Банки
НЛБ Банка со голема донација на пет општествено корисни организации и институции
Под мотото „Свет полн со добрина е свет полн со можности“, денеска НЛБ Банка организираше настан на кој на пет невладини организации и институции официјално им врачи донации во вкупна вредност од 150.000 евра (30.000 евра за секоја). Добитниците беа избрани од вработените во Банката по пат на интерна анкета, препознаени како организации и институции кои носат позитивни промени и се силна поддршка во локалната заедница.
Добитници на донациите се: Асоцијацијата за цистична фиброза, Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје, Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, Црвениот Крст на Град Скопје и Здружението за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“.

Проектот е дел од голема регионална донаторска акција на НЛБ Групацијата. Иницијативата произлезе токму од Групацијата која мотивирана од исклучителните деловни резултати остварени во првиот квартал од годинава и од желбата дел од добивката да ја насочи кон создавање одржлива иднина за сите, одлучи да донира вкупно 1,35 милиони евра на сите пазари каде што е присутна. Вработените во целата НЛБ Групација номинираа близу 100 организации, а потоа со гласање избраа повеќе од 30 приматели во целиот регион меѓу кои здруженија, хуманитарни организации и групи кои покриваат различни области: грижа за деца, грижа за социјално ранливите категории, семејства, стари лица, пациенти со ретки болести и др.
„Ние во НЛБ, одговорноста кон нашите клиенти, вработените и заедницата ја гледаме како наша мисија. Во исто време, добро знаеме дека не можеме сами да го промениме општеството на подобро, туку само здружени и заедно со поединци и организации кои веќе работат на општествено корисни проекти и создаваат подобар свет. Среќни сме кога помагаме, кога мотивираме и инспирираме на добри дела. И не само тука, туку и во целиот наш матичен регион за кој велиме дека не е само точка на мапата, туку наш дом. Им честитам на добитниците и искрено верувам дека овие донации ќе имаат позитивно влијание, ќе помогнат и ќе донесат радост на многу наши сограѓани“. – истакна претседателот на Управниот одбор на НЛБ Банка, Бранко Грегановиќ.

Во своите обраќања, добитниците на донациите искажаа огромна благодарност до Банката и истакнаа дека НЛБ е вистински пример за општествено одговорна компанија, со високо развиена свест за солидарност, емпатија и хуманост, а помошта на Банката кон организациите, здруженијата и институциите е несебична и неселективна.
НЛБ е силно посветена на проекти кои овозможуваат одржливост со посебен фокус на организации и институции од јавен карактер кои имаат витална улога во општеството и работат за доброто на заедницата. Ваквите активности, како што беше посочено и на настанот, ќе продолжат и во иднина, сè со цел да се подобри квалитетот на животот во нашиот регион, за денешните, но и за генерациите кои доаѓаат.
Банки
Владимир Тренески ќе го предводи корпоративното банкарство на Стопанска банка АД – Скопје
Стопанска банка АД – Скопје со задоволство го објавува назначувањето на г-дин Владимир Тренески за Генерален директор за корпоративно банкарство и член на Управниот одбор на Банката, со мандат од 1 година.
„Стопанска банка АД – Скопје ја информира јавноста дека согласно одлуката за именување од страна на Надзорниот одбор бр. 84/2025 од 31.07.2025 година и добиената согласност односно Решението на Извршниот одбор на Народна банка на Република Северна Македонија бр. 15-29578/7 од 31.10.2025 година, г-дин Владимир Тренески се именува за Генерален директор за корпоративно банкарство и член на Управен одбор на Банката, со мандат од 1 година“, соопштува Банката преку Македонска берза.

Г-дин Тренески носи речиси 30 години искуство во банкарството, минувајќи ги сите хиерархиски нивоа во Банката, вклучувајќи раководни позиции како Сениор менаџер за корпоративно банкарство, Раководител на корпоративно банкарство, управување со ризици, одобрување на кредити и мрежа на филијали.
Како Генерален директор за корпоративно банкарство, г-дин Тренески ќе ја води стратегијата на Банката во корпоративниот сегмент, со фокус на проширување на пазарниот удел, унапредување на односите со клиентите и одржување високи стандарди за квалитет. Неговото длабоко разбирање на пазарот, потребите на клиентите и организациската култура на Банката ќе продолжи да биде клучен двигател на растот и угледот на Банката во корпоративниот сегмент.
Неговото лидерство ќе биде од суштинско значење и за спроведување на корпоративниот дел од трансформациската програма на Банката – поедноставување на процесите за кредитирање, зголемување на оперативната ефикасност и обезбедување на прилагодени финансиски решенија кои ги задоволуваат растечките потреби на компаниите низ целата земја.
Г-дин Тренески е дипломиран економист од Економскиот факултет во Скопје а има завршено и бројни програми за професионален развој на INSEAD Франција, NBG Атина и други реномирани меѓународни институции.
Банки
Народната банка ја ревидираше проекцијата за инфлацијата и економскиот раст
Народната банка на Република Северна Македонија (НБРСМ) ја ревидираше својата проекција за инфлацијата за 2025 година нагoре, со што до крајот на годината таа се очекува да изнесува 3,9%, наместо првично предвидените 3% од априлската проекција. На среден рок, инфлацијата се очекува да се стабилизира и да се врати кон историскиот просек од 2%, изјави гувернерот д-р Трајко Славески.
Поради присутните инфлаторни притисоци, основната каматна стапка останува непроменета на 5,35%, ниво што важи од февруари годинава. Според гувернерот, факторите како зголемувањето на платите и пензиите придонесуваат за „лепливост“ на инфлацијата, но очекувањата се дека идните усогласувања на пензиите ќе бидат во рамки на законската формула, што ќе придонесе за стабилизација на ценовните движења.
Од друга страна, економскиот раст покажува позитивна динамика. Народната банка ја ревидираше проекцијата за растот на БДП од 3% на 3,5% за крајот на 2025 година, со очекување дека на среден рок растот ќе достигне 4%.
„Главните двигатели на растот остануваат домашната побарувачка, бруто-инвестициите и личната потрошувачка, поддржани од зголемениот расположлив доход на домаќинствата, солидната кредитна активност на банките и поволната државна кредитна поддршка за фирмите“, истакна гувернерот Славески.
Кредитната активност на банките, според податоците на НБРСМ, значително се засилила во првите девет месеци од годината, а трендот на раст се очекува да продолжи и до крајот на 2025 година.
Во периодот 2025 – 2028 година, Народната банка предвидува стабилни нето-приливи на финансиската сметка, главно во форма на странски директни инвестиции и долгорочно задолжување на државата во странство. Овие приливи ќе овозможат финансирање на дефицитот на тековната сметка, како и зголемување на девизните резерви, обезбедувајќи соодветно ниво за одржување на стабилноста на денарот.
„Во периодот 2025 – 2028 година се очекуваат солидни нето-приливи на финансиската сметка кои би се искористиле за финансирање на дефицитот на тековната сметка. Во однос на структурата, најголемиот дел од приливите на нето-основа се очекуваат во форма на странски директни инвестиции и долгорочно задолжување на државата во странство. За целиот период на проекцијата се очекува зголемување на девизните резерви и натамошно соодветно ниво за одржување на стабилноста на домашната валута“, рече гувернерот.
Со ревидираните проекции, Народната банка испраќа порака на умерен оптимизам и стабилност, при што фокусот останува насочен кон одржување на ценовната стабилност, поддршка на економскиот раст и зајакнување на отпорноста на финансискиот систем.
Банки
Народната банка го задржува внимателниот пристап − каматните стапки остануваат непроменети
На 4 ноември 2025 година се одржа редовна седница на Извршниот одбор за поставеноста на монетарната политика на Народната банка. На седницата беа разгледани најновите податоци и информации за состојбите во домашната и светската економија, најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари, како и согледувањата од најновите макроекономски проекции на среден рок, во контекст на поставеноста на монетарната политика. Најновиот Квартален извештај во чии рамки се вклучени и макроекономските проекции на Народната банка беше разгледан и усвоен на седницата на Советот на Народната банка.
Во согласност со тековните економски услови, најновите макроекономски проекции и со оценетите ризици од надворешното и домашното окружување, на седницата на Извршниот одбор беше одлучено каматните стапки да останат непроменети. Каматната стапка на благајничките записи и понатаму изнесува 5,35%, додека каматните стапки на депозитите преку ноќ и на седум дена остануваат на нивоата од 3,95% и 4%, соодветно. Понудата на благајничките записи на редовната аукција исто така е непроменета и ќе изнесува 10 милијарди денари. Со тоа, Народната банка го задржува внимателниот пристап во водењето на монетарната политика. Ваквата поставеност е дополнително поддржана од неодамнешните измени кај задолжителната резерва, затегнувањето на макропрудентните мерки во делот на критериумите за квалитетот на кредитната побарувачка, како и од одлуките поврзани со управувањето со системските ризици. Комбинираното влијание на овие мерки ќе придонесе за одржување на стабилноста на девизниот курс и на ценовната стабилност на среден рок, како и за ограничување на потенцијалните системски ризици. Доколку продолжат позитивните движења со намалување на стапката на инфлација и во наредните месеци, и во отсуство на административни интервенции во утврдувањето на платите, Нaродната банка е подготвена соодветно да реагира во насока на натамошно нормализирање на монетарната политика.
Инфлацијата и натаму е во фокусот на монетарната политика. Годишната стапка на инфлација во септември и натаму забавува и изнесува 4%. Ваквото движење главно произлегува од релативно инертната базична инфлација, движењата кај цените на храната, а во помала мера и од цените на енергијата. Најновите проекции за берзанските цени на примарните производи за наредниот период се променети во надолна насока, што укажува на помали увозни ценовни притисоци за домашните цени во следниот период. Според најновите проекции, се очекува дека инфлацијата за целата 2025 година ќе изнесува 3,9%, во просек, а во понатамошниот период на проекциите ќе следи патека на надолно приспособување и враќање кон историскиот просек. Следствено, инфлацијата ќе се сведе на 2,5% во 2026 година и 2,0% на среден рок. Постепеното стабилизирање на инфлацијата на среден рок би произлегло од закотвените инфлациски очекувања и ограничените притисоци од домашната побарувачка и увозните цени.
Состојбата на девизниот пазар и натаму е стабилна. На крајот на октомври, нивото на девизните резерви изнесува 4.842,9 милиони евра, што според сите меѓународни показатели за адекватноста на девизните резерви се оценува како соодветно ниво. Последните проекции за надворешната позиција укажуваат на дефицит на тековната сметка од 4,2% од БДП во 2025 година, што претставува одредено продлабочување во споредба со претходната година. На среден рок, за периодот 2026 ‒ 2028 година, се предвидува постепено стеснување на дефицитот и негово сведување на 2,6% од БДП во 2028 година. Се очекува дека финансиските текови ќе бидат солидни во текот на периодот на проекциите, обезбедувајќи целосно финансирање на дефицитот и раст на девизните резерви.
Во првата половина од 2025 година, економскиот раст достигна 3,2% покажувајќи дека е поотпорен во однос на очекувањата за првата половина од 2025 година. Расположливите високофреквентни податоци за третиот квартал од 2025 година упатуваат на понатамошен, умерено забрзан раст, поддржан од високиот раст кај градежништвото и солидниот раст во индустријата и угостителството, при послаби остварувања кај трговијата. Согласно подоброто остварување во првата половина на годината, новите проекции упатуваат на забрзување на растот на БДП, односно негово искачување на 3,5% во 2025 година и на 4% на среден рок, при непроменети оцени за фундаменталните фактори од кои зависи растот. Во услови на јавен инфраструктурен циклус и подобрување на надворешните услови, се очекува дека инвестициите ќе бидат главниот фактор за растот, којшто ќе биде дополнително поддржан од домашната потрошувачка и извозната активност.
Стапките на раст на депозитите и кредитите на банките, заклучно со септември, упатуваат на натамошно јакнење на депозитната база на банките и на нивна солидна кредитна поддршка за економската активност. Врз основа на тековните движења, до крајот на 2025 година, се очекува раст на депозитите од 9,5% и раст на кредитите од 11,6%. На среден рок, за периодот 2026 − 2028 година, се предвидува умерено забавување на просечниот раст, којшто ќе изнесува околу 7,6% кај депозитите и 7,3% кај кредитите, односно стабилна поддршка на економијата преку банкарскиот сектор.
Општо земено, со последната одлука на Народната банка се задржува внимателниот пристап во водењето на монетарната политика, во согласност со најновите движења кај клучните макроекономски показатели, нивните очекувани трендови во наредниот период и со проценетите ризици. Надворешните ризици и понатаму постојат, а внимателно се следат и домашните фактори коишто влијаат врз доходот и побарувачката. Народната банка и во иднина ќе биде подготвена да ги користи сите расположливи инструменти и доколку е потребно, ќе преземе соодветни мерки за одржување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото и за обезбедување на ценовната стабилност на среден рок.
-
Анализипред 2 месециАНАЛИЗА: Како платежните картички ја покажуваат трагата на македонската миграција?
-
Банкипред 2 месециКХВ одобри: Српската „Алта банка“ со официјална понуда за преземање на Стопанска банка АД Битола
-
Продуктипред 1 месецЌе ни донесе ли септември нова банка со Apple Pay?
-
Кариерапред 2 месециОглас за вработување во КБ Прво пензиско друштво АД Скопје
-
Продуктипред 1 месецMastercard до 2030 ќе ги замени бројките на картичките со токени
-
Банкипред 2 месециАлта Банка влегува на македонскиот пазар со силна визија за развој
-
Продуктипред 4 неделиХалкбанк со Промо депозит по повод месецот на штедење
-
Осигурувањепред 4 неделиДигитализацијата во осигурувањето: SignPlus како пример за модерно и безбедно е-потпишување



