Connect with us
no baners

Останато

Ќе се издава граѓанска обврзница за финансирање на развојни проекти

Објавено

на

Министерството за финансии планира во јуни да издаде граѓанска обврзница со рок од две години и со примамлива камата. Според министерот за финансии, Фатмир Бесими, новиот финансиски инструмент ќе им овозможи на граѓаните да купат обврзница од минимум 10.000 денари, а со цел развој на финансикиот пазар.

„Државата од јуни годинава ќе воведе граѓанска обврзница, нов инструмент за финансирање на развојни проекти и на пазарот на капитал”, најави денеска министерот за финансии Фатмир Бесими.

Граѓанската обврзница ќе биде со рочност од две години, а нејзиниот минимален износ ќе биде 10.000 денари.

Граѓаните ќе можат и пред истекот на рокот да тргуваат со неа на Македонската берза доколку им се потребни парите.

Преку овој инструмент државата планира во Буџетот за 2023 година да инкасира 50 милиони евра.

Како што најави Бесими на денешната средба со новинарите, каматата на граѓанската обврзница уште не е дефинирана, но ќе биде повисока од каматите на депозитите на банките, а пониска од каматата на еврообврзницата на меѓународниот пазар.

„Со тоа граѓаните би добиле повеќе отколку да ги чуваат парите во банките, а државата би се задолжила помалку отколку да позајмува од странство”, појаснува Бесими.

Овој инструмент, како што кажа, секоја година ќе биде присутен на пазарот.

Сметаме дека ова е вин-вин состојба за сите. Граѓаните ќе имаат финансиски инструмент кој е сигурен, нема да чуваат пари на страна. Знаеме дека многу наши сограѓани кои работат во странство – дијаспората, купуваат недвижности – станови, а стојат празни. За да се купи стан се потребни на пример 100 илјади евра, а овде може да се инвестира минимум 10.000 денари со што парите не се загрозени и со инфлацијата нема да падне вредноста”, потенцира Бесими.

Тој нагласува дека покрај граѓанската, во план на Министерството е да издадат и развојна и зелена обврзница, но се почнува најпрво со граѓанската со цел да се прошират финансиките инструменти за вложување, а тоа не значи дека државната каса е во колапс, па се потребни пари да се наполни, бидејќи и кај банките има доволно средства да се позајмат за полнење на буџетот.

„Издавањето на граѓанската обврзница, заедно со развојната, зелената и проектната обврзница се предвидени уште со Планот за забрзан раст, а граѓанската обврзница е предвидена и во Буџетот за 2023 година, односно нејзиното издавање е дел од предвиденото задолжување во оваа година на домашниот пазар и таа нема да го зголеми дефицитот и јавниот долг”, додаде Бесими.

Берза

Намалување на цените на горивата: бензините и дизелот поевтинуваат за 1,5 денари

Објавено

на

Регулаторна комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија донесе одлука за намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 2,13 проценти во однос на претходната одлука од 14 април.

Според новата пресметка, од 21 април 2026 година од 00:01 часот, цените на бензините и дизелот се намалуваат за 1,5 денари за литар. Новите максимални малопродажни цени ќе изнесуваат:

  • ЕУРОСУПЕР БС-95 – 80,50 денари за литар
  • ЕУРОСУПЕР БС-98 – 82,50 денари за литар
  • ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 94,00 денари за литар

Истовремено, цената на екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемува за 0,50 денари и ќе изнесува 97,00 денари за литар, додека мазутот М-1 НС поевтинува за 2,939 денари по килограм и ќе се продава по цена од 46,288 денари за килограм.

Одлуката е донесена врз основа на намалувањето на референтните цени на светските пазари, каде во споредба со претходната пресметка цените на бензините се пониски за 1,8 проценти, на дизелот за 9,6 проценти, на екстра лесното масло за 8,2 проценти, а на мазутот за 6,5 проценти.

Во пресметката се вклучени и повластената стапка на ДДВ од 10 проценти (освен за мазутот и дизелските фракции), како и намалените износи на акцизите – за еуродизелот за 4 денари по литар и за бензините за 2 денари по литар.

Продолжи со читање

Останато

УЈП со апел до должниците: Неплатените даноци носат камати и блокади

Објавено

на

Управата за јавни приходи информира дека на 16 април истекле законските рокови за плаќање на обврските по годишните даночни биланси за 2025 година и апелира до сите обврзници кои сè уште не извршиле уплата, тоа да го сторат во најкус можен рок.

Од институцијата посочуваат дека доцнењето со плаќањето носи дополнителни трошоци по основ на камати, како и ризик од присилна наплата, блокирање на банкарски сметки и други законски мерки.

Според податоците на УЈП, од вкупно 19.550 поднесени биланси за данок на добивка, данок на вкупен приход и персонален данок кај вршителите на дејност, кај 10.252 веќе е евидентирана уплата.

Во меѓувреме, УЈП започна со испраќање персонализирани известувања до компаниите и физичките лица со неизмирени обврски.

Од институцијата апелираат за навремено подмирување на долговите со цел да се избегнат дополнителни давачки, како еднократни такси и банкарски трошоци кои го зголемуваат вкупниот долг и можат да влијаат врз тековното работење.

Како што потсетуваат, обврските можат да се подмират и преку уплата од трето лице, со пребивање со даночни побарувања или преку плаќање на рати, согласно законските услови.

Продолжи со читање

Останато

Националната олимпијада по економија ги издвои најуспешните средношколци

Објавено

на

На кампусот на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, во саботата (18 април), се одржа националниот натпревар на Економската олимпијада, на кој учествуваа најдобрите средношколци од земјава во областа на економијата.

До финалето стигнаа ученици кои претходно се натпреваруваа во седум регионални центри – Скопје, Тетово, Куманово, Штип, Прилеп, Струга и Гостивар. Националната фаза претставуваше завршница на повеќемесечни подготовки и селекција.

Покрај учениците, на настанот присуствуваа наставници, претставници на институции и компании, при што беше нагласено значењето на економската писменост и критичкото размислување кај младите.

Во регионалната фаза, најдобрите тројца ученици во секој регион беа наградени со технички уреди – лаптоп за прво место, таблет за второ и паметен часовник за трето место.

На национално ниво, првите 10 ученици добија ваучери во вредност од 200 евра, обезбедени од приватниот сектор. Дополнително, најдобрите петмина ќе учествуваат на подготвителен камп и ќе имаат можност да ја претставуваат државата на Меѓународната економска олимпијада во Грција.

Во рамки на натпреварот беа доделени и стипендии за студии на Факултетот за бизнис и економија при Универзитетот на Југоисточна Европа – целосна стипендија за првото место, 70 проценти за второто и 50 проценти за третото место.

Награди добија и менторите, односно координаторите во седумте региони, кои беа наградени со по 200 долари, додека најдобриот координатор на национално ниво доби патување за двајца во Истанбул.

Економската олимпијада во земјава ја организира Институтот Либерална Алтернатива, со поддршка од Economic Fundamentals Initiatives, во партнерство со Универзитетот на Југоисточна Европа и други партнери и спонзори.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange