
Од ПроКредит Банка посочуваат дека оваа соработка претставува долгорочна стратешка иницијатива со која се создаваат генерации студенти што се подготвени за предизвиците на модерниот деловен свет.


„Горди сме што сме прва банка која го воведе овој формат на соработка со Економскиот факултет. Веруваме дека оваа иницијатива ќе биде поттик и за други институции да го модернизираат својот пристап кон образованието. Нашата цел е младите да добијат реална шанса за развој на професионални вештини и брз деловен напредок,“ велат од ПроКредит Банка.
Проф. д-р Мијалче Санта го оцени проектот како исклучително корисен:

„Одлично искуство и партнерство. Целта беше да се понуди интегрирано решение на конкретни проблеми – и таа цел беше успешно постигната. Вака создаваме кадар кој од првиот ден на работното место е подготвен да создава вредност,“ истакна тој.
Како следен чекор, ПроКредит Банка најавува отворање на современ, технолошки опремен хаб во рамки на Економскиот факултет, каде што студентите ќе можат да работат на проекти, да соработуваат и да ги презентираат своите решенија во стимулативна и креативна средина. Овој простор ќе претставува нов чекор во практичната настава и унапредување на образовниот процес.
Останато
МФ: Нови 2,9 милиони евра за инвестиции на домашните компании
Министерството за финансии префрли нови 176,5 милиони денари, односно околу 2,9 милиони евра, од централниот Буџет кон Развојната банка, наменети за поддршка на инвестициски проекти на домашните компании.
Со најновиот трансфер, вкупната владина поддршка за домашниот приватен сектор достигна 14,7 милијарди денари, или 239 милиони евра. За оваа намена во Буџетот се предвидени вкупно 250 милиони евра.
Средствата се обезбедени преку заем од унгарската Експорт-импорт банка, а до компаниите се пласираат преку Развојната банка и мрежата на домашни деловни банки. Целта, според Министерството за финансии, е да се поттикне нов инвестициски циклус во приватниот сектор и да се поддржи економската активност.
Домашните компании можат да ги користат средствата под поволни услови, со каматна стапка од 1,95 проценти, рок на отплата до 15 години и грејс период до три години.
Останато
УЈП ги подготвува општините и јавните претпријатија за системот е-Фактура
Управата за јавни приходи, во соработка со ЗЕЛС, започна со подготовки на општините и јавните комунални претпријатија за воведувањето на системот е-Фактура. Во рамки на обука организирана за оваа намена учествувале 80 претставници од локалната самоуправа и јавните претпријатија.
На обуката биле претставени главните функционалности на новиот систем, начинот на негово користење, како и обврските и придобивките што ќе произлезат од електронското фактурирање.
Претставниците на УЈП ја презентирале и бесплатната веб-апликација преку која ќе може да се пристапува до е-Фактура, а биле разгледани и практичните аспекти од примената на системот.
Посебен акцент бил ставен на потребите на јавните комунални претпријатија, кои издаваат голем број фактури кон граѓаните. Се разговарало за можностите за масовно испраќање фактури, поврзување на постојните информациски системи со е-Фактура, како и за користење на постојните квалификувани електронски сертификати.
Во пилот-фазата системот може да се тестира на два начина – преку директно поврзување со деловните информациски системи со API-интерфејс или преку веб-апликацијата.
Во моментов се проверуваат функции за креирање, прием, валидација, преземање, прифаќање, одбивање и сторнирање на електронски фактури. Во следната фаза е предвидено тестирањето постепено да се проширува и на останатите процеси и видови документи.
Од УЈП ги повикуваат општините и јавните претпријатија активно да се вклучат во тестирањето и навреме да доставуваат предлози за подобрување на системот.
Според Управата, раното вклучување на локалната самоуправа и јавните претпријатија е важно за успешна примена на е-Фактура, особено поради тоа што комуналните претпријатија се меѓу најголемите издавачи на фактури во јавниот сектор.
УЈП најавува дека ќе продолжи со информативни и едукативни активности за подготовка на сите обврзници, а од воведувањето на е-Фактура се очекуваат побрзи и поефикасни процеси на фактурирање и поголема транспарентност.
Бизнис
Германската индустрија се враќа во игра: Производството повторно расте и ги надмина очекувањата на пазарот
Германската индустрија забележа подобри резултати од очекувањата во јуни, што претставува дополнителен сигнал за стабилизирање на најголемата европска економија во вториот квартал од годинава.
Според податоците на германскиот Федерален завод за статистика, индустриското производство во јуни пораснало за 0,2% на месечно ниво, надминувајќи ги очекувањата на аналитичарите, кои прогнозираа раст од 0,1%. Истовремено, индустриските нарачки се зголемиле за 3,1%, иако растот главно се должи на неколку големи поединечни нарачки.
Позитивни сигнали пристигнаа и од надворешната трговија. Германскиот извоз во јуни се зголемил за 0,9% во однос на претходниот месец, значително над очекувањата од 0,2%, додека увозот пораснал за 4,4%.
Во првата половина од 2026 година, Германија извезувала 3,7% повеќе стоки во споредба со истиот период лани, а увозот е повисок за 4,4%. Извозот кон земјите членки на Европската Унија пораснал за 1,3%, додека испораките кон земјите надвор од ЕУ се зголемиле за 0,3%. Наспроти тоа, извозот кон САД бележи значителен пад од 14,2% на месечно ниво.
Податоците укажуваат дека германската индустрија постепено закрепнува, иако аналитичарите предупредуваат дека одржливоста на растот ќе зависи од идната побарувачка и глобалните економски услови.
-
Интервјуапред 2 месециДигитализацијата и довербата се двигатели на новото банкарство – Беркан Имери во FinSight
-
Продуктипред 1 месецИднината на банкарството е во доброто корисничко искуство
-
Банкипред 2 месециХалкбанк носи пристап до Истанбулската берза и до нови можности за раст на капиталот
-
Останатопред 2 месециОд јули почнува исплатата на К-15, минималниот износ е 19.116 денари
-
Кариерапред 2 месециАЛТА Банка објави оглас за вработување на референт за работа со благајна
-
Кариерапред 2 месециКомерцијална банка објави оглас за вработување во Тетово
-
Банкипред 2 месециНов банкомат на Халкбанк пред МНТ инспириран од театарската сцена
-
Банкипред 1 месецИсплатата на јунските пензии преку Стопанска банка почнува на 1 јули



