Connect with us
no baners

Останато

Отворена современа читална за студентите при Медицинскиот факултет во Скопје, донација на Стопанска банка

Објавено

на

Стопанска банка АД-Скопје официјално предаде во употреба нова современа читална на Медицинскиот факултет во Скопје, простор за учење и вршење дополнителни истражувања од областа на медицината, наменет за студентите и специјализантите во текот на студиите. Читалната во рамките на Клиничкиот центар зафаќа површина од 120 метри квадратни, уредена со модуларен мебел, со што претставува инспиративен простор за учење и надградување на медицинските лица.

Читалната ја предадоа во употреба членовите на управниот одбор на Стопанска банка, Диомидис Николетопулос и Бојан Стојаноски. На отворањето на новиот простор за учење присуствуваа и деканот на Медицинскиот факултет во Скопје, Светозар Антовиќ, продеканите на овој факултет, професори, доктори, но и претставници на студентите кои најмногу ќе го користат овој простор.   

Со своите активности, Стопанска банка е насочена кон унапредување на условите во локалната заедница, на секој начин. Ни претставува огромно задоволство што правиме нешто за иднината на една земја, односно вложуваме во професионалната надградба на идните медицински кадри, кои се едни од најзначајните професионалци за секоја земја. Секогаш сме подготвени да излеземе во пресрет на потребите на Медицинскиот факултет, со кој имаме партнерска соработка, продолжувајќи ја посветеноста на здравјето на луѓето од заедницата” – истакна Диомидис Николетопулос, претседател на управниот одбор на Стопанска банка. 

Деканот на Медицинскиот факултет, Светозар Антовиќ, се заблагодари за донацијата, истакнувајќи задоволство од долгорочната соработка со Стопанска банка. 

Студентите на Медицинскиот факултет добија современа читална што ќе ја користат многу генерации студенти. Овој простор наменет за нив е неопходен за долгиот процес на едукација на идни врвни медицински кадри, какви што продуцира нашиот факултет, со што на долг рок го унапредуваме медицинскиот кадар и создаваме одржливост на здравствениот систем. Стопанска банка со оваа донација уште еднаш потврдидека е наш партнер од кој добиваме максимална поддршка за различни проекти за студентите и Институтите со кои се унапредуваат условите во здравствениот сектор, за што сме бескрајно благодарни” – рече Антовиќ. 

Со отворањето на читалната, Стопанска банка ги заокружи неколкуте донации на Медицинскиот факултет во Скопје, реализирани по повод големиот јубилеј, 80 години постоење на Банката. Покрај создавање на читалната, Стопанска банка донираше врвна технологија за Институтот за патологија, односно специјализиран скенер за патохистолошки препарати кој со помош на вештачка интелигенција и напреден медицински софтвер помага попрецизно и побрзо да се анализираат медицински примероци. Оваа врвна опрема се користи и во едукациски цели на Медицинскиот факултет, помагајќи за високо профилирање на идните стручни кадри.

Анализи

Европјаните сè помалку трошат: ЕЦБ откри што најсилно ја погоди економијата

Објавено

на

Војната на Блискиот Исток значително ја намали довербата на потрошувачите во еврозоната и го забави економското закрепнување, предупредува Европската централна банка (ЕЦБ) во најновата анализа.

Според извештајот, индексот на доверба на потрошувачите во периодот од февруари до април се намалил за околу 12 поени, пад речиси споредлив со оној по почетокот на војната во Украина. Истовремено, годишниот раст на номиналната потрошувачка на домаќинствата се забавил од 3–4 проценти на околу 2,5 проценти во април 2026 година.

Најголемото намалување е забележано кај дискреционите трошоци, при што домаќинствата ги одложуваат купувањата на луксузна облека, обувки, спортска опрема, патувања и рекреативни услуги. Домаќинствата со повисоки приходи најмногу ја намалиле ваквата потрошувачка поради зголемената неизвесност, додека оние со пониски примања ги крателе трошоците за трајни добра, ресторани и кафулиња.

Единствената категорија со раст на трошоците останува енергијата, како резултат на повисоките цени на горивата и транспортот.

Дополнителна загриженост предизвикува фактот што околу 40 проценти од анкетираните граѓани сметаат дека нивните приходи нема целосно да ја надоместат изгубената куповна моќ поради инфлацијата. Според ЕЦБ, доколку овие очекувања се задржат, домаќинствата би можеле да продолжат да штедат наместо да трошат, што дополнително би го забавило економскиот раст во еврозоната.

Продолжи со читање

Бизнис

Трамп повторно под правен удар: 25 американски држави бараат укинување на новите царини

Објавено

на

Група од 25 американски сојузни држави, предводени од демократските гувернери, поднесе тужба против администрацијата на претседателот Доналд Трамп, оспорувајќи ја законитоста на најновиот пакет царини воведен за увоз од 60 трговски партнери.

Тужбата е поднесена до Американскиот суд за меѓународна трговија во Њујорк, при што државите тврдат дека претседателот ги надминал своите законски овластувања со воведувањето на широки увозни царини. Според нив, мерките претставуваат незаконско проширување на претседателските ингеренции во областа на трговската политика.

Спорните царини, кои изнесуваат 10 и 12,5 проценти, стапија во сила на 24 јули и се однесуваат на увоз од 60 трговски партнери, меѓу кои е и Европската Унија. Администрацијата на Трамп ги оправдува мерките со тврдењето дека засегнатите земји не преземаат доволно активности за спречување на увоз на производи изработени со принудна работа.

Ова е најновото во низата правни оспорувања на трговската политика на Трамп. Претходно, повеќе американски компании успеаја да издејствуваат судски одлуки против дел од неговите царински мерки, но администрацијата продолжи со воведување нови ограничувања.

Подносителите на тужбата наведуваат дека, иако американскиот закон дозволува воведување царини во одредени случаи, историски тие биле насочени кон конкретни земји или индустрии. Според нив, сегашниот широк пристап, кој опфаќа речиси целокупниот американски увоз, нема преседан и ги надминува законските рамки.

Продолжи со читање

Останато

Професорите по економија во Македонија основаа национално професионално здружение

Објавено

на

Здружението на професори по економија на Северна Македонија беше официјално основано на Основачкото собрание, одржано во кампусот на Универзитетот на Југоисточна Европа (УЈИЕ) во Скопје.

Основачите го потпишаа Основачкиот акт и го усвоија Статутот на Здружението, одбележувајќи го основањето на професионална организација посветена на унапредување на наставата по економија и зајакнување на економската писменост во Северна Македонија.

Формирањето на Здружението претставува резултат на четиригодишната соработка помеѓу професорите по економија од целата држава и Либерал Алтернативниот Институт (ЛАИ). Преку иницијативи како што се Националната олимпијада по економија, Програмите за обука на наставници, EconLit Caravans и други активности, професорите континуирано ја истакнуваа потребата од професионално здружение кое ќе ги обедини, ќе ја зајакне меѓусебната соработка, ќе го промовира професионалниот развој и ќе обезбеди одржлива платформа за понатамошно унапредување на наставата по економија. Одговарајќи на оваа заедничка визија, ЛАИ го поддржа основањето на Здружението како дел од својата долгорочна стратегија за зајакнување на екосистемот за економска писменост во Северна Македонија.

„Во изминатите четири години имавме привилегија тесно да соработуваме со професорите по економија од цела Северна Македонија. Во текот на ова патување, една порака постојано се повторуваше – потребата од професионално здружение кое ќе ги обедини едукаторите и ќе обезбеди платформа за соработка, професионален развој и заедничко дејствување. Денес сме горди што гледаме како таа визија станува реалност. Веруваме дека ова Здружение ќе има клучна улога во зајакнувањето на економската писменост, поддршката на професорите и создавањето нови можности за учениците низ целата држава. ЛАИ останува посветен на поддршката на Здружението како долгорочен партнер во остварувањето на овие заеднички цели“, Орхан Цека Извршен директор, Либерал Алтернативен Институт.

Во иднина, ЛАИ ќе продолжи да го поддржува Здружението и заеднички ќе
реализира активности што се во рамките на неговата мисија. Водечките иницијативи, како што се Националната олимпијада по економија, EconLit Caravans и Програмите за обука на наставници, ќе се организираат во партнерство со Здружението, со што дополнително ќе се зајакне активната улога на професорите и ќе се обезбеди долгорочна одржливост и понатамошен развој на овие програми.

Здружението ќе претставува национална платформа за соработка меѓу професорите по економија, ќе ги застапува нивните стручни интереси и ќе придонесува за промовирање на извонредноста, иновациите и континуираниот професионален развој во наставата по економија.

За време на Основачкото собрание, членовите ги избраа органите на управување на Здружението. Абил Идризи (СМЕК „Гостивар“, Гостивар) беше избран за прв претседател на Здружението, додека Весна Ефремова (СОУ „Љупчо Сантов“, Кочани) и Авни Арифи (Универзитет на Југоисточна Европа) беа избрани за потпретседатели.

Извршниот одбор го сочинуваат и Биљана Стаматовска (ОСУ „Мирко Милески“, Кичево), Арта Љеши (СХМК „28 Ноември“, Дебар), Џемал Ибраими (СХМК Гимназија „Сами Фрашери“, Куманово), Дашурије Мехмеди (СМЕК „Гостивар“, Гостивар), Марина Перуновска (NOVA International School, Скопје) и Снежана Кичукова (СОУ „Јосиф Јосифовски“, Гевгелија).

„Како прв претседател на Здружението, ми претставува чест укажаната доверба. Ова Здружение им припаѓа на професорите по економија од цела Северна Македонија. Заедно ќе изградиме активна професионална заедница која ќе промовира извонредност во наставата, ќе поттикнува соработка и ќе придонесува кон подготовка на младите луѓе со знаењата и вештините потребни за разбирање и обликување на економијата на иднината“, Абил Идризи Претседател, Здружение на професори по економија на Северна Македонија.

Надзорниот одбор на Здружението го сочинуваат Викторија Атанасовска Новевски (University American College Skopje), Али Максути (Универзитет во Тетово), Лиза Алил Сулејмани (Меѓународен балкански универзитет, Скопје), Емилија Митева (Универзитет „Гоце Делчев“, Штип) и Шенај Хаџимустафа (Универзитет на Југоисточна Европа, Тетово).

Иако членството на Здружението првенствено ги обединува професорите по економија од средните училишта низ целата држава, вклучувањето на универзитетски професори во Надзорниот одбор создава силен институционален мост помеѓу средното и високото образование. Оваа структура на управување се очекува да поттикне поблиска соработка, размена на експертиза и поддршка на заеднички иницијативи кои ќе придонесат за унапредување на економското образование и економската писменост на национално ниво.

Економската писменост не е само уште еден училишен предмет – таа е животна вештина која им овозможува на младите да носат информирани одлуки, да размислуваат критички и активно да учествуваат во општеството. Со основањето на ова Здружение, ние инвестираме не само во нашата професија како едукатори, туку и во иднината на нашите ученици, граѓани и нашата држава. Вистинските промени започнуваат кога наставниците ќе се обединат околу заедничка цел“, Весна Ефремова Потпретседател, Здружение на професори по економија на Северна Македонија.

Основaњето на Здружението претставува значаен чекор за економското образование во Северна Македонија. Со обединување на едукаторите од училиштата и универзитетите во рамките на една професионална платформа, Здружението има за цел да придонесе кон повисоки стандарди во наставата, посилни професионални мрежи и поголеми можности за учениците да ги развијат знаењата и вештините потребни за разбирање и успешно снаоѓање во денешната економија.

Во следните месеци, Здружението ќе започне со проширување на своето членство, со што ќе ги опфати професорите по економија од цела Северна Македонија и ќе изгради национална професионална мрежа посветена на унапредување на економското образование, промовирање на економската писменост и поддршка на континуираниот професионален развој.

Основањето на Здружението е дел од пошироките напори на ЛАИ за зајакнување на екосистемот за економска писменост во Северна Македонија и е овозможено со поддршка од Economic Fundamentals Initiative (EFI) и Atlas Network.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange