Осигурување
Осигурителните компании доделија стипендии и можност за вработување за 12 студенти со висок просек на Економски факултет – Скопје

Иницијативата на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) ја поддржаа 10 осигурителни компании кои ќе издвојат по 1.000 евра стипендија за секој од студентите и што е поважно ќе укажат простор за практична работа која може да прерасне и во вработување.
Дванаесет студенти на Економскиот факултет при универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје добија стипендии од 10 осигурителни компании. Иницијативата за отпочнување на соработка за доделување стипендии на студенти со висок просек, посетување на пракса и можност за вработување во осигурителните компании произлезе од меморандумот за соработка склучен на денот на осигурувањето чиј иницијатор беше Агенцијата за супервизија на осигурување.
По тој повод денеска директори и членови на управните одбори на десет осигурителни компании ги доделија договорите за стипендии на овие студенти запишани во четврта година на Економскиот факултет при УКИМ. По двајца студенти со просечна оценка еднаква или повисока од 9 ќе стипендираат „Кроација осигурување – неживот“ и „Кроација осигурување“. По еден студент, со просек еднаков или повисок од 9, ќе стипендираат друштвата: „Еуролинк“, „Триглав осигурување“, „Сава осигурување“, „Граве“, „Триглав осигурување живот“, „Еуроинс осигурување“, Граве неживот“ и „Халк осигурување“.
На свеченоста организирана по тој повод на Економскиот факултет денеска пред присутните се обратија проф.д-р Предраг Трпески, декан на Економскиот факултет, проф.д-р Крсте Шајноски, претседател на Советот на експерти на АСО, а во име на осигурителните дрштва се обрати Ѓорѓе Војновиќ, претседател на еснафското здружение на осигурители при Стопанската комора и директор на „Триглав осигурување“. Пред присутните се обрати и Александар Николовски, претседател на факултетското студентско собрание.
Во својот поздравен говор деканот Трпески се заблагодари на АСО како иницијатор и на компаниите кои стипендираат нивни студенти и истакна:
„Ова е успешен почеток на една плодна соработка која ќе значи приближување на осигурителната индустрија и високообразовниот процес. Стипендиите значат многу за студентскиот стандард, но уште поголемо е значењето на шансата што студентите ја добиваат во отворената соработка со осигурителната индустрија”.
Студентите од осигурителните компании ќе добијат стипендија од 1.000 евра во денарска противвредност, можност за практична обука во компанијата, а опција е и вработување.
Претседателот на АСО, Шајноски во своето обраќање на студентите им порача: „Овде не сте само за стипендијата. Тоа е моментално материјално добро. Пред вас ќе се отворат вратите на финансиски здрави и конкурентни осигурителни компании во кои ќе можете практично да научите што е осигурување, како функционира, како се процесираат штетите, како се креираат нови осигурителни производи. Можете многу да научите од овие успешни менаџери и менаџерки и од тимовите со кои тие раководат. Да почувствувате како се заработува денарот на отворен пазар, како да да се натпреварувате во конкурентни услови за да станете подобри и поуспешни”.
На првата генерација стипендисти на осигурителните компании Војновиќ им кажа:
„Мотивирање и поддршка на младите во сите сфери на образовниот систем, а особено во високото образование, е исклучително важно за понатамошниот развој на динамично општество. Едукацијата треба да придонесе кон креирање лидери, кои ќе умеат да се справат со предизвиците, со леснотија ќе се приспособуваат на брзите промени и ќе креираат услови за позитивен развој. Затоа, ние во осигурителната индустрија, продолжуваме да вложуваме напори да ги поддржуваме и да инвестираме во младите лидери, со цел, да ја подигнеме јавната свест и да ја подобриме перцепцијата за придобивките од осигурувањето.”
Пред присутните се обрати и студентот Николовски кој во име на студентите се заблагодари на укажаната шанса и додаде: „Стипендирањето на студентите претставува дополнителен мотив за унапредување на знаењата, чуство на препознатливост и момент кој може полесно да го одреди кариерниот пат на студентот. Оваа соработка е пример за стимулирање на успехот во образовниот процес и подобрување на кариерните можности во финансискиот сектор”.
Бизнис
Средба со европски експерти од осигурителниот сектор

Ни беше голема чест да бидеме дел од овогодишната средба на европските експерти од осигурителниот сектор. Оваа средба беше организирана во Македонија, Охрид, каде што можевме да слушнеме стручни мислења од врвни експерти.
Темите за кои се дискутираше на средбата беа од укажувањето на Агенцијата за супервизија на осигурувањето и тоа: анализа на ризик, објавување на стапки за брокеража, нееднаква положба на осигурително-брокерските и другите посредници во осигурувањето, примена на ИДД, за финансиски омбдусман, учество на брокери во јавните набавки, размена на искуства од повеќе земји и најновите трендови во осигурувањето.
Целта беше да се добие поширока слика за проблемите со кои се соочува пред сѐ осигурително-брокерското работење во Македонија, но и пошироки теми, кои се однесуваат на усогласувањето на работењето со европските стандарди и директиви.
Претставници од земјите-членки на ЕУ
- Nic De Maesschalck – претседател на БИПАР и член на Insurance and Reinsurance Stakeholder Group – EIOPA
- Karel Van Hulle – креатор на директивата Solvency II
- Raminta-Zimkute-Pinele– претставник на Литванската асоцијација на брокерски друштва.
Учесници што ги споделија своите искуства на работењето во осигурителниот сектор во Македонија беа:
- Александар Атески – Флекс Брокер
- Никола Шарковски – Минт – инс
- Д-р Оливера Клинчарова – Делта ИНС Брокер АД Скопје, која воедно е и претседателка на Асоцијацијата на брокерски друштва.
ПР објава
Бизнис
Климе Попоски поднесе оставка од Управниот одбор на Македонија Осигурување АД Скопје – ВИГ

Експертот за управување со ризик и осигурување, проф. д-р Климе Попоски, поднесе оставка од функцијата член и потпретседател на Управниот одбор на Македонија Осигурување АД Скопје – Виена Иншуренс Груп.
Оставката е доставена на 24 април 2025 година, а е констатирана истиот ден на седница на Надзорниот одбор на компанијата. Според официјалното соопштение објавено преку Македонска берза, Попоски ќе остане активен во своите извршни обврски сè до 31 мај 2025, додека оставката ќе стапи на сила од 1 јуни 2025 година.
„Ве известуваме дека на 24.04.2025 година г-дин Климе Попоски поднесе оставка од функцијата член и потпретседател на Управниот одбор на МАКЕДОНИЈА Осигурување АД Скопје – Виена Иншуренс Груп. Оставката на г-дин Климе Попоски е констатирана на седницата на Надзорниот одбор одржана на 24.04.2025 година. Оставката на г-дин Климе Попоски е со важност од 01.06.2025 година. Г-дин Климе Попоски ќе ги извршува своите обврски како член и потпретседател на Управниот одбор заклучно со 31.05.2025 година“, соопштија од компанијата преку Македонска берза.
Професорот Попоски беше именуван во Управниот одбор во ноември 2024 година. И покрај краткиот мандат, неговото присуство внесе значајна експертиза во областа на осигурителната регулатива, управување со ризик и супервизија.
Кој е Климе Попоски?
Климе Попоски е долгогодишен универзитетски професор на Катедрата за осигурување при Факултетот за економија – Прилеп, дел од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола. Тој е еден од водечките експерти за осигурување во земјата, со богато искуство во јавниот и академскиот сектор.
Попоски е и основач и прв претседател на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО), институција која ја водеше цели 10 години, поставувајќи темели на современа регулатива и надзор во осигурителниот сектор во Северна Македонија.
Македонија Осигурување АД Скопје – Виена Иншуренс Груп
Како дел од Vienna Insurance Group (VIG), Македонија Осигурување АД Скопје е една од водечките осигурителни компании на македонскиот пазар, со силна позиција во сегментот на неживотно осигурување. Промената во Управниот одбор доаѓа во време кога индустријата се соочува со нови регулативни предизвици и сè поголема потреба од дигитализација и прилагодување на европските стандарди.
Банки
Триглав Oсигурување Живот и Халкбанк со нови атрактивни можности за осигурување на живот за корисници на станбен кредит

Станбениот кредит е одлична можност за решавање на значајната животна потреба за сопствен дом, кој пропратен со осигурување на живот за корисникот на кредитот е вистинското решение за финансиската сигурност и стабилност на целото семејство.
Атрактивната комбинација на банкарски и осигурителни производи овозможува кредит со вклучена полиса за осигурување на живот за кредитобарателот, која има за цел да обезбеди финансиска сигурност за неговото семејство во услови кога тоа се задолжува со висок износ и на долг временски период полн со неизвесности.
Триглав Осигурување Живот во соработка со Халкбанк креираше нови продукти за осигурување за сите корисници на станбен кредит, кои обезбедуваат месечно плаќање на премијата вклучена во амортизациониот план на кредитот.
Со овој новитет корисниците на станбен кредит во Халкбанк добија можност да склучат полиса која им обезбедува сигурна отплата на кредитот од страна на Триглав Осигурување Живот АД Скопје во случај на неочекуван немил настан (смрт) на кредитобарателот, при што полисата е вклучена и во амортизациониот план на кредитот.
“Овозможуваме уникатни производи креирани според потребите на клиентите кои се корисници на станбен кредит во Халкбанк. Тие имаат можност да изберат помеѓу три вида продукти за осигурување, кои им овозможуваат премијата да ја плаќаат месечно заедно со ануитетот за кредитот се до отплата на станбениот кредит, а им обезбедуваат и осигурување во случај на смрт од болест или незгода. Со ова на корисниците на станбен кредит им понудивме навистина квалитетна и максимално корисна понуда за осигурување при долгорочно кредитирање”, велат од Триглав Осигурување Живот АД Скопје.
Полисата за осигурување на живот на корисник на кредит е полиса со осигурена сума која го следи амортизациониот план на кредитот, а има за цел да обезбеди отплата на кредитот од страна на Триглав Осигурување Живот АД Скопје во случај на ненадеен немил настан (смрт) на кредитобарателот. Оваа полиса има можност и за вклучување две осигурени лица на една полиса, со што обезбедува отплата на кредитот во случај на неочекувана смрт на кој било од двајцата осигуреници.
За уште поголеми бенефити за клиентите, Халкбанк за корисниците на станбен кредит нуди и осигурителни полиси вклучени во амортизациониот план на кредитот, кои имаат и штедна компонента. Полисата за Ризико осигурување со 30% поврат на премија и Полисата за Осигурување на живот со штедење со двојна осигурена сума во случај на смрт се со фиксна осигурена сума во случај на неочекувана смрт за цело времетраење на осигурувањето, која е во висина на износот на станбениот кредит. Овие полиси примарно гарантираат отплата на кредитот во случај на неочекуван немил настан (смрт) на кредитобарателот, а можниот вишок на средства се исплаќа кон корисникот кој го одредил самиот кредитобарател, со што се обезбедува и дополнителна финансиска сигурност за најблиските. Штедната компонента, пак, гарантира поврат на вложените средства при доживеан истек на осигурувањето.
Со оваа заедничка понуда на Триглав Осигурување Живот и Халкбанк корисниците на станбен кредит добиваат ефикасно и персонализирано финансиско решение за остварување на една од најголемите животни желби без финансиски грижи и потешкотии.
За дополнителни информации за понудата, како и за да ви помогнеме да изберете најдобро решение за вашата финансиска сигурност, посетете ја најблиската филијала на Халкбанк АД Скопје.
- Банкипред 3 недели
Стопанска банка АД – Скопје назначи нов Генерален директор за финансии и член на Управниот одбор
- Продуктипред 5 дена
Apple Pay доаѓа во Македонија: Подготовките се во тек, стартот се очекува наесен
- Банкипред 2 дена
Оставка на член на Управниот одбор на Стопанска банка АД – Скопје
- Останатопред 1 недела
Промени во Надзорниот одбор на ПроКредит Банка АД Скопје
- Фондовипред 1 недела
Промени во Надзорниот одбор на КБ Прво пензиско друштво АД Скопје
- Продуктипред 2 месеци
Почни го летото со премиум поволности и поголеми бонуси со Visa Gold и Visa Classic од Комерцијална банка
- Продуктипред 1 месец
Халкбанк овозможува кредит целосно онлајн, без шалтер и документација
- Колумнипред 1 недела
Одржливиот развој не е слово на хартија, туку одлуки и активности кои банкарскиот сектор треба да ги направи