Connect with us

Анализи

Граѓаните земале 25,5 милиони евра кредити од банките за еден месец, компаниите во ноември „апстинирале“ од кредити

Објавено

на

Банките во земјава во ноември лани одобриле вкупни кредити во износ од околу 1,3 милијарди денари (20,8 милиони евра), при што најголем дел завршиле кај домаќинствата, односно компаниите останале без поголема кредитна поддршка. Дури има и намалување на вкупната изложеност на банките кај корпоративниот сектор за 252 милиони денари (околу 4 милиони евра) поради намалениот обем на кредити во странска валута.

Ова го покажуваат последните статистички податоци објавени од Народната банка во сегментот на монетарните движења во ноември 2023 година. Според Централната банка, вкупните кредити во ноември споредено со октомври се зголемени за 0,3%, во целост како резултат на поголемото кредитирање на секторот „домаќинства“. На годишна основа, вкупните кредити бележат раст од 5,2%, којшто се должи на зголеменото кредитирање на двата сектора, но повторно со поголем придонес на „домаќинствата“.

Кредитите на домаќинствата, во ноември, се зголемени за 0,7% на месечна основа, при што кредитирањето во денари е поизразено. За еден месец банките им одобриле на граѓаните нови 1,6 милијарди денари (25,5 милиони евра) како кредити. На годишна основа, овие кредити забележаа раст од 6,5%, во поголем дел поради зголеменото кредитирање во странска валута, при раст и на кредитите во денари.

Народната банка пресмета дека месечниот пад во кредитирањето на корпоративниот сектор изнесува 0,1%, којшто произлегува од намаленото кредитирање во странска валута, во услови на раст на кредитите во денари. На годишна основа е остварен раст од 3,8%, исто така, како резултат на зголеменото кредитирање во денари.

Гледано на вкупна основа, кредитирањето на компаниите е намалено за 252 милиони денари (4,1 милион евра) како резултат на падот кај кредитите во странска валута. Додека кај денарските кредити има месечен раст од 813 милиони денари (13,2 милиони евра).

Граѓаните најмногу се задолжиле кај банките со потрошувачте и станбени кредити, кои бележат месечно зголемување од 0,7% и 1,0%, соодветно, и годишен раст од 6,1% и 10,3%, соодветно. Кај автомобилските кредити е остварен месечен раст од 1,7% и годишен од 8,3%. Но, паѓа изложеноста на банките кон граѓаните по основ на кредитни картички, каде е забележан месечен пад од 0,3% и годишен пад од дури 3,8%. Негативните салда на тековните сметки, односно дозволениот минус на плата на месечна основа се намалени за 0,7%, а на годишна основа бележат раст од 4,8%. Кредитите одобрени по други основи во номеври лани се намалени за 2,3% месечно и за 17,8% годишно.

Ако се гледа структурата на кредитните пласмани на банките на генерално ниво, ќе се забележи дека вкупната изложеност на банките кон домаќинствата е поголема отколку кон компаниите. Заклучно со ноември 2023 година, кредитната изложеност на домашните банки кон домаќинствата изнесува 228,17 милијарди денари (3,7 милијарди евра), а кон корпоративниот сектор 208,2 милијарди евра (3,4 милијарди евра).

Граѓаните во ноември лани биле расположени не само за задолжување, туку и за штедење во банките. Според Народната банка, за еден месец граѓаните депонирале во банките нови 1,2 милијарди денари (околу 20,2 милиони евра) и тоа сите во депозити во денари и на долг рок со цел да добијат највисоки можни каматни стапки. И компаниите имале вишок ликвидни средства, од кои 3,2 милијарди денари (51,3 милиони евра) завршиле како депозити кај банките. И компаниите се одлучиле за штедење во денари, но на краток рок.

Анализи

Среброто падна за 6%, поевтини и златото поради страв од повисоки камати

Објавено

на

Цените на златото и среброто забележаа пад, додека нафтата нагло поскапе, во услови на зголемени очекувања дека американската централна банка би можела да ги зголеми каматните стапки на септемврискиот состанок.

Цената на златото во четвртокот изнесуваше 4.397,50 долари, што претставува пад од околу 1,5 отсто. Среброто поевтини уште посилно, за речиси 6 отсто, на 64,86 долари.

Дел од аналитичарите го поврзуваат падот на благородните метали со наглиот раст на цените на нафтата. Брент нафтата поскапе за околу 4 отсто, до 105,07 долари за барел, што е највисоко ниво од мај, во услови на зголемени тензии меѓу САД и Иран.

Дополнителен притисок врз златото и среброто дојде и од новите податоци за инфлацијата во САД. Американското Биро за статистика на трудот соопшти дека големопродажните цени во август пораснале за 0,4 отсто.

Податоците ги засилија очекувањата дека Федералните резерви би можеле да ги зголемат каматните стапки. Според алатката FedWatch на CME Group, веројатноста за зголемување на каматите на следниот состанок изнесува 69,8 отсто, наспроти приближно 50 отсто една недела претходно.

Повисоките каматни стапки вообичаено претставуваат негативен фактор за цените на златото и среброто, бидејќи ја зголемуваат привлечноста на каматоносните вложувања.

Во исто време, администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп врши притисок врз ФЕД да ги намали каматните стапки. Трамп неодамна порача дека САД треба да имаат најниски каматни стапки во светот, додека потпретседателот Џеј Ди Венс исто така се заложи за нивно намалување.

Пазарите сега ги очекуваат и новите податоци за индексот на потрошувачките цени во САД, кои ќе бидат последниот важен инфлациски показател пред следната одлука на Федералните резерви.

Златото и среброто претходно годинава достигнаа историски максимуми. Златото се искачи до 5.600 долари, а среброто до 121 долар, пред цените нагло да се намалат кон крајот на јануари.

Продолжи со читање

Анализи

Црна Гора веќе гледа што доаѓа по SEPA – што е следниот чекор за Македонија?

Објавено

на

По влезот во SEPA и воведувањето на инстант плаќањата, Црна Гора веќе го насочува вниманието кон следната фаза – подлабока интеграција во европската финансиска и платежна инфраструктура. И Северна Македонија се движи по слична патека, а еден од следните големи чекори треба да биде приклучувањето кон регионалната TIPS Clone инфраструктура.

Гувернерката на Централната банка на Црна Гора, Ирена Радовиќ, на 8 септември изјави дека земјата, со поддршка на Светската банка, направила „историски исчекор“ со пристапувањето кон SEPA и воспоставувањето на TIPS Clone платформата. Таа посочи дека фокусот во наредниот период ќе биде на натамошно зајакнување на институционалната, оперативната и техничката подготвеност за идното членство во Европскиот систем на централни банки, а потоа и во Евросистемот.

Црна Гора го пушти TIPS Clone во употреба на 20 јули годинава. Системот овозможува трансфер на пари за неколку секунди, 24 часа дневно, седум дена во неделата, а е развиен врз истата технологија што ја користи европскиот TARGET Instant Payment Settlement – TIPS.

Но Црна Гора не е единствена во регионот што се движи во оваа насока. Северна Македонија, која заедно со Албанија и Црна Гора оперативно влезе во SEPA во октомври 2025 година, исто така се подготвува за следната фаза на модернизација на платежниот систем.

Според Банката на Италија, Северна Македонија треба да се приклучи кон TIPS Clone платформата во вториот бран на поврзување, планиран за ноември 2026 година, заедно со Албанија и Косово. Босна и Херцеговина и Црна Гора беа првите две земји што се приклучија на инфраструктурата во јули.

Тоа значи дека по SEPA, која овозможи значително поевтини прекугранични плаќања во евра, следниот чекор за Македонија е плаќањата да станат и инстант – средствата да пристигнуваат за неколку секунди и системот да функционира непрекинато.

Од Народната банка претходно беше посочено дека TIPS Clone треба да овозможи поврзување со сличните системи во Западен Балкан, но и со европскиот TIPS, со што граѓаните и компаниите би можеле да вршат брзи и поевтини прекугранични трансакции.

Македонија паралелно веќе има и домашна инфраструктура за инстант плаќања. КИБС во септември 2025 година доби лиценца од Народната банка за системот „KIBS Instant“, кој овозможува трансфери во денари за помалку од десет секунди и е проектиран со можност за идно поврзување со SEPA шемата за прекугранични инстант плаќања.

Оттука, SEPA повеќе не е крајната точка на финансиската интеграција на регионот со Европа. Црна Гора веќе влезе во следната фаза, а Македонија во наредните месеци треба да направи уште еден важен инфраструктурен чекор – поврзување со систем што треба да ги доближи домашните плаќања до брзината и стандардите што веќе важат во европскиот платежен простор.

Продолжи со читање

Анализи

Нафтата на чекор до 100 долари, растат стравувањата по ескалацијата на Блискиот Исток

Објавено

на

Цената на суровата нафта Брент во средата се доближи до 100 долари за барел, додека азиските берзи останаа под притисок поради засилените тензии на Блискиот Исток и растечката загриженост од нов инфлациски бран.

Фјучерсите на Брент пораснаа за 1,57 долари, на 99,49 долари за барел, што е највисоко ниво од крајот на јуни. Американската нафта WTI се тргуваше по 94,63 долари за барел, со раст од 1,60 долари.

Дополнителна неизвесност на пазарите предизвика ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток. Хутите во Јемен, поддржани од Иран, нападнаа неколку градови во Саудиска Арабија, додека американските сили нападнаа повеќе ирански нафтени танкери. Иран, пак, погодил американска база во Јордан.

На азиските берзи движењата беа мешани. Индексот Hang Seng во Хонгконг падна за 0,6 отсто, акциите во Сиднеј ослабеа за околу 0,3 отсто, додека кинескиот CSI300 порасна за 0,2 отсто.

Јапонскиот Nikkei забележа раст од 0,6 отсто, јужнокорејскиот KOSPI скокна за 1,6 отсто, а тајванскиот TAIEX за 0,6 отсто, поттикнати од закрепнувањето на компаниите од секторот за чипови и вештачка интелигенција.

Инвеститорите внимателно ги следат и очекувањата за каматните стапки. Пазарите речиси целосно очекуваат Европската централна банка во четврток да ги зголеми каматните стапки за 0,25 процентни поени поради инфлациските притисоци.

Во фокусот се и податоците за инфлацијата во САД, кои треба да бидат објавени во петок. Трговците во моментов речиси подеднакво ја проценуваат можноста Федералните резерви следната недела да ги зголемат каматните стапки за четвртина процентен поен или да ги задржат на сегашното ниво.

Јапонскиот јен зајакна за околу 0,2 отсто, на 153,66 јени за долар, додека еврото порасна за 0,1 отсто, на 1,1629 долари.

Биткоинот благо поскапе и се тргуваше по цена од околу 78.680 долари, додека златото порасна за 0,3 отсто, на приближно 4.368 долари за унца, пренесува Reuters.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange