Connect with us

Банки

Промени во Управниот одбор на една од најголемите банки во земјава!?

Објавено

на

Надзорниот одбор на НЛБ Банка АД Скопје на седницата одржана на ден 10.06.2024 година го именуваше Тони Стојановски за нов Претседател на Управниот одбор. Тони Стојановски ќе ја преземе функцијата Претседател на Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје откако ќе ја добие потребната согласност од Народната банка на Република Северна Македонија. Во меѓувреме ќе ја преземе функцијата Помошник на Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје.

До добивање согласност од Народната банка за нов Претседател на Управниот одбор на НЛБ Банка АД Скопје, функцијата ќе ја извршува актуелниот Претседател на Управниот одбор, Бранко Грегановиќ.

Сепак според сознанијата на Банкарство, освен промената на највисоката позиција во менаџментот на НЛБ Банка АД Скопје ќе има и дополнителни промени во Управниот одбор на Банката. Нашите сознанија говорат дека нов член на Управниот одбор на НЛБ Банка АД Скопје ќе биде Катерина Јанковиќ, која во моментов ја извршува функцијата Директор на Сектор население во Шпаркасе Банка АД Скопје. Освен оваа функција, Катерина Јанковиќ е дел и од Надзорниот одбор на Винер Лајф како независен член.

Катерина Јанковиќ е дипломиран економист на Економскиот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј – Скопје на департманот финансиски менаџмент, а поседува и МБА диплома со заслуги на Шефилд Универзитетот. Јанковиќ е повеќе од 20 години во финансискиот сектор, каде успешно ја градеше својата кариера на различни позиции во Охридска банка, вклучително и Раководител на Секторот за големи и меѓународни клиенти и Директор за продажба.

НЛБ Банка преку информација објавена на Македонска берза го објави Материјалот за Собрание на акционери на Банката, кое ќе се одржи на 5ти септември. Од Предлог одлуките може да се забележи дека е планирано да се менува Статутот на НЛБ Банка АД Скопје во член 61.

Во Статутот на НЛБ Банка АД Скопје се вршат следните измени и дополнувања: „Во член 61, во став 2 бројот и зборот „3 (три)“ се менуваат и гласат „4 (четири)“. Во истиот член 61, ставот 3 се менува и сега гласи: „Секој од членовите на Управниот одбор е законски застапник на Банката и Банката во кое било време ја застапуваат двајца членови на Управниот одбор од кои еден задолжително треба да биде претседателот на Управниот одбор. Во случај на негово отсуство, тој може да го пренесе ова право само на друг член на Управниот одбор.““, се вели во Предлог одлуката за измени и дополнувања на Статутот на НЛБ Банка АД Скопје.

Во самото образложение на оваа Предлог одлука се вели дека измените на Статутот се вршат поради промена на начинот на застапување на Банката од страна на членовите на Управниот одбор, поради зголемување на бројот на членови на Управниот одбор на Банката и промена во составот на Одборот за управување со ризици и Кредитниот одбор на Банката.

Во моментов Управниот одбор на НЛБ Банка АД Скопје брои три членови:

  • Бранко Грегановиќ – Претседател на Управен одбор;
  • Петер Зелен – Член на Управен одбор;
  • Игор Давчевски – Член на Управен одбор;

Банки

Со можното преземање на УНИБанка, Шпаркасе Групацијата цели кон пазарен удел од приближно 17% и вкупна актива вредна 2,8 милијарди евра во Македонија!?

Објавено

на

Денес, 10.09.2026 година, од страна на Штаермеркише Шпаркасе Групацијата беше официјално поднесенo Известување за намера за преземање на сите запишани обични акции издадени од Уни Банка АД Скопје.

Објавувањето на намерата за преземање претставува прв, иницијален чекор во процесот. Самата реализација на трансакцијата и понудата за преземање во претстојниот период подлежат на законски и регулаторни процедури, кои вклучуваат задолжително прибавување на претходни согласности и одобренија од надлежните институции во Република Северна Македонија како и од соодветните меѓународни регулаторни тела.

Во тој контекст, Штаермеркише Шпаркасе Групацијата останува целосно посветена на успешно, транспарентно и одговорно спроведување на сите наредни чекори во согласност со важечките прописи и највисоките професионални стандарди.

„Како една од водечките банкарски групации во Европа, имаме силна доверба во
македонскиот банкарски сектор и неговиот долгорочен потенцијал за раст. Оваа објава ја потврдува нашата континуирана посветеност на пазарот и нашата стратегија за одржлив раст. Со овој чекор имаме цел дополнително да го зајакнеме нашето присуство во Северна Македонија и да ја унапредиме нашата улога како доверлив, стабилен и долгорочен партнер на граѓаните, деловната заедница и економијата во целина“
, изјави Георг Бухер, Претседател на УО на Штаермеркише Шпаркасе и Претседател на Надзорниот Одбор на Шпаркасе Банка АД Скопје.

Штаермеркише Шпаркасе е застапена во Северна Македонија од 2008, со сегашна вкупна актива од скоро две милијарди евра во земјата. По преземањето на Уни Банка, Штаермеркише Шпаркасе ќе располага со вкупна актива од околу 2,8 милијарди евра во Македонија и пазарен удел од приближно 17 %.

Продолжи со читање

Банки

До 80 години отплата и животно осигурување на трошок на банката – нов кредитен пакет за пензионери од АЛТА банка

Објавено

на

Со можност за отплата до 80 години старост и ризико животно осигурување целосно на трошок на банката, АЛТА банка отвора повеќе простор за личните планови, избори и финансиска сигурност на пензионерите преку новата платформа „ЗА ВАС.“

Некои планови доаѓаат порано. Други подоцна. Да се обнови домот, да се помогне на семејството, да се реализира нешто што долго се одложувало или едноставно да се направи нешто за себе. Пензионирањето не ги прави тие одлуки помалку важни.

Токму од таа идеја тргнува АЛТА банка со новиот Кредитен пакет за пензионери, чија најпрепознатлива предност е можноста кредитот да се отплаќа до 80 години старост, односно максималната возраст на клиентот на денот на целосната отплата да изнесува 80 години.

Посебна вредност на пакетот е ризико животното осигурување, кое АЛТА банка го обезбедува на свој трошок за целиот период на отплата на кредитот, без дополнителен трошок за клиентот. На тој начин, во случај на непредвиден животен настан покриен со полисата, се обезбедува заштита на преостанатата кредитна обврска и дополнителна финансиска сигурност за семејството.

Новиот кредитен пакет овозможува износ до 600.000 денари, со рок на отплата до 120 месеци и фиксна каматна стапка од 7,50%.

Но, зад бројките стои едноставна идеја: финансиските производи имаат најголема вредност кога го следат животот на луѓето и им оставаат простор самите да одлучат што им е важно.

„За вас. За сè што ве радува.“

„ЗА ВАС.“ е повеќе од порака за еден кредитен производ. Тоа е пристап со кој АЛТА банка сака уште подобро да одговори на реалните потреби на пензионерите – преку производи, услуги и погодности што им носат поголем избор, едноставност и вредност во секојдневието.

„Со овој пакет сакавме да понудиме повеќе од кредит – решение што носи и поголема сигурност за клиентите и нивните семејства. Затоа овозможивме отплата до 80 години старост, а АЛТА банка во целост го презема трошокот за ризико животното осигурување за целиот период на отплата, без дополнителен трошок за клиентот. Веруваме дека токму ваквите услови создаваат вистинска вредност за пензионерите – поголем простор за нивните планови и дополнителна финансиска сигурност“, велат од АЛТА банка.

Новиот Кредитен пакет за пензионери е достапен преку експозитурите на АЛТА банка, а повеќе информации за производот и условите се достапни на altabanka.com.mk.

ПР објава

Продолжи со читање

Банки

По Охридска банка, Шпаркасе ја купува и УНИБанка?

Објавено

на

На македонскиот банкарски пазар се подготвува уште една голема трансакција. Steiermärkische Bank und Sparkassen AG, банкарската групација во чиј состав е Шпаркасе Банка АД Скопје, има намера да достави понуда за преземање на 100% од обичните акции на УНИ Банка АД Скопје.

Според известувањето доставено до УНИ Банка на 10 септември 2026 година, австриската банкарска групација планира да понуди 126,3766353 евра за една акција, во денарска противвредност.

УНИБанка има вкупно 545.987 издадени акции, а доколку понудата изнесува 126,3766353 евра по акција, вкупната вредност за преземање на 100% од акциите би изнесувала 69 милиони евра.  Со тоа, потенцијалната трансакција би ја вреднувала целата УНИБанка на околу 69 милиони евра.

Станува збор за намера за целосно преземање и понудата треба да се однесува на сите запишани обични акции кои претставуваат 100% од запишаниот акционерски капитал и гласачките права во УНИ Банка.

Сепак, во оваа фаза не станува збор за завршена аквизиција. Реализацијата е условена со добивање повеќе регулаторни одобренија во земјава и странство. Меѓу нив се одобренија од надлежните тела за заштита на конкуренцијата во Црна Гора и Србија, како и од Европската централна банка. Потоа преземачот треба да побара дозвола за понудата за преземање од Комисијата за хартии од вредност.

Доколку некое од потребните странски одобренија не биде добиено, намерата за преземање ќе се смета за повлечена. Истото важи и доколку надлежните институции не ги издадат потребните одобренија во предвидените рокови.

Шпаркасе продолжува со консолидација на македонскиот банкарски пазар

Потенцијалното преземање е особено интересно ако се погледне претходната експанзија на Шпаркасе во Македонија.

Во 2021 година официјално заврши присоединувањето на Охридска банка кон Шпаркасе Банка Македонија, откако процесот претходно ги доби потребните регулаторни одобренија. Со интеграцијата, Шпаркасе значително ја зајакна својата позиција и влезе во групата на големи банки на македонскиот пазар. 

Сега, пет години подоцна, групацијата прави чекор кон уште една значајна аквизиција.

УНИ Банка е профитабилна банка со 31,25 милијарди денари вкупни средства на крајот на 2025 година, капитал од околу 4,28 милијарди денари и нето-добивка од 492,5 милиони денари. Според податоците на Македонската берза, пазарната капитализација за 2025 година е наведена на околу 4,04 милијарди денари. 

Токму затоа, евентуалното преземање на УНИ Банка би претставувало нова значајна консолидација на банкарскиот сектор во Македонија и дополнително би ја засилило позицијата на Шпаркасе групацијата.

Засега клучниот збор е намера. Следниот чекор е добивањето на потребните регулаторни одобренија, по што ќе стане појасно дали УНИ Банка навистина ќе стане следната македонска банка што ќе влезе во групацијата на Шпаркасе.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange