Connect with us
no baners

Банки

Гувернерот Славески на конференција на Економскиот факултет: Народната банка е пример за креирање политики засновани на квалитетни податоци и истражувања

Објавено

на

Несомнено, квалитетните и навремени податоци и анализи се клучни во носењето на кредибилни политики со кои се одржува макроекономската стабилност. Затоа, Народната банка своите одлуки секогаш ги темели на робусни докази засновани на детални емпириски истражувања, статистички анализи и квалитетни податоци, коишто го одржуваат и јакнат нејзиниот кредибилитет. А во време на глобални неизвесности и повеќе последователни кризи, токму силниот кредибилитет претставува најмоќната алатка за успешно остварување на целите на монетарната политика“. Ова го порача гувернерот Трајко Славески во своето воведно излагање на годишната конференција „Применети економски истражувања: патот кон оптимални национални стратегии и политики во турбулентни времиња“ организирана од страна на Балканската асоцијација на економисти во применета економија, во соработка со и поддржана од Економскиот факултет – Скопјe при УКИМ и Сојузот на економисти на Македонија.

Понатаму, гувернерот Славески се осврна на анкетното истражување на Global central banking околу главните приоритети на централните банки, оперативните поставености и, следствено нивните истражувачки активности во следниот период.

На прво место е финансиската стабилност, при што над 45% од централните банки даваат приоритет на финансиската стабилност и отпорноста, во контекст на тековните глобални предизвици. На второ место е справувањето со инфлацијата, при што мерките што ги преземаат централните банки се во насока таа да се сведе на историските нивоа од околу 2%. Третата област е кибер-безбедноста и вештачката интелигенција, коишто се новите предизвици пред кои што се исправени централните банки“, истакна гувернерот Славески.

Во фокусот на истражувањата се и дигиталната трансформација, вклучително и воведувањето на дигиталните валути коишто сѐ помасовно стануваат дел од стратегиите на централните банки. 

Гувернерот Славески посочи дека носењето на одлуки базирани на докази е неопходно за централните банки успешно да ја извршуваат својата функција во комплексноста на денешните економии, особено во услови на епизоди на висока инфлација, брзи технолошки трансформации, огромна неизвесност и гео-економска дезинтеграција.

Во своето обраќање гувернерот Славески порача и дека Народната банка посветено и во континуитет работи на подготовка на напредни и сеопфатни истражувања и анализи, коишто претставуваат еден од главните чинители при носењето на одлуките со кои се одржува севкупната макроекономска и финансиска стабилност на земјата.

Банки

Комерцијална банка ги награди победниците на натпреварот во раскажување книги со штедни книшки „Верверичка“

Објавено

на

Комерцијална банка АД Скопје и оваа година го поддржа натпреварот во раскажување книги, организиран од Фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“, наградувајќи ги најуспешните учесници со штедни книшки „Верверичка“ и парични депозити.

Банката обезбеди награди за шесте победници во две категории, при што за освоено прво место беа доделени 10.000 денари, за второ место 6.000 денари, а за трето место 4.000 денари.

Од Комерцијална банка истакнуваат дека со оваа поддршка не само што се наградува успехот на младите љубители на книгата, туку се поттикнуваат и вредности како љубовта кон читањето, критичкото размислување и стремежот кон знаење.

Во време кога децата се сè повеќе изложени на содржини од социјалните мрежи, од Банката нагласуваат дека читањето придонесува за развој на фокусот, имагинацијата и способноста за формирање сопствен став.

Штедната книшка „Верверичка“, покрај симболиката поврзана со штедењето, претставува и прв чекор кон развивање здрави финансиски навики кај најмладите.

Комерцијална банка најавува дека и во иднина ќе продолжи да ги поддржува иницијативите кои ги мотивираат младите да учат, да создаваат и да инвестираат во својата иднина.

Продолжи со читање

Банки

Народната банка организира нова сесија на Клубот на истражувачите

Објавено

на

Народната банка на 18 јуни (четврток) ќе ја одржи 58. сесија на Клубот на истражувачите, која ќе започне во 14 часот во просториите на институцијата.

На настанот ќе биде презентиран научноистражувачкиот труд „Поширок поглед врз стабилноста на банките: Дали нефункционалните кредити се значајни за земјите во развој?“, чиј автори се проф. д-р Бесиме Зибери и д-р Артина Беџети Бафтијари.

По презентацијата е предвидена отворена дискусија со учесниците.

Од Народната банка информираат дека Клубот на истражувачите претставува платформа за презентација и размена на научни и стручни согледувања од областа на монетарната политика, банкарството и макроекономијата. На сесиите се презентираат истражувања кои се темелат на современи научни методи, емпириски анализи и релевантни заклучоци.

Клубот е отворен за научната и стручната јавност, а членството е достапно за сите заинтересирани. Сесиите се јавни, а фотографии од настаните редовно се објавуваат на веб-страницата и на социјалните мрежи на Народната банка.

Продолжи со читање

Банки

Потпретседателот на ЕЦБ Борис Вујчиќ: Подлабоката монетарна интеграција може значително да ја намали финансиската ранливост на регионот

Објавено

на

Подлабоката монетарна интеграција може да одигра значајна улога во намалувањето на финансиската ранливост на регионот на Западен Балкан, особено имајќи ја предвид широко распространетата употреба на еврото во повеќе економии од регионот. Усвојувањето на заедничката валута го намалува ризикот од неусогласеност меѓу приходите во домашна валута и задолжувањето во странска валута, со што се олеснува управувањето со финансиските обврски на домаќинствата, компаниите и државите и се намалува можноста од поширока финансиска нестабилност како резултат на валутните движења. Ова го истакнува потпретседателот на Европската централна банка и поранешен гувернер на Хрватската народна банка Борис Вујчиќ, во интервјуто дадено за публикацијата на Народната банка под наслов „80 години централно банкарство: Светски перспективи, регионална соработка и идни предизвици“ (80 Years of Central Banking: Global Perspectives, Regional Cooperation and Future Challenges).

Според Вујчиќ, монетарната интеграција придонесува и за зајакнување на довербата кај инвеститорите, намалување на трошоците за финансирање и зголемување на отпорноста на економиите на надворешни шокови. Тој нагласува дека со интеграцијата се продлабочуваат економските врски меѓу земјите преку трговијата, финансиите и заедничките институции, но посочува и дека таа не може да биде замена за стабилни економски политики, одржливи јавни финансии и ефикасни институции.

Осврнувајќи се на искуството на Хрватска со воведувањето на еврото, Вујчиќ оценува дека навременото усогласување со Европската централна банка било од огромна важност за успешниот и непречен премин кон еврозоната. Тој наведува дека со помош на усогласувањето во сферата на монетарната политика и банкарската супервизија, транзицијата се одвивала без нарушувања во финансискиот систем, а придобивките за граѓаните и за компаниите се видливи преку пониските трошоци за задолжување, намалените трансакциски трошоци и елиминирањето на валутниот ризик.

Во интервјуто, Вујчиќ посебно се осврнува и на соработката со Народната банка, оценувајќи ја како силна, конструктивна и заснована на меѓусебна доверба, отворена комуникација и заедничка посветеност на јакнењето на централнобанкарските капацитети и финансиската стабилност. Тој потсетува на успешно остварените заеднички проекти, вклучително и два твининг-проекта и три фази од програмата за јакнење на капацитетите на централните банки на Западен Балкан.

„Она што најмногу се издвојува во оваа соработка е професионализмот, посветеноста и експертизата на персоналот на Народната банка. Нивниот силен ангажман, подготвеноста за соработка и постојаната посветеност на квалитетот беа основните фактори за успехот на нашата заедничка работа“, истакнува Вујчиќ, додавајќи дека со нетрпение очекува продолжување на одличната соработка и во иднина.

Интервјуто со Борис Вујчиќ е дел од публикацијата „80 години централно банкарство: Светски перспективи, регионална соработка и идни предизвици“, подготвена во рамките на одбележувањето на јубилејот – 80 години централно банкарство во земјава. Публикацијата е дел од комуникациски проект што опфаќа серијал тематски интервјуа со актуелни и поранешни гувернери на централни банки, високи претставници на меѓународни финансиски институции и претставници на меѓународни централнобанкарски организации. Преку овие интервјуа се овозможува потемелно разгледување на главните прашања од областа на централното банкарство и се создава релевантна експертска содржина со долгорочна институционална вредност.

Целото интервју е достапно на следнава врска: https://www.nbrm.mk/80-godini-centralno-bankarstvo.nspx

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange