Осигурување
Регионална експанзија на АЛТА Група: Со преземањето на ЗОИЛ Македонија АД Битола воспоставен интегриран систем на банкарски и осигурителни услуги
АЛТА Група продолжува со силно регионално позиционирање како единствен систем на финансиски институции, проширувајќи го својот деловен екосистем и во областа на осигурувањето.
По успешните инвестиции во банкарскиот сектор, нова членка на АЛТА Група станува ЗОИЛ Македонија АД Битола, која во наредниот период, по добивање на сите регулаторни одобренија, ќе работи под името АЛТА Осигурување.
Со овој стратешки чекор, АЛТА Група јасно ги потврдува своите регионални амбиции и намерата да биде еден од клучните финансиски актери на пазарот на Западен Балкан.
Со преземањето на ЗОИЛ Македонија АД Битола, АЛТА Група воспоставува интегриран модел на финансиски услуги во кој банкарството, лизингот, електронските и платните сервиси, како и осигурувањето, се обединети во рамки на еден силен и доверлив систем.
Оваа консолидација на клиентите во Северна Македонија им носи повисоко ниво на достапност и ефикасност, овозможувајќи пристап до широк спектар на банкарски и осигурителни производи на едно место. Во рамки на осигурувањето ќе бидат понудени клучни видови на неживотно осигурување – заштита на возила, имот, домаќинства, патувања и деловни активности, со внимателно креирани пакети прилагодени на потребите на граѓаните, претприемачите и компаниите.
Со воведувањето на осигурувањето во постојната понуда се обезбедуваат дополнителни придобивки за клиентите. Корисниците ќе имаат поедноставени процеси, побрза обработка на барањата и појасен пристап до финансиска и сигурносна заштита во рамки на една институција. Интегрираниот модел „сè на едно место“ е усогласен со европските практики и овозможува поголема ефикасност, заштеда на време и полесно донесување финансиски одлуки.
Овој исчекор во индустријата на осигурување го потврдува долгорочниот стратешки цел на АЛТА Група – создавање модерен, регионално релевантен финансиски систем кој ги поврзува клучните сегменти на пазарот и на клиентите им обезбедува интегрирани финансиски и осигурителни решенија.
АЛТА Група ќе ја предводи модернизацијата на целиот систем преку технолошко унапредување и усогласување на процесите, со цел зајакнување на комерцијалната конкурентност и поставување цврсти темели за понатамошен раст и посилен пазарен настап.
Со проширувањето на портфолиото на осигурување, АЛТА Група дополнително го зајакнува своето присуство во Северна Македонија и ја потврдува визијата за изградба на современ финансиски систем кој промовира одржливо работење и развива долгорочни партнерски односи со клиентите низ целиот регион.
Осигурување
Осигурувањето расте низ Балканот – каде е Северна Македонија?
Осигурителниот сектор во земјите од регионот продолжува да расте и во 2026 година. Во Босна и Херцеговина, Косово и Албанија во првите седум месеци се бележи зголемување на бруто-полисираната премија, а регионалните бројки повторно го отвораат прашањето колку е развиен македонскиот осигурителен пазар и колку граѓаните користат животно осигурување.
Во БиХ, осигурителните компании во периодот јануари–јули оствариле бруто-премии од 496,1 милиони конвертибилни марки, односно околу 253,7 милиони евра. Тоа претставува раст од 4,2 отсто во однос на истиот период минатата година.
Во Косово, пак, премиите во првите седум месеци од годинава пораснале за околу 5 отсто, додека албанскиот осигурителен пазар бележи раст од околу 3 отсто.
Северна Македонија со посилен раст, но пазарот останува доминиран од неживотното осигурување
Последните целосни годишни податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување покажуваат дека македонскиот пазар во 2025 година забележал значително повисок раст. Вкупната бруто-полисирана премија достигнала 17,93 милијарди денари, што е раст од 12,31 отсто во споредба со 2024 година.
Премијата по жител, еден од показателите за развиеноста и распространетоста на осигурувањето, во државата во 2025 година изнесувала 9.840 денари, односно приближно 160 евра по жител. Тоа е за 13,18 отсто повеќе од претходната година. Истовремено, учеството на осигурувањето во БДП се зголемило од 1,67 на 1,72 отсто.
Но, структурата на пазарот покажува дека неживотното осигурување и натаму убедливо доминира. Од вкупната премија во 2025 година, 14,74 милијарди денари или 82,21 отсто се однесувале на неживотно осигурување. Животното осигурување учествувало со 17,79 отсто, со премии од 3,19 милијарди денари. Премиите во животното осигурување за една година пораснале за 10,22 отсто.
За споредба, во Албанија животното осигурување во првата половина од 2026 година учествувало со само 9,26 отсто во вкупниот пазар, додека повеќе од 90 отсто од премиите се однесувале на неживотно осигурување. Тоа покажува дека Северна Македонија има поголем удел на животното осигурување од дел од пазарите во регионот, иако и кај нас овој сегмент останува далеку помал од неживотното осигурување.
Регионалните податоци, според тоа, покажуваат дека растот на осигурувањето не е изолиран тренд. Премиите се зголемуваат во повеќе балкански земји, но вистинската разлика меѓу пазарите сè повеќе ќе се мери преку премијата по жител, учеството на осигурувањето во економијата и развојот на животното осигурување.
За Северна Македонија бројките покажуваат солиден раст, но и значителен простор за понатамошно продлабочување на пазарот, особено преку поголемо користење на животното осигурување и доброволните осигурителни производи.
Осигурување
Vienna Insurance Group го прошири работењето во Црна Гора, групацијата е силно присутна и во Северна Македонија
Vienna Insurance Group (VIG) го прошири своето присуство во Црна Гора со основање на компанијата Wiener Städtische Osiguranje Podgorica a.d. – Vienna Insurance Group, која доби дозвола за работа од Агенцијата за надзор на осигурувањето и официјално започна со работа.
По долгогодишното работење во сегментот на животно осигурување, групацијата сега влегува и на пазарот на неживотно осигурување, со што го продолжува инвестицискиот циклус во земјата.
Основачкиот капитал на новата компанија изнесува пет милиони евра, што е значително над законски пропишаниот минимум од три милиони евра.
Vienna Insurance Group поседува 50,1 отсто од капиталот, додека Wiener Städtische животно осигурување Подгорица и Wiener Städtische осигурување Белград имаат по 24,95 отсто.
Извршниот директор Петар Вујошевиќ изјави дека новата компанија од самиот почеток ќе има силна поддршка од целата групација, преку меѓународно искуство, финансиска стабилност и пренесување на знаење од компаниите во Подгорица и Белград.
Одлуката за новата инвестиција следува по успешното работење на Wiener Städtische во сегментот на животно осигурување во Црна Гора. Според податоците за крајот на вториот квартал од 2026 година, компанијата има околу 48 проценти пазарен удел според бруто-фактурираната премија и е лидер во овој сегмент.
Од компанијата посочуваат дека капиталот од пет милиони евра треба да обезбеди дополнителна финансиска стабилност и простор за инвестиции во продажната мрежа, дигитализацијата, новите производи и подобрување на услугите.
Vienna Insurance Group има значајно присуство и во Македонија, каде што работи во сегментите на животно и неживотно осигурување преку „Винер лајф“ и „Македонија осигурување“. Во јули 2024 година, Winner Non-Life беше споен со „Македонија осигурување“, по што компанијата продолжи да работи под брендот „Македонија осигурување“.
Vienna Insurance Group работи во околу 30 земји во Централна и Источна Европа преку приближно 50 компании, има повеќе од 30.000 вработени и над 33 милиони клиенти. Новата инвестиција во Црна Гора е дел од пошироката стратегија на групацијата за зајакнување на позициите на осигурителните пазари во регионот.
Осигурување
Халк Осигурување со порака до патниците: Сигурност за секоја следна авантура
Халк Осигурување ја промовира својата понуда за патничко осигурување, нагласувајќи дека сигурноста за време на патувањето е важен дел од секоја авантура.
„Вистинската слобода започнува кога знаете дека, ако патувањето не тргне според планот, имате сигурен партнер покрај себе“, порачуваат од компанијата.
Од Халк Осигурување посочуваат дека со патничкото осигурување граѓаните можат да патуваат со поголема сигурност и мир, без разлика каде ги носи следното патување.

Пораката е објавена на официјалната Фејсбук-страница на Халк Осигурување АД Скопје.
-
Продуктипред 2 месециИднината на банкарството е во доброто корисничко искуство
-
Банкипред 2 месециСтопанска банка со промотивна камата од 4,9 отсто за Mastercard Platinum картичката
-
Кариерапред 2 месециСтопанска банка Скопје вработува трезорист, отворен оглас за апсолвенти и дипломирани економисти
-
Анализипред 1 месецДали Македонија ќе ги следи Унгарија, Полска и Литванија и ќе го укине вториот пензиски столб?
-
Продуктипред 2 месециНулта толеранција за измами: Владата усвои нова Стратегија за заштита на финансиските интереси на ЕУ во земјава до 2030 година
-
Банкипред 4 неделиПремиум дебитната картичка на Стопанска банка овозможува пристап до над 1.800 аеродромски деловни зони
-
Банкипред 2 месециАЛТА Банка нуди потрошувачки кредит до 1.000.000 денари со одобрување за 24 часа
-
Советипред 2 месециКБ Прво пензиско друштво: Вториот столб е лична заштеда за посигурна пензија





