Анализи
Дали заврши времето на евтини потрошувачки кредити? Каматите се движат кон нивото од 2015 година!
Полека, но сигурно се губи атрактивноста на потрошувачките кредити на банките како „куповна моќ“ на граѓаните за задоволување на некакви желби и потреби од секојдневието. Дефинитивно веќе не е време на примамливи каматни стапки, кои ги правеа потрошувачките кредити „евтино“ решение за обезбедување финансиски средства за некое патување, опремување на домот, школување… Дали времето на „евтините“ потрошувачки кредити дефинитивно заврши или пак ова е само привремен тренд наметнат од инфлаторните притисоци на пазарите?
Тешко е да се прогнозира бидејќи проекциите и изјавите од највисоките монетарни кругови постојано се менуваат. Иако се очекуваше есенва да запре растот на инфлацијата и на референтните каматни стапки, се чини повторно се појавија песимистички сценарија.
Каматните стапки на денарските кредити во Македонија се во постојан раст од декември 2021 година, а на потрошувачките кредити од декември минатата година, иако може да се забележи дека нагорниот тренд практично започнал уште во декември 2020 година. Со мали осцилации, каматите на денарските потрошувачки кредити без валутна клаузула, на пример, од крајот на 2020 година се во зона на раст.
Банкарство.мк ги анализираше каматните стапки на потрошувачките кредити од 2015 година досега, а анализата покажа неколку интересни факти.
Нашата анализа на движењето на каматните стапки на денарските потрошувачки кредити за физички лица без валутна клаузула, врз основа на податоците од Народната банка достапни до 2015 година, покажа дека актуелните каматни стапки се движат кон нивото од 2015 година, кое за овој период од осум години било највисоко. Во септември 2015 година, оваа каматна стапка имаше свој максимум и изнесуваше 6,87%. Оттогаш почнува да паѓа и најниско ниво достигнува во декември 2020 година (5,16%), потоа уште едно во декември 2021 година (5,05%) и повторно во декември 2022 година (5,05%). За шест месеци оваа година бележи најголем раст во споредба со останатите години. Во 2021 година за шест месеци пораснала од 5,16% на 5,22%. Во 2022 година за шест месеци пораснала од 5,05% на 5,22%. А, во 2023 година за шест месеци порасна од 5,05% на 6,01%.
Моментално ниво од 6,01% е веќе во зоната на каматни стапки во периодот 2015-2018 година, кога не се спуштаа под 6%.
Според податоците од Народната банка, во јуни годинава, просечната каматна стапка на вкупните кредити забележа месечен раст од 0,03 п.п. и изнесува 5,12%. На годишна основа, оваа каматна стапка е зголемена за 0,85 п.п. Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити во јуни е намалена за 0,06 п.п. на месечна основа и изнесува 5,26%, додека на годишна основа бележи раст за 1,27 п.п. „Во јуни, каматната стапка на вкупните кредити на домаќинствата оствари минимален месечен раст од 0,01 п.п. и изнесува 5,35%. Промената во целост се должи на растот на каматните стапки на денарските кредити без валутна клаузула (за 0,03 п.п.), во услови кога каматните стапки на кредитите во странска валута се непроменети, а каматните стапки на денарските кредити со валутна клаузула бележат минимален пад за 0,01 п.п.. Анализирано на годишно ниво, оваа каматна стапка оствари раст за 0,31 п.п.. Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити на домаќинствата овој месец изнесува 5,27% и е повисока за 0,02 п.п. на месечно ниво. Промената произлегува од повисоките каматни стапки на кредитите во странска валута и денарските кредити без валутна клаузула (за 0,36 п.п. и 0,11 п.п., соодветно), додека каматните стапки на денарските кредити со валутна клаузула се намалени (за 0,07 п.п.). Споредено на годишно ниво, оваа каматна е зголемена за 0,76 п.п.“, утврди Народната банка.
- 6,87% е највиското ниво на каматните стапки на денарските потрошувачки кредити за физички лица без валутна клаузула во последните осум години, достигнато во септември 2015 година.
- од 5,05% на 6,01% пораснаа каматните стапки на денарските потрошувачки кредити за физички лица без валутна клаузула за шест месеци оваа година, што е најголем шестмесечен раст од 2015 година досега.
- 1.000 денари најмногу е зголемена месечната рата за потрошувачки кредит од 618.000 денари (10.000 евра) со рок на отплата од 36 месеци споредено со 2000 година.
- 18.800 денари изнесува отприлика месечната рата во првите две години (период на фиксна каматна стапка), а за останатиот период е околу 19.400 денари.
Дали потрошувачките кредити се навистина луксуз за граѓаните?
Направивме уште една дополнителна анализа за да видиме колкав издаток од месечниот буџет се потрошувачките кредити за граѓаните? Споредивме и со 2020 година и бројките покажаа дека месечната рата за потрошувачки кредит од 618.000 денари (10.000 евра) со рок на отплата од 36 месеци пораснала за најмногу за 1.000 денари.
Висината на месечната рата за овој кредит во 2020 година се движела околу 18.500 денари во периодот со фиксна каматна стапка, кој најчесто е за првите две години од отплатата на кредитот. По истекот на овој период, банките пресметувале променлива каматна стапка и месечната рата се движела околу 19.000 денари. Во 2023 година, месечната рата во првите две години (период на фиксна каматна стапка) се движи околу 18.800 денари, а во останатиот период со променлива каматна стапка околу 19.400 денари.
Банка | Кредит | Каматна стапка во 2020 | Каматна стапка во 2023 | Месечна рата (2020) | Месечна рата (2023) |
Комерцијална банка | Потрошувачки кредит до 2.000.000 МКД | нема податок | 5,7% фиксна 2 години/6,13% променлива | нема податок | 18.736 МКД /18.779 МКД |
Стопанска банка Скопје | Потрошувачки кредит до 1.500.000 денари | нема податок | 5,80% фиксна 2 години/10,70% променлива | нема податок | 18.744 МКД /20.145 МКД |
НЛБ банка | НЛБ потрошувачки кредит | 5,20% фиксна | 8,52% | 18.577 МКД | 19.515 МКД |
Халк банка | Потрошувачки кредит со животно осигурување | 5,00% фиксна 2 години/7,75% променлива | 6% фиксна 2 години/10,50% променлива | 18.522 МКД /19.295 МКД | 18.800 МКД /20.086 МКД |
Шпаркасе банка | S Plus потрошувачки кредит | 5,25% фиксна 2 години/7,55% променлива | 5,2% фиксна 2 години/6,5% променлива | 18.591 МКД /19.238 МКД | 18.578 МКД /18.707 МКД |
УНИ банка | Потрошувачки кредит | 4,75% фиксна 2 години/6,75% променлива | 4,75% фиксна 2 години/6,75% променлива | 18.453 МКД /19.011 МКД | 18.458 МКД /18.660 МКД |
Стопанска банка Битола | Потрошувачки кредит за вработени во приватни фирми | 5,50% фиксна 1 година/7,24% променлива | 7,30% фиксна 1 година/10,50% променлива | 18.661 МКД /19.150 МКД | 19.166 МКД /20.086 МКД |
ТТК банка | СМАРТ потрошувачки кредит | 4,85% фиксна 2 години/7,23% променлива | 5,20% фиксна 2 години/6,76% променлива | 18.480 МКД /19.147 МКД | 18.577 МКД /18.731 МКД |
Силк Роуд Банка | Потрошувачки кредит | 5,20% фиксна 2 години/7,50% променлива | 5,40% фиксна 2 години/7,25% променлива | 18.577 МКД /19.223 МКД | 18.633 МКД /18.768 МКД |
Централна кооперативна банка | Стандарден потрошувачки кредит | 4,70% фиксна за 2 години/ 5,80% променлива | 5,90% фиксна 1 година/6,90% променлива | 18.439 МКД /18.745 МКД | 18.772 МКД /19.054 МКД |
*Податоците се ориентациони и не служат за точни пресметки, кои може да се добијат само од банка.
Анализи
Дали падот на цените на становите во ЕУ ќе се преслика во Македонија?
Цените на становите во еврозоната паднаа за 2,1% во третиот квартал од 2023 година, а во целата Европска унија се намалени за 1%. Во Македонија во четвртиот квартал пораснаа за 7% споредено со истиот период претходната година, а за три месеци се повисоки за 1%.(повеќе…)
Анализи
Наташа Пукл ќе биде нов независен член на Надзорниот одбор на НЛБ Банка АД Скопје
Врз основа на член 39 став 1 од Статутот на НЛБ Банка АД Скопје, Собранието на НЛБ Банка на својата седница одржана на ден 21.02.2024 година донесе Одлука за именување на независен член на Надзорниот одбор.(повеќе…)
Анализи
И македонските банки ќе мора да овозможат инстант плаќања
Македонските банки ќе мора да дозволат инстант плаќања за граѓаните и компаниите кои ќе се извршуваат во многу кратко време од околу 10 секунди. Тоа значи дека парите од сметката на плаќачот ќе легнат на сметката на примачот за не подолго време од 10 секунди. Ова претставува своевидна револуција во светот на платежните трансакции затоа што примачот веднаш ќе може да располага со парите и да врши натамошни трансфери доколку му се потребни.(повеќе…)
- Банкипред 1 месец
Промени во Управниот одбор на една од најголемите банки во земјава!?
- Банкипред 1 месец
Промени во Управниот одбор на ПроКредит Банка
- Банкипред 4 недели
Главната економистка на Народната банка, Крстевска: Преку поддршка на зелените кредити и одговорното инвестирање на девизните резерви даваме придонес за зелените финансии
- Вработувањепред 1 месец
Оглас за вработување во НЛБ Банка АД Скопје
- Банкипред 1 месец
Диомидис Николетопулос останува на челната позиција во Стопанска банка АД – Скопје
- Криптовалутипред 1 месец
Путин го потпиша законот за легализирање на “crypto-mining” во Русија
- Вработувањепред 2 месеци
Оглас за вработување во Капитал Банка АД Скопје
- Продуктипред 1 месец
Централна кооперативна банка воведе најповолни промотивни услови на пазарот за девизни дознаки во евра