Банки
Комерцијална банка со добивка од 4,25 милијарди денари во првите девет месеци од 2025 година
Комерцијална банка АД Скопје во периодот од 01.01. до 30.09.2025 година оствари позитивен финансиски резултат од 4.250,1 милион денари, што претставува намалување од 3,9% во однос на истиот период минатата година, кога добивката изнесуваше 4.422,6 милиони денари. И покрај ова мало намалување, планираната бруто-добивка за трите квартали е надмината за 10%, што ја потврдува стабилноста и ефикасноста на работењето на Банката во услови на зголемени глобални и локални предизвици.
Резултатите се остварени во услови на засилени геополитички ризици, осцилации на меѓународните пазари поради трговските политики на САД, како и намалена економска активност на главните трговски партнери на државата. Во домашната економија, инфлацијата за првите девет месеци се задржа на 4,0% кумулативно, над проектираното ниво.
Остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на Банката да ги покрива расходите од работењето, е за 4,8% пониска во однос на истиот период минатата година. Намалувањето на добивката пред исправка на вредност главно произлегува од намалените останати приходи од дејноста (пред сè помал износ на наплатени претходно отпишани побарувања и помал износ на евидентирана капитална добивка од продажба на преземен имот во однос на претходната година), a во помал обем и поради зголемените вкупни расходи од работењето кои не ги надминуваат планските проекции.
Биланс на успех, приходи, расходи и оперативна ефикасност
Вкупните приходи од работењето на Комерцијална банка изнесуваат 6.453,7 милиони денари, што е намалување од 2,6% во однос на истиот период минатата година.
Нето-приходите од камата, како најголема компонента на вкупните приходи, бележат раст од 1,1%, со исполнетост на планот од 101,7%. Приходите од камата се зголемени за 1,7%, најмногу поради зголемените пласмани кај домаќинствата и нефинансиските друштва, додека расходите по основ на камата се зголемени за 6,7% поради порастот на орочените депозити.
Нето каматната маржа на Банката на крајот на третиот квартал изнесува 3,58%, во споредба со 3,87% во истиот период минатата година.
Нето-приходите од провизии и надоместоци достигнаа 904,7 милиони денари, што е раст од 3,3% и остварување на планот со 102,7%, пред сè како резултат на зголемениот обем на трансакции со платежни картички.
Нето-приходите од курсни разлики изнесуваат 323,9 милиони денари, што е раст од 20,9%, благодарение на оптималното управување со девизната позиција.
Од друга страна, останатите приходи од работењето изнесуваат 730,1 милиони денари и се помали за 26,1% во однос на истиот период лани, главно поради помал износ на наплатени отпишани побарувања и помалку капитални добивки од продажба на преземен имот.
Оперативните расходи изнесуваат 1.785,8 милиони денари, што претставува раст од 3,7% во однос на истиот период минатата година, првенствено поради зголемени трошоци за плати и вработени.
Исправката на вредност на финансиските средства изнесува 412,9 милиони денари, што е намалување од 13,6%, резултат на добра финансиска дисциплина и редовно сервисирање на кредитните обврски од страна на клиентите.
Биланс на состојба, стабилен раст на активата и кредитното портфолио
Вкупната актива на Комерцијална банка на 30 септември 2025 година достигна 186,7 милијарди денари, што претставува раст од 4,5% во однос на крајот на 2024 година, со исполнетост на планот од 100,7%.
Зголемувањето најмногу се должи на пораст на паричните средства и кредитите на комитенти.
Кредитното портфолио бележи раст од 6,4%, како резултат на зголемено кредитирање на домаќинствата и нефинансиските друштва, со исполнетост на планот од 102,2%.
Депозитната база достигна 159,8 милијарди денари, што е раст од 3,4%, најмногу поради зголемените депозити на физички лица.
Акционерскиот капитал и резервите на Банката со состојба 30.09.2025 година изнесуваат 22,25 милијарди денари, што претставува раст од 6,7% во однос на декември 2024 година, како резултат на прераспределба на дел од добивката за 2024 година и зголемени останати резерви.
Потврда на стабилност и отпорност
И покрај умерениот пад на добивката во однос на минатата година, Комерцијална банка продолжува да ја демонстрира својата стабилност, оперативна дисциплина и силен капацитет за одржлив раст.
Со постојан фокус на ефикасно управување со ризиците, рационализација на трошоците и одговорно кредитирање, Банката ја задржува својата позиција како една од најпрофитабилните и најсолидни финансиски институции во земјата.
Банки
Патувајте без грижи ова лето со патничко осигурување од Стопанска банка и Кроација осигурување
Со почетокот на летната сезона и зголемениот број патувања, Стопанска банка АД – Скопје ги потсетува своите клиенти дека можат да патуваат побезгрижно со патничкото осигурување што го нуди во соработка со Кроација осигурување.
Осигурувањето е наменето за сите кои планираат одмор, деловно патување или викенд-посета во странство, обезбедувајќи дополнителна сигурност и заштита за време на престојот надвор од државата.
Од банката велат дека целта е клиентите да се фокусираат на своето патување и уживање, без непотребни грижи околу непредвидени ситуации.
Повеќе информации за условите и покритијата се достапни на веб-страницата на Стопанска банка.
Банки
Нов банкомат на Халкбанк пред МНТ инспириран од театарската сцена
На плоштадот покрај Македонскиот народен театар во Скопје е поставен нов банкомат на Халкбанк, чиј дизајн е внимателно приспособен на амбиентот и архитектурата на една од најзначајните културни локации во главниот град.
Со својата форма и препознатливите црвени завеси, поставката потсетува на мала театарска сцена, создавајќи впечаток дека и секојдневните банкарски услуги можат да бидат дел од градската културна приказна.
Од банката посочуваат дека идејата е функционалноста да се спои со естетиката, а урбаната инфраструктура да се вклопи во просторот наместо да доминира во него. Новиот банкомат е осмислен така што го почитува духот на локацијата и ненаметливо се интегрира во околината на Македонскиот народен театар.
Ова не е прв ваков проект на Халкбанк. Пред неколку години банката постави банкомат и во центарот на Охрид, изработен во стилот на традиционалната охридска куќа, со цел банкарската инфраструктура да стане дел од локалниот идентитет и градскиот пејзаж.
Со новото решение пред МНТ, банкоматот не е само место за извршување трансакции, туку и дел од визуелниот амбиент на градот, кој на симболичен начин ги поврзува секојдневието и културата.
Банки
Халкбанк носи пристап до Истанбулската берза и до нови можности за раст на капиталот
Халкбанк АД Скопје продолжува да ја збогатува својата понуда на инвестициски услуги, овозможувајќи им на клиентите директен пристап до Истанбулската берза – една од најдинамичните и најбрзорастечки берзи во светот.
Со оваа нова можност, клиентите на Банката добиваат пристап до пазар кој претставува мост меѓу Европа и Азија и кој нуди широк спектар на инвестициски можности, од акции на водечки компании и удели во ЕТФ фондови, до други финансиски инструменти достапни на турскиот пазар на капитал.
Истанбулската берза, официјално позната како Borsa Istanbul (BIST), денес е дом на повеќе од 650 компании од различни индустрии, од банкарство, енергетика и автомобилска индустрија, до воздухопловство, технологија и телекомуникации. Со значителна пазарна капитализација која се мери во стотици милијарди долари и висока ликвидност, таа се вбројува меѓу најатрактивните пазари во развој за инвеститорите ширум светот.
Преку новата услуга на Халкбанк, македонските инвеститори добиваат можност да инвестираат во акции на некои од најпознатите турски и регионални компании.
Дополнителна предност за инвеститорите е можноста за диверзификација на нивните вложувања преку изложеност на различни сектори и компании со значително регионално и меѓународно присуство. Воедно, Истанбулската берза нуди пристап до компании кои бележат континуиран раст и развој, што создава дополнителен потенцијал за остварување принос на долг рок.

„Како банка која постојано ги следи потребите на клиентите и трендовите на финансиските пазари, наша цел е да обезбедиме современи инвестициски решенија и нови можности за раст на капиталот. Пристапот до Истанбулската берза претставува значајно проширување на нашата понуда и дополнителна можност за клиентите кои сакаат да ги диверзифицираат своите инвестиции и да станат дел од успешни компании кои го движат економскиот развој на регионот”, велат од Халкбанк.
За македонските инвеститори, турскиот пазар има и дополнителна предност. Турција е еден од најзначајните економски партнери на земјава, а голем број турски компании и брендови се веќе добро познати на домашниот пазар. Ова создава поголема доверба и придонесува инвеститорите полесно ги препознаат можностите и потенцијалот на компаниите во кои вложуваат.
Тргувањето се одвива преку целосно оптимизиран систем, со професионална поддршка од тимот на Халкбанк, ниски трансакциски трошоци и максимална транспарентност.
Повеќе информации за можностите за инвестирање и условите за тргување заинтересираните клиенти можат да добијат од тимот за брокерски услуги на Халкбанк
или на е-mail: [email protected].
-
Продуктипред 2 месециУНИПлус флексибилна програма за лојалност на УНИБанка. Kористиш бројни бенефити, а не мора да ја префрлаш платата!
-
Банкипред 2 месеци
Стопанска банка АД – Скопје со план за исплата на дивиденда од над 16 милиони евра
-
Бизниспред 2 месеци
Македонски Телеком предлага повисока дивиденда за 2025 година
-
Бизниспред 1 месецОд полноќ нови цени на горивата
-
Останатопред 1 месец
Почна исплатата на средствата од МојДДВ за првиот квартал од 2026 година
-
Банкипред 2 месециСилк Роуд Банка: Пензиите за април исплатени, достапни преку експозитурите, банкоматите како и електронското банкарство
-
Кариерапред 2 месециАЛТА банка објави оглас за вработување на позицијата бизнис аналитичар (економист)
-
Советипред 1 месец
УЈП објави видео упатство за е-даночни услуги и потврда на ДЛД-ГДП пријавата


