Connect with us

Интервјуа

Очекувања 2023 година | Д-Р МАЈА СТЕВКОВА ШТЕРИЕВА, КОМЕРЦИЈАЛНА БАНКА АД СКОПЈЕ

Објавено

на

На почетокот на тековната 2023 година, се обраќаме до банките во Република С.Македонија со цел објавување на очекувањата на водечките банкари во нашата земја од аспект на предизвиците со кои ќе се соочат Банките во периодот што следи.

Од соговорниците побаравме да направат кратка ретроспектива на изминатата 2022 година, да ги споделат своите очекувања околу новите трендови во банкарскиот сектор во 2023 година, да дадат свој коментар на движењето на каматите на активата и пасивата, да ги истакнат предизвиците со кои ќе се соочи банкарскиот сектор по имплементацијата на новиот Закон за платежни услуги и платни системи и да откријат еден новитет кој банката ќе го воведе во тековната година.

За таа цел во целост ги пренесуваме ставовите и очекувањата на д-р Маја Стевкова Штериева, Главен финансов директор и член на Управниот одбор на Комерцијална банка АД Скопје.

Банкарство: Кратка ретроспектива на изминатата 2022 година. Кои настани ја одбележаа годината, дали истата беше успешна за Вас и кои поуки ги извлековте?

Д-р Маја Стевкова Штериева: Изминатата 2022 година беше уште една солидна година, во која Комерцијална банка оствари позитивни резултати, а при тоа и во кризна година остана значаен кредитен поддржувач на македонската економија. Може да се набројат поголем број активности и настани кои ја одбележаа годината, особено ако се има предвид дека тоа е година во која започна воениот конфликт помеѓу Русија и Украина, што се одрази на глобалните пазарни трендови, цената на енергенсите и растечката инфлација. Во такви околности, во текот на мината година во еден период беше забележан тренд на намалена ликвидност кај банките во нашата земја, при што во случајот на Комерцијална банка оваа состојба беше речиси без никакво влијание. Како една од најликвидните банки во Македонија непречено ја остваруваше својата функција и беше активен доверител на пазарот на пари меѓу банките. Тоа го потврдува квалитетното управување со ликвидноста и стратегијата на Банката.

Изминатата година продолжија активностите на Банката во доменот на дигитализацијата и најголемиот број активности беа насочени кон воведување нови и подобрување на постојните дигитални услуги за нашите клиенти. Иако во моментот голем дел од клиентите сѐ уште се насочени кон примена на традиционалните канали, сепак Банката со зголемена динамика инвестира во дигитализацијата, препознавајќи дека современите алатки носат бројни бенефити за клиентите и го олеснуваат секојдневното управување со финансиите.

Комерцијална банка продолжи со оптимизација на деловната мрежа преку поставување дигитални зони кои се достапни 24 часа на ден, а воведе и електронско потпишување договори на правни лица без надомест со што клиентите можат без посета на банката, односно од кое било место, брзо и едноставно да ги потпишат потребните договори за користење разни производи и услуги. Воведени беа и бројни други новитети и подобрувања во делот на дигиталните алатки, а притоа се продолжи со модернизација и целосно реновирање на повеќе експозитури и филијали на Банката низ Републиката.

Во духот на „зелената агенда“, Банката продолжи со примена на современи технологии за производство на „чиста“ енергија од обновливи извори. Покрај претходно поставениот фотоволтаичен систем на покривот на деловниот објект во Скопје, инсталираше и фотоволтаична централа во Филијалата Прилеп, што претставува дел од стратегијата на Комерцијална банка за одржливо и одговорно банкарство од интерес за животната средина и целокупното општество.

Банкарство: Кои ќе бидат нови трендови во банкарскиот сектор во 2023 година во Македонија?

Д-р Маја Стевкова Штериева: Една од најголемите промени кои претстојат во 2023 година е примената на новиот Закон за платежни услуги и платни системи, кој за банките наметнува потреба од промена на бизнис моделот по кој досега се работеше во сегментот платежни услуги.

Истиот претставува отворање, односно либерализација на пазарот на платежни услуги, со цел да се создадат можности за влез на нови платежни институции кои не се банки, но истовремено значи и многу промени кои ги предвидува Законот и кои претставуваат крупни поместувања во системите на ИКТ во банките, а преку тоа и дополнителни инвестиции.

Законот дава можност банките кои најбрзо ќе се отворат, да ги прифатат и имплементираат сите можности кои ги даваат Законот и технолошкиот развој, да бидат многу поподготвени од новите играчи и да одговорат на конкуренцијата. Здравата конкуренција секогаш носи развој и напредок.

Вториот новитет се однесува на одржливото банкарство, зелената агенда и ЕСГ принципите за работење на банките, за кои се очекува дополнително да бидат нагласени во 2023 година. Тоа меѓу другото се однесува на фактот што голем дел од банките котирааат на Македонската берза и со новиот Кодекс за корпоративно управување веќе се обврзани да известуваат за своите ЕСГ активности, со што секоја наредна година ќе мораат и да работат на унапредување на овој сегмент. Поголем дел од банките, како што е и случајот со Комерцијална банка, одамна ги практикуваат овие аспекти во своето работење и известување, така што освен помали промени во формата на известување нема да подразбираат позначајни адаптации. Општествено одговорните компании со задоволство ги применуваат најсовремените ЕСГ принципи бидејќи се свесни за бенефитите кои ги носат за сите засегнати страни.

Банкарство: Краток коментар околу очекувањата за движењето на каматните стапки на кредитните/депозитните производи во 2023 година.

Д-р Маја Стевкова Штериева: Во изминатиот период, сведоци сме на континуирано зголемување на општото ниво на каматните стапки. Почнувајќи од каматните стапки на инструмените на монетарната политика, каде НБРСМ настојува да го искористи расположивиот инструментариум за борба против инфлацијата, преку каматните стапки со кои се задолжува државата, па сѐ до каматните стапки на комерцијалните банки, штедилниците и останатите финансиски институции. Во сите случаи се забележува умерен, но постојан тренд на зголемување на каматните стапки. Во таа смисла, секако дека може да се очекува понатамошен раст на каматните стапки, особено ако се има предвид дека во текот на годината што измина динамиката на пораст на каматните стапки кај банките и штедилниците не ја следеше динамиката на пораст на каматната стапка на централната банка.

Последните податоци покажуваат дека просечната пондерирана каматна стапка на денарските кредити изнесува 4,69% и споредено со јануари 2022 година бележи само 0,07 процентни поени зголемување. Зголемувањето на каматната стапка на благајнички записи во месец декември споредено со месец јануари 2022 година е 3,5 процентни поени.

Банкарство: Со какви предизвици се соочува банкарскиот сектор со имплементацијата на новиот Закон за платни системи и платежни услуги?

Д-р Маја Стевкова Штериева: Законот за платежни услуги и платни системи по тригодишна подготовка беше донесен во април 2022 година, а се применува од 01.01.2023 година, со сукцесивна примена во пооделни сегменти. Генерално, овој Закон има за цел усогласување на домашното законодавство со европските директиви од областа на платежните услуги и системи.

Во таа смисла, како што веќе наведов, една од најзначајните промени која ја предвидува Законот е отвореното банкарство, со кое всушност се отвораат вратите на новите играчи, небанкарски субјекти кои се платежни институции, финтек компании, институции за електронски пари, компании кои имаат намера да воведуваат технолошко иновативни финансиски услуги. Овој концепт предвидува банките кои ги водат сметките на клиентите да ги отворат своите информациски системи за субјектите преку кои клиентите ќе можат да иницираат плаќања, да добиваат одредени извештаи и сл.

Со тоа, главните предизвици, активности, а и трошоци во 2023 година банкарскиот сектор ќе ги има најмногу во овој сегмент. За да се овозможи сѐ она што е предвидено во законската регулатива, банките ќе мора да ги прилагодуваат ИКТ системите, а во некои делови целосно да ги менуваат со цел да се исполнат обврските наметнати во делот на засилената проверка на идентитетот на клиентите, плаќања на клиентот иницирани кај трети даватели на платежни услуги, обезбедување информации за сметки и сл.

Истовремено, голем дел од Законот се фокусира на заштитата на потрошувачите корисници на платежни услуги. За ранливите категории на клиенти се воведува сметка со основни платежни функции, на која банките имаат ограничување за висината на надоместокот кој смее да се наплати од клиентот.

Законот предвидува нови и промена на постојните платни инструменти. Оваа промена е со одложена примена (од 01.01.2024 година), меѓутоа истата ќе создаде потреба од големи измени не само кај банките туку и кај клиентите, бидејќи се менуваат елементите и нивниот распоред предвидени со налозите за плаќање. Исто така, процесот на присилна наплата целосно ќе биде изменет. Наместо досегашната реализација на решенијата од страна на банките, а добиени од извршителите, во новиот концепт, извршителите ќе доставуваат целосно пресметани налози за плаќање и истите веднаш ќе бидат наплатени од сметките на должниците.

Банкарство: Наведете еден новитет што Комерцијална банка ќе го имплементира во 2023 година и што очекувате од имплементација на истиот?

Иако Комерцијална банка планира поголем број нови производи и услуги кои ќе бидат воведени во 2023 година, најпрво би сакала да го истакнам воведувањето на електронскиот идентитет преку апликацијата OneID, односно далечинската електронска идентификација за физички лица со примена на безбедно дигитално потпишување. Во последните години кај речиси сите банки често се јавува оперативна пречка за непречено работење поради неажурирани лични податоци на клиентите, обврска која произлегува од законските прописи.

Со цел да се растоварат клиентите, односно да им се олесни работењето и да се избегне блокирање поради неажурирани лични податоци, во 2023 година Комерцијална банка ќе го продолжи потребниот рок за ажурирање на лични податоци кај најголемиот број клиенти. Воедно за да се избегне потребата од доаѓање на шалтер ја воведовме и услугата за електронска идентификација, која е бесплатна за клиентите и ќе го олесни и забрза нивното работење и во други сегменти. Со тоа очекуваме да се задржи високото задоволство кај клиентите, што впрочем е еден од врвните приоритети на Комерцијална банка.

Интервјуа

Интервју | Д-р КАТЕРИНА БОШЕВСКА: Професионалното управување со побарувањата игра клучна улога за секоја економија

Објавено

на

Банките и компаниите треба да продолжат да го доверуваат управувањето со побарувањата на надворешен партнер како што е ЕОЅ, бидејќи преку услугите за наплата и откуп на побарувања се дава значителна поддршка за компаниите и за економскиот систем. Преку оваа поддршка, тие ја враќаат ликвидноста, а истовремено помагаат граѓаните да се интегрираат повторно во системот овојпат ослободени од нивните задолжувања.

Покрај услугите за наплата и откуп на побарувања, компанијата ЕОЅ нуди услуги за меѓународна наплата на побарувањата исто така се’ повеќе наоѓаат своја успешна примена. Компаниите се свесни дека управувањето со побарувањата е една комплексна област, а особено кога нивните задоцнети и заостанати побарувања се наоѓаат кај субјекти кои се наоѓаат во странство. Мрежата на компании и партнери на ЕОЅ во 180 земји околу светот и експертизата на нивните вработени овозможува решавање на 99% од предметите без започнување на правна постапка, што значи помалку трошоци и побрзо разрешување на проблемот за компаниите. (more…)

Продолжи со читање

Интервјуа

Чадиковски за АЕТМ: Комерцијална банка докажа дека е пионер во воведувањето напредни и клучни дигитални решенија

Објавено

на

Комерцијална банка континуирано развива нови и современи решенија, генерално базирани на нови технологии, со цел да излезе во пресрет на новите потреби и навики на клиентите. Можноста за верификација на дигиталниот идентитет, надополнета со можноста за електронски потпис е клучна пресвртница за целосна трансформација на дигитализацијата во нашата земја, вели во интервју за АЕТМ, Киро Чадиковски, Директор на Дирекцијата за банкарски картички и платежни сметки во Комерцијална банка. (more…)

Продолжи со читање

Интервјуа

Очекувања 2023 година | САНЕЛ КУСТУРИЦА, ШПАРКАСЕ БАНКА АД СКОПЈЕ

Објавено

на

На почетокот на тековната 2023 година, се обраќаме до банките во Република С.Македонија со цел објавување на очекувањата на водечките банкари во нашата земја од аспект на предизвиците со кои ќе се соочат Банките во периодот што следи. (more…)

Продолжи со читање

Популарно