Connect with us
no baners

Банки

Профитот на Стопанска банка АД – Скопје достигна 3,34 милијарди денари – раст од 8% на годишно ниво

Објавено

на

Стопанска банка во третиот квартал од 2025 година продолжи со остварување солидни резултати и висока профитабилност. Добивката пред оданочување и резервации во анализираниот период изнесува 4.305.324 илјади денари и во истиот период Банката издвои исправка на вредност на финансиските средства и посебна резерва за вонбилансна изложеност, на нето-основа, во износ од 963.402 илјади денари. Со тоа, добивката на Банката пред оданочување на 30.09.2025 година изнесува 3.341.922 илјади денари и во однос на истиот период од минатата година е повисока за 8%.

Нето-приходите од камати изнесуваат 4.132.751 илјади денари и се намалени за 11% во однос на истиот период од минатата година, како резултат на намалените каматни стапки.

Нето-приходите од провизии и надоместоци изнесуваат 589.267 илјади денари и се намалени за 9% во однос на анализираниот период во 2024 година, како резултат на зголемените трошоци од страна добавувачите на платни и картични услуги, како и регулативни ограничувања на приходите од провизии кај некои категории на сервиси.

Вкупната актива на Банката во анализираниот период изнесува 15.420.962 илјади денари.

Капиталот и резервите изнесуваат 28.085.802 илјади денари, што претставува намалување за 4% во однос на крајот на 2024 година како резултат на исплатената дивиденда на имателите на обични акции. Дополнително, Банката пренамени износ од 3.670.382 илјади денари од задржаната добивка од претходни години во добивка ограничена за распределба на акционерите во иднина, со што се зголемија сопствените средства и стапката на адекватност на капиталот на 20,54%.

Во следниот период се очекува продолжување на деловните активности согласно дефинираниот деловен план на Банката со целосна ориентираност кон поддршка на клиентите, прудентно управување со ризиците и одржување на високата стабилност, сигурност и ефикасност во сите сегменти од нејзиното работење. Исто така, Банката продолжува со реализација на започнатите проекти, пред сè, во делот на дигитализацијата, подобрување на оперативната ефикасност како и понуда на нови услуги. Секако, примарна цел останува редовното и ефикасно извршување на деловните активности, одржувањето на лидерското пазарно учество во сегментот на населението, со фокус за натамошно зголемување на пазарното учество во делот на кредитирање на компаниите. Банката продолжува интензивно да работи на интерните процеси со цел да обезбеди понуда на пазарот која ќе биде уште побрза, полесна и, секако, посовремена, а филијалите на Банката сè повеќе ќе се ориентираат кон советодавни услуги и изнаоѓање решенија соодветни на потребите на клиентите. Банката е фокусирана подеднакво како на сервисирање на своите клиенти по највисоки стандарди така и на поддршка на своите вработените, унапредување на работните услови и тимскиот дух.

Во анализираниот период, Банката продолжи да ги надградува проектите кои се фокусираат на заштита на животната средина, инклузијата и создавањето подобар свет за сите. Проектот „Зелен ѕид“ продолжи со поставување нови садници на дрвја во Скопје, со цел да се збогати “Паркот на магнолиите” во Градскиот парк. Успешно беше реализирано деветтото издание на спортско-рекреативниот настан „Вози право, вози здраво“, на кој учествуваа над 9.000 граѓани од Скопје. Во јуни, Банката ја отвори новата Читална за студентите од Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, целосно опремена со најсовремени материјали и ентериер. Како реакција на огромната трагедија во Кочани, Банката донираше директна финансиска помош до семејствата на настраданите и повредените лица во пожарот.

Банки

СТАБИЛНОСТ И СИГУРНОСТ НА МОНЕТАРНИОТ СИСТЕМ – Девизните резерви на Македонија продолжуваат да растат!

Објавено

на

Според најновите податоци на Народната банка, девизните резерви на крајот на октомври 2025 година изнесуваат 4.843,2 милиони евра, што претставува зголемување од 120,5 милиони евра во споредба со претходниот месец.

Овој пораст ја потврдува стабилната надворешна позиција на економијата и способноста на монетарните власти да одржуваат сигурна и ликвидна девизна позиција во услови на глобални економски предизвици.

Најголем дел од резервите се пласирани во хартии од вредност (71,1%), потоа следуваат монетарното злато (15,9%) и валутите и депозитите (13%), што ја одразува конзервативната и диверзифицирана стратегија на управување со резервите.

Стабилноста на девизните резерви останува клучен фактор за довербата во денарот, поддршката на финансиската стабилност и отпорноста на македонската економија.

Продолжи со читање

Банки

40 кошаркарски табли за 40 години НЛБ Банка – Донација за основните училишта по повод Месецот на штедење

Објавено

на

НЛБ Банка и оваа година, по 14-ти пат, го одбележа Месецот на штедење со низа активности посветени на најмладите, со цел да ја поттикне нивната финансиска едукација и да ја зголеми свеста за важноста од штедењето уште од најрана возраст.

Во рамките на активностите по повод Месецот на штедење, а во чест на значајниот јубилеј – 40 години успешно работење, Банката реализираше донација на 40 нови кошаркарски табли за основни училишта ширум земјава. Иницијатива е дел од активностите со кои НЛБ Банка во текот на годината го одбележува својот 40-годишен јубилеј и континуирано придонесува за подобри услови за спорт и рекреација на најмладите во училишните дворови.

Месецот на штедење за нас е секогаш посебен период во кој се трудиме да ја приближиме важноста од штедењето и финансиската писменост на најмладите. Оваа година, кога одбележуваме 40 години успешно работење, посакавме да оставиме симболичен, но значаен белег во заедницата со донација на 40 кошаркарски табли за 40 основни училишта низ земјата. Веруваме дека тие во училишните дворови не се само спортска опрема, тие се место каде децата учат да соработуваат, да сонуваат и да веруваат во себе. Токму таму се градат првите тимови, првите победи и трајните пријателства.“ – изјави Тони Стојановски, претседател на Управниот одбор на Банката.

Во текот на месецот беа одржани и едукативни настани за најмладите штедачи, каде децата преку игра, забава и дружење со омилените маскоти Тиби и Штуки се запознаа со тајните на штедењето, одговорното користење на парите и финансиската култура.

Како општествено одговорна институција која веќе четири децении е синоним за стабилност, доверба и посветеност, НЛБ Банка продолжува да инвестира во подобра иднина преку поддршка на заедницата, поттикнување на здрави финансиски навики и градење генерации кои ќе растат со трајни вредности.

Продолжи со читање

Банки

Владимир Тренески ќе го предводи корпоративното банкарство на Стопанска банка АД – Скопје

Објавено

на

Стопанска банка АД – Скопје со задоволство го објавува назначувањето на г-дин Владимир Тренески за Генерален директор за корпоративно банкарство и член на Управниот одбор на Банката, со мандат од 1 година.

„Стопанска банка АД – Скопје ја информира јавноста дека согласно одлуката за именување од страна на Надзорниот одбор бр. 84/2025 од 31.07.2025 година и добиената согласност односно Решението на Извршниот одбор на Народна банка на Република Северна Македонија бр. 15-29578/7 од 31.10.2025 година, г-дин Владимир Тренески се именува за Генерален директор за корпоративно банкарство и член на Управен одбор на Банката, со мандат од 1 година“, соопштува Банката преку Македонска берза.

Г-дин Тренески носи речиси 30 години искуство во банкарството, минувајќи ги сите хиерархиски нивоа во Банката, вклучувајќи раководни позиции како Сениор менаџер за корпоративно банкарство, Раководител на корпоративно банкарство, управување со ризици, одобрување на кредити и мрежа на филијали.

Како Генерален директор за корпоративно банкарство, г-дин Тренески ќе ја води стратегијата на Банката во корпоративниот сегмент, со фокус на проширување на пазарниот удел, унапредување на односите со клиентите и одржување високи стандарди за квалитет. Неговото длабоко разбирање на пазарот, потребите на клиентите и организациската култура на Банката ќе продолжи да биде клучен двигател на растот и угледот на Банката во корпоративниот сегмент.

Неговото лидерство ќе биде од суштинско значење и за спроведување на корпоративниот дел од трансформациската програма на Банката – поедноставување на процесите за кредитирање, зголемување на оперативната ефикасност и обезбедување на прилагодени финансиски решенија кои ги задоволуваат растечките потреби на компаниите низ целата земја.

Г-дин Тренески е дипломиран економист од Економскиот факултет во Скопје а има завршено и бројни програми за професионален развој на INSEAD Франција, NBG Атина и други реномирани меѓународни институции.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange