Connect with us
no baners

Анализи

Банкарство анализа: Дали Македонците плаќаат најскапи станови во регионот?

Објавено

на

Македонците плаќаат многу високи цени за купување стан во Скопје и многу скапи станбени кредити во споредба со граѓаните на земјите во регионот. До овој заклучок се доаѓа особено кога ќе се анализираат цените на метар квадратен станбен простор и висината на каматните стапки во контекст на износот на просечната плата во земјава и квалитетот на животот во Скопје од урбанистички, еколошки и економски аспект.

Ова уште повеќе важи ако се земе предвид дека цените на пазарот на недвижности во Скопје доминантно ги диктира домашна побарувачка, додека во Белград, Загреб, Солун, на пример, повеќе од една третина од купувачите се странци. Ова упатува на заклучокот дека Македонците и не се така сиромашни како што личи.

Затоа цените на становите во Скопје пораснаа за 20,6% за една година. Ако се земе предвид фактот дека почнаа да растат и каматните стапки на станбените кредити, купувањето стан во Скопје станува уште поскапо. 

Секако, градежните компании и агентите за недвижности имаат свои аргументи на што се должат високите цени на становите во Скопје. Колку сето тоа има издржана економска и пазарна логика е прашање.

Цените на становите во Скопје не се најниски, каматите на кредитите највисоки

Анализата на Банкарство.мк за висината на цените на становите во Скопје, Белград, Загреб, Солун и Софија покажа дека Скопје воопшто не заостанува многу и дури не е ни на последно место. Репрезентативната цена на метар квадратен станбен простор во Скопје, утврдена врз основа на понудите на пазарот, изнесува 1.400 до 1.500 евра. Највисока е во Загреб – 2.500 евра, а најниска во Софија 1.300 евра.

Од друга страна, Скопје заедно со Белград се далеку пред сите градови според висината на каматните стапки на станбените кредити. Просечната каматна стапка на станбените кредити во земјава по последните корекции на банките се движи околу 3,3% фиксна за првите пет години и 6% променлива за останатиот период на отплата. Станбените кредити се најевтини во Софија и во Загреб со каматна стапка од само 2,82%, односно 2,97%. 

Имајќи ги предвид овие каматни стапки, нашата пресметка за станбен кредит од 150.000 евра со рок на отплата од 30 години покажува дека месечната рата за купувачот во Скопје ќе изнесува 660 евра во првите пет години и 860 евра во останатиот период, а во Загреб, на пример, ќе биде 625 евра за целиот период на отплата. Просечната плата во земјава е 500 евра, а во Хрватска е 998 евра!

Софија

Главниот град на Бугарија претендира да стане модерен европски град, во кој интензивно се гради и се инвестира. Поради тоа пазарот на недвижности во Софија е во нагорен тренд веќе петта година по ред. 

Според податоците на агенциите за недвижности, цените на становите зависат од локацијата и видот на зградата. На периферијата се движат од 800 до 1.500 евра за метар квадратен. Во новоизградените згради низ Софија цените се движат од 850 до 1.600 евра за метар квадратен. За купувачите што бараат луксуз, високо ниво на сигурност и локација во центарот на градот, цените се движат од 1.300 до 4.000 евра за метар квадратен. 

Доколку сакаат да купат стан на кредит, Бугарите имаат можност да подигнат станбен кредит со каматна стапка од 2,82%. Толку изнесуваше просечната каматна стапка на станбените кредити во Бугарија во ноември 2022 година. Банките конкретно нудат станбени кредити со фиксни каматни стапки што се движат од 2,99% до 4,99%. Каматните стапки на станбените кредити во Бугарија важат за едни од најниските во ЕУ.  

Со овие каматни стапки, месечната рата за станбен кредит од 150.000 евра со рок на отплата од 30 години во Бугарија ќе изнесува 618 евра, а просечната плата е околу 900 евра.  

Солун

Солун, како еден од најактрактивните градови во регионот поради излезот на море и широката понуда на економски можности, сепак држи релативно атрактивни цени на пазарот на недвижности. Просечната цена на метар квадратен во центарот на градот изнесува 2.190 евра, а на периферијата 1.565 евра. Најниската цена на стан во центарот на Солун е на ниво од 1.900 евра за метар квадратен, а највисоката достигнува и до 5.000 евра. 

За купување стан на кредит, Грците плаќаат каматни стапки од 3% до 5% годишно, а просечната каматна стапка изнесува 4,09%. Банките во Грција нудат станбени кредити со различни видови каматни стапки зависно од периодот на фиксирање. На пример, фиксната каматна стапка за период од 30 години во Еуробанк изнесува 4,70%, а променливата за истиот период на отплата во моментот изнесува 4,10%. За кредит од 150.000 евра со рок на отплата од 30 години, месечната рата ќе изнесува 724 евра. Имајќи предвид дека просечната плата изнесува 799 евра, таа е доволна за да се покрие ратата за станбен кредит.  

Белград

Просечната цена на становите во Белград изнесува 2.400 евра по метар квадратен во стара градба, a 2.420 евра во новоизградени станови. Распонот на цените на старите станови се движи од 1.457 евра до 3.348 евра за метар квадратен во зависност од локацијата и состојбата на станот. Цените на новите станови се движат од 1.324 евра до 3.516 евра за метар квадратен. Ова го покажуваат анализите на агенциите што се занимаваат со недвижности. 

Податоците од Републичкиот геодетски завод на Србија, пак, покажуваат дека цените за метар квадратен во старите градби се движат од 400 до 5.195 евра за метар квадратен, а на новите станови од 625 евра до 10.400 евра за метар квадратен. Новоизградените станови во Белград, како што покажуваат последните информации од Србија, достигнуваат фантастични цени од дури 10.000 евра за метар квадратен, што сепак навлегува во доменот на луксузот, кој не е предмет на оваа анализа.

За купување стан на кредит банките во Србија нудат станбени кредити со каматни стапки кои се движат од 5,11% годишно до 6,68%. За разлика од Македонија, српските банки немаат пракса да даваат фиксни каматни стапки за првите 3, 5 или 10 години, туку најчесто нудат променливи каматни стапки за целиот период на отплата. Некои, пак, нудат фиксна каматна стапка за целиот период на отплата, која секако е повисока од променливата. За кредит од 150.000 евра со рок на отплата од 30 години, месечната рата на корисник на станбен кредит во Србија се движи од 840 до 890 евра. Просечната плата во Србија изнесува 887 евра.

Загреб

Становите во Загреб во просек се за нијанса поскапи од тие во Белград. Просечната цена на метар квадратен изнесува 2.500 евра, а Хрватите се жалат дека е порасната за 30% за само една година. Новоизградени станови во центарот на Загреб достигнуваат цена и до 7.990 евра за метар квадратен. 

Граѓаните во Хрватска навистина се привилегирани кога станува збор за цената на станбените кредити. Каматните стапки на станбените кредити во Хрватска се движат од 2,52% до 3,67%, а врз основа на тоа месечната рата за отплата на кредит од 150.000 евра на 30 години се движи од 592 евра до 682 евра. Една третина од становите во Загреб го купуваат странци.

 

Преземањето на оваа содржина не е дозволена без согласност од Редакцијата на Банкарство.мк

Анализи

Минималецот во Македонија далеку зад регионот – синдикатите бараат итни реформи

Објавено

на

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) соопшти дека според нивните пресметки, минималната плата во земјата од март 2026 година ќе се зголеми само за околу 1.600 денари, во рамки на законското усогласување со растот на просечната плата на годишно ниво. Тоа значи дека минималецот би достигнал околу 26.000 денари, далеку под очекувањата на синдикатите, кои бараа итно зголемување на најмалку 600 евра.

Според ССМ, дури и со ова усогласување, Македонија ќе остане со убедливо најниска минимална плата во регионот. Од таму потсетуваат дека политички претставници претходно најавија зголемување од 2.000 денари, но расчекорот меѓу најавите и реалниот ефект повторно ја отвора дебатата за куповната моќ и достоинствените примања.

Во споредба со соседството, јазот станува уште поочигледен:

  • Косово – минималната плата се зголемува од 350 на 500 евра во две фази: 425 евра од јануари 2026, 500 евра од јули 2026.
  • Албанија – од 1 јануари 2026 минималната плата ќе изнесува 500 евра; Владата ќе субвенционира дел од трошоците за осигурување на приватниот сектор во износ од 90 милиони евра.
  • Србија – минималецот изнесува 500 евра од октомври 2025, а од јануари 2026 се зголемува на 550 евра.
  • Република Српска – минималната плата од јануари 2026 ќе варира од 512 до 743 евра, во зависност од степенот на квалификација.
  • Босна и Херцеговина – минималната плата за 2025 година изнесува 511 евра.
  • Црна Гора – минималецот е 600 евра за работници со средно образование, односно 800 евра за работници со високо образование.

ССМ остро реагира дека владините политики, заедно со поддршката на дел од работодавачите и одредени синдикални организации, создаваат притисок за одржување на ниско ниво на платите.

„Жалосно е што некои синдикати, како КСС, се форсираат да бидат репрезентативни само за да не се дозволи реално зголемување на примањата“, наведуваат од ССМ.

Пазарните аналитичари посочуваат дека динамиката на растот на минималната плата ќе биде еден од клучните фактори за домашната побарувачка, продуктивноста и конкурентноста на економијата во наредниот период, особено во услови на забрзано усогласување на платите во регионот и растечка миграција на работната сила.

Продолжи со читање

Анализи

Раст над просекот: македонските банки бележат напредок на SEE TOP 100 листата

Објавено

на

Меѓу 100 најголеми банки во Југоисточна Европа, рангирани во најновото издание на SEE TOP 100 ранг-листата на порталот SEE News, своето место повторно го најдоа шест македонски банки. И сите шест можат да се пофалат со скок од неколку места погоре на листата, што се должи на фактот дека нивната актива во 2024 година пораснала повеќе од таа на конкуренцијата во регионот.

Комерцијална банка останува највисоко рангирана македонска банка на оваа регионална ранг-листа со вкупна актива во 2024 од 2,9 милијарди евра. На најновата листа е рангирана на 41 место, што значи 4 места погоре од позицијата во претходното издание на SEE TOP 100, благодарение на годишниот пораст на активата од 9,17%.

Најголем скок, пак, има Халкбанк од 6 места, така што сега оваа македонска банка го зазеде 56 место. Овој напредок на Халкбанк и го овозможи годишниот пораст на активата од 15,99%, со кој банката ја заврши минатата година со вкупна актива од 1,85 милијарди евра.

Второрангирана македонска банка е Стопанска банка АД Скопје, која на оваа листа го зазеде 49 место, што значи едно место погоре во однос на претходната година. Активата на Стопанска банка Скопје е зголемена за 9,63% и изнесува 2,3 милијарди евра на 31.12.2024 година.

Две места подолу е НЛБ Банка АД Скопје, чија актива на крајот од минатата година изнесува 2,2 милијарди евра и оствари пораст од 13,42%. Со тоа, НЛБ Банка ја подобри својата позиција за 3 места.

На 61 место е Шпаркасе банка, што за оваа банка значи скок од 3 позиции. Шпаркасе банка се најде на оваа позиција со актива од 1,7 милијарди евра и со нејзин годишен раст од 13,19%.

Прокредит банка е рангирана на 96 место, со што оваа банка го подобри својот пласман за 2 места. Во 2024 година, Прокредит банка ја зголеми својата актива за 4,50% на 846 милиони евра.

Овие македонски банки во минатата година имаат вкупен профит од 274,8 милиони евра, што претставува учество од околу 3% во вкупната добивка на 100-те најголеми банки за 2024 година, која изнесува 9,9 милијарди евра. Профитот на 100-те банки во ЈИЕ бележи годишен раст од 11,2%, а на 6-те македонски банки е зголемен за 29,3%.

Во најновото издание на SEE TOP 100 се анализира дека „најголемите банки во Југоисточна Европа во 2024 година повторно остварија рекордни профити, потпомогнати од високите каматни стапки и стабилната побарувачка за кредити. Сепак, растот на профитот и на активата значително се забави во споредба со забрзаното темпо во 2023 година – знак дека секторот можеби го достигна својот профитен врв. Централните банки низ регионот започнаа внимателно да ги намалуваат каматните стапки со оглед на намалувањето на инфлацијата, настојувајќи да ја поттикнат економската активност, но воедно сигнализирајќи потенцијално намалување на маржите за кредиторите“.

70 од 100-те најголеми банки пријавиле поголем нето-профит во споредба со претходната година. Сепак, за разлика од 2023 година кога ниту една банка немаше загуби, во 2024 година First Bank Romania и Alpha Bank Romania влегоа во минус.

Вкупната актива на 100-те банки достигна 518,3 милијарди евра, во споредба со 467,3 милијарди евра претходната година. Поголемиот дел од банките ги зголемиле своите биланси, но 9 пријавиле пад на активата во однос на минатата година, што претставува мало подобрување во однос на 11 банки со пад во 2023 година.

И во 2024 година, Banca Transilvania од Романија останува најголема банка во Југоисточна Европа. Активата на банката порасна за 14% и достигна 37 милијарди евра. Banca Transilvania е и со најголема добивка во регионот од 710 милиони евра во 2024 година, што претставува раст од речиси 42%.

На ранг-листата за 2024 година доминираат банките од Романија и Бугарија. Двете земји имаат по 16 претставници во Топ 100.

Рангирањето за 2024 година донесе и три нови банки на листата: ALTA Banka од Србија, KentBank од Хрватска и ZiraatBank BH од Босна и Херцеговина. Tirana Bank, пак, направи најголем скок на листата за 14 позиции, достигнувајќи го 63 место.

Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е строго забрането без претходно писмено одобрение и е предмет на условите наведени на следниот линк.

Продолжи со читање

Анализи

АНАЛИЗА: Што ги мотивира граѓаните да штедат во банка – каматите или сигурноста на заштедите? 

Објавено

на

Што е тоа што ги мотивира македонските граѓани најголем дел од заштедените пари да ги чуваат во банка? Логичниот одговор е сигурноста на нивните пари и каматните стапки што ги добиваат како принос на нивните орочени депозити. Во пресрет на традиционалното одбележување на Меѓународниот ден на штедењето 31 октомври, анализираме колкави се актуелните каматни стапки што ги нудат македонските банки за граѓаните за штедење во денари и во евра на рок од 12 или 13 месеци, зависно од понудата на секоја банка посебно. Дали тие се навистина атрактивни за да привлечат речиси седум милијарди евра заклучно се септември оваа година?

Дел од банките нудат повисоки камати со цел да привлечат заштеди на граѓаните, додека некои од банките и со релативно пониски каматни стапки успеваат да ги привлечат штедачите. Врз основа на актуелните каматни стапки, предничи Прокредит банка со својот промотивен депозит, со важност до 31 октомври, со кој на граѓаните им нуди каматна стапка од дури 3,2% за штедење во денари на период од 13 месеци. Овој депозит има и месечна исплата на камата, што значи клиентот не мора да чека на камата до истекот на рокот на орочување. Минималниот износ за орочување е 6.000 денари. За орочување во евра, Прокредит банка има промотивен депозит на 12 месеци со каматна стапка од 1,8%, исто така со месечна исплата на камата. 

Со Депозит фикс во УНИ банка штедачите на 12 месеци за денари добиваат каматна стапка од 3,1%, а за штедење во евра 2%.

Промотивниот депозит на Халкбанк, достапен до 31.12.2025 година, има каматни стапки од дури 3% за орочување денари на 13 месеци и 2% за орочување евра на истиот период. Карактеристично за овој продукт на Халкбанк е што бара минимален влог од 30.000 денари или 500 евра, нема можност за реорочување по истекот на 13-те месеци и пред истекот на периодот на орочување не е дозволено ниту делумно повлекување на средства ниту дополнителни уплати. 

Силкроуд банка, исто така, е во оваа група банки со својот продукт Премиум плус за нови орочени влогови. За влог во денари орочен на 13 месеци нуди каматна стапка од 2,85%, а за влог во евра орочен на 12 месеци каматата изнесува 2,10%.

Во Шпаркасе банка, во моментот, најатрактивнатакаматна стапка за денарски депозит орочен на 13 месеци изнесува 2,70% за минимален депозит од 3.000 денари, за кој исто така нема можност за делумно повлекување средства или за дополнителни уплати. За орочување во евра на истиот период, најповолната каматна стапка што ја дава оваа банка изнесува 0,70% за минимален влог од 100 евра.

Капитал банка нуди каматна стапка од 2,50% на 12 месеци за привлекување штедачи во денари, додека за штедење во евра на истиот период каматата изнесува 1,50%. Централна кооперативна банка со својот Хит депозит за орочување денари на 12 месеци дава каматна стапка од 2,20%, а за орочување евра има каматна стапка од 1,90%. 

Релативно пониски се каматните стапки на орочени депозити на 12 или 13 месеци во другите банки. Во Стопанска банка Битола, на пример, каматната стапка за орочен влог во денари на 13 месеци изнесува 1,80%, а во евра е 0,50%. Стандардниот орочен штеден влог во денари на 13 месеци во ТТК банка, пак, има каматна стапка од 1,55%, а во евра од 0,75%.

НЛБ банка има највисоки каматни стапки за Виолетовиот депозит со рок на орочување од 13 месеци, кои изнесуваат 1% за влог во денари, а 0,45% за влог во евра. Во Комерцијална банка каматната стапка на денарските депозити на 12 месеци изнесува 0,60%, а на тие во евра е 0,40%. 

Стопанска банка Скопје, пак, има депозитен производ со рок на орочување од 12 месеци, а со исплата на камата за 13 месеци. Висината на каматната стапка изнесува 0,50% за денарски депозити и 0,25% за депозити во евра.  

Последните податоци од Народната банка на Македонија покажуваат дека во август оваа година каматната стапка на новопримените депозити на домаќинствата на ниво на банкарски сектор изнесува 2,18% и бележи пад од 0,15 п.п. на месечна основа. „Надолната промена се должи на падот на каматните стапки на денарските депозити без валутна клаузула и на каматните стапки на депозитите во странска валута (за 0,14 п.п. и 0,06 п.п., соодветно). Кај каматната стапка на вкупните депозити на домаќинствата е забележан месечен пад од 0,01 п.п. и изнесува 2,14%. Притоа, падот произлегува од намалените каматни стапки на денарските депозити без валутна клаузула (за 0,02 п.п.), во услови на раст на каматните стапки на денарските депозити со валутна клаузула (за 0,01 п.п.) и непроменети каматни стапки на депозитите во странска валута. Споредено со август претходната година, каматната стапка на вкупните депозити на домаќинствата е зголемена за 0,21 п.п.)“, информира централната банка. 

Заклучно со септември, пак, вкупните депозити во земјата забележаа месечен раст од 0,3% и годишен од 13,2% најмногу поради растот на депозитите на секторот „домаќинства“.На крајот од септември оваа година, депозитите во денари достигнаа 231,9 милијарди денари и за една година се зголемени за 22%. Заштедите во евра изнесуваат 191 милијарда денари и на годишно ниво бележат раст од 4,8%.Најголем дел од заштедите во банките се краткорочни– дури 232 милијарди денари се депонирани на краток рок. Само 72,8 милијарди денари се долгорочни депозити до 2 години.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange