Интервјуа
Чадиковски за АЕТМ: Комерцијална банка докажа дека е пионер во воведувањето напредни и клучни дигитални решенија

Комерцијална банка континуирано развива нови и современи решенија, генерално базирани на нови технологии, со цел да излезе во пресрет на новите потреби и навики на клиентите. Можноста за верификација на дигиталниот идентитет, надополнета со можноста за електронски потпис е клучна пресвртница за целосна трансформација на дигитализацијата во нашата земја, вели во интервју за АЕТМ, Киро Чадиковски, Директор на Дирекцијата за банкарски картички и платежни сметки во Комерцијална банка.
Може да се забележи дека значителен дел од активностите за унапредување на услугите на Комерцијална банка се насочени кон подобрување на корисничкото искуство и воведување новитети во дигиталните услуги и во е-трговијата. Неодамна ја воведовте и услугата за електронска идентификација без посета на шалтер преку апликацијата OneID. Кои сѐ трансакции може да се извршат со електронска идентификација?
Киро Чадиковски: Грижата за клиенти и позитивното корисничко искуство се суштински елементи при градењето на релациите со клиентите, со цел да се изгради длабока, долгорочна и лојална клиентска база, што е впрочем цел на секој успешен бизнис. Во таа насока, покрај нови производи, Комерцијална банка континуирано развива нови и современи решенија, генерално базирани на нови технологии, со цел да излезе во пресрет на новите потреби и навики на клиентите. Можноста за верификација на дигиталниот идентитет, надополнета со можноста за електронски потпис е клучна пресвртница за целосна трансформација на дигитализацијата во нашата земја.
Комерцијална банка, како и многу пати до сега, покажа дека е пионер во имплементацијата на вакви клучни сервиси. Со апликацијата за електронска идентификација и можноста за ажурирање на личните податоци без посета на шалтер се отвори нова ера на можности, целосно дигитализирана банка без ограничувања. Банката започна со постепена имплементација и дигитализација на сите клучни процеси. Со задоволство можам да најавам дека клиентите наскоро од далечина ќе можат да активираат Интернет банка, да отворат платежна сметка и да поднесат барање преку Интернет банка за дозволено пречекорување на сметка.
Голем дел од овие услуги и досега беа делумно дигитализирани, но законските ограничувања во делот на идентификацијата или електронскиот потпис не дозволуваа целиот процес да се заокружи. Се надевам дека наскоро целосно ќе се дигитализираат повеќе институции во државата што ќе овозможи банката да може да ги „повлече“ или верификува сите потребни податоци (висина на примања на клиентите, висина на пензија, правно лице каде е вработен клиентот и статус на неговото вработување…) за да нема потреба од заверки на документација од страна на клиентите, односно ќе може буквално сѐ да биде достапно без посета на шалтер и ќе нема потреба од човечки фактор во целиот порцес. Напредната дигитализација и на институциите ќе помогне во заокружување на сите процеси за физички лица без посета на истите и без посета на банка. Кај правните лица, неопходна е дигитализација на Централниот регистар за да може да се користи дигиталниот идентитет на физичко лице при проверка на неговите овластувања во корпоративниот свет.
За целосна дигитализација на општеството, потребно е сите чинители и алки од процесот да се дигитализираат, а во овој момент, сите тие се на различно ниво на развој на сопствените дигитални процеси. Оттаму, реално целиот процес на дигитализација во земјава сѐ уште треба да се развива и тоа интегрирано кај сите чинители за да добиеме вистинско ниво на дигитализација.
Што можеме следно да очекуваме од Комерцијална банка во сегментот на дигиталните услуги и алатки наменети за клиентите, а особено за е-трговците?
Киро Чадиковски: Дигитализацијата е процес кој има почеток, но нема крај, без разлика дали се работи за внатрешни процеси во една компанија или за надворешни процеси кои директно ги користат клиентите. Една од стратешките определби на Комерцијална банка се иновациите. Тие се главните „виновници“ за нашиот успех и секогаш се во интерес на нашите клиенти. Постојано развиваме нови и подобрени решенија, водејќи сметка за елиминирање и на најмалите потенцијални ризици. На краток рок, како што веќе напоменав, банката работи на дигитализација на сите сервиси поврзани со електронскиот идентитет, проширување на услугите во киосците во нашите 24/7 зони во експозитурите, зголемување на бројот и видот на документи што може да се потпишуваат во дигиталниот портал за правни лица, што ќе вклучи и договор за започнување на користење услуга за електронска трговија.
На среден рок, поврзано со Законот за платежни услуги и платни системи, очекувано е партнерство со фин-тек компаниите, отворено банкарство и , пред сѐ засилена автентификација, особено во работењето со картички, вклучително и при плаќање на виртуелен ПОС-терминал. Оваа година ќе започнеме да ја нудиме и услугата плаќање со линк, што за одредени трговци ќе го олесни концептот на прифаќање картички преку виртуелни ПОС-терминали.
Согласно најновите податоци од НБРСМ за безготовински платежни трансакции на виртуелни места на продажба во првите три квартали од 2022 година, направени се вкупно 12,3 милиони онлајн трансакции, што е раст од 16,4% во однос на истиот период во минатата година. Вкупната вредност на трансакциите бележи раст од 28,25%, при што 68% од трансакциите се од домашни е-купувачи кон домашни е-трговци. Во која мера подобрените функционалности кои ги нудат банките влијаат на растот на е-трговијата? Дали сметате дека се користи целиот потенцијал за раст и развој?
Киро Чадиковски: Самата електронска трговија всушност е дигитално купување стоки или услуги. Во тој процес има повеќе чинители, а еден од нив се банките кои го овозможуваат делот на процесирање и обработка на плаќањето. Овој процес мора да биде безбеден, едноставен и брз, а токму тоа е суштината на делот што го покрива банката. Е-commerce услугата на Комерцијална банка е во согласност со 3D 2.0 Secure технологијата, развиена од страна на меѓународните платежни системи Visa International и Mastercard Worldwide, односно ги има имплементирано Verified by Visa и Mastercard Secure Code, кои може слободно да се наречат „златен стандард“ во овој сегмент. Зголемената безбедност обезбедува зголемена доверба, а со тоа и зголемен обем на плаќања преку овој канал.
Лично сметам дека и покрај континуираниот раст, сѐ уште сме далеку од можностите и потенцијалот, но сме на добар пат. Во нашата земја, од една страна, има солидна инфраструктура за е-трговија и квалитетна понуда, а од друга има и многу клиенти кои веќе имаат навика за онлајн плаќања. Останува да се работи на две клучни прашања: подобрување на корисничкото искуство и намалување на сивата економија. Доколку еден клиент се соочи со бавно вчитување на веб-страницата, бавна испорка (на пример од 2-3 дена) или скап транспорт или слична пречка, многу лесно ќе се откаже од онлајн купување бидејќи тоа во голем дел е импулсивна одлука (одлучувам тука и сега). Идејата е да се создаде простор каде клиентот од удобноста на својот дом ќе заштеди на време или цена, а ќе добие услуга на високо ниво. Дополнително, важна е и борбата со сивата економија, која ја поткопува довербата во легалната економија, особено во услови на дигитализација. За да се надмине едно негативно искуство, потребни се повеќе позитивни искуства. Двигател на растот и развојот, пред сѐ, треба да биде младата популација. Таа расте со ова секојдневие, сака брз и едноставен одговор, услуга веднаш, максимална заштеда на своето време, кое и е најдрагоцено.
Оваа година Комерцијална банка е златен партнер на изборот на најдобри е-трговци во македонската е-трговија, со што дава голема поддршка не само за овој настан, туку и за е-трговијата во земјава. Која е пораката што сакате да им ја испратите на најдобрите е-трговци во нашата држава?
Киро Чадиковски: Комерцијална банка веќе неколку години е спонзор на Конференцијата за е-трговија во организација на АЕТМ, а од годинава е спонзор и на изборот на најдобри е-трговци. Тоа само по себе покажува колку банката е посветена на овој сегмент од банкарското работење, колку верува во него и колку го поддржува. Пораката што ја праќаме е многу едноставна: е-трговците треба да веруваат во себе, како што и Банката верува во нивниот успех. Без разлика дали почнале пред неколку месеци или пред повеќе години, важен е фактот дека се осмелиле и почнале. Дефинитивно тој процес нема крај, но препорачливо е континуирано да се развиваат, надградуваат, да ги следат сите светски трендови бидејќи новите генерации, нивните потенцијални клиенти, растат со нив.
Една од значајните награди оваа година – наградата за категоријата „Мобилна апликација за е-трговија на годината“ е овозможена и ќе биде доделена од Комерцијална банка. Како директно инволвиран и добар познавач на состојбите во е-трговијата, дали мислите дека македонските е-трговци доволно ги следат трендовите во е-трговијата кои овозможуваат купување преку мобилни апликации? Што им нуди Комерцијална банка во овој домен и дали постојат одредени поволности што може да им користат на е-трговците за да се посветат на развој на онлајн продажба преку мобилни апликации?
Киро Чадиковски: Како што веќе посочив, сегментот што го покриваат банките во делот на електронската трговија се виртуелниот ПОС-терминал и процесот на плаќање. Комерцијална банка активно работи со своите клиенти на подобрување на перформансите на плаќањата, како на веб-портал, така и преку мобилна апликација. Меѓу нашите клиенти има одлични примери за тоа како еден е-трговец може квалитетно и ефикасно да ги развие и двата канали на виртуелна продажба. Улогата на банката е да го сподели целото знаење и да ги советува клиентите како да дојдат до подобро решение, концепт кој носи успех и профит. Големиот број постоечки клиенти и искуството на целиот тим на Банката кој работи во овој сегмент се значајни аспекти кои можат многу да придонесат за успех на електронската трговија како канал за продажба.
Искрено сметам дека има најмногу простор за развој во овој сегмент бидејќи најмал дел од плаќањата се преку мобилни апликации, иако неоспорен е фактот дека секој од нас поминува многу време со паметнен телефон во рака. Огромен број е-трговци се присутни само на веб порталите, што е многу ограничувачки фактор за подобра продажба. Инвестицијата во мобилна апликација е значително поголема, особено затоа што треба да се развиваат и одржуваат повеќе апликации паралелно заради оперативниот систем (IOS, Android и евентуално Huawei), континуирано надрадување, полнење со податоци итн. За жал, само мал сегмент на е-трговицте во моментов се спремни за таква инвестиција.
Мобилните апликации имаат значително повеќе предности споредено со веб–апликациите. Тие овозможуваат подобро корисничко искуство, опција да работат и офлајн, геолокација во макро и микро свет, нотификации со лична и персонализирана содржина, поголема брзината и едноставност, директната поврзаност со социјалните мрежи, како и користење дел од функциите на самиот телефон. Ова се најзначајните придобивки, кои за жал трговците не ги користат доволно во моментот и ги пропуштаат како шанса за зголемена продажба. Ако еден клиент веќе ја презел апликацијата на својот паметен телефон, трговецот е веќе дел од неговото секојдневие и има максимален потенцијал, односно неговиот производ и/или услуга е веќе во “раката“ на клиентот. Мобилните апликации се новото нормално, нашето секојдневие, тие се приказна без крај…
Интервјуа
Интервју | МИЛКА ТОДОРОВА: УНИБанка и во 2025 ќе биде фактор на стабилност и поттикнувач на раст и развој во земјата

Тековната 2025 година се очекува да биде година на оптимизам и економски развој! Година на зголемување на економските активности, на стабилизација, година на иновации, развој на нови стартапи, на висок степен на дигитализација.
За сите овие работи да може да се имплементираат важно е да имаме и стабилни и просперитетни банки. Банки кои се технолошки напредни, кои ги следат трендовите, кои имаат визија и капацитет да бидат силна поддршка.
Една од нив секако е УНИБанка АД Скопје. Банка која сериозно се наметнува во домашниот банкарски еко-систем, во која граѓаните и компаниите имаат сè поголема доверба. Како динамична, амбициозна, флексибилна институција и секогаш во линија на задоволување на очекувањата на своите клиенти, УНИБанка е предводник во многу сегменти.
За очекувањата во 2025 година, за трендовите во економијата и финансискиот систем, разговараме со Милка Тодорова, Извршен директор и Претседател на Управен одбор на УНИБанка.
Банкарство: Кои се вашите очекувања за 2025 година?
Милка Тодорова: Мислам дека е добро да имаме малку повисоко ниво на оптимизам, бидејќи тоа ги подигува очекувањата, но и не прави малку посмели и похрабри во носењето добри одлуки. Воедно и посакувам 2025 да биде просперитетна година, со највисок економски раст во изминатите 5-10 години, со ниска инфлација, период на појава на нови мали и средни бизниси, стартапи и тие да бидат покренувачи на позитивни и силни економски промени.
Очекувам довербата кон банките да расте, тие да бидат прв избор на граѓаните за задолжување, а за компаниите силен поддржувач во нивниот раст и развој.
Што се однесува до УНИБанка АД Скопје очекувам во 2025 да се зголеми бројот на дигитални корисници и нашите клиенти во пракса да почувствуваат зголемување на ефикасноста и намалување на трошоците во нивното работење. Секако ќе воведуваме нови иновативни мобилни банкарски решенија со кои уште повеќе ќе овозможиме персонализирано корисничко искуство и поголемо задоволство при реализацијата на банкарските операции.
Очекувам да продолжиме со остварување позитивни финансиски резултати, и да го оправдаме епитетот на Банка од доверба.
Банкарство: ЕСГ сегментот е стратешки фокус на УНИБанка, што планирате на ова поле?
Милка Тодорова: Поттикнувањето на позитивни промени во локалната заедница, грижата за животната средина, поддршката на спортот и културата, поттикнувањето солидарност, инклузија и во 2025 година ќе бидат високо на листата на нашите приоритети. Ќе ја продолжиме поддршката на повеќе спортски федерации, културни манифестации и социјално загрозени категории кои имаат потреба од поддршка.
Оваа година очекуваме да ги почувствуваме придобивките од двете инсталирани фотоволтаични централи минатата година на нашата управна зграда, како и на зградата на архивата на Банката, со која инвестиција придонесуваме кон намалување на емисијата на штетни гасови CO2 за околу 48.000 кг на годишно ниво и заштеди на електрична енергија во следните 20 години. Размислуваме за слична инвестиција и во 2025 година.
Зелените кредити ќе имаат посебно место во нашата кредитна политика. Ќе поттикнеме развој на бизниси од зелените индустрии кои имаат за цел да користат што е можно помалку вода, енергија и суровини додека истовремено одржуваат ниски емисии на јаглерод. Практичната примена на ЕСГ стандардите е приоритет на Банката во периодот кој следи. Животната средина е неповратен ресурс и сите ние треба многу активно да се грижиме за нејзино сочувување.

Банкарство: Какви се очекувањата за движењето на каматните стапки?
Милка Тодорова: Очекувам стабилизација на каматните стапки и постепено нивно намалување во функција на економскиот раст. И тоа го базирам на очекуваните позитивни трендови во домашната економија и стабилните макроекономски проекции од страна на Народната банка.
Нашиот економетриски тим ревносно го следи движењето на сите фактори кои влијаат врз каматите и правовремено носиме каматни одлуки, во функција на обезбедување конкурентни каматни стапки за нашите клиенти.
Разрешувањето на некои надворешни воено-политички нестабилности, стабилизација на дистрибутивните канали за главните енергетски ресурси и храната и контролираната ниска инфлација на ниво на цела Европа, дополнително може да придонесе кон позитивни каматни тенденции.
Како Банка очекувам и во 2025 година да бидеме фактор на стабилност, да поттикнуваме екомски раст и нови вработувања.
Во овој контекст би го истакнала златниот бизнис депозит кој покрај тоа што обезбедува висока фиксна камата, носи и подарок инвестициско злато. Преку него компаниите кои имаат слободни парични средства над 5 милиони денари, па дури и повеќе, можат да ги орочат во УНИБанка и да добијат Златен бизнис депозит со годишна фиксна камата од 3,00%. Средствата им се на располагање во случај на итност, па дури и да ги извадат од сметка за изминатиот период помал од 5 месеци и да добијат камата по видување од 1,25% за салдо над 3 милиони денари.
Вакви слични иновативни и конкурентни депозитни производи ќе имаме и во оваа година.
Банкарство: УНИБанка е единствена Банка во земјава која прави сертифициран увоз и тргување со благородни метали и овозможува диверзификација на инвестициите. Кој е вашиот совет за инвеститорите?
Милка Тодорова: Основен совет за секој инвеститор е создавање диверзификационо портфолио и распределба на ризикот. Потоа вложување во инвестициони опции кои обезбедуваат раст на вредноста на средствата, зачувување на богатството и заштита од инфлација
УНИБанка е единствена банка на македонскиот пазар која изминативе години прави увоз и тргување со инвестицискo злато, што вклучува тргување со златни плочки и монети со највисока чистота, и која како резултат на тоа го има епитетот “The bank of gold”. Од минатиот месец започнавме со продажба и на сребрени плочки и монети, ковани од глобално признати рафинерии кои ги исполнуваат меѓународните стандарди за чистота, квалитет и автентичност.
Инвеститорите со ова добиваат нова поволна инвестициска опција, која ги овозможува сите инвестициски бенефити.
Вредноста на вложувањето во златни и сребрени монети е уште поголема бидејќи тие може многу брзо да се продадат (секогаш има голема побарувачка), може да се употребат како залог за кредит или едноставно да се зачуваат како вредно наследство за поколенијата. Купувањето на инвестициско злато е трансакциски чин ослободен од ДДВ, што секако е поттик плус!
Идеалното инвестициско портфолио би било отприлика вака: депозит на умна депозитна сметка, вложување во акции на УНИБанка и секако влог во сертифицирани златни и сребрени монети и плочки.
УНИБанка останува да биде доверлив партнер на сите категории на граѓани, на компании од различни сектори, како и на искусните инвеститори кои знаат да препознаат вистински инвестициски опции.
Интервјуа
Интервју | Д-Р МАЈА СТЕВКОВА ШТЕРИЕВА: Во јубилејната 2025 ќе изградиме посилна врска со клиентите и ќе дадеме уште поголем придонес за заеднички долгорочен развој

Како лидер со долгогодишно искуство во банкарскиот сектор, д-р Стевкова Штериева споделува преглед на најзначајните настани од изминатата година, постигнатите успеси и клучните поуки за 2024 година. Дополнително, го истакнува нејзиното гледиште за новите трендови и предизвици што ќе го обликуваат банкарскиот сектор во Македонија во 2025 година.
Преку ова интервју, ќе добиете увид во стратегиите, иницијативите и иновациите кои ја позиционираат Комерцијална банка како предводник во индустријата и ќе дознаете повеќе за насоките на кои ќе се гради иднината на банкарството во земјата.
Банкарство: Кратка ретроспектива на изминатата 2024 година: Кои настани ја
одбележаа годината, колку истата беше успешна за Вас, и кои поуки
ги извлековте?
д-р Маја Стевкова Штериева: Годината што изминува беше исполнета со бројни предизвици, но истовремено и со значајни успеси за Комерцијална банка. Особено сме горди на постигнатите резултати, на успешното прилагодување на работењето кон брзите промени во економската и во технолошката средина и на задоволството што го постигнавме кај клиентите, акционерите и вработените. Сето тоа резултираше и со добивање на престижната награда Банка на годината во Македонија од угледните публикации The Banker и Global Finance.
Меѓу настаните кои би ги издвоила се воведувањето нови дигитални услуги, како што се онлајн потрошувачкиот кредит и бројните дигитални зони 24/7 отворени на повеќе локации на Банката, затоа што тие значат полесни, побрзи и подостапни финансиски трансакции за нашите клиенти.
Комерцијална банка беше насочена и кон активна кредитна поддршка на компаниите, а особено на развојот и одржувањето тековната ликвидност на малите и средните претпријатија во услови на глобални инфлаторни притисоци. Банката значително го зголеми и кредитирањето на населението преку понуда на нови и конкурентни кредитни производи и услуги прилагодени на барањата на клиентите, кои имаат поволни и конкурентни каматни стапки, зголемен износ, подолг рок на отплата, промотивни периоди, олеснети услови и други поволности кои ги прават атрактивни за граѓаните.
Во 2024 година, Комерцијална банка имаше многу значаен придонес и како докажана општествено одговорна компанија. Банката донираше средства за изградба на нова градинка во Кисела Вода, нов ургентен клинички центар во Скопје, нов ски центар во детското одморалиште Михајлово, потоа за набавка на противпожарна опрема за територијалните противпожарни екипи, а поддржа и уште многу други значајни проекти за општеството и за граѓаните.
Сето ова не прави многу горди и ни дава силен елан да продолжиме со уште поголем потенцијал во новата година, во која славиме и 70 години јубилеј.
Од сето ова извлековме и многу важни поуки, а тоа е дека флексибилноста, иновациите, грижата за клиентите и постојаното унапредување на производите и услуги се рецептот што ни овозможува да ги надминеме очекувањата на клиентите и да изградиме долгорочна доверба.
Банкарство: Кои се вашите очекувања околу потенцијални нови трендови во банкарскиот сектор во Македонија во 2025 година?
д-р Маја Стевкова Штериева: Банкарскиот сектор во Македонија и оваа година ќе се движи во насока на значителна трансформација, следејќи ги глобалните трендови и одговарајќи на локалните потреби. Неколку клучни трендови кои ќе ја обележат годината се дигитализација и автоматизацијата на услугите, фокусот на сајбер безбедноста и на финансиско-дигиталната писменост на клиентите, на одржливото банкарство, зелената транзиција и на понудата на персонализирани услуги за клиентите бидејќи нивните потреби се сѐ поспецифични и пософистицирани.
Покрај напредни дигитални производи и услуги, се очекува банките засилено да ја применуваат вештачката интелигенција, што ќе овозможи уште поефикасни и иновативни финансиски решенија. Зголемената употреба на дигитални услуги наметнува и максимална безбедност, доверливост и заштитата на податоците, поради што банките постојано инвестираат во напредни безбедносни системи и обука на вработените.
Трендот на зелено и одржливо банкарство продолжува, со зголемена поддршка за еколошки проекти и зелени кредити, но и со интегрирање на одржливоста во деловните стратегии.
Банките што ќе успеваат да се држат до овие трендови и ќе постигнат највисоки стандарди во испораката на иновативни производи и услуги ќе ја добијат довербата на клиентите.
Горда сум што Комерцијална банка, како лидер во доменот на врвните банкарски услуги, во изминатите години инвестираше во модерни технологии и развој на дигитални платформи со што бројни услуги станаа онлајн достапни, лесни за користење и безбедни за сите наши клиенти.

Банкарство: Какви се вашите очекувања за движењето на каматните стапки на кредитните/депозитните производи во 2025 година?
д-р Маја Стевкова Штериева: Движењето на каматните стапки во голема мера е определено од глобалните економски состојби, како и од геополитичките случувања, што всушност се потврди во изминатите неколку години. Речиси во сите анализи зборувавме за стапките на економски раст, инфлацијата, војната во Украина и на Блискиот Исток. Токму поради тоа би рекла дека, според моменталните состојби, може да се очекува постепено намалување на каматните стапки, и на европските и на домашните финансиски пазари.
Глобално гледано, јасно е дека двоцифрената инфлација е минато, но сѐ уште се забележуваат раст на цените на услугите и неизвесности поврзани со цената на храната. Според некои аналитичари, временските промени и неочекувани настани можат да имаат негативно влијание, како што е на пример порастот на цената на шеќерот како резултат на сушата во Бразил, што може да биде случај и со голем број други прехранбени продукти.
Не смее да се заборави и фактот дека промената во политичкиот врв на Соединетите Американски Држави може да има значајно влијание врз геополитичките и економските односи во светот, а со тоа и врз појава на нови непредвидени предизвици.
Банкарство: Споделете со читателите еден новитет што ќе го имплементирате во 2025 година и што очекувате од истиот?
д-р Маја Стевкова Штериева: Оваа година со големо задоволство ќе ги воведеме целосно редизајнираните Интернет банка, мБанка и мБанкаКо, кои ќе понудат комплетно ново корисничко уживање во привилегиите и можностите на современите паметни финансиски апликации.
Новите платформи за електронско и мобилно банкарство ќе овозможат брз, едноставен и интуитивен пристап до банкарските услуги и ќе понудат бројни интегрирани функционалности, како што се персонализирано корисничко искуство преку паметни решенија за ефикасно управување со личните финансии, брзи и лесни трансакции во неколку чекори. Сето тоа ќе биде спакувано во интуитивен и модерен дизајн за лесно користење.
Очекуваме овие новитети да донесат значителни придобивки како за нашите клиенти, така и за Банката. Клиентите ќе добијат подобрено искуство, поголема ефикасност и зголемена флексибилност во користењето на услугите, без оглед на времето и локацијата.
А Банката ќе добие поголема лојалност на клиентите, проширување на базата на корисници и унапредување на нашата конкурентност на пазарот. Нашата крајна цел е да изградиме уште посилна врска со клиентите и да поттикнеме заеднички долгорочен развој.
Интервјуа
Интервју | ФАТИХ ТУРКМЕНОГЛУ: ЕБОР е посветена на зелената економија и енергетската транзиција во Северна Македонија

Разговараме со г-дин Фатих Туркменоглу, Претставник на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за Северна Македонија. Како еден од клучните играчи во поддршка на економскиот развој на земјата, ЕБОР има важна улога во финансирањето на проекти и иницијативи кои ги адресираат економските предизвици, поттикнуваат раст и инклузивност, и ја забрзуваат транзицијата кон зелена енергија.
Во ова интервју, г-дин Туркменоглу ќе ни ги претстави клучните приоритети на ЕБОР за Северна Македонија, активностите насочени кон одржлива инфраструктура, поддршката на зелениот сектор, и плановите за инклузивен развој и економска стабилност. Дополнително, ќе дознаеме повеќе за соработката на ЕБОР со локалните банки и владата, како и за улогата на приватниот сектор во постигнување на овие амбициозни цели.
Исто така, од разговорот во продолжение ќе дознаете како ЕБОР продолжува да го поддржува патот на Северна Македонија кон одржлив раст и интеграција во глобалните економски текови.
Банкарство: Кои се клучните приоритети на ЕБОР за Северна Македонија во следните неколку години и како планирате да се справите со најважните економски предизвици во земјата?
Фатих Туркменоглу: Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) е повеќе од 30 години партнер со Северна Македонија и гради блиски релации во различни сектори, од централната и локалната власт, до финансиските институции и приватните компании. Во 2023 година Банката инвестираше рекордни 259 милиони евра во 17 проекти во земјата. ЕБОР е посветена во проширување на активностите во Северна Македонија во поддршка на владините приоритети и промовирање на економскиот раст.
Една од клучните претстојни иницијативи е развивање на нова Стратегија за Северна Македонија за периодот 2025-2030 година. Крајната цел на оваа стратегија е да се опфатат постоечките предизвици со кои се соочува земјата и да се зајакне одржливиот развој во иднина. Стратегијата се очекува да биде финализирана во првата половина на 2025 година. ЕБОР ќе продолжи со поддршката во наредните пет години, со акцент врз креирање на конкурентна и привлечна економија, која ги опфаќа демографските аспекти, го поддржува развојот на одржлива инфраструктура, зелена економија и зајакнување на интеграцијата со поширокиот регион и глобалните ланци на вредности. Сите проекти на ЕБОР кои се финансирани во приватниот и јавниот сектор, имаат за цел да се справат со тековните предизвици: намалување на бројот на населението во земјата, недоволна продуктивност на пазарот на труд и дискрепанци во вештините, јаз во економската инклузија и пристапот до финансирање, подобрување на отпорноста на јавната инфраструктура и зајакнување на енергетската стабилност.
Банкарство: Како ЕБОР ја поддржува одржливата инфраструктура и проектите од сферата на зелената енергија во Северна Македонија и која улога ја има приватниот сектор во овие иницијативи?
Фатих Туркменоглу: Банката е посветена кон унапредување на инфраструктурата и еколошките стандарди во Северна Македонија, зајакнување на поврзаноста и поддршка на транзицијата кон обновлива енергија.
ЕБОР играше витална улога во унапредување на клучната патна и железничка инфраструктура, во Пан-Европските Коридори 8 и 10. Инвестираше околу 427 милиони евра во осум проекти за изградба на патишта, а пет се во различни фази на имплементација. Исто така, беше и единствената меѓународна финансиска институција која ги поддржа ТЕН-Т коридорите, и учествуваше во обновување на железничката флота во изминатава декада, со портфолио од шест проекти во износ од 257 милиони евра.
Нашата долгорочна соработка во транспортниот сектор, вклучува и помош на македонските власти во подготвување на Инвестициската Рамка за Западен Балкан (Western Balkans Investment Framework-WBIF) во однос на апликацијата за техничка помош за грант, за обезбедување на проектна документација, потребна за рехабилитација на железничкиот Коридор 10. Оваа техничка помош е неопходна, и служи за одредување на приоритети за инвестициите во критичниот железнички Коридор 10 во Северна Македонија. Овие инвестиции значително ќе ја засилат поврзаноста, ќе го поттикнат патничкиот и транспортниот сообраќај и ќе ја зајакнат регионалната економска интеграција.
Посветени сме во зајакнување на околината преку проектот за Регионален цврст отпад. Ова е иницијатива наменета да обезбеди услуги согласно стандардите на Европската Унија, за над 1 милион жители во три претходно определени региони. ЕБОР одигра клучна улога во обезбедување на грантови од билатералните донатори, вклучувајќи ја Швајцарија и Шведска, како и од Инвестициската Рамка за Западен Балкан.
Енергетската криза ја забрза енергетската транзиција преку нагласување на значењето на енергетските трошоци и обезбедувањето, потребата да се има разновидна база на набавка и интегрирани регионални пазари. Обновливите извори на енергија нудат енергија од домашно производство по конкурентни трошоци, и носат големи еколошки бенефити и безбедност во снабдувањето. Во оваа смисла, моменталната состојба обезбедува можности за забрзување на инвестиции од обновливи извори на енергија (во јавниот и во приватниот сектор) и ја истакнува потребата за подобрување на националната енергетска мрежа и прекуграничната поврзаност, заедно со поголемата ликвидност на пазарите на енергија.
Заради ова, и покрај моменталното меѓународно опкружување, ЕБОР ја охрабрува земјата да остане фокусирана на патот на одржување на ниско ниво на јаглерод како издувен гас, и да остане посветена на декарбонизација на енергетскиот сектор, со цел да стигне до нето-нула емисии до 2050 година, кои се планирани во националната стратегија. Препорачуваме Северна Македонија да го поедностави процесот на издавање лиценци и процесот на одобрување во овој сектор, да ги стимулира приватните и јавните инвестиции во нови капацитети на обновлива енергија, сė со цел земјата да ги достигне амбициозните цели за обновлива енергија, и да стигне до 83 отсто намалување на емисиите, планирани до 2030 година, во нејзиниот зајакнат определен национален придонес. Би сакале да ја охрабриме Владата и понатаму да инвестира во мрежа на олеснување на капацитети за интеграција од обновливите извори на енергија и да работи во подобрување на пазарната ликвидност и унапредување на пазарното поврзување, колку што е можно поскоро, со цел да ја овозможи интеграцијата со европските енергетски пазари.
Преку поддршка на ЕБОР, на КОП28 конференцијата во Дубаи, Северна Македонија промовираше инвестициска платформа за праведна транзиција, преку која се управуваат долгорочните планови за ниско ниво на јаглерод, и праведна транзиција на секторот со електрична енергија. Платформата е одредница за земјата која е зависна од јаглен и ги поддржува амбициите да го трансформира енергетскиот сектор и економијата со ниско ниво на јаглерод, ниски трошоци и безбеден модел на примена. Платформата се стреми кон комбинирање на владини, меѓународни и приватни инвестиции, со цел да достигне минимум 1.7 гигавати на генерирана енергија од обновливи извори на енергија, до крај на деценијата, како и надградба на мрежата и складирање на енергијата, и примена на мерки за поддршка на заедниците кои се погодени од транзицијата на енергијата.
До денес, ЕБОР ги има поддржано регулаторните и легалните аспекти на воведување на аукции од обновливи извори на енергија, но и објава на три тендери за целосно комбиниран капацитет од 162 мегавати соларна енергија. Банката ќе го поддржи Министерството за енергија во однос на воведување на повеќекратни аукции за договорите за разликите, што ќе помогне во достигнување на 1 гигават нова соларна енергија и енергија добиена од ветер. ЕБОР ја поддржа земјата и во превземањето на првите чекори во енергетската транзиција, преку директно финансирање на изградбата на првите соларни фото-волтаици во сопственост на државната компанија за електрична енергија ЕСМ, со капацитет од 10 мегавати, на затворениот рудник со јаглен на термоелектраната Осломеј, кои се веќе во функција. ЕБОР финансираше 10 мегавати проширување на капацитетот на соларните фотоволтаици во Осломеј и 20 мегавати соларната плантажа за прилагодување во термоелектраната Битола. Развојот на преносната мрежа е критичен за енергетската транзиција, а ЕБОР неодамна поддржа и нови инвестиции во мрежата на југо-источниот регион на земјата, кој ќе дозволи поврзување на дополнителни 1,2 гигавати капацитет од обновливи извори на енергија. Банката останува подготвена за ја поддржи зелената транзиција на земјата, со дополнителна поддршка на политиките, техничка помош, финансирање на капацитети од обновливи извори на енергија, и мрежа на пренос на електричната енергија.
Банкарство: Согласно Вашето искуство, кои се најголемите можности за раст на економијата во Северна Македонија, и како ЕБОР може да помогне локалните бизниси да се капитализираат?
Фатих Туркменоглу: ЕБОР одобрува директно и индиректно финансирање на компаниите, и ја поддржува приватната и државната конкурентност, како најважен стратешки приоритет и итна следна работна задача. Банката нуди повеќе од чисто финансирање на приватниот сектор. Ние пружаме деловни советодавни услуги, со кои помагаме раст на приватниот сектор и трансформација преку мрежата на меѓународни советници и локални консултанти. Во Северна Македонија, секоја година, даваме поддршка на бизнисите, на клиентите, како и на компании од рангот на старт-ап компаниите до голем компании и им нудиме обука и семинари, избор на консултанти и останати ентитети, да го изградат капацитетот со партнерските институции, нудиме и програми на забрзување на растот на компаниите, од сферата на дигитализација до зелена транзиција и инклузија, согласно стратешките приоритети на Банката.
ЕБОР е активна и на страна на политиката, и моментално работи со клучните ентитети за да ги дефинира главните приоритети на политиките на конкурентност за малите и средни претпријатија (МСП), кои треба да помогнат во подобрување на деловната клима.
Банкарство: Кои стратегии ги имплементира ЕБОР за да го зајакне инклузивниот развој и да ги подобри економските можности за маргинализираните заедници во Северна Македонија?
Фатих Туркменоглу: Од неодамна ЕБОР го интензивираше својот фокус на инклузивен развој во Северна Македонија, особено преку иновативни проекти и дијалог на политика. Над 50 отсто од потпишаните проекти во 2023 година се креирани со инкорпориран родов аспект.
Тука спаѓаат два инфраструктурни проекта со значајна инклузивна компонента. За прв пат, инклузивните карактеристики на набавка се дел од Регионалниот проект за цврст отпад, во однос на креирање на вештини и можности за вработување за групите луѓе кои не се еднакво застапени во општеството, како што се жените и Ромската популација.
Во прилог на ова, инклузивната компонента на проектот Железница Коридор 8 – Прва фаза, го поддржува имплементирањето на можностите за обука на младите луѓе, на местото каде што работат, преку усвојување на принципи на инклузивност.
Преку Програмата за економска вклученост, ЕБОР поддржа една од водечките локални компании за производство на кондиторски производи, преку основање на првата сертифицирана академија за извршен менаџмент во земјата, каде се нуди и професионално образование и основан е центар за обука, кој е клучен во обезбедување на заменски обуки во областите каде истите недостасуваат, промовирајќи професионален развој за едукација за цел животен век, превенирање на отселување на младите луѓе во регионот и обезбедување на развој на вештини.
Банката имплементира и Деловна програма за жени во бизнисот во Северна Македонија, наменета за бизниси управувани од жени и млади, обезбедувајќи им пристап до финансии, и консултантска поддршка. Нашата Програма за врвни претпријатија (Star Venture) поттикнува иновации и помага во зголемување на потенцијалот, на компаниите во рана фаза на работење, доколку сакаат да растат и да се прошират на меѓународно ниво.
Банкарство: Како ја гледате соработката на ЕБОР со Владата на Северна Македонија и меѓународните партнери, во насока на унапредување кон долгорочната стабилност и развој?
Фатих Туркменоглу: ЕБОР е посветена да продолжи во поддршката на Северна Македонија и да работи заедно со властите, на финансирање и развој на проекти од секторот на инфраструктурата и енергетиката.
Неодамнешното потпишување на Заедничката декларација на КОП28, е значајна одредница, која ја зајакнува посветеноста на земјата за зелена и праведна транзиција. Оваа соработка ја акцентира основната улога на меѓународната соработка во справување со климатските промени. Банката е насочена кон мобилизирање на инвестиции, зајакнување на иновативноста и обезбедување услови транзицијата да биде во корист на сите сегменти на општеството.
Банката е подготвена да и помогне на Северна Македонија во капитализирање на можностите кои се пружаат преку Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан. Подготвени сме да ја поддржиме земјата во задоволување на потребите за инвестиции, техничка помош и експертиза, сите клучни за успешно имплементирање на неопходните реформи. Нашата посветеност за поддршка вклучува и зајакнување на конкурентноста преку подобрување на ланецот на снабдување, надградба на вештините на работната сила и зајакнување на управувањето.
Во оваа насока, имаме за цел да ја промовираме регионалната интеграција и поврзаност, истовремено олеснувајќи го процесот на доближување до ЕУ. Нашите напори ќе се насочат кон поддршка на клучните инфраструктурни проекти, кои се во сферата на транзиција кон зелената енергија, кои креираат одржлива комбинација на енергија, постигнување на поголема ефикасност на ресурсите и обезбедување на родова и економска инклузија.
Банкарство: Како соработува ЕБОР со локалните банки во Северна Македонија во насока на зголемување на пристапот до финансирање за МСП, и какво влијание има оваа активност врз локалната економија?
Фатих Туркменоглу: Банките се ценети партнери на ЕБОР во Северна Македонија. Банкарскиот сектор е прагматично регулиран од Централана банка, што овозможува држење чекор со Европската регулатива, преку соработка.
Нашите пет партнерски банки се меѓу најголемите во земјата, и опфаќаат 75 отсто од пазарот, обезбедувајќи широк опсег на достапност на нашите продукти. Ние не сме тука за да се натпреваруваме со нив, ние сме нивни партнери. Со некои од нив, тоа партнерство трае 20-30 години. Добро се познаваме, се консултираме за видовите на продукти кои планираме да ги воведеме на пазарот, согласно интересот на локалните МСП. Во земјата, имаме стабилни деловни активности во финансискиот сектор преку посредување, кој резултира во инјектирање на 25 до 30 милиони евра во економијата, преку партнерските банки на годишно ниво.
Служиме на секторот на МСП, воглавно преку два вида на инструменти, механизми на гаранција и финансирање со грант поддршка. Механизмите на гаранција се користат во главно за програмите на инклузија, како Жени во бизнисот и Млади во бизнисот, кои го охрабруваат учеството на жените и младите во економските активности.
Веројатно ЕБОР е најдобро познат по своето финансирање поддржано со грантови, преку кое, на крајните корисници им се овозможува да добијат грантови по успешно завршување на инвестицијата. Најуспешните програми од оваа сфера се Поддршка на конкурентноста на МСП и Програми за рестартирање на МСП, преку кои ЕБОР има пласирано на пазарот 61 милион евра, во изминативе пет години, со што Северна Македонија стана најголемиот корисник на овие програми по глава на жител во регионот на Западен Балкан.
Во моментов Програмата за развој на Обединетите Нации и Програмата за зелено финансирање поддржана од Владата, нуди пилот програма од 30 милиони евра, наменета за поддршка на зелените инвестиции во локалните МСП, која е достапна само во Северна Македонија.
Има многу нови производи кои што сакаме да ги развиеме во наредниве години, во различни сектори како што е декарбонизација, земјоделие и потенцијално, дури и враќање на мигрантите во Северна Македонија.
Накусо, нудиме голем број можности за МСП во земјата и истото го реализираме во главно преку локалните банки, кои добро го знаат пазарот и кои ни овозможуваат идеите да ни станат реалност.
- Банкипред 3 недели
Комерцијална банка: Исплатата на пензиите за јануари започнува на 31 јануари
- Business Womanпред 2 месеци
Празничен оптимизам во пресрет на новите предизвици преку здрав раст, етичко и одговорно работење
- Банкипред 1 месец
Даниела Ѓоршевска нов член на Управниот одбор на Стопанска банка а.д. Битола
- Банкипред 3 недели
КОМЕРЦИЈАЛНА БАНКА ЈА ЗГОЛЕМИ ДОБИВКАТА ЗА НЕВЕРОЈАТНИ 40% – во 2024 година оствари добивка од рекордни 80,7 милиони евра!
- Банкипред 2 месеци
Континуиран растечки тренд на користењето на дигиталните канали за извршување на електронските плаќања
- Банкипред 3 недели
Добивката на ТТК Банка порасна за 2,9% и дојде до 1,76 милиони евра во 2024 година
- Банкипред 3 недели
Халкбанк АД Скопје: Јануарските пензии се веќе исплатени!
- Банкипред 2 месеци
Дигитална зона 24/7 и нов современ изглед доби Филијалата на Комерцијална банка во Струмица