Connect with us
no baners

Банки

Средба на гувернерот Славески со амбасадорот Рокас:  Ценовната стабилност останува приоритет на централната банка

Објавено

на

no baners

Гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, одржа прва официјална работна средба со шефот на Делегацијата на Европската Унија во нашата земја, амбасадорот Михалис Рокас, на која се разговараше за актуелните економски случувања и за последиците од глобалните случувања врз европската и домашната економија, со акцент на најновите случувања на Блискиот Исток.

Посебно внимание на средбата ѝ беше посветено на улогата на централните банки во справувањето со инфлацијата. Притоа беше посочено дека и покрај успешното справување со инфлацијата во светски рамки, ризиците се присутни и понатаму. Променливоста на Светските пазари на примарни производи се соочуваат со зголемена променливост, под влијание на постојаните геополитички тензии. Ова е особено важен фактор за малите и отворени економии, како што е македонската, во кои голем дел од производите се увезуваат, а храната и енергијата имаат големо учество во вкупната потрошувачка. 

Гувернерот Славески посочи дека сегашната поставеност на монетарната политика е соодветна на економските услови, имајќи ги предвид и ризиците од надворешното и од домашното окружување. Тој потенцира дека Народната банка, како и досега, внимателно ќе ги следи движењата кај најважните показатели и ризиците и ќе ги презема сите неопходни мерки користејќи ги сите расположливи инструменти за одржување на стабилноста на девизниот курс и на ценовната стабилност.

Гувернерот Славески и амбасадорот Рокас ја истакнаа важноста од пристапувањето на земјава во Единствената област за плаќање во евра (СЕПА), како стратегиски чекор за економска и финансиска конвергенција кон Европската Унија, коешто се очекува да има значајно влијание врз конкурентноста, финансиската вклученост и модернизацијата на домашниот финансиски систем.

На средбата беше истакнато дека Народната банка остварува плодна соработка со Делегацијата на Европската Унија во спроведувањето на својата стратегиска ориентација и во процесот на усвојување на најдобрите практики и стандарди коишто сѐ повеќе ја приближуваат до Европскиот систем на централни банки, преку значајни проекти, техничка помош и активности за јакнење на капацитетите.

no baners

Банки

Стопанска банка и годинава поддржувач на „Галичка свадба“

Објавено

на

Стопанска банка АД – Скопје и годинава е пријател и поддржувач на традиционалната манифестација „Галичка свадба“, еден од најзначајните културни настани во Македонија.

Манифестацијата ќе се одржи од 10 до 12 јули во Галичник, каде повторно ќе оживеат традиционалните свадбени обичаи, народните носии и звуците на зурлите и тапаните.

Од банката посочуваат дека „Галичка свадба“ претставува симбол на љубовта, заедништвото и богатото македонско културно наследство, чии вредности се пренесуваат од генерација на генерација.

Со поддршката на настанот, Стопанска банка ја продолжува својата заложба за зачувување и промоција на традицијата и културните вредности.

Продолжи со читање

Банки

Комерцијална банка предупредува на измамнички мејлови што содржат вирус

Објавено

на

Комерцијална банка АД Скопје предупреди дека е забележана измамничка кампања преку која до граѓаните се испраќаат лажни пораки по електронска пошта.

Испраќачите лажно се претставуваат во име на Комерцијална банка, информираат за наводно извршено плаќање и испраќаат прикачен фајл што содржи вирус.

Од банката предупредуваат дека со отворање на фајлот, примателот се изложува на сериозен ризик, бидејќи може да се овозможи пристап до лозинки и други доверливи информации зачувани на уредот.

Граѓаните се повикуваат да не го отвораат прикачениот фајл и веднаш да ја избришат пораката.

Од Комерцијална банка посочуваат дека лажните пораки најчесто бараат итна реакција и се однесуваат на важни теми, како приливи или одливи на средства, опасност од губење пристап до сметка или слични предупредувања.

Ваквите пораки често содржат граматички и правописни грешки, поради што корисниците треба внимателно да ја прочитаат содржината и задолжително да ги проверат називот и доменот на електронската адреса на испраќачот.

Целта на ваквите измами е прибирање чувствителни податоци или инсталирање злонамерен софтвер на уредите, предупредуваат од банката.

Продолжи со читање

Банки

Девизните резерви на Народната банка во јуни зголемени за два отсто на годишно ниво

Објавено

на

Девизните резерви на Народната банка на Република Северна Македонија на крајот на јуни изнесувале 4,15 милијарди евра, што претставува раст од околу два отсто во споредба со истиот месец минатата година, кога изнесувале 4,07 милијарди евра.

Сепак, на месечно ниво е забележано намалување. Во однос на мај, девизните резерви во јуни се намалиле за 4,4 отсто, покажуваат податоците на Народната банка.

Вкупните меѓународни резерви на крајот на јуни изнесувале 4,94 милијарди евра, наспроти 5,21 милијарда евра во мај и 4,70 милијарди евра во јуни минатата година.

Од вкупните девизни резерви, 511,5 милиони евра биле во валути и депозити, додека 3,64 милијарди евра биле вложени во хартии од вредност.

Вредноста на монетарното злато во јуни изнесувала 780,5 милиони евра, што е повеќе во споредба со 620,55 милиони евра во истиот период минатата година, но помалку од 863,44 милиони евра регистрирани во мај.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange