Интервјуа
FinSight | Горан Ѓорѓиевски | Ценовен шок на хоризонтот: Од септември следува значително поскапување
Иако цените на храната на домашниот пазар засега се одржуваат релативно стабилни, бизнис секторот предупредува дека овој тренд нема да трае долго. Зголемените трошоци за производство, поттикнати од глобалниот раст на цените на енергенсите и суровините, веќе создаваат сериозен притисок врз компаниите, кои сè потешко го апсорбираат ударот.
Претседателот на Сојузот на стопански комори, Горан Ѓорѓиевски, посочува дека дел од компаниите веќе работат со загуби. Според него, растот на цените на горивата, како и поскапувањето на ѓубривото, алуминиумот, стаклото и пластиката, директно се одразуваат врз вкупните производствени трошоци.
„Сите влезни инпути во производствениот процес се зголемени, што неминовно ќе се пренесе врз крајната цена на производите“, вели Ѓорѓиевски.
Особено изложени на ценовни притисоци се прехранбените производи кои бараат пакување, имајќи предвид дека голем дел од амбалажата е изработена од материјали чии цени бележат значителен раст. Тоа значи дека во наредниот период може да се очекува поскапување на водата, соковите, млекото и млечните производи, како и на овошјето и зеленчукот.
Иако на неодамнешните состаноци со владините претставници бизнисот се обврзал да ги задржи цените на основните производи на краток рок, веќе се прават пресметки за корекција на цените кај останатите категории. Точниот процент на поскапување засега е неизвесен, но според Ѓорѓиевски, граѓаните треба да бидат подготвени за значително зголемување на трошоците за живот од септември.
Дополнително, тој предупредува дека дури и во случај на брза стабилизација на глобалните пазари, последиците врз домашната економија нема да исчезнат веднаш. Можно е дел од компаниите да бидат принудени на намалување на бројот на вработени или затворање на производствени капацитети.
Во однос на владините мерки, Ѓорѓиевски смета дека замрзнувањето на маржите нема да даде значителен ефект, повикувајќи се на досегашните искуства. Наместо тоа, тој апелира на доследно спроведување на Законот за нефер трговски практики и засилена контрола од надлежните институции.
Економските сигнали, според експертите, упатуваат на период на неизвесност, во кој ценовните притисоци ќе продолжат да растат. Прашањето повеќе не е дали ќе има поскапувања, туку колку силно тие ќе се одразат врз стандардот на граѓаните.
Новинар: Наташа Мерсовска
Интервјуа
FinSight | Тортевски: Само половина од овластените ревизори во Македонија работат во ревизија
Разговараме со Ненад Тортевски, претседател на Институтот на овластени ревизори во Македонија, за состојбата во ревизорската професија и предизвиците со кои се соочува секторот.
На прашањето дали Македонија има доволно ревизори, Тортевски вели дека е тешко да се дефинира точна бројка, но статистиката покажува интересни трендови.
„Не знаеме која бројка на ревизори е доволна. Во последните 10 години, бројката се движи околу 200 овластени ревизори кои се членови на Институтот“, вели Тортевски.
Сепак, според него, значаен дел од овластените ревизори денес не работат директно во ревизорската пракса.
„Интересен податок е што само половината од нив работат во праксата, додека останатите стотина овластени ревизори се ангажирани во други сектори“, посочува тој.
Дел од нив, додава Тортевски, работат како финансиски директори, интерни ревизори, професори на факултети и на други високи професионални позиции.
Дополнителен предизвик за професијата е старосната структура на кадарот.
„И оваа професија старее. Некаде околу 25% од активните ревизори веќе ги исполнуваат законските услови за пензија“, предупредува Тортевски.
Според него, овие податоци отвораат сериозно прашање за иднината на ревизорската професија и потребата од привлекување нови млади кадри во секторот.
Интервјуа
FinSight | Ненад Тортевски: Ревизијата е столб на довербата во финансискиот систем
Институтот на овластени ревизори годинава одбележува две децении од своето основање, јубилеј што претставува значаен момент за развојот на ревизорската професија и финансиската транспарентност во Македонија. По тој повод, Ненад Тортевски во видео интервју за Bankarstvo.mk и FinSight зборува за состојбите на ревизорскиот пазар, улогата на ревизијата во современиот бизнис и предизвиците што ги носи новото време.
Во разговорот, Тортевски објаснува што всушност претставува ревизијата и колку е важна нејзината улога во создавање доверба во финансиските извештаи и корпоративното работење. Се осврнува и на развојот на професијата во Македонија, улогата на Институтот на овластени ревизори, како и на односот помеѓу глобалните ревизорски компании и домашните ревизорски друштва.
Интервјуто отвора и актуелни теми поврзани со иднината на професијата, интересот кај младите за кариера во ревизијата, процесот за стекнување лиценца, но и влијанието на вештачката интелигенција врз ревизорските услуги и професионалните стандарди.
Во услови кога финансиската отчетност и транспарентност добиваат сè поголемо значење, ревизијата останува еден од клучните столбови за доверба во бизнисот и финансискиот систем.
Целосното интервју со Ненад Тортевски е достапно на YouTube каналот на Bankarstvo.mk.
Новинар: Наташа Мерсовска
Интервјуа
Снежана Станковиќ | Сава пензиско: Родителството мора да биде поддржано и на работното место
Разговараме со Снежана Станковиќ, претседателка на Управниот одбор на Сава пензиско друштво, за мерките што компанијата ги воведува со цел подобра поддршка на вработените и нивниот семеен живот.
Според неа, една од клучните политики на ниво на целата Сава осигурителна групација е токму поддршката на родителството и балансирањето помеѓу приватниот и професионалниот живот.
„Една од главните мерки што ги преземаме е заштитата на родителството преку правото на работа од дома“, вели Станковиќ.
Таа објаснува дека вработените имаат значителна флексибилност кога станува збор за организацијата на работата.
„Вработените имаат право 25 дена во еден квартал да работат од дома“, посочува таа.
Дополнително, компанијата овозможува и продолжување на ова право во ситуации кога е потребна поголема семејна поддршка.
„Постои можност за продолжување кога причината е родителство, грижа за мало дете или присуство дома поради потесното семејство“, објаснува Станковиќ.
Според неа, ваквите политики не се само бенефит за вработените, туку и важен чекор кон создавање поздрава и поодржлива работна средина.
„Поддршката на семејството и родителството денес е суштински дел од модерното корпоративно работење“, нагласува Станковиќ во разговорот за FinSight.
-
Банкипред 2 месециСтопанска банка АД – Скопје од утре започнува со исплата на пензиите за месец март
-
Продуктипред 2 месециИуте Македонија носи европски здравствен стандард – за првпат во земјава се воведува второ медицинско мислење
-
Останатопред 2 месециУправата за јавни приходи донесе стратешки документ со цел подобрување на усогласеноста
-
Продуктипред 1 месецУНИПлус флексибилна програма за лојалност на УНИБанка. Kористиш бројни бенефити, а не мора да ја префрлаш платата!
-
Банкипред 2 месециКомерцијална банка: Исплатата на пензиите за март започнува на 1 април
-
Банкипред 2 месециНЛБ Банка предвремено ги исплати пензиите за месец март
-
Интервјуапред 2 месециFinSight | Марјан Ристески: Акцизата на горивата под лупа, можно ново замрзнување на цените
-
Кариерапред 2 месециКомерцијална банка вработува Помлад соработник за администрирање на кредити и гаранции (Back Office)


