Connect with us
no baners

Анализи

ТЕШКА ГОДИНА – РЕКОРДНИ ПРОФИТИ: Трите најголеми македонски банки со добивка од 117 милиони евра во 2022 година

Објавено

на

Податоците од направената анализа на Банкарство.мк покажуваат дека во 2022 година водечките три домашни банки (Стопанска банка АД – Скопје, Комерцијална банка АД Скопје и НЛБ Банка Скопје) оствариле добивка од 7.199 милиони денари или 117 милиони евра.

Споредбено со добивката на овие банки за истиот период во 2021 година, може да се забележи дека банките вогладно го имаат задржано нивото на добивка од изминатата година, но во исклучително тешка и кризна година.

Највисока добивка оствари Стопанска банка АД – Скопје, која во 2022 година прокнижи нето добивка од 2.617 милиони денари или 42,5 милиони евра.

Преку нејзиниот докажан бизнис модел базиран на стабилни фундаменти, Стопанска Банка “изброи” 42,5 милиони евра добивка за 2022 година

Потоа следи НЛБ Банка Скопје, со позитивен финансиски резултат од 2.433 милиони денари или 39,5 милиони евра.

Третата банка по вкупна актива, прва банка според профитот: Преку зголемено кредитирање НЛБ Банка прокнижи 39 милиони евра добивка

Редоследно, иако третопласирана Комерцијална банка има значајна добивка. Нето добивката на Банката заклучно со 31.12.2022 година изнесува 2.149 милиони денари, односно 35 милиони евра.

Моќна година за Комерцијална банка: Раст на кредитирањето и добивка од 35 милиони евра!

Од спроведената анализа можеме да заклучиме дека банкарите ја имаат тајната на успехот, со оглед на фактот дека во година која е кризна по многу карактеристики, тие успеваат да ги подобрат финансиските резултати.

Анализи

Затворањето на Ормутскиот теснец предизвика најголем енергетски шок во современата историја

Објавено

на

Тримесечното затворање на Ормутскиот теснец, еден од најважните поморски премини во светот, предизвика најтежок енергетски шок досега и сериозно ги наруши глобалните трговски текови, покажуваат најновите анализи.

Пред прекинот на сообраќајот на 28 февруари, низ теснецот поминуваа околу 25 проценти од светската поморска трговија со нафта и 20 проценти од глобалниот течен природен гас (LNG). Денес тие количини речиси целосно исчезнаа, при што извозот на сурова нафта е намален за 95 проценти, а LNG за 99 проценти.

Последиците се чувствуваат далеку надвор од енергетскиот сектор. Преку Ормутскиот теснец годишно се транспортираат милиони тони алуминиум, метанол, сулфур и вештачки ѓубрива. Поради прекинот, цените на уреата значително пораснаа, а експертите предупредуваат дека во делови од Јужна Азија цените на храната би можеле да се зголемат за 10 до 15 проценти доколку кризата продолжи.

Најголем удар трпат азиските економии. Во 2024 година дури 84 проценти од нафтата што минувала низ теснецот била наменета за азиските пазари, додека Европа преку оваа рута добивала меѓу 12 и 14 проценти од своите испораки на LNG од Катар.

Иако Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати располагаат со одредени алтернативни нафтоводи, тие не можат целосно да ја заменат изгубената транспортна рута. Според проценките, недостига капацитет за најмалку 10 милиони барели нафта дневно, додека Катар воопшто нема алтернативен цевковод за извоз на LNG.

Аналитичарите предупредуваат дека дури и во случај на брзо постигнување мировен договор и повторно отворање на теснецот во јуни, глобалниот економски раст ќе забави во 2026 година. Во најлошото сценарио, доколку блокадата продолжи до крајот на годината, цената на нафтата би можела да достигне 200 долари за барел, а светската економија да западне во рецесија.

„Ова е историски преседан за светскиот нафтен пазар. Ниту кризите од 1970-тите, ниту војната меѓу Иран и Ирак, ниту инвазијата на Кувајт не можат да се споредат со размерите на ова нарушување“, изјави Даниел Јергин, потпретседател на S&P Global.

Продолжи со читање

Анализи

Златото порасна втор ден по ред, но е на пат кон месечен пад

Објавено

на

Цената на златото во петокот порасна втор ден по ред и достигна 4.580 долари за унца, откако се појавија информации дека САД и Иран би можеле да го продолжат примирјето, што донесе дополнителна неизвесност на финансиските пазари.

И покрај растот, благородниот метал е на пат да ја заврши месечната трговија со пад од околу 0,8 проценти. Врз цената и натаму влијаат загриженоста поради инфлацијата и очекувањата дека каматните стапки ќе останат повисоки подолг временски период.

Преговорите за завршување на тримесечниот конфликт продолжуваат, а според медиумските извештаи се разгледува можност за продолжување на примирјето за уште 60 дена за да се создадат услови за формални разговори меѓу двете страни. Сепак, американскиот претседател Доналд Трамп сè уште не дал конечна согласност за предложениот договор.

Пазарите остануваат претпазливи бидејќи евентуалните нарушувања во транспортот и енергетската инфраструктура би можеле да ги задржат високите цени на нафтата, што дополнително го комплицира патот кон намалување на инфлацијата.

Најновите податоци покажаа дека инфлацијата во САД во април забележала најбрз раст во последните три години, што ги зацврсти очекувањата дека Федералните резерви ќе ги задржат каматните стапки непроменети подолг период.

Во меѓувреме, побарувачката за злато во Индија останува слаба поради високите цени и увозните давачки, додека во Кина, најголемиот светски потрошувач на благородниот метал, премиите се намалуваат поради внимателното расположение на пазарот.

Продолжи со читање

Анализи

Европската индустрија троши сè помалку енергија, но прехранбениот сектор бележи раст

Објавено

на

Индустриските капацитети низ Европската Унија продолжуваат да ја намалуваат потрошувачката на енергија, покажуваат најновите податоци на Евростат. Во 2024 година, европската индустрија потрошила 8.835 петџули енергија, што претставува намалување од 8,1 отсто во споредба со пред десет години и продолжување на долгорочниот тренд на пад кој трае од 1990 година.

Електричната енергија и натаму има најголем удел во индустриската потрошувачка со 33,3 проценти, додека природниот гас учествува со 31,9 проценти. Обновливите извори на енергија и биогоривата се на третото место со удел од 11,3 проценти, надминувајќи ја нафтата и нафтените деривати.

Особено е забележливо намалувањето на употребата на јаглен и други цврсти фосилни горива, чија потрошувачка е намалена за речиси 35 проценти во однос на 2014 година. Во исто време, користењето на обновливи извори на енергија е зголемено за повеќе од 24 проценти, што укажува на забрзана енергетска транзиција во европската индустрија.

Сепак, не сите индустриски гранки го следат истиот тренд. Производството на храна, пијалаци и тутун бележи пораст на потрошувачката на енергија од 4,7 проценти во последната деценија и сега учествува со 12,8 проценти во вкупната индустриска потрошувачка на енергија во ЕУ.

Овој сектор најмногу се потпира на природниот гас, кој покрива 46,3 проценти од неговите енергетски потреби, додека електричната енергија учествува со 35,3 проценти. Истовремено, токму во прехранбената индустрија е забележан и значителен раст на користењето обновливи извори на енергија и биогорива, за дури 68,4 проценти во споредба со 2014 година.

Податоците покажуваат дека европската индустрија станува поенергетски ефикасна и сè помалку зависна од фосилните горива, но и дека растот на производството на храна носи поголеми енергетски потреби. Тоа укажува дека зелената транзиција во Европската Унија не се одвива со исто темпо во сите сектори.

Во рамки на напорите за постигнување климатска неутралност до 2050 година, Европската комисија во 2021 година го претстави пакетот мерки „Fit for 55“, чија цел е до 2030 година емисиите на стакленички гасови во ЕУ да се намалат за најмалку 55 проценти во однос на нивото од 1990 година.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange