Останато
Координација со Светска банка за дигитализацијата на УЈП
Управата за јавни приходи (УЈП) продолжува со спроведување на дигиталната трансформација, во тесна соработка со Светска банка. Во рамките на оваа стратешка соработка, одржан е координативен состанок меѓу тимот на УЈП и експертите од Светска банка, со цел следење на напредокот и усогласување на идните чекори во процесот на дигитализација.
Дигиталната реформа на УЈП е дел од поширока иницијатива за модернизација на јавните институции и подобрување на квалитетот на услугите кон граѓаните и деловната заедница. Реформата се спроведува со финансиска поддршка од Светска банка, преку заемски и грант-средства, кои се насочени кон реализација на конкретни, технолошки и организациски подобрувања.
На координативниот состанок беа разгледани неколку клучни прашања:
• Терминско усогласување на јавните набавки – со цел навремена и ефикасна реализација на проектните активности;
• Координација за експертска поддршка и обуки – што ќе овозможи зголемување на капацитетите на вработените и подобро управување со процесите;
• Прилагодување на приоритетите – во согласност со динамиката на реализација и потребите на корисниците.
Во рамки на дигитализацијата, во моментов се спроведуваат неколку клучни проекти:
• Развој на складиште на податоци (Data Warehouse) за подобрено управување и анализа на фискалните информации;
• Имплементација на алатки за деловна интелигенција (Business Intelligence), кои ќе овозможат попрецизни извештаи и поддршка при одлучување;
• Модернизација на даночните услуги и Контакт центарот, што директно ќе придонесе кон подобро корисничко искуство.
Соработката со Светска банка се одвива со високо ниво на професионалност и взаемна посветеност, а очекувањата се дека овие проекти значително ќе ја зголемат ефикасноста, транспарентноста и довербата во УЈП. Оваа иницијатива претставува значаен чекор кон создавање на дигитално одговорна, модерна и граѓански ориентирана администрација.
Останато
ЕУ го одобри почетокот на преговорите за укинување на роаминг трошоците со земјите од Западен Балкан
Советот на Европската Унија денеска го одобри отворањето на преговорите за укинување на дополнителните роаминг надоместоци меѓу ЕУ и шесте земји од Западен Балкан – Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија.
По оваа одлука, Европската комисија ќе започне разговори за посебни секторски договори со секоја од земјите од регионот, со цел нивно приклучување кон европската зона „Роам како дома“ (Roam Like at Home – RLAH).
Овој систем им овозможува на корисниците да телефонираат, испраќаат пораки и користат мобилен интернет додека патуваат во странство без дополнителни роаминг трошоци, под исти услови како во својата матична земја. Во моментов, зоната ги опфаќа земјите-членки на ЕУ, како и Исланд, Лихтенштајн, Норвешка, Молдавија и Украина.
Пред да станат дел од оваа зона, земјите од Западен Балкан ќе треба целосно да ги усогласат и применат правилата на ЕУ во областа на роамингот. Европската комисија ќе ја оценува усогласеноста и, доколку условите се исполнети, ќе потврди дека земјата е подготвена за приклучување.
Со овој процес ќе се формализираат и постојните доброволни договори меѓу дел од мобилните оператори од ЕУ и Западен Балкан, кои веќе нудат намалени роаминг цени за патувања меѓу двата региона.
Инаку, граѓаните на земјите од Западен Балкан веќе користат пониски тарифи за мобилни услуги во рамките на регионот благодарение на регионалниот роаминг-договор, кој стапи во сила во 2019 година.
Останато
Димитриеска-Кочоска: Буџетот е стабилен, повратот на ДДВ кон фирмите зголемен за 4,7 отсто
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска изјави дека државниот буџет е стабилен и ликвиден, а сите обврски на државата редовно се сервисираат. Таа во интервју за ТВ Сител посочи дека до крајот на годинава не се планира ново издавање еврообврзница, бидејќи веќе се обезбедени средствата потребни за отплата на постојните долгови.
Според неа, финансирањето се одвива во согласност со проекциите предвидени во Буџетот за 2026 година. Таа нагласи дека се реализирани сите планирани активности за обезбедување средства за враќање на старите задолжувања, а во наредниот период фокусот ќе биде ставен на финансирање на буџетскиот дефицит.
Димитриеска-Кочоска потсети дека во јануари беше издадена еврообврзница со која беше рефинансирана еврообврзницата од 2020 година во износ од 700 милиони евра, која минатата недела е целосно исплатена. Дополнително, во текот на денот биле повлечени 260 милиони евра од кредит од странски банки, како и средства предвидени со Реформската агенда.
Таа оцени дека редовното сервисирање на долговите е клучно за финансиската стабилност на државата и предупреди дека доцнење во отплатата на обврските би претставувало сериозен ризик за секоја економија.
Министерката посочи дека јавниот долг и понатаму се движи околу 60 проценти од БДП и дека задолжувањето не е проблем доколку средствата се насочуваат кон проекти кои носат економска вредност и поттикнуваат раст.
Осврнувајќи се на економските показатели, Димитриеска-Кочоска истакна дека растот на бруто-домашниот производ во првиот квартал претставува потврда за позитивните економски движења и за зголемената активност во економијата. Како дополнителен показател ги наведе и инвестициите во приватниот сектор, како и двоцифрениот раст на кредитната активност.
Таа нагласи дека државата навремено ги подмирува обврските кон стопанството и дека заклучно со мај годинава повратот на ДДВ кон компаниите е зголемен за 4,7 проценти во споредба со истиот период лани.
„Буџетот е ликвиден и нема никакви проблеми во сервисирањето на обврските“, порача министерката за финансии.
Останато
Северна Македонија продаде едногодишни државни записи во вредност од 28,7 милиони евра
Министерството за финансии на Северна Македонија на аукција одржана на 2 јуни продаде едногодишни државни записи во вкупна вредност од 1,77 милијарди денари, односно околу 28,7 милиони евра.
Според официјалните податоци, целосно е реализиран понудениот износ, а истовремено и вкупната побарувачка била на исто ниво со понудата.
Државните записи доспеваат на 2 јуни 2027 година и носат годишна каматна стапка од 4,10 проценти.
Аукцијата беше спроведена преку Народната банка, која во име на Министерството за финансии ги продава државните хартии од вредност. Станува збор за тендер по обем, при што цената и каматната стапка се однапред утврдени, а примарните дилери доставуваат понуди само за износите што сакаат да ги купат.
На аукцијата биле понудени 1,767 милијарди денари, а истиот износ бил и продаден.
Ова е една од редовните аукции на државни хартии од вредност преку кои државата обезбедува средства за финансирање на буџетските потреби и управување со јавниот долг.
-
Останатопред 2 месеци
Управата за јавни приходи донесе стратешки документ со цел подобрување на усогласеноста
-
Продуктипред 2 месециУНИПлус флексибилна програма за лојалност на УНИБанка. Kористиш бројни бенефити, а не мора да ја префрлаш платата!
-
Банкипред 1 месец
Стопанска банка АД – Скопје со план за исплата на дивиденда од над 16 милиони евра
-
Бизниспред 2 месеци
Македонски Телеком предлага повисока дивиденда за 2025 година
-
Фондовипред 2 месециКБ Прво пензиско друштво потсетува на навремено планирање на пензијата
-
Банкипред 2 месециНЛБ Промотивен депозит – Сигурност што доаѓа во вистинско време
-
Банкипред 2 месециКомерцијална банка ќе започне со исплата на дивиденда на 4 мај
-
Бизниспред 4 неделиОд полноќ нови цени на горивата


