Банки
Ангеловска-Бежоска на Регионалниот состанок на гувернери: Стабилноста на девизниот курс – сидро на ценовната и финансиската стабилност

„Стабилноста на курсот на денарот и во текот на последната криза се покажа како сидро на стабилноста во домашната економија. Стратегијата на фиксен девизен курс спречи поголеми инфлациски притисоци, а придонесува и кон одржување на финансиската стабилност со оглед на релативно високата евроизација во кредитното портфолио на банкарскиот систем.“ Ова беа дел од пораките на гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска на Тркалезната маса на гувернери, во рамките на Регионалниот состанок на гувернери, којшто се одржува во Опатија, Хрватска.
На тркалезната маса на гувернери на тема „Фатени во виорот: монетарните политики и малите отворени економии во услови на висока инфлација 2.0“, покрај гувернерката на Народната банка, учествуваа Борис Вујчиќ, гувернер на централната банка на Хрватска, Боштјан Васле, гувернер на централната банка на Словенија, Сенад Софтиќ, гувернер на централната банка на БиХ, Радоје Жугиќ, гувернер на централната банка на Црна Гора, како и универзитетскиот професор Саша Дрезгиќ, декан на Економскиот факултет во Риека. Гувернерите врз основа на своите искуства зборуваа за монетарните политики во услови на инфлациски раст, како и за просторот за делување на централните банки на помалите отворени економии во услови на глобални инфлациски шокови. По излагањата на панел-дискусијата, гувернерите одговараа и на прашања од студентите кои присуствуваа на настанот.
Во контекст на одржувањето на фиксниот девизен курс на денарот, а со тоа и макроекономската и финансиска стабилност во земјата, гувернерката посочи на соодветното ниво на девизните резерви, коишто според последните податоци изнесуваат 4,2 милијарди евра. Ова е историски високо ниво и е клучен показател на капацитетот за успешно спроведување на монетарната стратегија. Таа посочи и дека од почетокот на енергетската криза, поради високите увозни притисоци, за одржување на стабилноста, Народната банка интервенира на девизниот пазар со што овозможи задоволување на повисоката побарувачка на девизна ликвидност. Веќе од јули минатата година, на девизниот пазар дојде до значително стабилизирање, а Народната банка интервенира со откуп на девизи, што заедно со надворешното финансирање, обезбеди дополнителна поддршка на девизните резерви.
За годинава се очекува намалување на трговскиот дефицит при постепено стабилизирање на берзанските цени (особено на енергентите), што ќе придонесе за помали притисоци врз увозот, но и при поповолна конјунктура за дел од извозниот сектор. Ова, заедно со дополнителните текови преку финансиската сметка, и натаму би ги јакнело девизните резерви како основа за одржување на стабилноста на девизниот курс.
Банки
Народната банка и централната банка на Германијаја продлабочуваат соработката за зајакнување на институционалните капацитети

Гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, оствари средба со г. Бурхард Балц, член на Советот на централната банка на Германија, на која се разговараше за продлабочување на билатералната соработка, со акцент на унапредувањето на институционалните капацитети во клучните области на централнобанкарското работење.
На средбата беше нагласено значењето на постојаната меѓу институционална соработка, особено во делот на размената на експертиза и практики што придонесуваат за градење отпорни институции и приближување до европските регулативи и стандарди. Поддршката којашто Народната банка ја добива од централната банка на Германија е од голема важност во процесот на модернизација и унапредување на експертските и техничките капацитети.
Гувернерот Славески истакна дека Народната банка е целосно посветена на усогласувањето на домашната регулатива и практиките со законодавството на Европската Унија, при што особено важна е соработката со централната банка на Германија.
„Европските перспективи се од големо стратегиско значење за Народната банка, којашто посветено работи на реформски програми и на други стратегиски документи поврзани со интеграцијата во ЕУ. Народната банка постојано се стреми кон навремено воведување на европските стандарди во доменот на финансискиот систем. За овој факт се свесни и релевантните европски институции, коишто ја оценуваат како високо усогласена во подрачјата што се во нејзина надлежност“, посочи гувернерот Славески.

Тој додаде дека Народната банка во изминатите години се профилира како модерна институција со силен капацитет и подготвеност за придружување кон европското семејство. На средбата беше заеднички оценето дека европската регулатива постојано се унапредува, поради што е неопходно следење и применување на најновите регулативни измени и практики.
Во рамките на досегашната соработка, Народната банка и централната банка на Германија остварија бројни активности насочени кон размена на искуства, унапредување на аналитичките алатки и примена на најдобрите меѓународни и европски практики. Покрај обезбедувањето билатерална поддршка, централната банка на Германија е и главен носител на техничката помош од Европскиот систем на централни банки за централните банки од регионот, па во моментов се заокружува втората фаза од оваа помош. Оваа соработка придонесе за натамошно зацврстување на капацитетите на Народната банка, во сите области на работењето.
Балц изрази благодарност за долгогодишната лојална соработка на Народната банка со централната банка на Германија и особено го истакна активниот придонес на Народната банка за напредокот на проектот Западен Балкан во фазата III. Тој нагласи дека регионалната соработка меѓу централните банки и органите за супервизија на банките на Западен Балкан се покажа како ефикасна алатка за усогласување со стандардите на ЕУ и со најдобрите практики на Европскиот систем на централни банки (ЕСЦБ).
Банки
Оставка на член на Управниот одбор на Стопанска банка АД – Скопје

На ден 16 јули 2025 година, Бојан Стојаноски поднесе оставка од позицијата член на Управниот одбор и Генерален директор за управување со ризици на Стопанска банка АД – Скопје.
Стојаноски е дел од менаџерскиот тим на Банката од 2020 година, кога ја презеде функцијата Генерален директор за управување со ризици и член на Управниот одбор. Во изминатите пет години, неговиот придонес беше од значење за унапредување на системите за управување со ризици, како и за севкупната стабилност и раст на Банката.
Бојан Стојаноски има повеќедецениско искуство во финансискиот сектор. Пред да се приклучи на Стопанска банка АД – Скопје, својата кариера ја градеше во Халк банка АД Скопје, каде што успешно раководеше со неколку клучни сектори – Секторот за кредитирање, финансиско управување и планирање, управување со лоши пласмани, средства и ликвидност, како и маркетинг и продажба.
Претходно, беше дел и од КБ Прво пензиско друштво АД Скопје, каде што ја извршуваше функцијата член на Управниот одбор и втор генерален директор.
Стојаноски е магистер по економски науки во областа на финансискиот менаџмент при Економскиот институт на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.
Оставката е поднесена согласно внатрешните процедури на Банката и важечката регулатива. Од Стопанска банка информираат дека ќе бидат преземени сите неопходни чекори за обезбедување континуитет во работењето и навремено информирање на надлежните институции и јавноста.
Според неофицијални информации, се очекува Стојаноски наскоро да го засили управниот одбор на една од поголемите банки во земјава, како дел од неговиот следен професионален ангажман.
Банки
Гувернерот Славески: Новиот модел на надоместоци ќе придонесе за поевтини платни услуги за граѓаните и за компаниите

Советот на Народната банка донесе одлука за воведување нов и поедноставен модел на надоместоци што банките ги плаќаат за користење на услугите на Македонскиот интербанкарски платен систем – МИПС. Како што истакна гувернерот, д-р Трајко Славески, во денешната изјава пред медиумите, со оваа промена се поставува поконкурентна тарифна структура којашто ќе овозможи пониски трошоци за електронски плаќања, со директни придобивки за граѓаните и за компаниите.
„Новото решение е резултат на детални анализи и отворен дијалог со банкарскиот сектор, заради приспособување кон современите пазарни услови и европските практики. Воспоставениот модел ги поедноставува и ги намалува трошоците на банките за порамнување на трансакциите кај Народната банка, што создава простор за намалување и поедноставување на надоместоците што банките ги наплатуваат од граѓаните и од компаниите“, изјави гувернерот Славески.
Одлуката ќе стапи на сила на 1 август, а Народната банка очекува дека банките ќе покажат разбирање за јавниот интерес и за пошироките економски придобивки од достапни и евтини платежни услуги.
Во рамките на подготовките за приклучување кон европската платежна шема СЕПА, Народната банка воведува и нова структура на надоместоците за плаќањата во евра од страна на државните органи со значително пониска цена. Наместо досегашните просечни трошоци од 14 евра по трансакција преку кореспондентни банки, ќе се применуваат фиксни надоместоци од 3 евра за електронски иницирани и од 5 евра за хартиени налози.
„На овој начин праќаме јасна порака – очекуваме пофер и поевтини платни услуги за сите. Народната банка ја поддржува изградбата на ефикасен и конкурентен платен пазар во земјава, во согласност со европските стандарди и во духот на интеграцијата во СЕПА“, истакна гувернерот.
Гувернерот посочи дека банкарскиот сектор е стабилен, и покрај светските предизвици, а Народната банка и во иднина ќе ги води своите политики одговорно и внимателно, заради одржување на финансиската стабилност и за унапредување на платниот систем во земјата.
- Банкипред 3 недели
Стопанска банка АД – Скопје назначи нов Генерален директор за финансии и член на Управниот одбор
- Продуктипред 3 дена
Apple Pay доаѓа во Македонија: Подготовките се во тек, стартот се очекува наесен
- Останатопред 1 недела
Промени во Надзорниот одбор на ПроКредит Банка АД Скопје
- Фондовипред 1 недела
Промени во Надзорниот одбор на КБ Прво пензиско друштво АД Скопје
- Продуктипред 1 месец
Почни го летото со премиум поволности и поголеми бонуси со Visa Gold и Visa Classic од Комерцијална банка
- Продуктипред 4 недели
Халкбанк овозможува кредит целосно онлајн, без шалтер и документација
- Колумнипред 1 недела
Одржливиот развој не е слово на хартија, туку одлуки и активности кои банкарскиот сектор треба да ги направи
- Продуктипред 1 месец
ProActive – сметка што води сметка за вас и за сѐ околу вас