Connect with us

Останато

Ќе се зголеми минималната плата, но се уште не е познато за колку!?

Објавено

на

Минималната плата треба да се зголеми овој месец, но за колку, се уште не е познато.

Согласно законот, зголемувањето би требало да биде околу 1.800 денари, а синдикатот бара зголемување за 6.000 денари и придонесите за разликата до 30.000 денари, колку што би изнесувала минималната плата, да ги субвенционира Владата.

Од Владата, пак велат дека пари во Буџетот за оваа намена не се планирани.

Се согласуваат со секое решение што ќе го договорат синдикатите и работодавачите, но со целосно подмирени трошоци од страна на работодавачите.

Одлуката треба да биде донесена на Економско-социјалниот совет каде партиципираат трите социјални партнери, но засега не се знае кога ќе се одржи седницата.

Во вторник, според најавите, на владина седница треба да бидат предложени тројцата членови во Комисијата за репрезентативност кои ќе треба да ја утврдат репрезентативноста на синдикатите.

Премиерот Христијан Мицкоски вчера во изјава за медиумите потврди дека во Буџетот нема пари за субвенционирање.

За него е прифатливо секое решение што ќе го договорат синдикатите и работодавачите, но со целосно подмирени трошоци од страна на работодавачите.

Коментирајќи го барањето на Сојузот на синдикати за зголемување на минималната плата, Мицкоски рече дека жали што синдикатот се претворил во гласноговорник на опозицијата.

„Жалам што Сојузот на синдикати на Македонија полека, но сигурно, се претвора во партиска бина или гласноговорник на коалицијата Левица, СДСМ и ДУИ и практично тоа што овие го говорат во Парламентот, тие го говорат на прес-конференции.

Тие одбрале таков начин да функционираат. Жалам што во минатото изостана овој предлог.

Тие мислат дека сега ќе го исцрпат Буџетот и дека ние ќе дадеме 100-200 милиони денари за нив нема за улици, градинки, училишта, канализации. . . “, изјави Мицкоски.

ССМ во понеделникот побара зголемување на минималната плата од 6.000 денари со што таа би достигнала до 30.000 денари, а работодавачите една година да бидат ослободени од социјалните придонеси, односно придонесите да ги субвенционира државата.

 Според претседателот на ССМ, созреано е времето социјалните партнери да си подадат рака и да го унапредат животниот стандард на работниците, но и да го сочуваат квалификуваниот кадар.

Секој глас против зголемување на платите, како што истакна претседателот на ССМ, е глас за купување билет во еден правец и напуштање на државата.

„Апелирам до Владата и работодавачите да го прифатат предлогот на ССМ, а пратениците, како што беа сложни за нивните патни трошоци, да гласаат за дополнително зголемување на минималната плата за 6.000 денари што ќе значи и дополнително зголемување на сите остантати плати на работниците во Македонија. Ние не правиме упад во даночната политика, напротив.

Со тоа што ќе добиеме зголемени плати нема да заминеме во банките за да ги штедиме тие средства што сме ги добиле како зголемување, туку со нив ќе ги купиме основните прехранбени производи кои се даночат со стапка од 5, 10, 15 или 18 отсто“, рече Трендафилов на прес-конференција во понеделникот.

Останато

Трамп доби своја монета од еден долар во САД

Објавено

на

Ликот на американскиот претседател Доналд Трамп се најде на нова монета од еден долар, издадена по повод 250-годишнината од основањето на Соединетите Американски Држави. Со тоа Трамп стана првиот жив американски претседател во последните сто години чиј лик се појавува на монета во оптек.

Американската ковница ја пушти монетата во продажба во средата, 2 септември. На предната страна е портретот на Трамп, заедно со натписите „LIBERTY“, „IN GOD WE TRUST“ и „1776 ~ 2026“, додека на задната страна е претседателскиот печат и бројот 250, во чест на големиот јубилеј.

Ролна од 25 монети се продава за 61 долар, а пакет од 100 монети за 154,50 долари. Побарувачката била голема, а дел од понудата била распродадена само неколку часа по почетокот на продажбата.

Иако имаат златна боја, монетите не содржат вистинско злато. Според американската Ковница, тие се изработени претежно од бакар, со 6 проценти цинк, 3,5 проценти манган и 2 проценти никел.

Монетите имаат номинална вредност од еден долар и можат да се користат како законско платежно средство, иако Ковницата ги промовира и како колекционерски изданија. Дополнително, 250.000 примероци биле исковани на 4 јули со специјална ознака и по случаен избор се вклучени во пакетите што се продаваат.

Појавувањето на ликот на жив претседател на американска валута предизвика и правни полемики, бидејќи американските прописи генерално го ограничуваат прикажувањето живи личности на парите. Администрацијата, сепак, се повикува на законските овластувања поврзани со специјалните дизајни за одбележување на 250-годишнината на САД.

Продолжи со читање

Останато

МФ: За првпат национална сертификација за внатрешните ревизори во јавниот сектор

Објавено

на

Министерството за финансии за првпат ќе организира национален испит за стекнување уверение за овластен внатрешен ревизор во јавниот сектор, со што се воведува и национална сертификација за оваа професионална функција.

Од Министерството оценуваат дека ова е важен чекор во зајакнувањето на системот на внатрешна финансиска контрола и во професионализацијата на ревизорските единици во јавните институции.

Спроведувањето на испитот, како што посочуваат, треба да придонесе за поголеми капацитети на единиците за внатрешна ревизија, но и за поодговорно, законско и транспарентно работење на институциите.

Од Министерството нагласуваат дека националната сертификација е дел и од активностите за зајакнување на механизмите за спречување на корупцијата и подобрување на контролата во јавниот сектор.

Воведувањето на националниот испит е значајно и во контекст на евроинтегративниот процес. Со неговото организирање се исполнува дел од препораките на Европската Унија во рамки на Поглавјето 32 – Финансиска контрола, а истовремено се придонесува и кон реализација на обврските од Реформската агенда.

Материјалите за подготовка, како и испитните прашања, веќе се објавени на веб-страницата на Министерството за финансии.

Тие се подготвени со техничка и експертска поддршка од Европската Унија за Централната единица за хармонизација при Министерството за финансии.

Министерството најавува дека во следниот период дополнително ќе информира за роковите и останатите чекори поврзани со организирањето и спроведувањето на испитот.

Продолжи со читање

Останато

Привремено недостапни телефонските линии на Контакт центарот на УЈП

Објавено

на

Управата за јавни приходи информира дека телефонските линии на Контакт центарот се привремено недостапни, а во тек се активности за отстранување на причините за прекинот.

Од УЈП посочуваат дека во моментов не се во функција телефонските броеви 198, 02/3253-200 и 0800 33 000, при што последниот број е достапен само од фиксни оператори.

До повторното воспоставување на телефонските линии, граѓаните и даночните обврзници се упатуваат да ги користат останатите канали за комуникација.

Физичките лица можат да се обратат во надлежната канцеларија на УЈП според адресата, додека правните лица според седиштето на компанијата. За информации е достапна и електронската адреса [email protected].

Од Управата за јавни приходи им се заблагодаруваат на граѓаните за разбирањето и најавуваат дека се преземаат активности за нормализирање на работата на Контакт центарот.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange