Connect with us
no baners

Анализи

Ова се 50-те најголеми банки во САД според вкупната актива

Објавено

на

Две американски банки забележаа двоцифрен раст на активата во четвртиот квартал од 2025 година, што доведе до значајни промени на листата на најголеми банки во Соединетите Американски Држави според вкупната актива.

Шпанската банкарска група „Банко Сантандер“ на 3 февруари објави дека постигнала договор вреден 12,23 милијарди долари за преземање на „Вебстер Фајненшл Корпорејшн“. Станува збор за трета најголема банкарска аквизиција во САД од 2010 година наваму и прво преземање на малопродажна банка во Америка од страна на „Сантандер“ по речиси 17 години.

Според анализата на „Ес енд Пи Глобал Маркет Интелиџенс“, активата на „Сантандер Холдингс УСА“ е зголемена за 84,07 милијарди долари за да се вклучи планираното преземање, што резултирало со квартален раст од 47,9 проценти. Со тоа, банката се искачила на 19. место меѓу најголемите американски банки според актива, од 30. место во претходниот квартал.

Финансиско-технолошката компанија „СоуФај Технолоџис“ исто така забележала силен раст. Нејзината вкупна актива пораснала за 11,8 проценти во четвртиот квартал, што претставува втор најголем раст меѓу 50-те најголеми американски банки и ѝ овозможило за првпат да влезе на листата.

Растот бил поттикнат од зголемување на кредитното портфолио за 3,1 милијарда долари, како и дополнителни околу 1,7 милијарди долари во готовина, готовински еквиваленти и инвестициски хартии од вредност, изјавил финансискиот директор на компанијата, Кристофер Лапоинт.

Според податоците на „Маркет Интелиџенс“, 50-те најголеми американски банки на 31 декември 2025 година имале вкупна актива од 25,580 билиони долари.

Во последниот квартал, овие банки пријавиле раст на активата од 186,20 милијарди долари, при што 38 институции забележале зголемување. За споредба, во четвртиот квартал од 2024 година, тогашните 50 најголеми банки забележале пад на активата од 436,75 милијарди долари.

Најголем дел од тој пад се однесувал на трите најголеми банки — „Џеј Пи Морган Чејс“, „Бенк оф Америка“ и „Ситигруп“.

Во четвртиот квартал од 2025 година, вкупната актива на четирите најголеми американски банки се намалила за 26,85 милијарди долари, односно за 0,2 проценти на квартално ниво.

„Џеј Пи Морган Чејс“, која останува најголема банка во САД со актива од 4,425 билиони долари, пријавила пад на активата од 135,31 милијарда долари или 3 проценти во споредба со претходниот квартал.

Од друга страна, „Велс Фарго“ забележала најголем раст меѓу четирите најголеми банки, со зголемување на активата од 85,70 милијарди долари, односно 4,2 проценти.

„Ситигруп“ остварила раст на активата од 14,73 милијарди долари или 0,6 проценти, додека „Бенк оф Америка“ ја зголемила активата за 8,02 милијарди долари, што претставува раст од 0,2 проценти.

Акциите на четирите најголеми банки паднале по објавувањето на резултатите за четвртиот квартал од 2025 година. Аналитичарите како главни причини ги наведуваат притисокот по повикот на американскиот претседател Доналд Трамп за ограничување на каматните стапки на кредитните картички, како и промените во позиционирањето на инвеститорите.

Аналитичарите на инвестициската компанија „Џефрис“ очекуваат продолжување на консолидацијата во банкарскиот сектор, поттикната од поволна регулаторна средина, банки кои сакаат да го зголемат обемот на работењето и растечки трошоци со кои се соочуваат помалите институции.

Според нив, доколку не дојде до значителни макроекономски промени, поволниот период за банкарски спојувања и преземања би можел да продолжи до конгресните избори во 2026 година, а да заврши по претседателските избори во 2028 година.

Анализи

Раст на странски туристи во Македонија: Повеќе странци, но ноќевањата стагнираат во првиот квартал од 2026 година

Објавено

на

Во март 2026 година во земјава се евидентирани 73.921 туристи кои оствариле 134.233 ноќевања, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Од вкупниот број туристи, 19,7% се домашни, а 80,3% странски, додека кај остварените ноќевања 26,5% се од домашни, а 73,5% од странски туристи.

Во периодот јануари – март 2026 година, вкупниот број туристи е зголемен за 5,2% во однос на истиот период лани, при што раст е забележан и кај домашните туристи за 1,3% и кај странските туристи за високи 6,9%.

Сепак, бројот на ноќевања бележи благ пад од 0,3%, како резултат на намалување кај домашните туристи за 1,2%, додека кај странските има минимален раст од 0,2%.

Продолжи со читање

Анализи

Инфлацијата во САД повторно ги тресе берзите: Растат шансите за ново зголемување на каматите!?

Објавено

на

Американскиот долар останува поддржан од засилените инфлациски притисоци во САД, откако најновите економски податоци покажаа значителен раст и на потрошувачките и на производствените цени.

Според објавените податоци, цените на производителите во САД во април го забележаа најголемиот раст во последните четири години, додека потрошувачката инфлација продолжува да расте со најбрзо темпо во изминатите три години.

Овие показатели дополнително ги засилија очекувањата дека ФЕД би можеле повторно да ги зголемат каматните стапки до крајот на годината.

Во меѓувреме, американскиот Сенат го потврди Кевин Ворш за нов претседател на ФЕД, што пазарите го следат како важен сигнал за идната монетарна политика на централната банка.

Според „FedWatch“ алатката, веројатноста за зголемување на каматните стапки во декември порасна на речиси 32%, што е двојно повеќе во споредба со очекувањата од пред една недела.

Продолжи со читање

Анализи

Волстрит руши рекорди: Аналитичарите предупредуваат на нова „дот-ком“ еуфорија поради вештачката интелигенција

Објавено

на

Волстрит повторно руши рекорди, а сè почесто на пазарот се појавуваат споредби со еуфоријата од крајот на деведесеттите и „дот-ком“ балонот. Главниот двигател овојпат е вештачката интелигенција, која ги турка технолошките акции кон нови историски врвови.

Индексите S&P 500 и Nasdaq во последните денови се движат околу рекордни нивоа, поттикнати од силните корпоративни резултати и значително повисоките очекувања за профит во 2026 и 2027 година. Истражувачката куќа Yardeni Research ја зголеми прогнозата за S&P 500 на 8.250 поени до крајот на годината, поради подобрените проценки за заработката на компаниите.

Најголемо внимание привлекуваат технолошките и полупроводничките компании поврзани со вештачката интелигенција. Аналитичарите на Evercore ISI предупредуваат дека атмосферата на пазарот сè повеќе потсетува на 1999 година, кога инвеститорите масовно купуваа интернет-компании без оглед на нивните реални приходи.

Сепак, денешната ситуација има и клучна разлика. Компании како Nvidia, Microsoft, Alphabet и Amazon остваруваат реални приходи и профити, а побарувачката за AI инфраструктура, дата-центри, чипови и cloud услуги продолжува да расте.

Но, аналитичарите предупредуваат дека растот на пазарот станува сè поконцентриран во мал број технолошки акции, додека голем дел од останатите компании не го следат истиот тренд. Инвестицискиот стратег Џонатан Крински посочува дека неодамна бил забележан редок феномен – повеќе акции од S&P 500 паднале на нови годишни минимуми, иако самиот индекс поставувал рекорди.

Главниот инвестициски директор на Bleakley Financial Group, Питер Буквар, предупредува дека ваква комбинација на рекордни индекси и слабост кај дел од акциите во историјата била забележана само во 1929, 1973 и 1999 година – периоди кои подоцна завршиле со сериозни пазарни корекции.

Брокерот Ненад Гујаничиќ оценува дека денешните технолошки компании се многу посилни од интернет-компаниите од почетокот на 2000-тите, но предупредува дека AI циклусот ги претвора во сè поинтензивни капитални бизниси, со огромни вложувања и зголемени трошоци. Според него, клучното прашање ќе биде дали тие инвестиции ќе донесат доволно профит за да ги оправдаат сегашните високи вреднувања на акциите.

Аналитичарите сметаат дека вештачката интелигенција навистина може да предизвика економска револуција, но предупредуваат дека дури и вистинските технолошки револуции во минатото често завршувале со преголеми очекувања и финансиски балони.

Извор: Финансије.хр

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange