Банки
Основната каматна стапка останува на нивото од 6,30% ‒ монетарната политика и натаму е затегната
На 31 октомври 2023 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, на која беа разгледани најновите податоци и информации за глобалната и домашната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари во контекст на поставеноста на монетарната политика.
На оваа седница на Комитетот за оперативна монетарна политика не беа направени дополнителни промени во монетарната политика. Имено, беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да остане на нивото од 6,30%, со истовремено задржување на каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена на нивоата од 4,20% и 4,25%, соодветно. Понудата на благајнички записи на редовната аукција е непроменета и изнесува 10 милијарди денари.
Тековното ниво на основната каматна стапка, во комбинација со промените кај задолжителна резерва, како и со макропрудентните мерки преземени досега, ќе придонесе за натамошно забавување на инфлацијата и задржување на стабилноста на девизниот курс. Затегнувањето на монетарната политика започна уште од крајот на 2021 година, прво преку интервенциите на девизниот пазар и оптималното управување со ликвидноста, а потоа од април минатата година и преку зголемување на основната каматна стапка, во вкупно 14 наврати досега.
Последната одлука за монетарната политика главно е условена од остварените движења и оцени за клучните показатели за монетарната политика, со посебен акцент на инфлацијата. Домашната инфлација и натаму забавува но посилно, сведувајќи се на 6,6% на годишно ниво во септември 2023 година. Забавувањето на годишната стапка на инфлација е резултат на забавениот раст на цените кај сите три компоненти, со најголем придонес од прехранбената компонента. Сепак, вкупната инфлација забавува малку послабо од очекувањата според последните проекции, а нејзиното ниво сѐ уште е над историскиот просек. Од друга страна, базичната стапка на инфлација забавува во целост во согласност со очекувањата, укажувајќи на намалување на ценовните притисоци од помалку променливите ценовни категории, а во согласност и со преземените монетарни мерки. Најновите очекувања за увозните цени, односно светските цени на примарните производи, се ревидирани главно во надолна насока, при што и натаму преовладуваат очекувања за пад на цените во наредниот период. Ризиците од надворешното окружување во однос на идното движење на цените и натаму се неповолни и неизвесни, пред сѐ поради непредвидливиот карактер на војната во Украина и најново, на Блискиот Исток, како нов фактор на ризик.
Во однос на политиката на Европската централна банка (ЕЦБ), по циклус од десет последователни зголемувања, на последната седница во октомври ЕЦБ не направи дополнителни промени, односно го задржа истото ниво на основните каматни стапки, врз основа на оцени дека досегашните промени ги даваат очекуваните резултати и со очекувања за задржување на тековното високо ниво на каматните стапки подолг период.
Состојбата на девизниот пазар е стабилна и движењата се поволни. Нивото на девизните резерви на крајот на септември е во согласност co меѓународните стандарди за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута. Од почетокот на годината, девизните резерви бележат раст, при поволни поместувања на девизниот пазар и интервенции со нето-откуп на девизи од страна на Народната банка од почетокот на годината. Ова е одраз на намалените притисоци од енергетската криза, а со тоа и помалата побарувачка од страна на фирмите, зголемениот нето-откуп од физичките лица како сигнал за доверба во домашната валута, како и општо добрата девизна ликвидност на банките. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, трговскиот дефицит во периодот јули ‒ август 2023 година е понизок од очекувањата според априлската проекција, а податоците за менувачкото работење заклучно со септември 2023 година се во согласност со очекуваните нето-приливи од приватните трансфери за третиот квартал.
Гледано од аспект на домашната економска активност, реалниот раст на БДП во вториот квартал од 2023 година забави сведувајќи се на 1,1% на годишна основа (по растот од 2,1% во претходниот квартал), при што се доближува до растот проектиран за овој квартал според априлскиот циклус проекции. Високофреквентните податоци за економската активност за третото тримесечје од 2023 година со кои се располага во моментов засега упатуваат на послаб економски раст во овој квартал, во однос на априлските очекувања. Исто така, најновите очекувања упатуваат на надолна ревизија на растот на странската побарувачка до крајот на 2024 година, со изгледи и за побавно закрепнување на домашната економија во следниот период.
Во монетарниот сектор, последните податоци заклучно со септември 2023 година и натаму упатуваат на посилен раст кај депозитите во однос на априлските очекувања, а кредитната активност и натаму забавува, во согласност со очекуваната динамика.
Општо земено, условите за водење на монетарната политика и понатаму сe неизвесни и упатуваат на неопходност од внимателно следење на динамиката и факторите на инфлацијата, како и на инфлациските очекувања. Ова подразбира и внимателност во водењето на макроекономските политики коишто влијаат врз побарувачката во економијата. Народната банка и натаму е подготвена да ги употреби сите неопходни инструменти и да презема соодветни мерки со коишто ќе се придонесе за задржување на стабилноста на девизниот курс, стабилизирање на инфлациските очекувања и за ценовна стабилност на среден рок.
Банки
4 Декември е меѓународен ден на банките: Признание за довербата, стабилноста и развојот
Меѓународниот ден на банките се одбележува секој 4 декември, ден прогласен од Обединетите нации во 2019 година со цел да се препознае клучната улога на банките во економскиот развој, финансиската стабилност и општествениот напредок. Овој ден служи како потсетник за значењето на безбедните, транспарентни и достапни финансиски услуги кои претставуваат темел без кој модерните економии не можат да функционираат.
Како се одбележува во Европа и светот?
Во Европа, одбележувањето на Меѓународниот ден на банките најчесто е фокусирано на финансиска едукација, дигитална трансформација и заштита на потрошувачите. Банкарските здруженија и централните банки организираат панели, конференции и јавни дебати за улогата на банкарскиот сектор во развојот на економијата, како и за новите трендови – инстант плаќањата, дигиталните иновации и сајбер-безбедноста.
Во некои земји се организираат и отворени денови во банките, каде граѓаните имаат можност поблиску да се запознаат со банкарските услуги, да добијат совети за лично финансиско планирање и да се информираат за програмите за поддршка на претприемачите.
На глобално ниво, Обединетите нации и меѓународните финансиски институции ја нагласуваат важноста на финансиската инклузија, со посебен акцент на поддршка на малите бизниси, одржливи проекти и зајакнување на пристапот до финансии во земјите во развој.
Што претставува денот?
Денот е признание за:
Улогата на банките во стабилноста на финансискиот систем;
Поддршката што ја даваат на компаниите, семејствата и инвеститорите;
Инвестициите во дигитализација и иновативни решенија;
Одговорноста што ја имаат кон потрошувачите и заштитата на нивните права.
Одбележувањето на Меѓународниот ден на банките е можност да се потсетиме дека современата економија се потпира на силен, стабилен и инклузивен банкарски сектор кој создава вредност за целото општество.
Банки
Народната банка објавува повик за пријавување трудови за 56. сесија на Клубот на истражувачите
На 18 декември 2025 година (четврток), со почеток во 14 часот, во просториите на Народната банка ќе се одржи 56. сесија на Клубот на истражувачите.
Доколку сакате да презентирате Ваш работен материјал на оваа сесија на Клубот на истражувачите, Народната банка Ве поканува да се пријавите со доставување на материјалот на е-адресата: [email protected], најдоцна до 12 декември 2025 година (петок).
Трудовите треба да бидат изработени согласно со трендовите и стандардите на современите истражувања, што подразбира емпириска анализа, како и систематизирани заклучоци од истражувањето.
На сесиите на Клубот како платформа за дискусија и размена на стручни мислења, може да се презентираат резултати и сознанија и од истражување/труд во работна верзија.
Клубот на истражувачите на Народната банка е отворена платформа за презентација и дискусија на научноистражувачки трудови, особено во доменот на монетарната политика и макроекономијата. Зачленувањето во Клубот на истражувачите е од отворен карактер, за што можете да видите подетални информации на веб-страницата на Народната банка www.nbrm.mk, во делот Клуб на истражувачи.
Банки
НЛБ Банка, по дванаесетти пат, прогласена за „Банка на годината“ од The Banker
На престижната церемонија на финансискиот магазин „The Banker“ во Лондон, НЛБ Банка Скопје ја понесе титулата „Банка на годината“ за 2025 година. Ова признание ја потврдува континуираната посветеност на Банката кон извонредност, иновации и услуга на клиентите во банкарскиот сектор.
Наградата „Банка на годината“ претставува репер за квалитет и достигнувања во глобалната банкарска индустрија. Секоја година, The Banker оддава признание на водечките банки ширум светот кои покажале исклучителни перформанси и лидерство на нивните пазари во насока на стратешки иницијативи, технолошки иновации, програми за одржливост и услуга за клиентите.
Издвојувајќи се токму по своите силни финансиски резултати, клиентски ориентиран пристап, посветеност кон дигиталната трансформација и зелено финансирање, НЛБ Банка Скопје, по дванаесетти пат, ја доби оваа престижна награда.

„Водени од очекувањата на клиентите за дигитални услуги, персонализација и одржливост, вложивме во напредни технологии и зелени иницијативи. Во текот на изминатата година ја унапредивме нашата дигитална платформа и развивме финансиски решенија прилагодени на потребите на клиентите. Нашиот врвен приоритет е трансформација во целосно дигитална банка, при што истовремено ја продлабочуваме довербата на клиентите, поттикнуваме иновации и продолжуваме да бидеме одговорни лидери на пазарот“, истакнува Претседателот на Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје, Тони Стојановски и додава дека оваа награда е само уште една потврда за улогата на Банката во финансискиот систем и севкупниот економски развој во земјата.
Во текот на минатата година, НЛБ Банка направи значителни инвестиции во решенија за дигитално банкарство, обезбедувајќи беспрекорни, безбедни и лесни за користење искуства за своите клиенти. Фокусот на Банката на технолошкиот напредок и одржливиот раст ѝ помогна да испорача широк спектар на иновативни производи и услуги прилагодени за да ги следат еволуирачките потреби на поединците и бизнисите.
Истовремено, како резултат на засилената деловна активност и внимателното управување со ризици, НЛБ Банка оствари зголемена нето добивка и забележа раст на кредитите и депозитите, притоа континуирано вложувајќи во општествено корисни проекти и иницијативи.
-
Осигурувањепред 2 месециДигитализацијата во осигурувањето: SignPlus како пример за модерно и безбедно е-потпишување
-
Продуктипред 2 месециХалкбанк со Промо депозит по повод месецот на штедење
-
Банкипред 2 месециХалкбанк со промотивна понуда за потрошувачки кредит
-
Банкипред 2 месециСрпската банка што ја купува Стопанска банка а.д. Битола најави изградба на облакодер од 35 ката за свое ново седиште!?
-
Банкипред 2 месециКомерцијална банка: Известување за девизни СЕПА кредитни трансфери
-
Анализипред 2 месециАНАЛИЗА: Кој е кој во финансискиот сектор во Македонија
-
Банкипред 2 месециКОМЕРЦИЈАЛНА БАНКА ПРЕДУПРЕДУВА: Забележана е измамничка кампања со испраќање лажни СМС пораки за ажурирање сметка
-
Продуктипред 1 месецШтедливи и еколошки домови преку Зелениот финансиски инструмент, помош со поврат на 30 отсто од средства за заем за физички лица







