Банки
Комерцијална банка со моќен резултат чекори кон заземање на банкарскиот трон – за девет месеци оствари добивка од неверојатни 49,6 милиони евра!

Во периодот од 01.01-30.09.2023 година, Банката од своето работење оствари позитивен финансиски резултат во износ од 3.047,7 милиони денари наспроти остварениот позитивен финансиски резултат во истиот период минатата година во износ од 1.850,8 милиони денари што претставува зголемување за 64,7 %. Планираната бруто-добивка за трите квартали од 2023 година е остварена со 133,2%. Притоа, остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на Банката да ги покрива расходите од работењето, е за 49,5% поголема во однос на истиот период минатата година.
Зголемувањето на добивката пред исправка на вредност главно произлегува од зголемените приходи од редовно работење,
односно од нето-приходите од камати кои бележат значително зголемување што се должи на континуираниот пораст на основната каматна стапка на Народната банка и на каматните стапки на странските финансиски пазари, во комбинација со структурата на активата на Банката. Зголемувањето на каматните стапки е резултат на напорите за намалување на инфлацијата на светско ниво. Позитивниот резултат од работењето Банката го оствари во услови на зголемена неизвесност поврзана со случувањата на меѓународните финансиски пазари, сѐуште висока инфлација која бележи одредено забавување, како и натамошно затегнување на монетарната политика.
Вкупните приходи од работењето изнесуваат 5.115,7 милиони денари и бележат зголемување од 31,6 % во однос на истиот период од минатата година.
Нето-приходите од камата претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето и на 30.09.2023 година истите бележат зголемување од 80,7% во однос на истиот период од минатата година. Притоа треба да се укаже дека иако пораст бележат сите категории каматни приходи, најголемо влијание има порастот на каматата од финансиски друштва, а во помал обем влијае и порастот на приходите од камати од нефинансиски друштва, нерезиденти и држава. На пример, зголемувањето на каматните приходи остварени од финансиските друштва, каде доминираат пласманите во благајнички записи и депозитите во НБРСМ, се деветкратно поголеми, а кај нерезидентите, каде преовладуваат пласманите во странски банки се петкратно поголеми од приходите остварени во истиот период минатата година. Во текот на минатата година започна циклус на затегнување на монетарната политика преку зголемување на каматните стапки, како во ЕУ и САД, така и кај нас. Така, каматната стапка Euribor, која во третиот квартал од 2022 година се движеше од минимално под нула до околу 2 % кај 12-месечниот Euribor, оваа година достигна околу 3,5 % – 4%. Кај благајничките записи, каматната стапка започна да се зголемува во април 2022 година и на 30.09.2022 година изнесуваше 3,00%, додека на 30.09.2023 година истата достигна 6,30%. Истовремено, Народната банка ги зголемуваше каматните стапки на депозитите пласирани преку ноќ и до 7 дена, при што истата се зголеми од 0,90 % и 0,95% соодветно во септември 2022 година, на 4,20 % и 4,25 % соодветно во септември 2023 година. Каматната стапка на државните записи во периодот јануари-септември 2022 година од 0,40% се зголеми на 4,25% во истиот период од 2023 година, или 5,25% кај двегодишните државни обврзници, па сѐ до околу 7,00 % кај еврообврзниците. Исто така, просечната пондерирана каматна стапка на депозитите во странски банки со состојба 30.09.2023 година, споредено со истиот период минатата година, е зголемена од 2,39% на 4,49%. Токму затоа, во билансот на Банката, приходите од камати кај финансиските друштва и нерезидентите збирно, се значително поголеми од приходите од каматите кај населението. Исто така, збирните приходи од каматите кај финансиските друштва, нерезидентите и државата се поголеми од приходите од камати кај правните лица. Банката ги оствари овие резултати благодарение на структурата на активата, во која над 56% од пласманите се во парични средства, парични еквиваленти и пласмани во хартии од вредност, што влијаеше на одржување на висока ликвидност и профитабилност од каматни приходи. Како резултат на ваквите движења, нето-каматната маржа на ниво на Банката се зголеми од 2,10% заклучно со крајот на третиот квартал од минатата година, на 3,56% со 30.09.2023 година.
Нето приходите од провизии и надоместоци на 30.09.2023 година изнесуваат 797,3 милиони денари и во однос на истиот период од минатата година бележат зголемување од 2,4%. Планот за анализираниот период е остварен со 88,4%.
Нето приходите од курсни разлики на 30.09.2023 година изнесуваат 271,3 милиони денари и бележат зголемување од 19,6%, како резултат на одржувањето на зголемено ниво на отворената девизна позиција (ОДП) во однос на сопствените средства кое
овозможуваше да се максимизираат нето-позитивните курсни разлики од тековно работење без да се загрозат исполнувањето на вкупните капитални барања и потребите за девизи на клиентите. Одредено влијание во оваа позиција има и евидентирањето на курсните разлики од арбитражи на девизен пазар и со странство, кои во истиот период минатата година се евидентирани во останати приходи/останати расходи, соодветно. Планот за анализираниот период е остварен со 148,9%.
Останатите приходи од работењето на Банката на 30.09.2023 година изнесуваат 222 милиони денари и бележат намалување од 70,8% во најголем дел како резултат на значително помалиот износ на наплатени претходно отпишани побарувања, како и поради извршена измена на евидентирањето на приходите од девизно работење, кои од 01.01.2023 година се евидентираат во позицијата курсни разлики. Планот е остварен со 48,0%.
Оперативните расходи за периодот 01.01-30.09.2023 година изнесуваат 1.520,6 милиони денари и во однос на истиот период од минатата година се зголемени за 2,6% како резултат на зголемен износ на плати и други трошоци на вработените поради зголемување на вредноста на бодот во два наврати (кон крајот на 2022 година и во вториот квартал од 2023 година), како и зголемената амортизација. Планот е остварен со 96,9%.
Во периодот од 01.01-30.09.2023 година, Банката прокнижи загуба поради оштетување на нефинансиските средства на нето основа во износ од 2 милиони денари, во согласност со регулативата од НБРСМ.
Во извештајниот период Банката прокнижи исправка на вредност на финансиските средства и посебна резерва за вонбилансни изложености на нето основа во износ од 545,3 милиони денари, наспроти 546,8 милиони денари во истиот период минатата година.
Биланс на состојба
Вкупната актива на Банката на 30.09.2023 година достигна износ од 159.123,3 милиони денари и во однос на декември 2022 година бележи зголемување од 5,4 %.
Зголемувањето на вкупната актива се должи на зголемените парични средства и парични еквиваленти, вложувањата во хартии од вредност, кредитите на комитенти и кредитите и побарувања од банки. Планот е остварен со 102,0 %.
Паричните средства и паричните еквиваленти бележат зголемување од 4,4%, во најголем дел заради зголемената состојба на пласираните денарски депозити во НБРСМ и зголемената состојба на денарската сметка и благајната на Банката, а во помал обем и поради зголемувањето кај орочените депозити во странски банки до 3 месеци и зголемената состојба на пласираните средства во КИБС – Резервен гарантен фонд. Планот е остварен со 101,0%.
Средствата за тргување бележат зголемување од 0,8 % како резултат на купени акции.
Финансиски средства по објективна вредност преку билансот на успех определени како такви при почетното признавање во износ од 361,6 милиони денари се состојат од вложувања во удели во инвестициски фондови.
Кредитите на и побарувањата од банки бележат зголемување од 194,5%, кое се должи главно на зголемените девизни депозити од 3 месеци до 1 година во валута УСД, со цел остварување повисоки приходи во рамки на утврденото прифатливо ниво на ризик, при изразено променливи услови на работење на странските пазари. Планот за анализираниот период е исполнет со 293,4%.
Кредитите на и побарувањата од други комитенти бележат зголемување од 3,2% како резултат на зголемено кредитирање, пред сѐ на секторот домаќинства, а во помал обем и на секторот нефинансиски друштва. Планот за анализираниот период е остварен со 100,0%.
Вложувањата во хартии од вредност се зголемени за 9,2 % главно како резултат на запишани континуирани државни обврзници во денари, запишани државни записи со рочност над 3 месеци и државни обврзници издадени од нерезиденти. Планот за анализираниот период е остварен со 104,1 %.
Преземените средства врз основа на ненаплатени побарувања се зголемени за 73,4% по основ на платен данок на промет и новопреземен имот, но истите имаат минимално учество во вкупната актива од 0,02 %.
Вкупните депозити (депозити на комитенти и депозити на банки) достигнаа износ од 139.685,0 милиони денари и бележат зголемување од 4,6 %. Планот е остварен со 101,8%.
Обврските по кредити изнесуваат 639,0 милиони денари и се намалени во однос на декември 2022 година за 8,5 %, како резултат на нето-ефектот од нови повлекувања и отплатени доспеани рати од кредитните линии. Планот е остварен со 112,2%.
Акционерскиот капитал и резервите на Банката со состојба 30.09.2023 година достигнаа износ од 17.476,8 милиони денари и во однос на декември 2022 година бележат зголемување од 12,4 % како резултат на зголемените останати резерви и зголемената задржана добивка согласно Одлука за распределба на добивката за 2022 година, донесена од Собранието на акционери на 29.03.2023 година. Планот за анализираниот период е реализиран со 102,9 %.
Банки
Гувернерот Славески на средба со претставници на Амбасадата на Швајцарија и Институтот од Женева: Поддршка за јакнење на институционалните капацитети на Народната банка

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, оствари средба со Михал Харари, вршителка на должноста амбасадорка во Амбасадата на Швајцарија и со претставници на Институтот за меѓународни и развојни студии во Женева, на која се разговараше за давање поддршка за натамошно јакнење на институционалниот капацитет на Народната банка на патот кон Европската Унија.
Во рамките на разговорите беше истакната поддршката што Институтот ја дава преку Програмата за билатерална помош и јакнење на капацитетите за централните банки (BCC), финансирана од Државниот секретаријат за економски прашања на Швајцарија (SECO), во која ќе биде вклучена и Народната банка. Програмата има за цел да им помогне на централните банки во земјите во развој во градењето аналитичка и техничка експертиза за водење ефикасна монетарна политика, како и за одржување стабилен и сеопфатен финансиски систем.
Гувернерот Славески нагласи дека соработката со швајцарската амбасада и вклучувањето во овој проект претставуваат значаен поттик за натамошно зајакнување на институционалните капацитети на Народната банка во повеќе важни области на работењето. Соработката со Институтот ќе опфати техничка помош и пренос на знаење за унапредување на истражувачката активност, модернизација на алатките за анализа, унапредување на системот за управување со ризиците, како и за поголема финансиска вклученост.
Во моментов, проектот вклучува централни банки од десет земји од различни делови на светот, а наскоро и Народната банка ќе биде дел од оваа мрежа на институции коишто преку оваа програма инвестираат во знаење и напредок.
Банки
Алта Банка влегува на македонскиот пазар со силна визија за развој

АЛТА банка а.д. Белград, една од водечките и најиновативни финансиски институции во регионот, направи голем чекор со доставување на понуда за превземање на Стопанска банка а.д. Битола. Со оваа инвестиција ќе започне ново поглавје на раст во секторот на финансиски услуги за граѓаните и компаниите во Република Северна Македонија.
Понудата за превземање објавена на 11 Септември 2025 година се однесува на сите акционери кои поседуваат акции со право на глас издадени од Стопанска банка АД Битола.
Алта банка АД Белград, понудата за превземање ја објави согласно добиеното решение за издавање дозвола за понуда за преземање од Комисијата за хартии од вредност на Република Северна Македонија од 10 Септември 2025 година и добиената претходна согласност од Народната банка на Република Северна Македонија за стекнување на капитален дел од од акциите во Стопанска банка АД Битола.
„Оваа интеграција ќе донесе значајни придобивки за македонскиот пазар и ќе придонесе за развој на локалната економија,“ изјави д-р Давор Мацура, претседател на Управниот одбор на АЛТА банка.
Претседателот на Управниот одбор на Стопанска банка АД Битола, г-ѓа Александра Радевска, изјави:
„Управниот одбор на Стопанска банка АД Битола ја доби понудата за преземање и Проспектот за преземање на сите обични акции со право на глас издадени од Стопанска банка АД Битола од страна на Алта банка АД Белград.
Согласно стратешките цели на Алта банка АД Белград, како што е предвидено во јавно објавениот проспект, оваа инвестиција ќе влијае за понатамошен развој и унапредување на работењето на Стопанска банка АД Битола.
Доколку процесот успешно се заврши, верувам дека искуството и експертизата на Алта банка ќе придонесат за натамошно унапредување на квалитетот на услугите што ги нудиме, особено во сегментите на иновации, дигитализација и стратешка поддршка на клиентите”.
АЛТА банка е значаен финансиски актер во регионот и се очекува дека и во Република Северна Македонија ќе настапи одговорно и домаќински – со целосно почитување на пазарните специфичности, потребите на клиентите и регулаторната рамка. Доколку оваа инвестиција се реализира ќе претставува значаен чекор кон регионално поврзување, зачувување на континуитетот и отворање простор за иновации и нови развојни можности.
Со оваа стратешка соработка, Република Северна Македонија ќе стане значаен дел од мрежата на АЛТА банка – мрежа која ја обликува иднината на банкарството во регионот.
Банки
КХВ одобри: Српската „Алта банка“ со официјална понуда за преземање на Стопанска банка АД Битола

Комисијата за хартии од вредност на Република Северна Македонија (КХВ), на својата 65-та седница, предводена од претседателката м-р Бујаре Абази, издаде дозвола на „Алта банка“ АД Белград да поднесе официјална понуда за преземање на Стопанска банка АД Битола.
Според решението, понудата се однесува на 371.538 обични акции со право на глас, а заедно со 19.439 акции кои веќе се во сопственост на преземачот и лицата кои дејствуваат заеднички, таа опфаќа 100% од издадените акции на битолската банка.
Цената за преземање е утврдена на 3.777 денари по акција.
Условите предвидуваат понудата да биде успешна доколку акционерите кои поседуваат најмалку 273.795 акции (70,03% од вкупниот број) ја прифатат понудата. Доколку тоа се оствари, „Алта банка“ и поврзаните лица би достигнале сопственост од 75% плус една акција, што претставува клучен праг за контрола во акционерските друштва.
Овој потег е од големо значење за банкарскиот сектор, со оглед дека Стопанска банка АД Битола е една од најстарите и најзначајни регионални банки во земјава. Преземањето може да донесе нова динамика на банкарскиот пазар, особено ако се земе предвид регионалното проширување на српските финансиски институции во последните години.
-
Банкипред 2 месеци
Промени во составот на Надзорниот одбор на Шпаркасе Банка АД Скопје
-
Банкипред 2 месеци
Промени во Надзорниот одбор на Стопанска банка АД – Скопје – кој е новиот член што носи меѓународно искуство и визија за финансискиот развој на Банката!?
-
Банкипред 2 месеци
Надзорниот одбор на НЛБ Банка Скопје со одлуки за промени во составот и бројот на членовите на Управниот одбор
-
Продуктипред 2 месеци
Од денес Apple Pay достапен во Македонија преку НЛБ Банка
-
Продуктипред 2 месеци
Картичка за премиум доживување – Lounge пристап што го трансформира патувањето
-
Продуктипред 2 месеци
Со Халки, создадете мали навики за исполнување на големи соништа
-
Бизниспред 2 месеци
САД и Јапонија со нов трговски договор: Царини од 15% и инвестиции вредни 550 милијарди долари
-
Анализипред 2 месеци
АНАЛИЗА: Пресврт на пазарот – Кои инвестициски фондови се искачија на врвот, а кои паднаа?