Connect with us

Банки

Стопанска банка АД Скопје прокнижи 11,4 милиони евра во првите три месеци од 2023 година

Објавено

на

Деловното опкружување во првиот квартал од 2023 година претставува континуитет на исклучително сериозните предизвици со кои економиите и бизнисите, како глобално така и на ниво на домашната економија, се соочија во претходната 2022 година. Војната во Украина, енергетската криза, инфлаторните притисоци што достигнуваат децениски максимум и како последица на сето тоа, затегнувањето на монетарните политики на централните банки, неминовно доведува до негативни ефекти и ги  влошува изгледите за глобалниот економски раст. Во тој контекст, деловното опкружување и во Република С.Македонија се карактеризира со забавување на растот на БДП, кој според очекувањата, треба да биде на ниво од скромни нешто над 2%, додека според проекциите на Меѓународниот монетарен фонд за 2023, треба да достигне само 1,4%. Банкарскиот сектор продолжува да испорачува значајна кредитна поддршка на реалниот сектор и домаќинствата, како и стабилност и сигурност за националното штедење во форма на банкарски депозити.

Во согласност со очекувањата, во првиот квартал од 2023 година, Стопанска банка АД Скопје (во натамошниот текст: СБ или Банката) оствари добивка пред оданочување и резервации во износ од 1.151.593 илјади денари, што е 25% повеќе споредено со претходната година. Истовремено, врз основа на прудентните политики на Банката за управување со ризиците, имајќи ги предвид сите предизвици што ги носи тековното деловно опкружување, глобално и на ниво на домашната економија, во текот на првиот квартал од 2023 година, Стопанска банка АД Скопје издвои исправка на вредност на финансиските средства и посебна резерва за вонбилансна изложеност, на нето-основа, во износ од 375.149 илјади денари. Со тоа, добивката на Стопанска банка АД Скопје пред оданочување на 31.03.2023 година изнесува 776.444 илјади денари и во однос на истиот период од минатата година е повисока за 5%. Во најголем дел, ова е резултат на зголемени приходи по сите основи заради континуираниот тренд на зголемување на  обемот на деловни активности, како и зголеменото кредитно портфолио на Банката. Успешното работење е остварено во услови на органски раст на активата на Банката, која на 31.03.2023 година изнесува 121.240.794 илјади денари. На тој начин, Банката, во согласност со својата деловна стратегија продолжува со раст на обемот на нејзините бизнис-активности.

Во натамошниот текст ќе бидат претставени одделните позиции од билансот на успех и од билансот на состојба на Банката.

Биланс на успех

Нето-приходите од камати изнесуваат 1.289.288 илјади денари и се зголемени за 30 % во однос на истиот период од минатата година, како резултат на интензивните кредитни активности и зголеменото кредитно портфолио на Банката и трендот на раст на каматните стапки.

Нето-приходите од провизии и надоместоци изнесуваат 207.386 илјади денари и се намалени за 3 % во однос на анализираниот период во 2022 година, што се должи  на зголемени расходи од провизии поради повисоките трошоци за обезбедување на овие услуги, пред сè во делот на платните и картичните трансакции.

Нето-приходите од курсни разлики забележаа пораст од 9 % и изнесуваат 45.279 илјади денари, како резултат на зголемениот обем на тргувања на девизниот и менувачкиот пазар.

Останатите приходи од дејноста изнесуваат 123.289 илјади денари.

И покрај ценовните флуктуации и високата инфлација, Банката успеа да ги ограничи оперативните трошоци од работењето и да ги одржи на релативно стабилно ниво, при што  на 31.03.2023 година трошоците за вработени изнесуваат 250.062 илјади денари, додека оперативните трошоци изнесуваат 229.115 илјади денари.

Во анализираниот период, врз основа на прудентниот пристап во управувањето со ризиците, Банката издвои исправка на вредност на финансиските средства и посебна резерва за вонбилансна изложеност, на нето-основа, во износ од 375.149 илјади денари.

Како резултат на сето наведено, остварената добивка пред оданочување и резервации  изнесува 1.151.593 илјади денари, додека добивката пред оданочување на 31.03.2023 година изнесува 776.444 илјади денари, што е за 5 % повисоко во однос на истиот период од минатата година.

Биланс на состојба

Вкупната актива на Банката изнесува 121.240.794 илјади денари.

Паричните средства и парични еквиваленти споредени со крајот на 2022 година се пониски за 3.410.756 илјади денари, што се должи на редовна сезонска флуктуација на средствата на некои од поголемите депоненти на Банката.

Кредитите на и побарувања од други комитенти нето изнесуваат 86.445.863 илјади денари и се приближно на исто ниво во однос на крајот од минатата година.

Кредитите на и побарувањата од банки изнесуваат 294.537 илјади денари и се приближно на исто ниво во однос на крајот од минатата година.

Вложувањата во хартии од вредност изнесуваат 11.457.231 илјади денари и забележаа зголемување од 10 % споредено со крајот на минатата година.

Останатите побарувања забележаа пораст од 7 % и изнесуваат 2.769.197 илјади денари.

Вкупните депозити на други комитенти изнесуваат  92.419.934 илјади денари.

Капиталот и резервите изнесуваат 22.894.732 илјади денари, што претставува  зголемување за 3 % во однос на крајот на 2022 година.

Очекувања за претстојниот период

Во следниот период се очекува продолжување на деловните активности во согласност со дефинираниот деловен план на Банката со целосна ориентираност кон поддршка на клиентите, прудентно управување со ризиците и одржување на високата стабилност, сигурност и ефикасност во сите сегменти од нејзиното работење. Исто така, Банката продолжува со реализација на започнатите проекти, пред сè, во делот на дигитализацијата, како и подготовка на понуда на нови услуги. Секако, фокусот останува на редовното и ефикасно извршување на основните деловни активности, одржување на лидерското пазарно учество од околу 27 % во сегментот на кредитирање на население, со фокус за натамошно зголемување на пазарното учество во делот на кредитирање на компаниите, кое на крајот на март 2023 година достигна 16,4 %.

Грижата за општествената заедница како и секогаш останува во зацртаната агенда на Банката, преку реализација на повеќе проекти кои станаа препознатливи во заедницата,  како и со повеќе донации – како пред пандемијата така и за време на пандемијата. При крајот на првиот квартал годинава, Банката ја реализираше и втората фаза од проектот „Зелен ѕид“ засадувајќи нови 300 високи садници дрвја во Скопје, долж Кејот на реката Вардар од Националната арена „Тоше Проески“ до мостот „Близнак“. Со проектот што ќе се одвива во период од две години, Банката има за цел да го зголеми фондот на дрвја во Градот со домашни видови липа, црвен даб, багрем, јавор, црвен јавор и прунус и со тоа да засади нов зелен појас кој, како што ќе расте низ годините, ќе ја подобрува животната средина за сите нас.

Истовремено, покрај клиентите и пошироката заедница, Банката продолжува и понатаму со соодветна грижа и посветеност кон своите вработени.

Банки

Вкупната актива на банките во ЕУ порасна на 34,33 трилиони евра

Објавено

на

Вкупната актива на кредитните институции со седиште во Европската Унија достигна 34,33 трилиони евра на крајот на март 2026 година, што претставува раст од 3,63 отсто во однос на 33,13 трилиони евра во март минатата година, покажуваат најновите консолидирани банкарски податоци објавени од Европската централна банка (ЕЦБ).

Во истиот период, уделот на нефункционални кредити во банките во ЕУ се зголемил за 0,02 процентни поени на годишно ниво и во март изнесувал 1,98 отсто.

Според ЕЦБ, агрегатниот принос на капиталот на кредитните институции во ЕУ изнесувал 2,44 отсто, додека стапката на основен сопствен капитал од највисок квалитет, односно CET1, била 16,27 отсто.

Објавените квартални податоци опфаќаат 335 банкарски групации и 2.284 самостојни кредитни институции, како и подружници и филијали под контрола на субјекти надвор од ЕУ кои работат на европскиот пазар. Според ЕЦБ, податоците покриваат речиси 100 отсто од билансот на банкарскиот сектор во Европската Унија.

Базата содржи показатели за профитабилноста и ефикасноста на банките, структурата на билансите, ликвидноста и финансирањето, квалитетот на активата, капиталната адекватност и солвентноста.

ЕЦБ посочува дека повеќето институции ги применуваат Меѓународните стандарди за финансиско известување и техничките стандарди на Европската банкарска управа, иако дел од малите и средните институции користат национални сметководствени стандарди.

Поради недостапност на податоците за Данска за првиот квартал од 2026 година, при пресметката на агрегатните податоци за ЕУ биле користени податоците од четвртиот квартал од 2025 година, а кај одредени показатели и податоци од првиот квартал од 2025 година.

Продолжи со читање

Банки

Стопанска банка со каматна стапка од 4,9% за купувања со Mastercard Standard

Објавено

на

Стопанска банка АД – Скопје нуди каматна стапка од 4,9 проценти за сите купувања направени со Mastercard Standard кредитна картичка до крајот на годината.

Од банката информираат дека заинтересираните граѓани можат да поднесат барање за кредитната картичка онлајн преку интернет-страницата на Стопанска банка, преку услугата 24/7 АлоКредит на телефонскиот број (02) 15 110 или во најблиската филијала.

Понудата е наменета за корисниците кои сакаат да ги користат можностите на кредитната картичка за своите секојдневни и летни купувања, со промотивна каматна стапка до крајот на годината.

Продолжи со читање

Банки

Халкбанк со поволности за корисниците на Mastercard World Debit

Објавено

на

Халкбанк АД Скопје нуди повеќе поволности и премиум привилегии за корисниците на Mastercard World Debit картичката, меѓу кои и бесплатен пристап до аеродромски салони ширум светот.

Според информациите објавени од банката, корисниците на картичката добиваат шест бесплатни посети во повеќе од 1.500 Lounge Key аеродромски салони низ светот, при што поволноста важи за сопственикот на картичката и неговиот сопатник.

Во пакетот е вклучена и асистенција на пат за Европа преку Халк Осигурување.

Дополнително, корисниците имаат бесплатно електронско и мобилно банкарство, бесплатно СМС информирање, како и можност за повлекување готовина без надомест од сите банкомати во земјата.

Со овие поволности, Mastercard World Debit е насочена кон корисници кои бараат дополнителни услуги при патување, но и поедноставно секојдневно банкарско работење.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange