Connect with us

Бизнис

АЕТМ и Агенција за пошти заедно ќе работат на намалување на сивата економија во е-трговијата

Објавено

на

Претседателката на Асоцијација за е-трговија на Македонија – АЕТМ, д-р Нина Ангеловска Станков и директорот на Агенција за пошти д-р Сретен Миладиноски, потпишаа Меморандум за соработка,  преку кој двете страни заеднички ќе се залагаат и ќе придонесуваат кон намалување на сивата економија во е-трговијата и нерегистрираните онлајн продавачи во Македонија.

Сивата економија во е-трговијата и нерегистрираните онлајн продавачи (кои најчесто ги продаваат своите производи преку социјални медиуми) претставуваат нелојална конкуренција на регистрираните е-трговци кои што работат согласно законските прописи, се штетни за репутацијата на целиот сектор со е-трговија и влијаат на губењето на довербата на потрошувачите во онлајн купувањето поради несигурните производи и услуги што ги продаваат, неиздавањето на фискална сметка, како и неможноста секогаш да се остварат потрошувачките права за рефундација на средствата или замена за производите. Намалувањето на сивата економија во е-трговијата и на бројот на нерегистрираните онлајн продавачи се од клучно значење за обезбедување на здрав и одржлив екосистем за е-трговија. 

АЕТМ во последните години преку најразлични активности, меѓу кои и потпишување на меморандуми за соработка со различни релевантни институции, активно придонесува кон намалување на сивата економија во е-трговијата и зголемувањето на дигиталната писменост на населението. Воедно, АЕТМ  постојано се обидува да ги едуцира граѓаните да купуваат само од регистрирани е-трговци кои се достапни во бесплатниот Регистар на регистрирани е-трговци на кој што  АЕТМ работеше изминатата година, а преку многу други активности ќе продолжи да го прави тоа и во иднина.

„Е-трговијата е комплексен екосистем кој го сочинуваат бројни страни кои треба да го дадат својот придонес за целокупен напредок на секторот. Давателите на поштенски услуги играат исклучително важна улога во тој синџир. Нивната услуга и квалитетот при обезбедувањето на услугите влијаат на целокупното задоволство на купувачот и успешното работење на е-продавачот. Во контекст на сивата економија нивната улога е исклучително важна од аспект и на детектирање на ‘нерегистрираните испраќачи’, односно тие имаат евиденција за податоците на испраќачот на пратката согласно насоките на Агенцијата за пошти. Има бројни предизвици кои заедно со Агенцијата за пошти сакаме да ги детектираме и ќе се стремиме да придонесеме за промени каде што се потребни и подобрувања во насока на развојот на е-трговијата и намалување на сивата економија во е-трговијата.“ – вели д-р Нина Ангеловска Станков

Агенцијата за пошти, пак, најавува зголемени проверки врз работењето на давателите на поштенски услуги во однос на пратките со откуп, односно за пратките за кои се плаќа во готово при нивно преземање (cash on delivery) и препораки за охрабрување на зголемено безготовинско плаќање (банкарски трансфер при пратки со откуп) со цел намалување на готовинските плаќања, како и вршење на увид за правилно пополнување на адресниците и подобрување на податоците кои се прибираат за пратките од е-трговијата, со цел подобрување на корисничкото искуство од онлајн пазарење.

„Агенцијата за пошти ја поздравува посветеноста на АЕТМ, и како и до сега ќе продолжи да презема активности и да ги реализира своите планови кои се во насока на спречување и намалување на сивата економија. Агенцијата е партнер на секоја институција која се бори против оваа појава. Наш приоритет е креирање, одржување и развој на амбиент кој овозможува обезбедување на сигурни, квалитетни и модерни поштенски услуги за сите корисници.“ – вели д-р Сретен Миладиноски, Директор на Агенција за пошти

Преку потпишувањето на овој Меморандум за соработка, АЕТМ и Агенцијата за пошти заеднички ќе работат креирајќи мерки и активности кои ќе помогнат во намалувањето на сивата економија, ќе се стремат кон развивање на способностите, дигиталната писменост на граѓаните и градење на капацитетен пазар на труд во секторот за е-трговија преку споделување релевантни информации од областа на е-трговија од заеднички интерес и споделување на тековни и нови искуства, релевантни за нивната област на дејствување.

Бизнис

Денот во 5 вести: Банкарската актива се приближува до билион денари, растат пензиските фондови и се менуваат економските показатели

Објавено

на

Денешниот редакциски преглед на Bankarstvo.mk ги издвојува најважните потврдени финансиски информации достапни при утринската подготовка на пакетот. Во фокусот се растот на банкарскиот сектор, новите податоци за пензиските фондови, промените во раководството на НЛБ Банка и показателите што ја отсликуваат состојбата на македонската економија.

1. Македонските банки управуваат со речиси 955 милијарди денари

Банкарскиот сектор на крајот од јуни 2026 година достигнал вкупна актива од 954,94 милијарди денари, што претставува годишен раст од приближно 11,2 проценти. Истовремено, кредитната активност се зголемила за околу 13 проценти, додека добивката во првата половина од годината се намалила за 8,4 проценти.

2. НЛБ Банка со продолжување на мандатите на двајца членови на Управниот одбор

Народната банка издала претходни согласности за повторно именување на Кирил Бухов и Драгиша Тадиќ во Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје. Новите четиригодишни мандати ќе започнат во јануари 2027 година, со што се обезбедува продолжување на нивниот ангажман во раководната структура на банката.

3. Пензиските фондови управуваат со 223,4 милијарди денари

Последните објавени податоци на МАПАС покажуваат дека нето средствата во задолжителните и доброволните пензиски фондови достигнале приближно 3,63 милијарди евра. Ова ја потврдува значајната улога на капитално финансираното пензиско осигурување во акумулацијата на долгорочен финансиски капитал.

4. Конечните податоци покажуваат повисока вредност на БДП за 2024 година

Државниот завод за статистика објави дека конечната номинална вредност на БДП во 2024 година изнесувала 1.031,68 милијарди денари, што е за 67,59 милијарди денари повеќе од претходната прелиминарна проценка. Ревизијата е важна за статистичката основа врз која се пресметуваат повеќе економски и фискални показатели.

5. Расте бројот на одобренија за градење, планирани се 1.030 станови

Во август 2026 година биле издадени 333 одобренија за градење, што претставува годишен раст од 18,9 проценти. Во рамките на одобрените проекти е предвидена изградба на 1.030 станови, што претставува важен показател за потенцијалната идна понуда на станбени недвижности.

Фото: ВИ

Продолжи со читање

Бизнис

Грижата кон вработените како традиција: Flex Group и годинава обезбедува превентивни прегледи за жените од Групацијата

Објавено

на

За сопственото здравје често наоѓаме време дури кога нешто ќе нè потсети дека треба да застанеме и да се провериме. Токму затоа, во октомври, месецот посветен на женското здравје и подигнувањето на свеста за ракот на дојка, Flex Group и оваа година на жените во својот тим им подарува можност за бесплатен превентивен преглед на дојка.

Она што започна како иницијатива за подигнување на свеста за важноста на превенцијата, денес прерасна во традиција во рамки на Групацијата. Наместо грижата за женското здравје да остане само порака во текот на октомври, Flex Group ја претвора во конкретна можност секоја вработена да одвои време за себе и да направи превентивна проверка.

Групацијата, која ги обединува Flex Credit, продукт Zemi Pari, Flex Broker, Националната агенција за наплата (НАН) и Flex Pay, брои речиси 460 вработени, од кои жените сочинуваат повеќе од 90 проценти од тимот. Токму затоа, темата за женското здравје за Flex Group не е само дел од календарот на општествено одговорни активности, туку тема што директно ги засега луѓето кои секојдневно ја градат компанијата.

„Кога најголемиот дел од вашиот тим го сочинуваат жени, грижата за нивното здравје не може да биде тема само еден месец во годината. Но, октомври е добар потсетник да застанеме и да направиме нешто важно за себе. Нашата цел е овие превентивни прегледи, кои се дел од тадиционалната грижа за вработените во Flex Group, да бидат една причина помалку за одложување на прегледот за ‘некогаш подоцна’. Ако барем една жена навреме одвои време за себе и за своето здравје поради оваа иницијатива, тогаш целта е постигната“, вели Лилјана Бојковска, HR Manager на Flex Group, која го води процесот во рамки на групацијата.

Со оваа иницијатива, Flex Group не останува само на потсетувањето дека превенцијата е важна, туку на своите вработени им овозможува таа проверка навистина да ја направат.

Грижата за вработените започнува со создавање услови тие да се грижат за себе – не само денес, туку и во иднина.

Продолжи со читање

Бизнис

ИОРРСМ одбележува 20 години од основањето: две децении посветеност кон развојот на ревизорската професија

Објавено

на

Институтот на овластени ревизори на Република Северна Македонија (ИОРРСМ) годинава одбележува значаен јубилеј – 20 години од своето основање на 27 мај 2006 година.

По повод две децении од своето основање, на 6 октомври 2026 година, ИОРРСМ организираше свечен настан во Филхармонија на Република Северна Македонија, посветен на досегашниот развој на ревизорската професија, нејзината улога во економскиот систем, како и на предизвиците и можностите што ја очекуваат професијата во иднина.

Дваесет години по основањето, јубилејот претставува можност за осврт кон патот кој го помина Институтот, неговиот придонес во развојот и унапредувањето на ревизорската професија, но и кон идните насоки во услови на динамични промени во економијата, технологијата и регулаторното опкружување.

Свечената програма ја отвори претседателот на ИОРРСМ, м-р Ненад Тортевски, со обраќање посветено на значењето на јубилејот и развојот на Институтот во изминатите две децении.

Особено значаен дел од програмата е учеството на г-дин Lee White, Извршен директор на Меѓународната федерација на сметководители (IFAC), кој преку виртуелно обраќање ја презентираше темата Defining forces for the future of the accountancy profession and what IFAC is responding to them, како и г-ѓа Јелена Мисита, претседавач на одборот на IFAC за развој на професионални тела, со презентацијата How a Strong Accountancy Profession Supports Economic Prosperity, посветена на улогата што силната и професионална ревизорска професија ја има во создавањето услови за економски просперитет.

На настанот се одржа панел дискусија на тема Развојот на професијата во Македонија, за да се раскаже приказната што ја создавале различни генерации: генерација која ги поставила темелите, генерација која ја развивала и трансформирала професијата и новата генерација која треба да ја однесе ревизијата во иднината. Се разговараше за развојот на професијата во изминатиот период, актуелните предизвици, како и потребата од понатамошно јакнење на професионалните капацитети и стандарди.

Панел дискусијата ја водеше модераторот проф. д-р. Зорица Божиновска Лазаревска, која што е раководител на катедра за сметководство и ревизија на Економскиот факултет при УКИМ, вклучена од самиот почеток во воспоставувањето на Институтот и професијата, како и претседател на Надзорниот одбор на ИОРРСМ. Како панелисти учетвуваа: г-дин Борислав Атанасовски, кој од самиот почеток е вклучен во воспоставувањето на професијата и Институтот, еден од основачите на едно од првите друштва за ревизија во Македонија Друштво за ревизија “Б и Љ” ДОО Скопје, а сега основач на Друштво за ревизија “Расел Бедфорд Атанасовски” ДОО Скопје и ја извршуваше функцијата претседател на ИОРРСМ во 3 мандати од 2009-2018 година; г-дин Драган Давитков, управувачки партнер во Друштво за ревизија “ПрајсВотерхаусКуперс Ревизија” ДОО Скопје, поранешен член на СУНРРСМ и поранешен член на Управниот одбор на ИОРРСМ и активен учесник во развојот на професијата и развојот на ИОРРСМ; и г-ца Благица Шорева, придружен директор во Друштвото за ревизија “КПМГ Ревизија” ДОО Скопје, претседател на Комисијата за образование, обука и публикации на ИОРРСМ, претставник на помладите членови на ИОРРСМ и зема активно учество во активностите и телата на ИОРРСМ.

Главната порака на панел дискусијата беше да се најде одговор на прашањата: што треба да остане непроменето и да се сочува како наследство кое од претходните генерации ќе се пренесе на следните? Што е она што треба да се менува за да се одговори на предизвиците на новото време?

Во рамки на програмата, 20-годишниот пат на ИОРРСМ беше прикажан и преку видео времеплов, кој ги оживеа значајните моменти од историјата на Институтот и развојот на професијата низ годините. По завршувањето на програмата следуваше свечен коктел.

Јубилејот не е само потсетување на постигнатото, туку и поглед кон иднината. Tехнолошкиот развој, дигитализацијата, вештачката интелигенција, новите регулаторни барања и потребата од континуирано професионално усовршување поставуваат нови предизвици пред професијата и бараат постојано прилагодување и унапредување.

Во изминатите 20 години, ИОРРСМ се развиваше заедно со професијата, градејќи ја својата улога како професионална институција посветена на квалитетот, интегритетот, професионалноста и континуираниот развој на ревизорската професија, рече г-дин Ненад Тортевски.

Одбележувањето на јубилејот беше можност на едно место да се соберат професионалци, претставници на институции, домашни и меѓународни партнери и пријатели на професијата – да се одбележи досегашниот пат, да се споделат искуства и да се испрати порака за заедничка визија за иднината.

ИОРРСМ – 20 години професионализам, интегритет и посветеност кон иднината на ревизорската професија.

Галерија:

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange