Банки
Советoт на Народната банка донесе нови макропрудентни мерки за понатамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот сектор
Советoт на Народната банка, на редовната седница одржана на 28 април 2023, во насока на понатамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот сектор, донесе одлука за воведување макропрудентни мерки за квалитетот на кредитната побарувачка, согласно со европската практика. Согласно со Законот за финансиска стабилност којшто стапи на сила минатата година, во декември 2022 година, Советот усвои одлука со која се воведоа макропрудентните инструменти за квалитетот на кредитната побарувачка, односно прецизно се определи методологијата за пресметување на показателите преку кои се следи способноста на физичкото лице да ги отплаќа месечните обврски врз основа на кредити, како и соодносот помеѓу износот на кредит и вредноста на заложениот недвижен имот.
Со новововедените макропрудентни мерки се продолжува со јакнење на макропрудентната рамка преку утврдување на максимални вредности за овие показатели на системска основа. Макропрудентните мерки се изготвени во консултации со Меѓународниот монетарен фонд, а се во линија со препораките на европските институции. Максималните вредности се утврдени врз основа на детална анализа на податоци обезбедени од страна на банките и штедилниците и не отстапува значајно од најчесто применуваната висина на овие показатели од нивна страна. Со преземените мерки превентивно се делува за спречување на кумулирање на системски ризици во сегментот на домакинствата и на пазарот на недвижности.
На истата седница беше усвоен и Годишниот извештај на Народната банка за 2022 година, во кој се наведува дека и покрај предизвиците кои ги наметна руската војна во Украина, минатата година беше задржана стабилноста на девизниот курс на денарот, кон крајот на годината започна да забавува инфлацијата, додека девизните резерви беа одржани на адекватно ниво. Во услови на стратегија на „де факто“ фиксен девизен курс на денарот во однос на еврото, имаше потреба од промени во монетарната политика заради стабилизирање на инфлациските очекувања и инфлацијата на среден рок, одржување на стабилноста на домашната валута, притоа имајќи ги предвид и промените на монетарната политика на Европската централна банка. За таа цел, Народната банка уште од крајот на 2021 година започна со постепено нормализирање на монетарната политика, што беше направено преку соодветно управување со ликвидноста, како и со постепено зголемување на основната каматна стапка во неколку наврати, почнувајќи од април 2022 година. И покрај предизвиците при оперативното водење на политиките во услови на општа глобална неизвесност, Народната банка и во 2022 година посветено работеше и спроведе низа програмски активности, во насока на натамошно зајакнување на регулаторната рамка, осовременување на расположливиот сет на инструменти, зголемување на транспарентноста и општествената одговорност. Преземени се бројни активности за создавање предуслови за спроведување на новиот Закон за платежни услуги и платни системи (подготвени се и донесени 25 подзаконски акти), со што ќе се овозможи влез на нови даватели на платежни услуги, ќе се зголеми конкуренцијата, квантитетот и квалитетот на платежните услуги, а исто така и се зајакнува заштитата на потрошувачите. Народната банка започна со објавување нови статистички податоци за показателот должнички хартии од вредност исполнувајќи го највисокиот меѓународен статистички стандард СДДС плус, а исто така меѓу податоците и показателите за банкарскиот систем, почна да објавува и квартални податоци за кредитите за зелено финансирање одобрени на домаќинствата и нефинансиските друштва. На иницијатива на Народната банка, а заради создавање услови за поддршка на развојот на финтек-секторот, финансиските регулатори склучија Меморандум за соработка со кој се поставува систем преку кој регулаторите координирано ќе дејствуваат (Комитет за финтек), во однос на спроведувањето на националната Стратегија за финтек-секторот, која беше подготвена од Народната банка и усвоена од Комитетот за финтек. Централната банка продолжи и со засилени активности во доменот на финансиската едукација со што придонесува за подигањето на финансиската писменост и финансиската инклузија на населението во нашата земја.
Советот на Народната банка го усвои и Извештајот за ризиците во банкарскиот сектор во 2022 година. Во него се наведува дека и покрај неизвесното макроекономско окружување, предизвикано од глобални фактори, а пропратено со енергетска криза, раст на инфлацијата и затегнување на финансиските услови, банкарскиот систем продолжи со непречено вршење на финансиското посредување. Во 2022 година, банките обезбедија највисок годишен кредитен раст во последните десетина години, што се должи на корпоративниот сектор, а кредитите на домаќинствата остварија поумерен раст. На страна на изворите на средства, депозитите од нефинансиските субјекти бележеа променливи движења во текот на 2022 година, што резултираше со побавен годишен раст во споредба со претходната година. Носител на депозитниот раст во 2022 година беа депозитите од домаќинства, но и депозитите од претпријатија бележат раст. Склоноста на депонентите за чување на своите средства во девизи беше повисока, но со мерките кои ги презеде Народната банка со задолжителната резерва, се поттикна повисок раст на депозитите во денари во последните месеци од 2022 година, што се очекува да продолжи и во иднина.
Изложноста банкарскиот систем на ризиците е умерена, а спроведеното стрес-тестирање покажува задоволителна отпорност на банкарскиот систем на симулираните шокови. Ликвидноста на банкарскиот систем е на задоволително ниво, а солвентноста се подобри во 2022 година, при што стапката на адекватност на капиталот достигна највисоко ниво за последните десетина години, од 17,7%. Соодветната капитализираност на банките е многу значајна за справување со различни предизвици при надолните фази од економските циклуси и во кризни услови. Квалитетот на кредитното портфолио се подобри со оглед на намалувањето на вкупните нефункционални кредити и на нивното учество во вкупните кредити до историски најниското ниво од 2,9%. Учеството на нефункционалните во вкупните кредити се намали и кај двата сектора, и изнесува 3,9%, во портфолиото на корпоративни кредити и 1,9%, во кредитното портфолио составено од домаќинства. Сепак со оглед на неизвесното окружување, неопходно е натамошно прудентно однесување.
Банки
Халкбанк АД Скопје донираше инклузивна опрема, училница на отворено и го уреди училишниот двор на ООУ „Имри Елези“ во Чаир
Со донација од Халкбанк АД Скопје, во основното училиште „Имри Елези“ во Општина Чаир, Скопје, беше реализиран проект за уредување на училишниот двор, кој опфати поставување инклузивна урбана опрема за децата, изградба на училница на отворено и уредување на училишна градина за одгледување градинарски култури, со што се создаваат подобри услови за игра, учење и престој на учениците.
Со уредувањето на просторот, училишниот двор доби нова функција како место каде учениците ќе можат да поминуваат повеќе време на отворено, да се дружат и да учествуваат во различни активности. Поставената урбана опрема овозможува просторот да биде достапен и функционален за сите деца, поттикнувајќи инклузивност и еднакво учество во училишниот живот.
Новата училница на отворено ќе им овозможи на наставниците дел од наставата да ја реализираат во поинаква и поинтерактивна средина, додека училишната градина ќе служи како практичен простор каде учениците ќе учат за природата, растенијата и процесот на одгледување градинарски култури.




„Нашата банка верува дека секое дете заслужува средина во која ќе може да учи, да се развива и да ги гради своите потенцијали. Со уредувањето на дворот во ООУ „Имри Елези“ сакаме да придонесеме кон создавање поинклузивен и инспиративен простор кој ќе го користат сите ученици, како за учење, така и за игра и дружење“, истакна Фатих Шахбаз, главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје.
Оваа донација е дел од континуираните активности на Халкбанк насочени кон поддршка на образованието и развојот на локалните заедници, преку проекти кои придонесуваат за подобри услови за учење и развој на младите.
Банки
Глобалната недела на парите 2026 година: „Разговори за паметно управување со парите“
Народната банка, Министерството за финансии, Комисијата за хартии од вредност, Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување и Агенцијата за супервизија на осигурувањето, во соработка со асоцијациите и институциите од приватниот и граѓанскиот сектор коишто се активни во доменот на финансиската едукација, во периодот од 16 до 22 март 2026 година, четиринаесетта година по ред ќе ја одбележат Глобалната недела на парите. Глобалната недела на парите традиционално се одбележува преку предавања за различни возрасни групи, објавување едукативни материјали од областа на финансиите на интернет-страниците, одржување работилници со физичко присуство или онлајн, како и објавување едукативни содржини на социјалните мрежи.
Темата на која е посветена годинешната глобална недела на парите е: „Разговори за паметно управување со парите“ (Smart money talks).
Во рамките на одбележувањето на Глобалната недела на парите, Народната банка ќе организира бројни активности коишто вклучуваат повеќе возрасни групи, како и повеќе едукативни алатки. Во соработка со Сојузот на средношколци ќе биде одржана трибина со учениците од средните училишта на тема: „Паметно со парите – зборувај, размислувај, одлучувај“. Во неделата на парите, ќе се одржат и предавања за учениците од основните училишта, како и за студентите. Преку објавување прашања во рамките на едукативниот квиз на социјалните мрежи на Народната банка, јавноста ќе има можност да го провери своето финансиско знаење. Народната банка ќе даде придонес и кон националниот натпревар на Европскиот квиз на парите, којшто ќе се одржи за време на Глобалната недела на парите.
Во организација на Организацијата за економската соработка и развој (ОЕЦД), Глобалната недела на парите се одбележува од 2012 година, со единствен прекин во 2020 година поради пандемијата. Досега одбележувањето е во повеќе од 176 земји во светот, при што се вклучени 32.000 организации и институции и се опфатени 71 милион деца и млади. Целта е да се зајакнува свеста на младите луѓе, од рана возраст, за значењето на финансиската писменост и потребата да стекнуваат знаења и вештини и да градат ставови и однесувања потребни за донесување разумни финансиски одлуки и за постигнување финансиска благосостојба и финансиска отпорност.
Повеќе информации за Глобалната недела на парите се достапни на врската: www.globalmoneyweek.org
Банки
Централна Кооперативна Банка со промотивна понуда за станбен кредит за млади брачни парови
Централна Кооперативна Банка АД Скопје во текот на март нуди промотивен станбен кредит наменет за млади брачни парови, со попуст до 2.000 евра вклучен во каматата. Од банката велат дека новата понуда има цел да им помогне на младите семејства полесно да го направат првиот чекор кон сопствен дом и стабилна заедничка иднина.
Според условите на промоцијата, кредитот овозможува фиксна каматна стапка од 2,90 проценти во првите пет години, по што следува променлива камата од 3,80 проценти. Дополнително, понудата предвидува и низа олеснувања за корисниците, меѓу кои немање трошоци за нотар, без надомест за документација, како и без трошоци за проценка на недвижноста во првата година.
Од Централна Кооперативна Банка посочуваат дека почетокот на заедничкиот живот носи многу планови, соништа и одговорности, а сопствениот дом е еден од најважните чекори во градењето на стабилна иднина. Затоа, како што велат, со оваа кредитна линија сакаат да понудат сигурна основа, поволни и транспарентни услови, како и флексибилност што ќе го следи ритамот на младите семејства.
Заинтересираните можат да поднесат барање преку електронска апликација или да ја посетат најблиската експозитура на банката за брза консултација со банкарските советници. Повеќе информации за промотивната понуда се достапни на официјалната веб-страница на Централна Кооперативна Банка АД Скопје.
-
Продуктипред 2 месециАЛТА Банка со нов потрошувачки кредит со најповолни услови на македонскиот пазар
-
Продуктипред 2 месециШтедењето како резолуција за 2026 – Промо депозитот на Халкбанк како прв чекор
-
Продуктипред 2 месециКомерцијална банка: Воведуваме ново ниво на сигурност при интернет плаќања со картичка и трансакции преку мБанка
-
Бизниспред 1 месецУЈП започна со исплата на повратот од „Мој ДДВ“ за четвртиот квартал 2025
-
Банкипред 1 месецДобра вест за акционерите: Комерцијална банка со 8% повисока дивиденда за 2025 година
-
Останатопред 1 месецАЛТА банка АД Битола со стабилна капитална позиција, но значителен пад на профитабилноста во транзициската 2025 година
-
Продуктипред 1 месецОтворете сметка во Халкбанк онлајн и добијте ваучер за гориво од Макпетрол
-
Бизниспред 1 месец„Е-фактура“ го трансформира бизнисот во Македонија – помал административен товар, поголема дигитална ефикасност и контрола на даночните обврски



