Connect with us

Банки

ДОБИВКАТА ЗГОЛЕМЕНА ЗА 18% – Стопанска банка АД – Скопје со добивка од 29 милиони евра го заокружи успешното прво полугодие од 2024 година

Објавено

на

Економските активности во првата половина од 2024 година се одвиваа во услови на пораст на бруто-домашниот производ од 1,2% и стапка на инфлација која се одржува на ниво од 3,5%-3,8%, при што се забележаа намалувања на извозните активности на ниво на државата, кои имаа свој одраз врз активностите на компаниите во банкарскиот сектор. Каматните стапки сè уште се одржуваат на релативно високо ниво, без промени на условите на домашната сцена, додека во јуни се реализира првото благо намалување на каматните стапки во еврозоната, во очекување дека трендот ќе продолжи од септември и понатаму. Геополитичката состојба е непроменета, со сè уште присутните воени конфликти на Русија и Украина, како и Израел и Палестина, кои имаат свој одраз врз финансиските и политичките текови. Во првата половина на годината се реализираа и редовните парламентарни и претседателски избори, во очекување на воспоставување нови политики и регулатива.

Во вака опишаните услови, Стопанска банка АД Скопје имаше уште еден успешен почеток на годината капитализирајќи ги развојните можности втемелени врз здравата и солидна основа на Банката, видно од сите клучни индикатори.

Добивката пред оданочување и исправка на вредност изнесува 2.743.466 илјади денари, што е 18% повеќе споредено со претходната година. Согласно стратегијата на Групацијата и Банката како нејзин дел за одржување висок квалитет на активата и ниска стапка на нефункционални побарувања, Банката издвои исправка на вредност на финансиските средства и посебна резерва за вонбилансна изложеност, на нето-основа, во износ од 761.437 илјади денари, што е повеќе за 16% споредено со минатата година, која, покрај исправка за нефункционалните побарувања, вклучува и дел за покривање на ризиците и на редовното портфолио, како превентива од неочекувани движења. Со тоа, добивката на Банката пред оданочување во првото полугодие од годината изнесува 1.982.029 илјади денари. Наведениот резултат е последица како на органскиот раст на активата така и на успешното раководење на бизнис-линиите во рамките на утврдената рамка на прифатлив апетит за ризик.

Нето-приходите од камати изнесуваат 3.102.745 илјади денари и се зголемени за 18% во однос на истиот период од минатата година, резултат во кој најголемо учество имаат каматните приходи од кредитни активности и каматните приходи од позициите за ликвидност (меѓубанкарски пласмани, депозити и вложувања во хартии од вредност), кои забележаа пораст како резултат на зголемената ликвидност на Банката која произлегува од депозитите.

Нето-приходите од провизии и надоместоци изнесуваат 428.151 илјада денари и се приближно на исто ниво во однос на истиот период од минатата година.

И покрај сè уште присутните инфлаторни притисоци и ценовни флуктуации, Банката продолжува со оперативна ефикасност во однос на контролата на трошоците од работењето. Притоа, останатите расходи од дејноста и трошоците за вработени изнесуваат 508.225 илјади денари и 562.285 илјади денари, респективно и се за 11% повисоки во однос на истиот период од претходната година.

Одржувањето на квалитетот на кредитното портфолио и управувањето со кредитниот ризик се во приоритетните цели на Банката. Оттука, заклучно со крајот на првото полугодие од 2024 година, Банката издвои исправка на вредност на финансиските средства и посебна резерва за вонбилансна изложеност, на нето-основа, во износ од 761.437 илјади денари. Како резултат на сето наведено, остварената добивка пред оданочување и исправка на вредност изнесува 2.743.466 илјади денари, додека добивката пред оданочување на 30.06.2024 година изнесува 1.982.029 илјади денари и е за 19% повисока во однос на истиот период од минатата година.

Вкупната актива на Банката во анализираниот период изнесува 134.149.001 илјада денари, односно е повисока во однос со крајот на годината за 2% или 2.786.076 илјади денари.

Капиталот и резервите изнесуваат 27.489.544 илјади денари, што претставува зголемување за 7% во однос на крајот на 2023 година. Дополнително, Банката пренамени износ од 2.460.000 илјади денари од задржаната добивка од претходни години во добивка ограничена за распределба на акционерите во иднина, со што се зголемија сопствените средства и стапката на адекватност на капиталот, која изнесува 19%. Согласно Одлука за распределба на добивката за 2023 година, донесена од Собранието на акционери на 31.05.2024 година, добивката од претходната година се распредели во задржаната добивка расположлива за распределба во иднина во износ од 2.569.600 илјади денари и задржана добивка за инвестиции во износ од 900.000 илјади денари. И понатаму Банката е посветена да остварува добивка која ќе биде генератор на капиталот, кој се очекува и натаму да се зголемува.

Во следниот период се очекува продолжување на деловните активности во согласност со дефинираниот деловен план на Банката со целосна ориентираност кон поддршка на клиентите, прудентно управување со ризиците и одржување на високата стабилност, сигурност и ефикасност во сите сегменти од нејзиното работење. Исто така, Банката продолжува со реализација на започнатите проекти, пред сè, во делот на дигитализацијата и трансформацијата за подобра услуга кон клиентите, поефикасно интерно работење и оптимизација на процесите, понуда на нови услуги и зајакнување на конкурентската позиција на пазарот. Секако, фокусот останува на редовното и ефикасно извршување на основните деловни активности, одржување на лидерското пазарно учество од околу 27% во сегментот на кредитирање на населението, со фокус за натамошно зголемување на пазарното учество во делот на кредитирање на компаниите.

Оваа година Стопанска банка прославува 80 години од основањето и следствено целиот натамошен период ќе биде исполнет со многубројни новитети и изненадувања на задоволство на нашите клиенти и соработници, но и на пошироката заедница.

Стопанска Банка АД-Скопје е позната по поддршката што ја дава низ многу проекти и настани во општеството, здравството, социјалната и животната средина, кои не само што ќе продолжат туку и ќе се интензивираат за подобра животната средина, инклузијата и создавањето подобар свет за сите.

Банки

КРИЗА ВО ГЕРМАНСКИОТ БАНКАРСКИ ГИГАНТ – Дојче банк ќе отпушта две илјади вработени и ќе ја намалува мрежата на филијали!?

Објавено

на

Германскиот банкарски гигант „Дојче банк планира да намали околу 2.000 работни места во текот на оваа година, во рамки на стратегијата за оптимизација на трошоците, пренесува „ДПА“.

Во согласност со долгорочниот тренд на реструктурирање, банката дополнително ќе ја намали својата мрежа на филијали. Овој потег е дел од тековните процеси на прилагодување кон новите пазарни услови и зголемениот фокус на дигиталните финансиски услуги.

Извршниот директор на „Дојче банк“, Кристијан Севинг, на конференцијата организирана од „Морган Стенли“ истакна дека во наредниот период ќе се реализира значителен број затворања на филијали. Тој нагласи дека трошоците поврзани со овие мерки се веќе пресметани во тековните финансиски планови на банката.

Портпаролот на „Дојче банк“ потврди дека процесот на затворање на филијали е дел од претходно најавените мерки за оптимизација, додавајќи дека банката не воведува нова програма за намалување на трошоците.

Во согласност со новата деловна стратегија, „Дојче банк“ го префрла фокусот кон дигиталното банкарство, при што се планира значително зголемување на видео и телефонските консултации за приватни клиенти, се вели во извештајот на „ДПА“.

Продолжи со читање

Банки

ХАЛКБАНК УШТЕ ЕДНАШ НА ДЕЛО ЈА ПОКАЖА СВОЈАТА ГОЛЕМИНА – донираше 50.000 евра како поддршка за погодените од трагедијата во Кочани

Објавено

на

Со длабоко сочувство и емпатија, Халкбанк АД Скопје стои во поддршка на сите погодени од трагедијата во Кочани. Во знак на солидарност, Банката донираше 50.000 евра на наменскиот фонд на Црвениот крст на Македонија, со цел да им помогне на семејствата на загинатите и повредените.

„Со голема тага ја примивме веста за оваа трагедија и изразуваме најискрено сочувство до семејствата настраданите. Нашите мисли се и со повредените, на кои им посакуваме брзо закрепнување и сила за надминување на овие тешки моменти“, велат од Халкбанк.

Халкбанк АД Скопје и понатаму ќе остане посветена на поддршката на заедницата, особено во моменти кога е најпотребна.

Продолжи со читање

Банки

НАРОДНА БАНКА ГО ИЗДАДЕ РЕШЕНИЕТО – Хедвика Усеник го замени Блаж Бродњак како претседател на Надзорниот одбор на НЛБ Банка АД Скопје

Објавено

на

„Ве известуваме дека на ден 17.03.2025 година од страна на Народната Банка на Република Северна Македонија е издадено Решение со кое се издава претходна согласност г-ѓа Хедвика Усеник да биде именувана за член на Надзорниот Одбор на НЛБ Банка АД Скопје со мандат  до 30.08.2025 година“, се вели во соопштението на НЛБ Банка, објавено на Македонска берза. 

Банкарство и претходно објави дека Хедвика Усеник ќе го менува Блаж Бродњак на претседателската функција во Надзорниот одбор на НЛБ Банка АД Скопје. Блаж Бродњак поднесе оставка од функцијата Претседател на Надзорниот Одбор на ден 10.10.2024 година.

Со издавање на Решението од Народната банка, престанува мандатот на г-дин Блаж Бродњак, досегашен Претседател на Надзорниот одбор на НЛБ Банка АД Скопје.

Хедвика Усеник е магистер по бизнис и администрација која од мај 2022 година ја извршува функцијата член на Управниот одбор на НЛБ д.д во Љубљана. Таа е добро позната во нашиот банкарски сектор, бидејќи и во минатото беше член на Надзорниот одбор на НЛБ Банка во периодот од 2018 до 2020 година.

Мандатот на г-ѓа Хедвика Усеник како член на Надзорниот одбор ќе трае до 30.08.2025 година.

Продолжи со читање

Популарно