Банки
Комерцијална банка стана партнер во Програмата за зелено финансирање (Green Finance Facility) во Северна Македонија
Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) дава нова поддршка за зелено финансирање на Комерцијална банка АД Скопје во Северна Македонија.
Кредитот на ЕБОР, во износ до ЕУР 4 милиони, е одобрен од Програмата за зелено финансирање, и ќе обезбеди пристап до финансирање на малите и средни претпријатија (МСП) за инвестиции кои ќе се квалификуваат за поддршка, а се од сферата на технологии за обновлива енергија и/или енергетска ефикасност, наменети за поддршка на зелена и инклузивна транзиција на економијата во приватниот сектор во Северна Македонија.
Програмата за зелено финансирање е програма која се реализира заедно со Обединетите Нации, и е финансирана од Заедничкиот фонд за целите на одржлив развој, Владата на Северна Македонија, ЕБОР и локалните финансиски институции. Истата се имплементира заеднички од страна на УНДП, Меѓународната организација за миграции, Економската комисија на Обединетите Нации за Европа, ЕБОР и Владата на Северна Македонија, со поддршка на Резидентниот координатор на Обединетите Нации во Северна Македонија.
Заедничката програма бара да се обезбеди пристап до достапна зелена енергија за МСП, и пазарните целни групи на поединци/домаќинства кои немаат пристап до финансии, со цел да инвестираат во обновлива енергија и решенија на енергетска ефикасност, кои придонесуваат за намалување на емисиите на стакленички гасови и загадувањето на воздухот во земјата.
Договорот за кредит беше потпишан од Фатих Туркменоглу, Претставник на ЕБОР за Северна Македонија и Маја Стевкова Штериева, Доктор на науки, Главен Финансиски Менаџер и Член на Бордот на Директори на Комерцијална банка АД Скопје.
Фатих Туркменоглу изјави: ,,Овој кредит под Програмата за зелено финансирање ја одразува нашата посветеност за зајакнување на малите и средни претпријатија во земјата, за прифаќање на технологии од обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност. Среќен сум што Комерцијална банка, за прв пат, се приклучува на оваа иницијатива за обезбедување на кредитирање преку Програмата за зелено финансирање. Преку олеснување на пристапот за одржливо финансирање, имаме за цел да ја поттикнеме зелената и инклузивна економска транзиција, овозможувајќи одговорен раст на бизнисите, и нивен придонес во борбата во справување со климатските промени.”
Госпоѓа Стевкова Штериева истакна: ,,Горди сме што имаме клучна улога за поддршка на локалните мали и средни претпријатија и нивната транзиција кон решенија за користење на одржлива енергија. Ова финансирање ќе им овозможи на компаниите кои се квалификуваат, да имаат пристап до капиталот кој што им е потребен за инвестирање во технологии од обновливи извори на енергија, и енергетска ефикасност, помагајќи им да ги намалат трошоците, да го подобрат еколошкото влијание, и да придонесат кон транзиција кон поодржлива иднина. Како банка, посветени сме за зајакнување на иновативноста и привлекувањето на економскиот раст во нашите заедници, преку поддршка на МСП во преземање на храбри чекори кон позелена економија.”
Комерцијална банка АД Скопје е најголемата банка во Северна Македонија. Таа има најголема мрежа на експозитури во земјата, и нуди широк дијапазон на комерцијални банкарски услуги за поединци и компании во целата земја.
ЕБОР е главен институционален инвеститор во Северна Македонија, и до денес има инвестирано над ЕУР 2,9 милијарди во 197 проекти во земјата.
Банки
Халкбанк АД Скопје донираше инклузивна опрема, училница на отворено и го уреди училишниот двор на ООУ „Имри Елези“ во Чаир
Со донација од Халкбанк АД Скопје, во основното училиште „Имри Елези“ во Општина Чаир, Скопје, беше реализиран проект за уредување на училишниот двор, кој опфати поставување инклузивна урбана опрема за децата, изградба на училница на отворено и уредување на училишна градина за одгледување градинарски култури, со што се создаваат подобри услови за игра, учење и престој на учениците.
Со уредувањето на просторот, училишниот двор доби нова функција како место каде учениците ќе можат да поминуваат повеќе време на отворено, да се дружат и да учествуваат во различни активности. Поставената урбана опрема овозможува просторот да биде достапен и функционален за сите деца, поттикнувајќи инклузивност и еднакво учество во училишниот живот.
Новата училница на отворено ќе им овозможи на наставниците дел од наставата да ја реализираат во поинаква и поинтерактивна средина, додека училишната градина ќе служи како практичен простор каде учениците ќе учат за природата, растенијата и процесот на одгледување градинарски култури.




„Нашата банка верува дека секое дете заслужува средина во која ќе може да учи, да се развива и да ги гради своите потенцијали. Со уредувањето на дворот во ООУ „Имри Елези“ сакаме да придонесеме кон создавање поинклузивен и инспиративен простор кој ќе го користат сите ученици, како за учење, така и за игра и дружење“, истакна Фатих Шахбаз, главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје.
Оваа донација е дел од континуираните активности на Халкбанк насочени кон поддршка на образованието и развојот на локалните заедници, преку проекти кои придонесуваат за подобри услови за учење и развој на младите.
Банки
Глобалната недела на парите 2026 година: „Разговори за паметно управување со парите“
Народната банка, Министерството за финансии, Комисијата за хартии од вредност, Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување и Агенцијата за супервизија на осигурувањето, во соработка со асоцијациите и институциите од приватниот и граѓанскиот сектор коишто се активни во доменот на финансиската едукација, во периодот од 16 до 22 март 2026 година, четиринаесетта година по ред ќе ја одбележат Глобалната недела на парите. Глобалната недела на парите традиционално се одбележува преку предавања за различни возрасни групи, објавување едукативни материјали од областа на финансиите на интернет-страниците, одржување работилници со физичко присуство или онлајн, како и објавување едукативни содржини на социјалните мрежи.
Темата на која е посветена годинешната глобална недела на парите е: „Разговори за паметно управување со парите“ (Smart money talks).
Во рамките на одбележувањето на Глобалната недела на парите, Народната банка ќе организира бројни активности коишто вклучуваат повеќе возрасни групи, како и повеќе едукативни алатки. Во соработка со Сојузот на средношколци ќе биде одржана трибина со учениците од средните училишта на тема: „Паметно со парите – зборувај, размислувај, одлучувај“. Во неделата на парите, ќе се одржат и предавања за учениците од основните училишта, како и за студентите. Преку објавување прашања во рамките на едукативниот квиз на социјалните мрежи на Народната банка, јавноста ќе има можност да го провери своето финансиско знаење. Народната банка ќе даде придонес и кон националниот натпревар на Европскиот квиз на парите, којшто ќе се одржи за време на Глобалната недела на парите.
Во организација на Организацијата за економската соработка и развој (ОЕЦД), Глобалната недела на парите се одбележува од 2012 година, со единствен прекин во 2020 година поради пандемијата. Досега одбележувањето е во повеќе од 176 земји во светот, при што се вклучени 32.000 организации и институции и се опфатени 71 милион деца и млади. Целта е да се зајакнува свеста на младите луѓе, од рана возраст, за значењето на финансиската писменост и потребата да стекнуваат знаења и вештини и да градат ставови и однесувања потребни за донесување разумни финансиски одлуки и за постигнување финансиска благосостојба и финансиска отпорност.
Повеќе информации за Глобалната недела на парите се достапни на врската: www.globalmoneyweek.org
Банки
Централна Кооперативна Банка со промотивна понуда за станбен кредит за млади брачни парови
Централна Кооперативна Банка АД Скопје во текот на март нуди промотивен станбен кредит наменет за млади брачни парови, со попуст до 2.000 евра вклучен во каматата. Од банката велат дека новата понуда има цел да им помогне на младите семејства полесно да го направат првиот чекор кон сопствен дом и стабилна заедничка иднина.
Според условите на промоцијата, кредитот овозможува фиксна каматна стапка од 2,90 проценти во првите пет години, по што следува променлива камата од 3,80 проценти. Дополнително, понудата предвидува и низа олеснувања за корисниците, меѓу кои немање трошоци за нотар, без надомест за документација, како и без трошоци за проценка на недвижноста во првата година.
Од Централна Кооперативна Банка посочуваат дека почетокот на заедничкиот живот носи многу планови, соништа и одговорности, а сопствениот дом е еден од најважните чекори во градењето на стабилна иднина. Затоа, како што велат, со оваа кредитна линија сакаат да понудат сигурна основа, поволни и транспарентни услови, како и флексибилност што ќе го следи ритамот на младите семејства.
Заинтересираните можат да поднесат барање преку електронска апликација или да ја посетат најблиската експозитура на банката за брза консултација со банкарските советници. Повеќе информации за промотивната понуда се достапни на официјалната веб-страница на Централна Кооперативна Банка АД Скопје.
-
Продуктипред 2 месециАЛТА Банка со нов потрошувачки кредит со најповолни услови на македонскиот пазар
-
Продуктипред 2 месециШтедењето како резолуција за 2026 – Промо депозитот на Халкбанк како прв чекор
-
Продуктипред 1 месецКомерцијална банка: Воведуваме ново ниво на сигурност при интернет плаќања со картичка и трансакции преку мБанка
-
Бизниспред 1 месецУЈП започна со исплата на повратот од „Мој ДДВ“ за четвртиот квартал 2025
-
Банкипред 1 месецДобра вест за акционерите: Комерцијална банка со 8% повисока дивиденда за 2025 година
-
Останатопред 1 месецАЛТА банка АД Битола со стабилна капитална позиција, но значителен пад на профитабилноста во транзициската 2025 година
-
Продуктипред 1 месецОтворете сметка во Халкбанк онлајн и добијте ваучер за гориво од Макпетрол
-
Бизниспред 1 месец„Е-фактура“ го трансформира бизнисот во Македонија – помал административен товар, поголема дигитална ефикасност и контрола на даночните обврски




