Connect with us

Бизнис

ИСОС и МБА склучија партнерство за развој на сметководствената професија и правилна имплементација на меѓународните сметководствени стандарди

Објавено

на

Јакнење на меѓусебната соработка преку искористување на целокупното расположиво знаење и искуство на двете организации, во насока на поттикнување и афирмација на областите од заеднички интерес и делување, се главните цели кои треба да се остварат со Меморандумот за соработка помеѓу Институтот за сметководители и овластени сметководители (ИСОС) и Македонската Банкарска Асоцијација (МБА), што го потпишаа претседателката на ИСОС, Весна Прентоска и претседателката на МБА, д-р Маја Стевкова Штериева.

Потпишаниот Меморандум ја поставува рамката на идната соработка помеѓу двете организации преку која треба да се овозможи поддршка на процесите за натамошно унапредување и развој на сметководствената професија во нашата земја и потенцирање на нејзиното значење во банкарскиот и целокупниот бизнис сектор. Особен акцент во идната соработка ќе биде ставен и на активностите кои треба да овозможат правилна имплементација на меѓународните стандарди за финансиско известување.

„Правилната примена на најновите меѓународни стандарди за финансиско известување има големо значење за економијата, затоа што со тоа се подобрува ефикасноста и конкурентноста на деловните субјекти, а истовремено креира придобивки и за државата, затоа што овозможува подобра контрола на сите финансиски текови и намалување на даночната евазија. Домашните банки веќе ги преминуваат овие стандарди, а сега преку оваа соработка и партнерство со ИСОС, добиваат можност да ги споделат своите добри практики и искуства во оваа област и со сметководителите и финансовите менаџери во останатите деловни субјекти во земјава“, истакна претседателката на Македонската Банкарска Асоцијација, д-р Маја Стевкова Штериева.

Соработката на која со потпишаниот Меморандум меѓусебно се обврзаа МБА и ИСОС треба да се реализира преку организирање на семинари, панел дискусии и стручни работилници на кои ќе се разгледуваат практични примери и предизвиците при примената на Меѓународните сметководствени стандарди. Двете организации се договорија дека ќе формираат и заеднички работни тела кои ќе работат на навремено, ефикасно ажурирање на следните измени во меѓународните стандарди и нивна имплементација.

Искажувајќи задоволство од потпишаниот Меморандум за соработка, претседателката на Институтот за сметководители и овластени сметководители, Весна Прентоска изјави: „Ова партнерство помеѓу нашиот Институт и Македонската Банкарска Асоцијација претставува значајна поддршка на тековните процеси за развој на сметководствената професија во нашата земја. Со него ИСОС, а преку тоа и неговите членови, а тоа се сите лиценцирани професионални сметководители во нашата земја, добиваат дополнителни можности и пристап до висококвалитетно знаење и практичните искуства на банките при примената на меѓународните стандарди за финансиско известување. На ваков начин дополнително се истакнува и јакне улогата на сметководителите во целосното, точно и објективно евидентирање на деловните настани во книгите на економските агенти, што во крајна линија придонесува оваа професија да го заземе местото во општеството кое го заслужува“, заклучи Прентоска.

Бизнис

Finelevate Digital Summit 2026 го отвори регионалниот дијалог за иднината на дигитализацијата во финансискиот сектор

Објавено

на

Првото издание на регионалната конференција посветена на иднината на дигитализацијата во финансиите, вештачката интелигенција и технолошката трансформација, Finelevate Digital Summit 2026, се одржа на 16 септември во Skopje Marriott Hotel.

Настанот, организиран под мотото „Иднината не чека“, собра повеќе од 300 учесници носители на одлуки, регулатори, претставници на банки, осигурителни компании, финтек компании, технолошки провајдери и експерти за дигитална трансформација од државата и регионот.

Конференцијата свечено ја отвори министерот за дигитална трансформација на Република Северна Македонија, Стефан Андоновски.

„Темите на денешниот Самит – дигиталниот идентитет, интероперабилноста, новите платежни системи, вештачката интелигенција, сајбер-безбедноста и иднината на финансиските услуги – не се одделни технолошки теми. Тие се делови од една иста трансформација: изградба на доверлива дигитална инфраструктура врз која институциите, банките, финансиските институции, fintech компаниите и стартапите можат да развиваат подобри услуги. 

Статистичките податоци покажуваат дека корисникот веќе очекува услугите да бидат брзи, едноставни, достапни онлајн и без непотребна хартија. Истите очекувања што ги има од својата банка, од e-commerce платформите или од приватните дигитални услуги, сè повеќе ги има и од државата. Затоа следната фаза на дигиталната трансформација не е само да изградиме повеќе информациски системи. Следната фаза е тие системи да бидат поврзани, сигурни и корисни во реалниот живот“ – истакна Андоновски.

Воведно обраќање одржа и основачот и извршен директор на Finelevate, Виктор Крстевски, кој нагласи дека клучната вредност на настанот е тоа што за прв пат го собира целокупниот екосистем на дигиталните финансии на едно место.

„Не е првпат да дебатираме за регулативи, за нови технологии, за дигитализација и за иднината во финансиите. Но, клучната разлика со денешниот ден е што го имаме целокупниот екосистем во една просторија“, изјави Крстевски, додавајќи дека присуството на учесници и гости од соседните држави ја потврдува потребата од регионално поврзување во справувањето со овие предизвици.

Крстевски посочи дека вештачката интелигенција претставува еден од најголемите предизвици за финансискиот сектор токму поради чувствителноста на личните податоци и финансиите на граѓаните. Тој нагласи дека градењето доверба кај корисниците мора да оди рака под рака со техничкиот квалитет и безбедноста на услугите.

Централен дел од програмата беа три панел дискусии кои ја отворија дебатата токму таму каде денес се носат најважните одлуки во финансискиот сектор. Првиот панел се осврна на темелите на дигиталната трансформација, односно електронската идентификација, доверливите услуги и интероперабилноста, со учество на министерот Андоновски и претставници на KIBS, Владата на Србија и Централниот регистар на Северна Македонија.

Вториот панел ја стави во фокус иднината на кориснички ориентираните финансиски услуги, со говорници од IUTE Credit Македонија, Комерцијална банка АД Скопје, CaSys АД Скопје и Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, кои разговараа за тоа како технологијата, плаќањата и кредитирањето се спојуваат во едно интегрирано корисничко искуство. 

Третиот панел го отвори прашањето на довербата во дигиталните финансии, од вештачка интелигенција и сајбер безбедност, до управувањето со ризици од измами и со податоци, со учество на претставници на Intek System, Народната банка, Tessa Group и Intercert.

Основачот на Finelevate, Виктор Крстевски, изјави дека целта на овие три панели била „да ја постават дискусијата таму каде денес се носат најважните одлуки – на точката во која се сретнуваат технологијата, институциите, регулативата и реалните потреби на клиентите“.

Покрај панелите, учесниците имаа можност да следат серија обраќања и предавања кои ја трасираа целата патека на дигиталната трансформација во финансиите, од стратешки поглед на тоа како вештачката интелигенција веќе ги менува бизнисот и општеството, преку конкретни решенија за автоматизирано регулаторно известување, модернизација на банкарските системи, дигитални банкарски супер-апликации и платни решенија во реално време, до теми поврзани со сајбер-отпорноста и управувањето со податоци во банкарството.

Посебно внимание привлекоа и разговорите за практичната зрелост на вештачката интелигенција во финансиските институции и искуствата од нејзината примена во пракса. 

Настанот беше затворен со поглед кон иднината, односно зошто одговорно управуваната вештачка интелигенција ќе биде клучен фактор за конкурентност во финансискиот сектор.

Со Finelevate Digital Summit, Finelevate ја продолжува својата мисија да ги обединува експертите и пазарните лидери со цел навремено да ги препознаат промените во финансиската индустрија, да дизајнираат препознатливи стратегии и да дејствуваат рано, прецизно и пред сите останати. Врз основа на успехот на првото издание, веќе е потврдено дека Finelevate Digital Summit ќе се одржи и следната година на 22 септември, продолжувајќи ја визијата за посилно регионално поврзување на клучните чинители во дигиталната трансформација на финансиите.

Фото галерија:

Продолжи со читање

Бизнис

EFSE обезбеди 2 милиони евра за MonteCredit, најмалку половина за жени претприемачки

Објавено

на

Европскиот фонд за Југоисточна Европа (EFSE) обезбеди финансирање од 2 милиони евра за MonteCredit, со цел да се подобри пристапот до финансии за микро-претприемачите.

Најмалку 50 проценти од обезбедените средства ќе треба да бидат пласирани кај жени микро-претприемачки, со што се предвидува поголема финансиска поддршка за бизнисите предводени од жени.

Финансирањето е насочено кон зголемување на достапноста на капитал за микро-бизнисите, со посебен фокус на женското претприемништво и нивниот пристап до финансиски услуги.

Средствата од EFSE преку MonteCredit треба да овозможат дополнителни можности за финансирање на микро-претпријатијата и да придонесат за нивниот понатамошен развој.

Продолжи со читање

Бизнис

Viber воведува бесплатни трансфери на пари директно преку чет

Објавено

на

Viber воведува нова услуга во Србија која ќе им овозможи на корисниците да испраќаат и примаат пари директно преку апликацијата за комуникација.

Според најавата од 16 септември, новата функционалност треба да стане достапна за корисниците во Србија во следните 30 дена, а трансферите на пари ќе бидат без надоместок.

Решението е развиено во соработка со Народната банка на Србија и PayChat. За да ја користат услугата, корисниците ќе треба да го поврзат соодветниот chatbot со својата апликација за мобилно банкарство.

Потоа, директно преку Viber ќе можат да го изберат примачот и износот што сакаат да го испратат, додека конечната потврда на трансакцијата ќе се врши преку апликацијата за мобилно банкарство.

Со новата услуга, Viber практично го интегрира процесот на испраќање пари во секојдневната комуникација, овозможувајќи трансферот да започне директно од чет, без потреба корисникот самостојно да внесува податоци за примачот во банкарската апликација.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange