Connect with us

Банки

НЛБ Банка оствари нето добивка од 23,5 милиони евра во првите шест месеци од 2022 година

Објавено

на

Во периодот од 1.1.2023 до 30.06.2023 година, НЛБ Банка Скопје работеше согласно усвоената Деловна политика на Банката за 2023 година.

Во анализираниот период, Банката оствари нето добивка во износ од 1.451.175 илјади МКД, што претставува зголемување за 4,0% во однос на остварената нето – добивка истиот период претходната година. Зголемувањето се должи на континуирани продажни активности на кредитните продукти со посебен фокус на домаќинствата, микро, малите и средни претпријатија како и зголемен број на корисници на платните и платежни сервиси на Банката.

Во првата половина од годинава, НЛБ Банка доби три признанија од картичниот партнер Visa – една од најголемите платежни мрежи во светот и глобален бренд во дигиталните плаќања, од кои едно за исклучителни деловни перформанси и две признанија за извонредни Visa спонзорски активации: за светското првенство во фудбал во Катар, како и за последното филмско остварување на Милчо Манчевски, „Кајмак“. За донацијата наменета за настраданото население по земјотресите во Сирија и Турција, на свечената церемонија по повод 78 години од постоењето на организацијата на Црвениот крст на РСМ на НЛБ Банка и беше доделена Благодарница во знак на признание за несебичниот придонес, покажаната хуманост и солидарност. Дополнително, реномираниот финансиски магазин EMEA Finance по 7-ми пат ја избра НЛБ Банка Скопје за „Најдобра банка во Македонија за 2022 година“, што е значајна потврда за успешното работење на Банката.

Банката е системски значајна банка врз основа на Одлуката за методологијата за идентификување системски значајни банки на Народната банка на Р.С.Македонија, со силна пазарна позиција и висок пазарен удел во банкарскиот сектор на Република С.Македонија.

Биланс на состојба

Заклучно со 30.06.2023 година билансната сума изнесува 110.737.217 илјади МКД, односно се намали за 1.960.806 илјади МКД или 1,7% во однос на 31.12.2022 година.

Паричните средства и паричните еквиваленти изнесуваат 18.930.828 илјади МКД и бележат намалување од 9,2% во однос на 31.12.2022 година.

Кредитите и побарувањата од банки бележат намалување од 225 илјади МКД во однос на 31.12.2022 година.

Вкупните Кредити кај небанкарскиот сектор изнесуваат 72.119.035 илјади МКД и бележат зголемување од 1,5% во однос на 31.12.2022 година. Зголемувањето произлегува од зголемување кај кредитирањето во секторот домаќинства за 4,4% во однос на 31.12.2022 година како резултат на пораст кај потрошувачките и станбените кредити.

Вложувањата во хартии од вредност изнесуваат 15.476.813 илјади МКД и се намалени за 5,6% во однос на 31.12.2022 година поради помало вложување во државни записи.

Преземените средства врз основа на ненаплатени побарувања се намалени за 10,6% во однос на 31.12.2022 година.

Вкупните депозити (депозити на комитенти и депозити на банки) изнесуваат 89.424.891 илјади МКД и во однос на 31.12.2022 година се намалени за 1,2%.

Намалувањето се должи на намалување на тековните сметки на нефинансиските правни лица за 10,3%.

Обврски по кредити и субординирани обврски се намалени за 180.269 илјади МКД заради намалување на износ на кредити од кредитната линија РБСМ.

Акционерскиот капитал и резервите на Банката се намалени за 3,4% и изнесуваат 15.048.735 илјади МКД.

Биланс на успех

Нето каматните приходи, заклучно со 30.06.2023 година се повисоки за 25,3% споредено со претходната година, при што приходите од камати се повисоки за 25,2%, главно поради пораст на портфолиото во секторот домаќинства како и пораст на референтните стапки, додека расходите за камати се повисоки за 25,1% главно поради пораст на каматните стапки по основ на субординирани обврски, кредитни линии и депозити.

Нето приходите од провизии се повисоки за 7,1% споредено со претходната година, при што приходите од провизии се зголемени за 6,3% како резултат на зголемени приходи од реализирани трансакции со картички и картично порамнување, повисоки приходи од услуги во платен промет во земјата и странство и повисоки приходи од работење со трансакциски сметки. Расходите за провизии се зголемени за 5,4%, главно поради повисоки расходи од картично работење кон меѓународните картични системи.

Останатите некаматни приходи изнесуваат 345.619 илјади МКД и се намалени во однос на претходната година за 13,0%.

Вкупните приходи од работењето изнесуваат 2.898.072 илјади МКД и се повисоки за 14,9% во однос на претходната година најмногу поради повисоки каматни приходи.

Вкупните оперативни трошоци изнесуваат 1.221.856 илјади МКД и се зголемени за 10,4%, при што трошоците за вработени се повисоки за 21,1%, трошоците за амортизација се пониски за 1,2%, а останатите расходи од дејноста се повисоки за 3,4% во однос на истиот период претходната година.

Заклучно со 30.06.2023 година, пресметани се Исправки на вредноста на финансиските средства и вонбилансната изложеност на нето основа во износ од 42.105 илјади МКД.

Бруто добивката на Банката заклучно со 30.06.2023 година изнесува 1.612.417 илјади МКД и е зголемена за 4,0% во однос на претходната година.

Нето добивката на Банката заклучно со 30.06.2023 година изнесува 1.451.175 илјади МКД и е зголемена за 4,0% во однос на претходната година.

Банки

Кристина Трпезановска: NLB Smart POS им овозможува на малите бизниси полесен пристап до дигитални плаќања

Објавено

на

Преку проектот „Вредноста на безготовинското плаќање – Битола“, локалните претприемачи добиваат можност полесно да ја модернизираат наплатата и да се приклучат кон дигиталната економија.

Дигиталните плаќања сè повеќе стануваат секојдневна потреба за малите и средните претпријатија. Брзината, едноставноста и безбедноста при наплатата денес се важни не само за корисничкото искуство, туку и за конкурентноста и растот на компаниите.

Во таа насока, проектот „Вредноста на безготовинското плаќање – Битола“, реализиран во соработка меѓу Министерството за дигитална трансформација, НЛБ Банка, ХалкБанк и Visa, носи конкретна поддршка за локалните бизниси. Преку проектот, 100 одбрани компании ќе добијат бесплатно Soft POS решение, од кои 50 ќе бидат обезбедени од НЛБ Банка.

Со NLB Smart POS, трговците можат да прифаќаат безготовински плаќања директно преку мобилен телефон, без потреба од дополнителна ПОС опрема. Решението е едноставно за користење, овозможува поголема мобилност и им помага на малите бизниси да ја модернизираат наплатата без високи почетни трошоци.

„Дигитализацијата денес е составен дел од современото деловно работење. Со NLB Smart POS, современата технологија станува подостапна за поширок круг трговци, особено за малите и микро бизниси, кои на овој начин добиваат практична алатка за побрза, побезбедна и поефикасна наплата“, вели Кристина Трпезановска, директор на Секторот за управување со клиенти, продукти и дигитални сервиси во НЛБ Банка во интервју за „Економија и Бизнис“.

NLB Smart POS е првата сертифицирана tap-on-phone Android апликација во земјата, која го претвора мобилниот телефон во ПОС терминал. Апликацијата бесплатно се презема од Play Store, брзо се инсталира и не бара дополнителен хардвер, што ја прави особено погодна за малите трговци, доставувачи, услужни дејности и бизниси кои работат и надвор од класична продажна локација.

Интересот за ова решение континуирано расте. Во изминатата година бројот на инсталирани NLB Smart POS решенија е зголемен за 46%, а прометот реализиран преку нив е зголемен за 100% во однос на претходната година. Овие резултати покажуваат дека безготовинските плаќања се реална потреба и важен дел од модерното работење на компаниите.

Покрај бесплатниот Soft POS, проектот обезбедува и дополнителни поволности за бизнисите – без трошоци за одржување и без провизија за трансакции во првите три месеци, како и Visa Business Debit картичка без годишна членарина во првата година. Пријавувањето трае до 31 август, во најблиската експозитура на НЛБ Банка.

Проектот е дел од пошироката заложба за развој на дигиталната економија и проширување на мрежата на трговци кои прифаќаат безготовински плаќања. Со вакви иницијативи, НЛБ Банка ја потврдува својата улога како партнер на бизнисите во нивниот раст, дигитална трансформација и приспособување кон современите потреби на пазарот.

Битола и битолскиот регион, препознатливи по претприемачкиот дух и локалните брендови, преку овој проект добиваат дополнителен поттик за модернизација на наплатата и ширење на дигиталните платежни навики.

Продолжи со читање

Банки

Стопанска банка денеска ги исплаќа августовските пензии

Објавено

на

Исплатата на пензиите за месец август за клиентите на Стопанска банка АД – Скопје ќе се изврши денеска, 27 август 2026 година, информираат од Банката.

Средствата ќе бидат префрлени на трансакциските сметки на пензионерите и ќе бидат достапни за користење во текот на денот.

Од Стопанска банка ги известуваат своите клиенти дека исплатата ќе биде реализирана во текот на денешниот ден.

Продолжи со читање

Банки

НЛБ Банка нема да работи на 28 август поради празникот Голема Богородица

Објавено

на

Експозитурите на НЛБ Банка нема да работат во петок, 28 август 2026 година, по повод православниот празник Успение на Пресвета Богородица – Голема Богородица, информираат од Банката.

Од НЛБ посочуваат дека клиентите и за време на неработниот ден ќе можат да користат бројни банкарски услуги преку дигиталната платформа НЛБ мКлик.

НЛБ Контакт центарот ќе биде достапен и за време на празникот на телефонските броеви 02/15-600 и 02/3219-517, како и преку електронската адреса [email protected].

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange