Connect with us

Останато

Светска банка: Eкономскиот раст во земјите од Западен Балкан во 2025 година предвиден умерено да забрза

Објавено

на

Економскиот раст во земјите од Западен Балкан се предвидува умерено да се забрза во текот на 2025 година, главно под влијание на зголемената потрошувачка и инвестициите, потпомогнати со зголемената куповна моќ, се вели во Редовниот економски извештај на Светска банка за Западен Балкан.

Светска банка предвидува дека заедничкиот економски раст на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија во 2025 година ќе достигне 3,7 отсто, што е за 0,2 процентни поени повеќе од предвидувањата дадени во пролетното издание на извештајот. Растот во 2024 година се очекува да достигне 3,3 отсто, што претставува зголемување за 0,1 процентен поен од претходните проекции.

„Домашните фактори и понатаму го поддржуваат умереното забрзување на растот во Западен Балкан. Дополнително, на среден рок, постепеното закрепнување на економската активност во Европската Унија се очекува да игра огромна улога во поттикнувањето на извозот од регионот“, вели Изолина Роси, економистка во Светска банка и главен автор на извештајот.

И покрај позитивните изгледи, како што посочува, регионот и понатаму е ранлив од повеќе ризици, вклучувајќи ги слабиот раст на светско ниво, враќањето на инфлацијата, политичката несигурност и екстремните временски појави.

Посочува дека со зајакнувањето на економскиот раст во Западен Балкан, животниот стандард и понатаму се приближува до стандардот во понапредните економии во Европската Унија. Меѓутоа, задржувањето на моментот на раст и забрзувањето на темпото на приближување бараат структурни реформи, вклучувајќи ги и оние наведени во Планот за раст на Европската Унија. 

„Економската интеграција е клучен двигател на растот за малите економии како што се оние во Западен Балкан“, вели директорката за регионот при Светска банка, Шиаочин Ју. 

За да го поттикнат овој раст, земјите треба да ја подобрат регионалната трговија и трговијата со Европската Унија, да го намалат времето на чекање на границите и да ги интегрираат платежните системи. Исто така, справувањето со демографските предизвици и со предизвиците на пазарот на труд бара силен фокус врз развојот на човечкиот капитал. Подобрување на образовните и здравствените системи е од суштинско значење, за напредок  од земја со средни приходи во земја со високи приходи.

Речиси еден од четири жители од Западен Балкан живее во странство, и затоа подоброто управување со глобалната работна сила во Западен Балкан би можело да биде клучен двигател на економскиот раст во регионот. Иако отселувањето може да доведе до други предизвици, како што е недостигот на работна сила, постојат и јасни можности за искористување на миграцијата за добивање на економски придобивки.

Според извештајот, со ефикасно управување, миграцијата може да помогне во ублажување на сиромаштијата, стимулирање на извозот и привлекување на инвестиции, што во крајна линија ќе доведе до отворање на работни места и пренос на знаења. На пример, дознаките може да ги подобрат финансиските ресурси на мигрантските домаќинства. Исто така, враќањето на обучените мигранти може да доведе до „прилив на мозоци“ во нивните домашни земји, додека привлечноста на повисоките плати во странство може да го мотивира образованието и подобрувањето на вештините кај оние што ќе останат.

За да се максимизираат придобивките од миграцијата, во извештајот се препорачува повеќе мерки за Западен Балкан, како развивање програми за обука за вештини и мобилност во партнерство со одредишните земји и проширување на билатералните договори за социјално осигурување.

Во извештајот се препорачува и подобрување на заштитата на мигрантите низ нивниот пат на миграција заради ублажување на ризиците со кои може да се соочат и заради поттикнување на враќањето, олеснување на преносот на капитал, стручност и најсовремени технологии од членовите на дијаспората, како и користење на дигитални алатки и подобрување на прибирањето податоци за ефективно управување и креирање политики за миграциите.

Останато

УЈП ги повика граѓаните со неодобрени профили да ја завршат регистрацијата за е-Даночни услуги

Објавено

на

Управата за јавни приходи ги заврши активностите за комплетирање на регистрацијата во системот е-Даночни услуги за граѓаните кои поднеле барање за отворање кориснички профил како физички лица, но не ја завршиле целосно постапката.

До овие граѓани се испратени персонализирани пораки од електронската адреса [email protected], со насоки за понатамошно постапување.

Од УЈП информираат дека корисниците треба да се обратат во надлежната даночна канцеларија со важечки документ за лична идентификација, каде што овластено службено лице ќе ја одобри нивната регистрација.

Со валиден и активен профил во системот е-Даночни услуги, граѓаните можат да користат електронски услуги преку порталот uslugi.gov.mk, да имаат увид во Годишната даночна пријава, да остваруваат права од надлежност на УЈП и други институции, како и да ја користат апликацијата „МојДДВ“.

За дополнителни информации, граѓаните можат да се обратат на [email protected] или на телефонските броеви 02/3253-200 и 0800 33 000, кој е достапен само за повици од фиксни оператори.

Продолжи со читање

Бизнис

Кина руши рекорди: Надворешната трговија порасна за речиси 17% и достигна 3,75 трилиони долари за само шест месеци

Објавено

на

Кинеската надворешна трговија во првите шест месеци од 2026 година достигна 25,47 трилиони јуани (околу 3,75 трилиони американски долари), што претставува раст од 16,9% на годишно ниво, покажуваат податоците на Генералната царинска управа на Кина.

Извозот се зголемил за 13,4%, достигнувајќи 14,73 трилиони јуани, додека увозот пораснал за 22,1%, на 10,74 трилиони јуани, што укажува на забрзан раст на домашната побарувачка и порамнотежен развој на надворешната трговија.

Во вториот квартал годинава, вкупната трговска размена изнесувала 13,61 трилиони јуани, со годишен раст од 18,4%, што е најсилен квартален резултат од третиот квартал на 2021 година. Само во јуни, трговијата пораснала за 24,2%, продолжувајќи го позитивниот тренд седумнаесетти месец по ред.

Особено силен раст е забележан кај извозот на машини и електронски производи, кој се зголемил за 20,1%, како и кај високотехнолошките производи, чиј извоз пораснал за 39%. Значително зголемување е регистрирано и кај производите поврзани со вештачка интелигенција, зелените технологии и напредната индустриска опрема.

Според кинеската Царинска управа, приватните компании и натаму имаат водечка улога во надворешната трговија, учествувајќи со 57% од вкупната размена, додека околу 267.000 компании во текот на првата половина од годината успеале да освојат нови извозни пазари.

Продолжи со читање

Останато

ЕЦБ избра 36 компании за тестирање на дигиталното евро

Објавено

на

Европската централна банка избра 36 даватели на платежни услуги од еврозоната кои ќе учествуваат во пилот-проектот за дигиталното евро, чиј почеток е планиран за втората половина на 2027 година.

Тестирањето ќе трае 12 месеци и ќе се спроведува во ЕЦБ и во 19 национални централни банки од еврозоната. Целта е да се проверат техничкото функционирање на дигиталното евро, оперативните процедури и корисничкото искуство пред евентуалното воведување на новата дигитална валута.

На повикот објавен во март годинава пристигнале повеќе од 50 апликации, што, според ЕЦБ, покажува голем интерес од финансискиот сектор. Меѓу избраните учесници има банки и небанкарски компании со различна големина, деловни модели и географска застапеност.

Членот на Извршниот одбор на ЕЦБ, Пјеро Чиполоне, оцени дека големиот интерес покажува оти приватниот сектор е подготвен активно да се вклучи во развојот на дигиталното евро и во зајакнувањето на европскиот платен систем.

Во пилот-проектот ќе се користи бета-верзија на дигиталното евро, која технички и функционално ќе биде блиска до решението предвидено во нацрт-законодавството. Сепак, оваа верзија нема да има статус на законско платежно средство.

Дел од компаниите ќе им овозможат на вработените во Евросистемот да отворат тест-сметки и да вршат плаќања, додека други ќе соработуваат со избрани трговци кои ќе можат да примаат дигитални евра. Некои учесници ќе ги извршуваат двете улоги.

Во тестирањето ќе учествуваат вработени од ЕЦБ и од националните централни банки, интернет-продавници, ресторани, кафетерии и други трговци. Ќе се проверуваат онлајн и офлајн трансакции меѓу физички лица, како и плаќања во продавници и преку електронска трговија и мобилни уреди.

Пилот-проектот ќе се реализира во Белгија, Германија, Естонија, Ирска, Грција, Шпанија, Франција, Хрватска, Италија, Кипар, Латвија, Литванија, Луксембург, Холандија, Австрија, Португалија, Словенија, Словачка и Финска.

Избраните компании во следниот период ќе соработуваат со ЕЦБ и со националните централни банки за подготовка на потребната инфраструктура и процеси за тестирањето.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange