Connect with us

Интервјуа

Очекувања 2023 година | Д-Р БИЛАЛ СУЏУБАШИ, ХАЛКБАНК АД СКОПЈЕ

Објавено

на

На почетокот на тековната 2023 година, се обраќаме до банките во Република С.Македонија со цел објавување на очекувањата на водечките банкари во нашата земја од аспект на предизвиците со кои ќе се соочат Банките во периодот што следи.

Од соговорниците побаравме да направат кратка ретроспектива на изминатата 2022 година, да ги споделат своите очекувања околу новите трендови во банкарскиот сектор во 2023 година, да дадат свој коментар на движењето на каматите на активата и пасивата, да ги истакнат предизвиците со кои ќе се соочи банкарскиот сектор по имплементацијата на новиот Закон за платежни услуги и платни системи и да откријат еден новитет кој банката ќе го воведе во тековната година.

За таа цел во целост ги пренесуваме ставовите и очекувањата на д-р Билал Суџубаши, Главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје.

Банкарство: Кратка ретроспектива на изминатата 2022 година. Кои настани ја одбележаа годината, дали истата беше успешна за Вас и кои поуки ги извлековте?

Д-р Билал Суџубаши: Ланската година беше уште една тешка година, полна со предизвици бидејќи наместо економско опоравување од здравствената криза, се случи руско – украинскиот конфликт кој доведе до нова економска криза. Годината што е зад нас беше проследена со прекини во снабдувањето и повисоки цени на храната и енергијата, како комбинацијата на „ковид“ ефект, неповолни климатски промени, војна и недостиг на храна, што доведе до рекордно зголемување на инфлацијата во многу земји во светот, инфлација изразена во двоцифрени бројки каква што немало од 90-тите наваму. Како мала и исклучително отворена економија, каде што трошоците за храната и енергенсите сочинуваат околу половина од потрошувачката кошничка, Република Северна Македонија беше исклучително подложна на шоковите на меѓународните пазари, коишто брзо се пренесоа и во домашната економија.

Инфлацијата во светот ланската година беше на историско највисоко ниво. Се оценува дека за 2022 таа ќе изнесува 14,2%, додека за 2023 ќе забави на ниво од 8-9%. Инфлацијата во земјата оствари лани во октомври историско највисоко ниво од 19,8%, највисоко во последниве 25 години. Се проценува дека годинава ќе има забавување на инфлацијата во регионот на Централна и југоисточна Европа со што би се намалила на околу 8%, што е слично и со проекциите на НБРМ за домашната инфлацијата.

И во најновата криза уште еднаш дојде до израз значењето на банкарскиот сектор, којшто и покрај последователните кризи и натаму е високо капитализиран и ликвиден, односно ја задржа својата отпорност, а истовремено обезбеди постојана кредитна поддршка за економијата.

Според последните проекции објавени во ноември во 2022 година од страна на Народната банка, во услови на зголемена неизвесност и постепено затегнување на монетарната политика, се очекува и сведување на стапките на раст на кредитите во банкарскиот сектор на 9,2%, односно 7,1% и 7,4% во  2023 и 2024 година. И покрај воениот конфликт, мерките преземени од страна на Народната банка овозможија натамошен раст на депозитите со слична динамика, така што се очекува на крајот на 2022 година тој да изнесува 3,9%. Со стабилизацијата на тековите и со делувањето на мерките на Народната банка за поттикнување на денарското штедење, се очекува  раст на депозитите од 6,5% во 2023 година и 8%, во просек, за периодот 2024 ‒ 2025 година.

Што се однесува до Халкбанк, слободно можам да кажам дека и во ваква кризна година ние испорачавме исклучително позитивни резултати во секој домен.  Бележиме значаен резултат во однос на депозитната база, каде имаме пораст од 136 милиони евра, од кои 72 милиони припаѓаат на депозити од клиентите – правни и физички лица. Во делот на кредити, имаме пораст од вкупно над 121 милион евра. Нашата актива со вкалкулираниот пораст сега веќе изнесува 1,36 милијарди евра. Нашиот нето профит за 2022 изнесува над 12 милиони евра. Истовремено нивото на ненаплатени долгови во банката уште еднаш е исклучително под просекот во секторот и изнесува 1,47 %. Сето ова го потврдува фактот дека Халкбанк е една од најсигурните и најстабилни банки во регионот, подготвена за справување со секакви кризи.

И во новонастанатата ситуација ние се потрудивме да испорачаме производи во согласност со потребите на пазарот, но и иновативни производи како дел од нашата стратегија да бидеме лидери во воведувањето производи базирани на новите технологии и дигитализацијата. Нашите различни производи и услуги се секогаш присутни на пазарот со цел да ги задоволат барањата и потребите на клиентите чие задоволството е наша главна цел. Овој принцип ги води сите наши активности и се применува во нашите секојдневни ангажмани.

Халкбанк уште еднаш ја потврди и својата позиција на еден од најголемите и најсилни брендови на македонскиот финансиски пазар. Како најбрзорастечка банка на пазарот, Халкбанк АД Скопје денес значи и вработување за над 700 вработени, широка мрежа од филијали, банкомати и  активни ПОС-терминали достапни кај бројни трговски партнери и банка која опслужува илјадници граѓани, како и мали, средни и корпоративни претпријатија и јавни институции.

Банкарство: Кои ќе бидат нови трендови во банкарскиот сектор во 2023 година во Македонија?

Д-р Билал Суџубаши: Еден од главните предизвици за сите финансиски институции е да најдат соодветен одговор на растечките потреби на банкарските клиенти за финансиски услуги кои се интерактивни, лесни за користење и лесно достапни. Банките денес се трудат да обезбедат супериорно искуство на клиентите на сите точки на допир на клиентите.

Оттаму, може слободнода се каже дека иднината на банкарството ќе биде многу интересна, има многу предизвици, a најмногу се врзани за дигитализацијата каде конкуренцијата е огромна, особено во услугите на платниот систем. Затоа и се проценува дека во светот, во следните четири години дигиталните иновации базирани на паметното банкарство ќе бидат клучни за успехот на пазарот.

Секако треба да се потенцира дека Fintechs индустријата е сè поважен феномен во целиот свет, а способноста на банкарскиот сектор да се прилагоди на новите барања на дигиталната економија значи можност за задржување на водечката позиција на банките во финансискиот сектор.

Не треба да се заборави и зеленото финансирање на кое и кај нас сè повеќе се посветува внимание. Еве и Централната банка најави дека се работи на Стратегијата за зелено финансирање, во која се предвидени низа активности, меѓу кои и подготовка на насоки за работењето на банките во доменот на зелените финансии.

Накратко кажано, главен тренд не само годинава туку и во наредниот период ќе бидат дигиталната и зелената трансформација кои се основен предуслов за градење силна економија, отпорна на шокови.

Банкарство: Краток коментар околу очекувањата за движењето на каматните стапки на кредитните/депозитните производи во 2023 година.

Д-р Билал Суџубаши: Економската криза започната ланската година, доведе до исклучително високо ниво на инфлација, кое е особено изразена во неразвиените и земјите во развој. Ваквите состојби неминовно доведоа до промени во монетарната политика на Централните банки, чии сигнали ги следат и банкарските сектори во сите земји. За одржување на среднорочната ценовна стабилност, централните банки настојуваа да ги стабилизираат инфлациските очекувања преку затегнувањето на монетарната политика, односно со покачување на основната каматна стапка. Американската централна банка (ФЕД), на пример,  во неколку наврати ги зголеми каматните стапки, Европската централна банка ги зголеми четири пати, па и кај нас од април, кога основната каматна стапка беше 1,25%,  па наваму Централната банка, заради одржување на стабилноста на девизниот курс и на среднорочната ценовна стабилност, направи неколку нејзини корекции и истата моментално е на ниво од 4,75%.

Зголемувањето на основните каматни стапки од страна на централните банки, поради неочкувано високата инфлација, се рефлектираше преку пресметковните каматни стапки како што е ЕУРИБОР, што пак негативно влијае на отплатата на кредитите со променлива каматна стапка и влијае на стандардот на компаниите и населението.

Банките, следејќи ги сигналите што доаѓаат од Народната банка, во неколку наврати направија нагорни корекции во каматните стапки на кредитите и на депозитите.

За идната година се проценува дека цените на храната би можеле да се задржат на високо ниво поради што неопходно ќе биде да се продолжи со борбата против инфлацијата за да не се вкоренат очекувањата за зголемени цени. Затоа е голема веројатноста дека глобалните Централни банки ќе продолжат со зголемување на каматните стапки и во следниот период, како одговор на инфлациските притисоци во Еврозоната, а при висока неизвесност од динамиката на глобалните цени на примарните производи. Иако производството и инвестициите во напредните економии се предвидува да се вратат на пред-пандемските трендови следната година, тие ќе останат сè уште на пониско ниво во развојните пазари и развојните економии, главно поради поцврстите фискални и монетарни политики и неизлечените последици од пандемијата.

Банкарство: Со какви предизвици се соочува банкарскиот сектор со имплементацијата на новиот Закон за платни системи и платежни услуги?

Д-р Билал Суџубаши: Новиот Закон за платни системи и платежни услуги со кој македонското законодавство се усогласи со директивите на Европскиот парламент и на Советот на Европската Унија, а кој почна да се применува од овој месец, секако носи предизвици за банките.

Новата регулатива овозможува влез на нови даватели на платежни услуги на финансискиот пазар и нови платежни услуги. Односно, покрај банките, кои досега единствени имаа право да нудат платежни услуги, на пазарот ќе можат да се појават и платежни институции, односно трговски друштва кои врз основа на дозвола од Народната банка, ќе даваат платежни услуги.

Во рамки на овој Закон, на пример се предвидува и воведување платежна сметка со основни функции, којашто ќе може да ја отвори секој граѓанин, при што отворањето на сметката како и неколку основни платежни услуги, за ранливите категории на граѓани ќе бидат бесплатни. Во Законот има и други новини од кои некои ќе бидат во примена од првиот квартал од 2024 година, како иницирање на плаќањa  и други услуги, што ќе значи дека и банкарскиот сектор ќе треба да го приспособи своето работење на новите услови и да понуди нови производи во услови на зголемена конкуренција.

Во моментов во Северна Македонија сè уште не постои силен финтек пазар кој би бил вистинска конкуренција на банките. Исто така, мора да се каже дека клиентите и натаму сметаат, што го потврдуваат сите истражувања врзани за земјите од Централна и Источна Европа, дека банките обезбедуваат сигурност, многу поголема од новите „играчи“,  па оттаму и ја имаат довербата на корисниците.

Сепак, ова не значи дека состојбата нема да се промени. Токму затоа банките ќе треба да продолжат со започнатата дигитална трансформација и да размислуваат за тоа на клиентите да им понудат повеќе од само традиционални банкарски услуги.

Банкарство: Наведете еден новитет што Халкбанк АД Скопје ќе го имплементира во 2023 година и што очекувате од имплементација на истиот?

Д-р Билал Суџубаши: За идната година Халкбанк, освен што планира зголемување на капиталот од минимум 30 милиони евра и уште 3 милиони евра на подружницата Халк Осигурување, отворање на четири нови филијали, како и продолжување со квалитетна понуда за населението за сите финансиски потреби (секојдневни банкарски операции, депозити и кредити), исто така планира воведување нови дигитални услуги кои ќе го унапредат корисничкото искуство на постоечките и новите клиенти на Халкбанк.

Исто така ќе продолжиме со низа прилагодени понуди како за поддршка на малите и средни бизниси кои отсекогаш биле исклучително важни за Банката, а токму ваквата понуда веројатно е и причина што Халкбанк е најчесто прв избор на новоформираните компании.

Секако ќе има и проширување на проектите за општествена одговорност во делот на животната средина и грижа за децата и постарите лица бидејќи општествената одговорност е една од стратешките цели на нашата корпоративна стратегија.

Интервјуа

Чадиковски за АЕТМ: Комерцијална банка докажа дека е пионер во воведувањето напредни и клучни дигитални решенија

Објавено

на

Комерцијална банка континуирано развива нови и современи решенија, генерално базирани на нови технологии, со цел да излезе во пресрет на новите потреби и навики на клиентите. Можноста за верификација на дигиталниот идентитет, надополнета со можноста за електронски потпис е клучна пресвртница за целосна трансформација на дигитализацијата во нашата земја, вели во интервју за АЕТМ, Киро Чадиковски, Директор на Дирекцијата за банкарски картички и платежни сметки во Комерцијална банка. (more…)

Продолжи со читање

Интервјуа

Очекувања 2023 година | САНЕЛ КУСТУРИЦА, ШПАРКАСЕ БАНКА АД СКОПЈЕ

Објавено

на

На почетокот на тековната 2023 година, се обраќаме до банките во Република С.Македонија со цел објавување на очекувањата на водечките банкари во нашата земја од аспект на предизвиците со кои ќе се соочат Банките во периодот што следи. (more…)

Продолжи со читање

Интервјуа

Очекувања 2023 година | СТЕВЧЕ КУЗМАНОВСКИ, ПРОКРЕДИТ БАНКА АД СКОПЈЕ

Објавено

на

На почетокот на тековната 2023 година, се обраќаме до банките во Република С.Македонија со цел објавување на очекувањата на водечките банкари во нашата земја од аспект на предизвиците со кои ќе се соочат Банките во периодот што следи.

Од соговорниците побаравме да направат кратка ретроспектива на изминатата 2022 година, да ги споделат своите очекувања околу новите трендови во банкарскиот сектор во 2023 година, да дадат свој коментар на движењето на каматите на активата и пасивата, да ги истакнат предизвиците со кои ќе се соочи банкарскиот сектор по имплементацијата на новиот Закон за платежни услуги и платни системи и да откријат еден новитет кој банката ќе го воведе во тековната година. (more…)

Продолжи со читање

Популарно