Банки
ПроКредит Банка продолжува со поддршка на младите лидери од Економскиот факултет – Скопје при УКИМ
На свечената промоција на дипломираните студенти на Економскиот факултет – Скопје, одржана на 12 ноември 2025 година, ПроКредит Банка уште еднаш ја потврди својата посветеност кон младите, образованието и вредностите што создаваат одржливо општество.
Во присуство на професори, студенти и гости, Милан Дамчевски, член на Управниот одбор на ПроКредит Банка, им се обрати на дипломците со инспиративен говор во кој ја сподели својата лична приказна како поранешен студент токму на овој факултет и им посака да бидат амбициозни, храбри, љубопитни и да не забораваат дека вистинскиот успех започнува од внатрешната верба и од интегритетот.
„Овој факултет не ме научи само економија, туку ме научи како да размислувам. Да прашувам зошто, да слушам пред да зборувам, и да гледам можности таму каде што другите гледаат пречки. Тоа се вештините што ме водат и денес, во ПроКредит Банка,“ истакна Дамчевски.
ПроКредит како институција која ги вреднува знаењето, интегритетот и развојот на потенцијалот, на десетте најуспешни дипломци ќе им даде можност за вработување во Банката, а дополнително на најуспешните три студенти им додели финансиска награда.
ПроКредит Банка е партнер на младите и на академската заедница повеќе години наназад. Нивната соработка со Економскиот факултет – Скопје израсна во вистинска заедничка мисија: да се создаде генерација економисти кои ќе размислуваат критички, ќе дејствуваат одговорно и ќе градат економија со човечко лице. Еден од највпечатливите резултати на ова партнерство е и новоотворената ProLab – креативната лабораторија поддржана од ПроКредит Банка, создадена како современ простор за идеи, тимска работа и иновации.
На свечениот прием по повод 75 години од основањето на Економскиот факултет – Скопје, УКИМ, кој ќе се одржи во МОБ на 12 ноември од 19 часот, Милан Дамчевски прими благодарница во име на ПроКредит Банка за долгогодишната соработка и поддршка.
За ПроКредит Банка, оваа соработка е повеќе од корпоративна општествена одговорност – таа е вложување во генерации што ќе го движат економскиот и етичкиот напредок на земјата. Банката останува доследна на својата мисија да биде мост меѓу финансискиот сектор и образованието, меѓу идеите и нивната реализација.
Банки
Србија и Светска банка преговараат за милијарда евра за гасната инфраструктура, важна и врската со Северна Македонија
Србија во средината на август ќе почне преговори со Светска банка за условите за финансирање програма вредна една милијарда евра, наменета за проширување и модернизација на гасната инфраструктура во земјата, соопшти српската министерка за енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ.
Преговорите ќе опфатат прашања поврзани со социјалните и еколошките стандарди, јавните набавки, како и јасно утврдување на надлежностите и одговорностите за секој сегмент од проектот.
Планирано е повеќегодишната програма да се реализира во неколку фази. Во првата фаза е предвидена изградба на дел од планираниот гасовод што ќе ги поврзува Ниш и Велика Плана, како и подготовка на техничка документација за проектите што ќе следуваат.
Втората и третата фаза предвидуваат проширување на постојните и изградба на нови капацитети за складирање гас, изградба на придружни гасоводи, како и гасовод од Мокрин, во близина на границата со Романија, до Белград.
Во рамките на проектот треба да се анализира и подготвеноста на српската гасна инфраструктура за транспорт на водород.
Според Ѓедовиќ Хандановиќ, новите гасоводи ќе ѝ овозможат на Србија подобро да го искористи потенцијалот на постојните интерконекции, но и на планираните гасни врски со Северна Македонија и Романија.
Србија очекува изградбата на интерконекторите со Северна Македонија и Романија да биде завршена во следните две години, како дел од напорите за диверзификација на изворите и правците за снабдување со енергија.
Во меѓувреме, земјата спроведува и реформи во гасниот сектор. По усвојувањето на новиот Закон за гас е формирана компанијата „Гас инфраструктура“, која ќе управува со целокупната гасна инфраструктура, додека „Транспортгас Србија“ е сертифициран како независен системски оператор за пренос на природен гас.
Државниот „Србијагас“ и натаму ќе биде одговорен за снабдување на домаќинствата и компаниите. Компанијата располага со дистрибутивна мрежа долга 6.633 километри и снабдува повеќе од 90.000 домаќинства.
Србија најголем дел од природниот гас го добива од руски „Газпром“ преку продолжението на „Турски тек“ низ Бугарија, а увезува и азербејџански гас преку интерконекторот со Бугарија.
Банки
Халкбанк услугите отсега достапни и преку Пошта низ целата земја
Халкбанк АД Скопје информира дека голем дел од банкарските услуги на банката отсега се достапни и преку поштенската мрежа низ земјата, со што граѓаните добиваат дополнителна можност полесно да завршат дел од своите банкарски обврски.
Во рамки на соработката со Пошта на Северна Македонија, за физичките лица се овозможени готовински и безготовински платен промет во земјата, како и прием на документација за отворање денарска платежна сметка, ажурирање лични податоци, електронско и мобилно банкарство и дебитна платежна картичка.
Преку поштенската мрежа може да се поднесе и пријава за прием на пензија или социјално право, да се издаде пензиски чек, да се добијат информации за орочени депозити и кредитни производи, како и да се достави потребната документација за нив.

Достапна е и услугата за исплата на готовина до местото на живеење за пензии и социјални права.
За правните лица, пак, достапни се готовински и безготовински платен промет во земјата, како и информации за актуелната понуда на орочени депозити.

„Како во Халкбанк – Халкбанк услуги достапни и во Пошта“, порачуваат од банката, нагласувајќи дека целта е банкарските услуги да бидат поблиску и подостапни до корисниците низ целата држава.
Банки
ЕЦБ ѝ одобри на Народната банка траен пристап до репо-линија од 50 милијарди евра
Европската централна банка ѝ одобри на Народната банка пристап до зголемената репо-линија на Евросистемот ЕУРЕП, со максимален износ од 50 милијарди евра, соопшти денеска Народната банка.
По завршувањето на техничкиот процес за приклучување, Народната банка ќе добие можност за брз пристап до девизна ликвидност во евра, што треба да овозможи полесно справување со евентуални финансиски шокови и зголемена побарувачка за ликвидност.
Од Народната банка посочуваат дека девизните резерви и натаму се примарниот заштитен механизам за одржување на макроекономската и финансиската стабилност, но новата репо-линија дополнително ќе ја зајакне отпорноста на финансискиот систем во случај на надворешни потреси.
Досега Народната банка имаше пристап до репо-линија на ЕЦБ во максимален износ од 400 милиони евра, воспоставена за време на пандемијата на ковид-19 и продолжена до 31 јануари 2027 година.
За разлика од досегашниот аранжман, ЕУРЕП е траен инструмент на Евросистемот, со значително поголем капацитет и поширок опфат.
Овој инструмент е наменет за обезбедување ликвидност во евра на централните банки и монетарните власти надвор од еврозоната во услови на пазарни нарушувања. Со него управуваат пет национални централни банки под координација на ЕЦБ.
Од Народната банка оценуваат дека пристапот до ЕУРЕП дополнително ја зајакнува заштитната мрежа на земјата и можноста за справување со евентуални нарушувања на финансиските пазари.
-
Интервјуапред 2 месециДигитализацијата и довербата се двигатели на новото банкарство – Беркан Имери во FinSight
-
Продуктипред 1 месецИднината на банкарството е во доброто корисничко искуство
-
Банкипред 2 месециХалкбанк носи пристап до Истанбулската берза и до нови можности за раст на капиталот
-
Останатопред 2 месециОд јули почнува исплатата на К-15, минималниот износ е 19.116 денари
-
Кариерапред 2 месециАЛТА Банка објави оглас за вработување на референт за работа со благајна
-
Кариерапред 2 месециКомерцијална банка објави оглас за вработување во Тетово
-
Банкипред 2 месециНов банкомат на Халкбанк пред МНТ инспириран од театарската сцена
-
Банкипред 1 месецИсплатата на јунските пензии преку Стопанска банка почнува на 1 јули



