Останато
ССК и Prime Blue Institute со поддршка за фирмите за воведување на стандарди за одржливост
Сојузот на стопански комори на Македонија и институтот „Prime Point Partners“ потпишаа Договор за стратешка соработка со цел обезбедување на поддршка на реалниот сектор за имплементација на Глобалните целите за одржлив развој на ООН (Sustainable Development Goals – SDGs) и ESG стандардите кои се однесуваат на еколошките, социјалните и управувачките аспекти на корпоративниот менаџмент и раст. Договорот го потпишаа претседателот на Сојузот, Трајан Ангелоски и претседателот на „Prime Point Partners“ Зоран Мартиновски. Со реализација на заеднички мерки и активности ќе се работи на презентирање на предностите за компаниите од воведувањето на практики за добро еколошко, општествено и коорпоративно управување во своето работење, како и можностите за нивно поголемо насочување кон одржливи концепти за раст и развој на бизнисите, со посебен фокус на малите и средните претпријатија.
„Оваа заедничка иницијатива ќе има за цел да ја подигне свеста за важноста на Глобалните цели за одржлив развој на ООН, да ја зајакне културата на одржливост, да ги зајакне капацитетите на компаниите и да го олесни пристапот до зелените фондови за финансирање за малите и средните претпријатија. Тоа ќе вклучува серија настани и обуки поврзани со SDGs и ESG теми, вклучувајќи управување со ризик, правна регулатива, транспарентност, климатски промени, родови прашања, а ќе се насочиме и кон институционално и одржливо зајакнување на капацитетите на Сојузот со цел обезбедување на подобра поддршка за неговите членови“, истакна Ангелоски.
Програмата ќе биде организирана како дел од пошироката ESG иницијатива имплементирана од PrimeBlue ESG Institute, гранката за развој на одржливост на PrimePoint Partners. „Усвојувањето на здрави ESG практики од страна на локалниот приватен сектор ќе биде од суштинско значење за поттикнување на одржливиот долгорочен раст, обезбедување на издржливост на локалниот приватен сектор и имплементација на Глобалните цели за одржлив развој на ОН во Северна Македонија“, рече Зоран Мартиновски, претседател на Prime Point Partners и PrimeBlue ESG.
Глобалните цели за одржлив развој се универзален повик за акција, за ставање крај на сиромаштијата, заштита на планетата и обезбедување на мир и просперитет, а како приоритети се адресираат и климатските промени, економската нееднаквост, иновациите, одржливата потрошувачка, право и правда. Овие цели треба да бидат постигнати до 2030 година и треба да бидат имплементирани од страна на сите земји – членки на ООН. ESG стандардите пак покажуваат колку добро една компанија функционира во однос на нејзините социјални и еколошки одговорности низ нејзиниот синџир на снабдување и операции – наспроти гледањето на поширокиот контекст на човековите права.
Со оваа и други активности Сојузот на стопански комори континуирано ја поддржува националната имплементација на Глобалните цели за одржлив развој. Сојузот исто така презема активности и го следи напредокот кон остварување на овие цели за одржлив развој, обезбедува поддршка за политики, истражувања и асистира во управување со знаењето за целите.
Останато
НЛБ предупредува на лажни СМС пораки: Не отворајте сомнителни линкови
НЛБ ги предупредува граѓаните на појава на лажни СМС пораки во кои се злоупотребуваат името и брендот на банката, со цел од корисниците да се приберат лични и банкарски податоци.
Во пораките, примателите се повикуваат да отворат линк и да внесат или потврдат лични податоци, информации од платежни картички или податоци поврзани со електронското и мобилното банкарство.
Од НЛБ апелираат корисниците да не кликаат на непознати и сомнителни линкови и да не внесуваат доверливи информации преку нив.

„НЛБ никогаш нема да побара од вас лозинка, ПИН или други доверливи податоци преку СМС линк“, посочуваат од банката.
Граѓаните се советуваат внимателно да ја проверат секоја порака и нејзиниот извор пред да споделат какви било податоци.
Ваквите пораки се форма на т.н. „smishing“ измама, односно обид преку СМС и лажен линк да се дојде до чувствителни податоци кои подоцна можат да бидат злоупотребени.
Од НЛБ порачуваат корисниците да бидат внимателни и навремено да ги заштитат своите лични податоци и финансиски средства.
Останато
КБ Прво пензиско друштво со промени во Надзорниот одбор
КБ Прво пензиско друштво АД Скопје ја извести Македонската берза за промени во составот на Надзорниот одбор на Друштвото.
Согласно одлуките донесени од Собранието на акционери, за членови на Надзорниот одбор повторно се избрани Аленка Жнидаршич Крањц, Јанез Крањц и Анита Бислимовска, додека Кирил Јовановски е избран за нов независен член на Надзорниот одбор.
Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС донела решенија со кои се одобрува изборот и реизборот на членовите, а нивниот мандат започнал на 4 август 2026 година.
Истовремено, на независниот член на Надзорниот одбор Душица Стевчевска-Србиноска ѝ престанал мандатот заклучно со 3 август 2026 година.
Согласно Решението на Централниот регистар од 6 август 2026 година, Надзорниот одбор на КБ Прво пензиско друштво сега го сочинуваат:
- Аленка Жнидаршич Крањц – член
- Маја Стевкова Штериева – член
- Јанез Крањц – член
- Анита Бислимовска – член
- Рок Папич – независен член
- Кирил Јовановски – независен член
Информацијата е објавена преку Македонската берза, согласно обврските за известување утврдени со Законот за хартии од вредност.
Останато
Над 200 претставници на финансискиот сектор од 15 европски земји доаѓаат во Скопје на третото издание на MicroBalkans 2026
Под мотото „Lending Reimagined“, на 24 и 25 септември Скопје ќе биде регионална точка за разговор за иднината на микрофинансирањето, кредитирањето, вештачката интелигенција и новите модели на финансирање. Како може да се продлабочи соработката меѓу банките, штедилниците и небанкарските финансиски институции? Зошто небанкарското микрофинансирање е важно за финансиската инклузија и економскиот развој? На кој начин дигитализацијата и вештачката интелигенција го трансформираат кредитирањето?
Ова се дел од клучните прашања што ќе бидат во фокусот на третото издание на меѓународната конференција MicroBalkans 2026, која на 24 и 25 септември во хотел „Холидеј Ин“ во Скопје ќе собере повеќе од 200 претставници на финансискиот сектор од 15 европски земји.
Под мотото „Lending Reimagined “, конференцијата ќе ги обедини финансиските институции, регулаторите, експертите, инвеститорите, компаниите и иноваторите во разговор за промените што веќе ја обликуваат финансиската индустрија – од дигитализацијата на кредитирањето и примената на вештачката интелигенција, до пристапот до капитал, европската регулатива и развојот на одговорни, одржливи и поинклузивни финансиски решенија.
Свои воведни обраќања на конференцијата ќе имаат гувернерот на Народната банка на Северна Македонија и министерот за информатичко општество и дигитална трансформација, а се очекува учество и на други истакнати претставници и реномирани експерти од финансискиот сектор од регионот и Европа.
Активно учество ќе земат и небанкарските и микрокредитните институции од земјите на Западен Балкан, членки на Алијансата, со што дополнително се потврдува регионалниот карактер и значењето на MicroBalkans 2026 како платформа за размена на искуства, регионална соработка и развој на финансискиот сектор.
Конференцијата ја организираат Групацијата на небанкарски финансиски друштва при Стопанската комора на Северна Македонија и штедилниците, во партнерство со Western Balkans Alliance и European Microfinance Network.
„Финансискиот сектор веќе не разговара дали ќе се трансформира, туку колку брзо и одговорно ќе го направи тоа. MicroBalkans сака Скопје да биде едно од местата каде што ќе се води тој разговор – меѓу банките, штедилниците, небанкарските финансиски институции, микрокредитните институции, регулаторите, инвеститорите и останатите чинители кои можат заеднички да создаваат подобар пристап до финансии и поконкурентен финансиски сектор“, истакнуваат организаторите.
Од вештачка интелигенција до нови модели на финансирање
Во текот на дводневната програма, преку панел-дискусии, работилници и експертски сесии, MicroBalkans 2026 ќе отвори дел од најактуелните прашања што ја определуваат иднината на финансискиот сектор.
Во фокусот ќе бидат дигитализацијата на кредитирањето, примената на вештачката интелигенција и новите технологии, пристапот до капитал, новите модели на финансирање за микро, мали и средни претпријатија, регулаторните промени на европско ниво и одговорното дигитално задолжување.
Еден од важните фокуси ќе биде финансиската инклузија – како финансиските услуги да станат подостапни и како микрофинансирањето, во соработка со банкарскиот сектор, може да придонесе за развојот на претприемништвото, малите бизниси и локалните економии.
Скопје како точка на регионалниот финансиски дијалог
MicroBalkans 2026 има амбиција да биде простор на кој регионалното искуство ќе се сретне со европските финансиски трендови и во кој различните делови од финансискиот екосистем ќе можат директно да разговараат за конкретни решенија, партнерства и идни модели на соработка.
Конференцијата е наменета за претставници на небанкарските финансиски институции, микроекредитните институции, штедилниците, банките, микро, мали и средни претпријатија, финтек и ИТ компании, инвеститори, развојни финансиски институции, регулатори и други релевантни чинители.
MicroBalkans 2026 не е само конференција за финансискиот сектор. Тоа е регионална платформа за креирање на иднината на кредитирањето – поинклузивна, подигитална, поодржлива и подобро поврзана со европскиот финансиски пазар.
Пријавувањето за учество е отворено. За повеќе информации, програмата и регистрација, заинтересираните можат да ја посетат официјалната веб-страница на MicroBalkans 2026 и официјалните профили на конференцијата на социјалните мрежи.
-
Интервјуапред 2 месециДигитализацијата и довербата се двигатели на новото банкарство – Беркан Имери во FinSight
-
Продуктипред 1 месецИднината на банкарството е во доброто корисничко искуство
-
Останатопред 2 месециОд јули почнува исплатата на К-15, минималниот износ е 19.116 денари
-
Банкипред 2 месециНов банкомат на Халкбанк пред МНТ инспириран од театарската сцена
-
Банкипред 2 месециИсплатата на јунските пензии преку Стопанска банка почнува на 1 јули
-
Банкипред 2 месециКомерцијална банка почнува со исплата на јунските пензии од 1 јули
-
Кариерапред 2 месециНЛБ Банка вработува банкарски советник во Струмица
-
Банкипред 1 месецСтопанска банка со промотивна камата од 4,9 отсто за Mastercard Platinum картичката





