Connect with us
no baners

Банки

Граѓаните сè повеќе ги прифаќаат дигиталните плаќања заради нивната удобност и сигурност

Објавено

на

Дигиталните платформи и канали за извршување на плаќањата сѐ почесто се користат од граѓаните на нашата земја, за што говорат и податоците за последниот квартал од 2022 година, како и за целата година, коишто Народната банка редовно ги обработува и ги објавува.

На крајот од 2022 година во оптек беа 2,1 милион платежни картички, од коишто 70% засновани на бесконтактна технологија. Инфраструктурата за прифаќање плаќања со платежни картички, пак, брои 30.011 уреди на физичките места на продажба, кај 13.359 трговци во земјата, од кои дури 86% ја поддржуваат бесконтактната технологија. Според овие податоци, граѓаните во земјата можеа на удобен и сигурен начин да ги извршуваат плаќањата. Бројот на картички со бесконтактна технологија и уредите на физичките места на продажба коишто ја поддржуваат оваа технологија забележа годишен раст (во споредба со 2021 година) од 1% односно 3%. Годишен раст од 16% во однос на 2021 година е забележан и кај бројот на трговците коишто прифаќаат платежни картички при продажба на стоки и услуги на физичките места на продажба во земјата.

Во четвртиот квартал од 2022 година и натаму се зголемува употребата на платежните картички од страна на граѓаните за извршување на плаќањата во трговијата во земјата, што се согледува преку засилениот годишен раст на бројот и вредноста на плаќањата, за 11% и 16%, соодветно. Бројот и вредноста на плаќањата на граѓаните со кредитни трансфери (т.н. платни налози) забележуваат раст од 6% и 2%, соодветно. Иако плаќањата со кредитни трансфери сѐ уште најмногу се вршат на шалтерите на банките (74%), податоците за последниот квартал од годината ја потврдуваат и сѐ поголемата употреба на дигиталните канали, со годишен раст од 12% кај бројот и 14% кај вредноста на плаќањата иницирани електронски и раст од 21% кај бројот и 25% кај вредноста на плаќањата иницирани со употреба на мобилните апликации.

Менувањето на навиките на граѓаните, поточно сѐ почестото користење на дигиталните канали за извршување на плаќањата, до крајот на 2022 година, доведе до годишен раст од 13% на плаќањата со платежни картички во трговијата и годишен раст од 8% на плаќањата со кредитни трансфери иницирани електронски.

За извршувањето на плаќањата со прифаќање на платежните картички, според најновите податоци за 2022 година, трговците плаќале просечен надоместок во висина од 1,13% од вредноста на прометот, што е помалку за 0,06 п.п. во споредба со 2021 година. Најголемо намалување се забележува кај надоместокот за плаќањата на бензинските станици (за 0,19 п.п.), на јавните и комуналните услуги (за 0,19 п.п.) и во електронската трговија (за 0,14 п.п.).

Показателите преку кои се следи финансиската вклученост на населението  и натаму ја потврдуваат високата стапка на финансиска вклученост преку клучниот показател ‒ поседувањето платежна сметка. Имено, на крајот на 2022 година граѓаните располагале во просек со 1,8 сметки по глава на жител, што е за 0,1 сметка повеќе во однос на просечниот број сметки на глава на жител [1] кај населението во Европската Унија [2]. Притоа, сопствениците на сметките ги користеле дигиталните услуги за увид кај околу 42% од сметките, додека, пак, електронски плаќања се извршуваат кај 18% од сметките.

Според податоците за возрасната структура на имателите на сметките, во 2022 година е видлива поголема употреба на дигиталните услуги кај сите возрасни групи, во споредба со минатата година. Забележан е годишен раст на бројот на платежни сметки на активни пристапувачи и бројот на платежни сметки на активни плаќачи за 19% и 9%, соодветно. Притоа, најголеми корисници на дигиталните канали за увид во сметките и за извршување на електронските плаќања се возрасните групи од 25 до 54 години, со 2,3 сметки по глава на жител. Поголемиот дел од сметките во нивна сопственост, односно над 51% им биле достапни за електронски увид, а 24% за извршување електронски плаќања.

Од аспект на родовата структура, податоците посочуваат на родов јаз од 0,5 сметки повеќе во корист на мажите (2,1 сметки по глава на жител од машкиот пол, наспроти 1,6 сметки по глава на жител од женскиот пол). Сепак, во споредба со мажите, во текот на 2022 година жените биле умерено поактивни во користењето на дигиталните канали за увид во сметките и за извршување на плаќањата. Така, 41% од сметките коишто се во сопственост на жените биле искористени за плаќање преку интернет-банкарство или мобилна платежна апликација, додека за таа намена мажите користеле 40% од своите сметки. Воедно, жените направиле најмалку еден електронски увид во состојбата и промените кај 63% од нивните сметки, а мажите кај 62%.

Според достапноста на инфраструктурата по општини, најголема покриеност со банкомати на десет илјади жители е забележана во Маврово и Ростуше (12), Охрид, Дојран и Гевгелија (10), а најголема покриеност со уреди на физичките места на продажба на десет илјади жители е евидентирана во Гевгелија (321), Охрид (285) и Скопје (269).  Во рамките на Градот Скопје, најголема покриеност со банкомати и уреди на физичките места на продажба на десет илјади жители имаат општините Центар, Карпош и Аеродром.

До објавените податоци може да пристапите на следнава врска: https://www.nbrm.mk/platiezhna_statistika.nspx

[1] За пресметување на показателите по глава на жител се користени податоци од Државниот завод за статистика за резидентното население од Пописот спроведен во 2021 година.

[1] Податокот се однесува на 2021 година и е земен од базата на податоци на Европската централна банка.

Банки

Народната банка ја зголеми основната каматна стапка на 4,25 отсто

Објавено

на

Народната банка одлучи да ја зголеми основната каматна стапка за 0,25 процентни поени, односно од 4 на 4,25 отсто, со цел да одговори на засилените инфлациски ризици и неизвесностите поврзани со глобалните економски случувања.

Одлуката била донесена на редовната седница на Извршниот одбор за поставеноста на монетарната политика, при што биле земени предвид најновите податоци за домашната економија, состојбите на девизниот пазар и меѓународното окружување.

Во Народната банка посочуваат дека и покрај стабилизацијата на побарувачката на девизи во последниот период, економските последици од геополитичките тензии и натаму се присутни. Дополнително, инфлацијата иако забавува, останува на релативно високо ниво, што бара претпазлив пристап во водењето на монетарната политика.

Според последните податоци, годишната стапка на инфлација во мај се намали на 4,8 отсто, во споредба со 5,7 проценти во април. Сепак, централната банка предупредува дека растот на цените на енергенсите и понатаму претставува ризик кој може да се прелее и врз останатите сегменти на економијата.

На крајот на мај девизните резерви достигнале 5,21 милијарди евра и остануваат во сигурната зона, додека девизниот пазар функционирал стабилно без потреба од интервенции на централната банка.

Домашната економија, според оценките на Народната банка, и понатаму покажува отпорност. Во првиот квартал од годинава бруто-домашниот производ пораснал за 3,1 отсто, што е во согласност со претходните проекции. Истовремено, кредитната активност продолжува да расте со посилно темпо од очекуваното, што дополнително влијае врз домашната побарувачка.

Од Народната банка нагласуваат дека ќе продолжат внимателно да ги следат движењата во домашната и светската економија и дека остануваат посветени на одржување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото и на зачувување на ценовната и финансиската стабилност.

Продолжи со читање

Банки

Европската централна банка ги зголеми сите три клучни каматни стапки

Објавено

на

Управниот совет на Европската централна банка (ЕЦБ) донесе одлука за зголемување на сите три клучни каматни стапки за 25 базични поени, што претставува прво покачување од 2023 година наваму.

Согласно одлуката, каматната стапка на депозитниот инструмент ќе изнесува 2,25 отсто, стапката за главните операции за рефинансирање 2,40 отсто, а каматната стапка на маргиналниот кредитен инструмент 2,65 отсто. Новите стапки ќе стапат во сила на 17 јуни.

Од ЕЦБ соопштија дека војната на Блискиот Исток создава дополнителни инфлациски притисоци и дека одлуката за зголемување на каматите е дел од сценаријата со кои се проценува влијанието на енергетските шокови врз економијата на еврозоната.

Според новите проекции на експертите на ЕЦБ, вкупната инфлација во еврозоната во просек ќе достигне три проценти во 2026 година, 2,3 проценти во 2027 година и два проценти во 2028 година. Основната инфлација, без енергија и храна, се очекува да изнесува 2,5 проценти во 2026 и 2027 година и 2,2 проценти во 2028 година.

Во однос на мартовските прогнози, инфлациските очекувања за 2026 и 2027 година се ревидирани нагоре поради повисоките цени на енергијата, кои се очекува да влијаат и врз цените на храната, стоките и услугите.

Истовремено, ЕЦБ ги намали прогнозите за економскиот раст. Според новите процени, економијата на еврозоната ќе порасне за 0,8 проценти во 2026 година, 1,2 проценти во 2027 година и 1,5 проценти во 2028 година. Намалените прогнози се резултат на посилното влијание на конфликтот врз пазарите на суровини, реалните приходи и довербата на потрошувачите и компаниите.

Претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард, изјави дека изгледите остануваат неизвесни и дека постојат ризици и за повисока инфлација и за послаб економски раст.

„Не се обврзуваме однапред на одредена патека на каматните стапки“, порача Лагард на прес-конференцијата по седницата на Управниот совет.

Продолжи со читање

Банки

Халкбанк ги промовира онлајн кредитите како брзо решение за летните планови

Објавено

на

Халкбанк АД Скопје ја промовира можноста за целосно дигитално аплицирање за кредит преку своето електронско банкарство, насочувајќи ја кампањата кон граѓаните кои планираат летни патувања и други лични проекти.

Под мотото „За патувањето што долго го чекаш, а летово конечно доаѓа на ред“, од банката истакнуваат дека онлајн кредитот овозможува брза и едноставна апликација без посета на експозитура, со што плановите на клиентите можат побрзо да станат реалност.

Според информациите објавени од Халкбанк, кредитот може да се користи за различни лични потреби, а процесот на аплицирање е целосно дигитализиран.

Онлајн кредитот нуди можност за износ до 1,5 милиони денари и рок на отплата до 120 месеци. Од банката посочуваат дека не се наплаќа провизија за обработка на кредитот, ниту за предвремена отплата, а апликацијата е без дополнителни трошоци.

Услугата е достапна преку електронското банкарство на Халкбанк, овозможувајќи им на клиентите брзо и едноставно да поднесат барање за кредит од каде било и во кое било време.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange