Connect with us
no baners

Бизнис

ТРОЈЦА ЛАУРЕАТИ ЈА ДОБИЈА НОБЕЛОВАТА НАГРАДА ЗА ЕКОНОМИЈА

Објавено

на

Овогодишната Нобелова награда за економија им беше доделена на Џоел Мокир, Филип Агион и Питер Хјуит, за нивниот истражувачки придонес во разбирањето на економскиот раст управуван од иновации. Едната половина од наградата ја доби Мокир „за идентификување на предусловите за одржлив раст преку технолошки напредок“, додека другата половина ја делат Агион и Хјуит „за теоријата за одржлив раст преку креативно уништување“.

Според Шведската академија на науките, овогодишните лауреати ја истакнуваат суштината на иновациите како движечка сила на економскиот напредок. Технологијата брзо се развива и создава нови производи и производствени методи кои ја заменуваат старите, во постојан циклус на иновација. Овој процес е основата за одржлив економски раст, што директно се одразува на подобар животен стандард, здравје и квалитет на животот.

Историски контекст: од стагнација до индустриска револуција

Како што објаснуваат експертите, економскиот раст не бил секогаш само по себе разбирлив или автоматски. „Стагнацијата била норма во поголемиот дел од човечката историја. И покрај важните откритија, кои понекогаш воделе до повисоки приходи и подобри услови за живот, растот секогаш на крајот се стабилизирал“, наведува академијата.

Џоел Мокир ја користел историјата како клучен извор за разбирање на одржливиот раст. Тој покажал дека за иновациите да генерираат самогенерирачки економски процес, потребно е не само да се знае дека нешто функционира, туку и да се разбере научниот принцип зад тоа. Недостатокот на научни објаснувања пред индустриската револуција го отежнувал градењето врз претходни откритија. Мокир исто така нагласува дека општеството мора да биде отворено за нови идеи и да дозволува промени за да се овозможи долгорочен раст.

Креативното уништување: двигател на современиот пазар

Филип Агион и Питер Хјуит се фокусирале на механизмите што лежат зад одржливиот раст преку концептот на креативното уништување. Во својот труд од 1992 година, тие развиле математички модел кој објаснува дека кога на пазарот ќе се појави нов и подобар производ, компаниите што нудат постари технологии или производи губат. Иновацијата е „креативна“ бидејќи создава нови можности, но и „деструктивна“ бидејќи ги преминува и заменува постоечките решенија.

Агион и Хјуит покажуваат дека оваа динамика создава конфликти кои мора да се управуваат конструктивно. Без поддршка за процесот на креативно уништување, постоечките компании и интересни групи можат да блокираат иновации, што го успорува економскиот раст.

Импликации за финансискиот сектор и банкарството

Работата на лауреатите има директни импликации за банкарскиот и финансискиот сектор:

  1. Поддршка на иновации – Банкарските институции и инвестициските фондови треба да обезбедат механизми кои овозможуваат раст на нови компании и технологии, дури и ако тоа значи краткорочни загуби за постоечките играчи.
  2. Управување со ризикот од „деструктивни“ иновации – Инвеститорите и менаџерите мора да ги разберат долгосрочните придобивки од трансформацијата на пазарот и да ги прифатат промените како неизбежен дел од економскиот развој.
  3. Финансиска стабилност и раст – Иновациите го зголемуваат продуктивноста и создаваат нови пазари, што во комбинација со ефикасни финансиски системи ја поддржува стабилноста и одржливиот економски раст.

Како што истакна Џон Хаслер, претседател на Комитетот за наградата за економски науки: „Работата на лауреатите покажува дека економскиот раст не може да се зема здраво за готово. Мораме да ги поддржиме механизмите што лежат во основата на креативното уништување, за да не се вратиме во стагнација.“

Нобеловата награда за економија 2025 година ја потврдува суштинската улога на иновациите и научните истражувања во креирањето на долгорочен економски напредок. За банкарскиот сектор, ова значи и понатамошна стимулација на инвестициски стратегии кои ја поддржуваат трансформацијата на пазарот и создавањето нови финансиски можности.

no baners
no baners

Бизнис

Грижата кон вработените како традиција: Flex Group и годинава обезбедува превентивни прегледи за жените од Групацијата

Објавено

на

За сопственото здравје често наоѓаме време дури кога нешто ќе нè потсети дека треба да застанеме и да се провериме. Токму затоа, во октомври, месецот посветен на женското здравје и подигнувањето на свеста за ракот на дојка, Flex Group и оваа година на жените во својот тим им подарува можност за бесплатен превентивен преглед на дојка.

Она што започна како иницијатива за подигнување на свеста за важноста на превенцијата, денес прерасна во традиција во рамки на Групацијата. Наместо грижата за женското здравје да остане само порака во текот на октомври, Flex Group ја претвора во конкретна можност секоја вработена да одвои време за себе и да направи превентивна проверка.

Групацијата, која ги обединува Flex Credit, продукт Zemi Pari, Flex Broker, Националната агенција за наплата (НАН) и Flex Pay, брои речиси 460 вработени, од кои жените сочинуваат повеќе од 90 проценти од тимот. Токму затоа, темата за женското здравје за Flex Group не е само дел од календарот на општествено одговорни активности, туку тема што директно ги засега луѓето кои секојдневно ја градат компанијата.

„Кога најголемиот дел од вашиот тим го сочинуваат жени, грижата за нивното здравје не може да биде тема само еден месец во годината. Но, октомври е добар потсетник да застанеме и да направиме нешто важно за себе. Нашата цел е овие превентивни прегледи, кои се дел од тадиционалната грижа за вработените во Flex Group, да бидат една причина помалку за одложување на прегледот за ‘некогаш подоцна’. Ако барем една жена навреме одвои време за себе и за своето здравје поради оваа иницијатива, тогаш целта е постигната“, вели Лилјана Бојковска, HR Manager на Flex Group, која го води процесот во рамки на групацијата.

Со оваа иницијатива, Flex Group не останува само на потсетувањето дека превенцијата е важна, туку на своите вработени им овозможува таа проверка навистина да ја направат.

Грижата за вработените започнува со создавање услови тие да се грижат за себе – не само денес, туку и во иднина.

Продолжи со читање

Бизнис

ИОРРСМ одбележува 20 години од основањето: две децении посветеност кон развојот на ревизорската професија

Објавено

на

Институтот на овластени ревизори на Република Северна Македонија (ИОРРСМ) годинава одбележува значаен јубилеј – 20 години од своето основање на 27 мај 2006 година.

По повод две децении од своето основање, на 6 октомври 2026 година, ИОРРСМ организираше свечен настан во Филхармонија на Република Северна Македонија, посветен на досегашниот развој на ревизорската професија, нејзината улога во економскиот систем, како и на предизвиците и можностите што ја очекуваат професијата во иднина.

Дваесет години по основањето, јубилејот претставува можност за осврт кон патот кој го помина Институтот, неговиот придонес во развојот и унапредувањето на ревизорската професија, но и кон идните насоки во услови на динамични промени во економијата, технологијата и регулаторното опкружување.

Свечената програма ја отвори претседателот на ИОРРСМ, м-р Ненад Тортевски, со обраќање посветено на значењето на јубилејот и развојот на Институтот во изминатите две децении.

Особено значаен дел од програмата е учеството на г-дин Lee White, Извршен директор на Меѓународната федерација на сметководители (IFAC), кој преку виртуелно обраќање ја презентираше темата Defining forces for the future of the accountancy profession and what IFAC is responding to them, како и г-ѓа Јелена Мисита, претседавач на одборот на IFAC за развој на професионални тела, со презентацијата How a Strong Accountancy Profession Supports Economic Prosperity, посветена на улогата што силната и професионална ревизорска професија ја има во создавањето услови за економски просперитет.

На настанот се одржа панел дискусија на тема Развојот на професијата во Македонија, за да се раскаже приказната што ја создавале различни генерации: генерација која ги поставила темелите, генерација која ја развивала и трансформирала професијата и новата генерација која треба да ја однесе ревизијата во иднината. Се разговараше за развојот на професијата во изминатиот период, актуелните предизвици, како и потребата од понатамошно јакнење на професионалните капацитети и стандарди.

Панел дискусијата ја водеше модераторот проф. д-р. Зорица Божиновска Лазаревска, која што е раководител на катедра за сметководство и ревизија на Економскиот факултет при УКИМ, вклучена од самиот почеток во воспоставувањето на Институтот и професијата, како и претседател на Надзорниот одбор на ИОРРСМ. Како панелисти учетвуваа: г-дин Борислав Атанасовски, кој од самиот почеток е вклучен во воспоставувањето на професијата и Институтот, еден од основачите на едно од првите друштва за ревизија во Македонија Друштво за ревизија “Б и Љ” ДОО Скопје, а сега основач на Друштво за ревизија “Расел Бедфорд Атанасовски” ДОО Скопје и ја извршуваше функцијата претседател на ИОРРСМ во 3 мандати од 2009-2018 година; г-дин Драган Давитков, управувачки партнер во Друштво за ревизија “ПрајсВотерхаусКуперс Ревизија” ДОО Скопје, поранешен член на СУНРРСМ и поранешен член на Управниот одбор на ИОРРСМ и активен учесник во развојот на професијата и развојот на ИОРРСМ; и г-ца Благица Шорева, придружен директор во Друштвото за ревизија “КПМГ Ревизија” ДОО Скопје, претседател на Комисијата за образование, обука и публикации на ИОРРСМ, претставник на помладите членови на ИОРРСМ и зема активно учество во активностите и телата на ИОРРСМ.

Главната порака на панел дискусијата беше да се најде одговор на прашањата: што треба да остане непроменето и да се сочува како наследство кое од претходните генерации ќе се пренесе на следните? Што е она што треба да се менува за да се одговори на предизвиците на новото време?

Во рамки на програмата, 20-годишниот пат на ИОРРСМ беше прикажан и преку видео времеплов, кој ги оживеа значајните моменти од историјата на Институтот и развојот на професијата низ годините. По завршувањето на програмата следуваше свечен коктел.

Јубилејот не е само потсетување на постигнатото, туку и поглед кон иднината. Tехнолошкиот развој, дигитализацијата, вештачката интелигенција, новите регулаторни барања и потребата од континуирано професионално усовршување поставуваат нови предизвици пред професијата и бараат постојано прилагодување и унапредување.

Во изминатите 20 години, ИОРРСМ се развиваше заедно со професијата, градејќи ја својата улога како професионална институција посветена на квалитетот, интегритетот, професионалноста и континуираниот развој на ревизорската професија, рече г-дин Ненад Тортевски.

Одбележувањето на јубилејот беше можност на едно место да се соберат професионалци, претставници на институции, домашни и меѓународни партнери и пријатели на професијата – да се одбележи досегашниот пат, да се споделат искуства и да се испрати порака за заедничка визија за иднината.

ИОРРСМ – 20 години професионализам, интегритет и посветеност кон иднината на ревизорската професија.

Галерија:

Продолжи со читање

Бизнис

Работодавците имаат рок до 31 декември за исплата на регрес за годишен одмор попознат како К-15 – колкав е минимумот што треба да го исплатат?

Објавено

на

Вработените во приватниот сектор и во 2026 година имаат право на регрес за годишен одмор, познат како К-15, а работодавачите се должни да го исплатат најдоцна до 31 декември.

Минималниот износ на регресот за оваа година е околу 19.116 денари, односно најмалку 40 проценти од просечната месечна нето-плата по работник во државата, исплатена во последните три месеци пред месецот на исплатата.

Право на К-15 имаат работниците кои кај истиот работодавач работеле најмалку шест месеци непрекинато во текот на календарската година. Работодавачот може да исплати и повисок износ од законскиот минимум.

Висината на регресот, сепак, не е фиксна за сите работници. Таа зависи од просечната нето-плата во периодот релевантен за исплатата, што значи дека износот може да биде повисок доколку и просечната плата е повисока.

Покрај минималниот износ, постои и можност за исплата на повисок регрес, при што висината зависи од условите и можностите на работодавачот и од важечките правила за даночниот третман на исплатата.

Казни за неисплатен или незаконски вратен К-15

Неисплаќањето на регресот во предвидениот рок претставува прекршување на обврските на работодавачот и може да резултира со соодветни санкции.

Особено важно е што работодавачот не смее да бара од работникот да му го врати исплатениот К-15, без оглед дали тоа би се правело директно или во готовина. Ваквото постапување може да има и посериозни правни последици, во зависност од околностите на случајот.

К-15 е право на работникот, а неговата исплата претставува обврска на работодавачот. Затоа, до крајот на годината компаниите треба да обезбедат навремена исплата на регресот и да ги исполнат условите утврдени со важечките прописи.

Продолжи со читање
no baners

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange