Connect with us
no baners

Останато

Европската комисија предвидува раст од 2 проценти на македонската економија за годинава

Објавено

на

Европската комисија предвидува дека македонската економија годинава ќе забележи раст од два отсто, а во 2024 од 3,1 проценти.

Во пролетната економска прогноза на ЕК, во делот за Северна Македонија, се вели дека по делумното закрепнување од рецесијата предизвикана од пандемијата од Ковид-19, годишниот раст на БДП забави од 3,9 проценти во 2021 година на 2,1 процент во 2022 година.

На економијата на земјата влијаеја намалената надворешната побарувачка, прекините во глобалните синџири на снабдување и растот на глобалните цени на храната и енергијата.

„Додека пензиите и платите реално се намалија, пораснаа дознаките и приватната потрошувачка. Домашната потрошувачка, иако помала отколку во 2022 година, останува клучниот двигател на растот”, се вели во извештајот.

Се предвидува растот на инвестициите да остане стабилен со дополнително зголемување на постојните.

Негативните надворешни влијанија се очекува да се намалат, согласно со зголемената странска побарувачка и понискиот раст на увозот, наведува ЕК.

Дефицитот на тековната сметка значително се зголемил во 2022 година, поради наглиот раст на цените на енергијата и зависноста од увоз.

Значителното зголемување во приватните трансфери (дознаки) и суфицитот во услужната дејност, потпомогнат од закрепнувањето на туризмот, делумно го компензирале влошувањето во трговијата со енергија.

Проектираното намалување на дефицитот на сметката во текот на прогнозираниот период е главно поради значителното подобрување на трговскиот биланс, пониските цени на суровините, како и посилната надворешна побарувачка, поддржана од олеснувањето на притисоците во синџирите на снабдување.

Стапката на инфлација се искачила на 14,2 проценти во просек во 2022 година, во споредба со 3,2 проценти во 2021 година.

Храната и енергијата заедно сочинуваат речиси 60 проценти од домашната структура на индексот на потрошувачките цени, а токму растот на цените во овие две категории имале најголемо влијание на вкупната инфлација, која во октомври достигнала врв на 19,8 проценти.

Иако се бележи пад, базичната инфлација опстојува, поради заостанатите прелевања од цените на енергијата, но се очекува да продолжи да се намалува.

Економскиот раст треба да се засили во 2024 година, пред се воден од домашната побарувачка. Се предвидува и постепено намалување на фискалниот дефицит.

Како ризици за економскиот раст ЕК ги посочува пречките што се поставуваат пред владините планови за јавни инвестиции и даночната реформа.

Од друга страна, процесот на пристапување на земјата во ЕУ е катализатор на развојот и за спроведување на структурните реформи и фискална одржливост.

Бизнис

Иуте Македонија партнер на Generalka Weekend: финансискиот тим во акција за почиста животна средина

Објавено

на

Иуте Македонија активно се вклучи во националната еколошка акција Generalka Weekend, каде компанијата го предводеше тимот за финансии и заедно со бројни волонтери придонесе кон почиста и поздрава животна средина.

Од компанијата истакнуваат дека акцијата не значела само расчистување на јавни површини, туку и поттикнување на тимски дух, заедништво и општествена одговорност. Во активностите учествувале вработени од различни градови, млади волонтери, институции, компании и организации, обединети околу заедничка цел – создавање подобра иднина.

„Заедно со нашите пријатели од Man And Mountain, колеги од различни градови, илјадници волонтери, институции, компании, училишта и луѓе со иста визија, уште еднаш си потврдивме дека најубавите промени се случуваат кога добрата енергија се споделува и кога сите придонесуваат со мал дел од себе“, велат од Иуте Македонија.

Посебен акцент беше ставен на вклучувањето на младите и средношколците, кои, според Иуте Македонија, се двигатели на идните позитивни промени и носители на еколошката свест.

„Посебно нè радува што нѝ се приклучија многу средношколци и млади луѓе, затоа што токму таму почнуваат најважните промени, а тие се генерацијата која ќе ја наследи иднината што денес ја создаваме“, додаваат од Иуте Македонија.

Од Иуте посочуваат дека преку иницијативата „Растеме заедно“, започната пред две години, компанијата продолжува да ја развива својата стратегија за општествена одговорност и поддршка на проекти поврзани со заштита на животната средина и локалната заедница.

„Приказната што ја започнавме пред две години со „Растеме заедно“ денес добива нова сила, нова димензија и уште поголемо значење“, заклучи за крај компанијата.

Продолжи со читање

Останато

УЈП испрати над 860.000 даночни пријави, граѓаните имаат рок до 31 мај за потврда

Објавено

на

Управа за јавни приходи информира дека за 2025 година се изготвени вкупно 862.896 однапред пополнети годишни даночни пријави (ДЛД-ГДП), во законскиот рок до 30 април 2026 година.

Институцијата соопшти дека граѓаните ќе добијат известување преку профилот на системот „МојДДВ“ или на електронската пошта што ја имаат регистрирано.

Секое физичко лице кое остварило приход во 2025 година има обврска да ја провери, потврди или коригира пријавата најдоцна до 31 мај 2026 година. Увидот во податоците се врши преку платформата „е-Даночни услуги“, додека лицата кои сè уште не се регистрирани треба да го сторат тоа во најкраток можен рок.

Од УЈП појаснуваат дека по истекот на рокот, непотврдените пријави ќе се сметаат за конечни, а коригираните ќе бидат предмет на одобрување од службено лице.

Воедно, граѓаните кои имаат повеќе платен данок имаат можност да побараат поврат преку самата пријава.

Од институцијата апелираат навремено да се проверат внесените податоци, бидејќи тие се користат и при издавање уверенија и за остварување права пред други институции.

Продолжи со читање

Останато

Димитриеска Кочоска: Баланс меѓу штедење и раст – клучен предизвик за фискалната политика

Објавено

на

Фискалната политика во наредниот период ќе се соочи со предизвик да го усогласи намалувањето на буџетскиот дефицит со потребата од економски раст, оцени министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска.

Говорејќи на стручната расправа „Ефикасноста на јавните финансии и улогата на фискалните правила во Северна Македонија“, организирана од Фискален совет во Македонска академија на науките и уметностите, таа нагласи дека за стабилна економска политика се неопходни внимателно управување, силни институции и доследно почитување на фискалните правила.

Во пресрет на новата Фискална стратегија за периодот 2027–2031 година, министерката истакна дека документот има за цел да обезбеди стабилен и предвидлив фискален курс, без да се нарушат економската активност и социјалната сигурност.

Според проекциите, буџетскиот дефицит постепено ќе се намалува – од 3,5 проценти од БДП во 2027 година, на 3 проценти во 2028 година, а потоа на 2,8 проценти во 2029 година, ниво кое ќе се задржи до 2031 година.

Димитриеска Кочоска посочи дека Владата ќе спроведува мерки и на приходната и на расходната страна, со фокус на подобрување на наплатата, намалување на сивата економија и рационализација на трошоците. Паралелно, ќе се работи на поголема транспарентност, подобра контрола на јавните набавки и приоритизација на капиталните инвестиции.

Таа нагласи дека фискалните правила се клучен инструмент за одржување стабилност и доверба во економијата, а улогата на Фискалниот совет е значајна за следење на ризиците и зајакнување на фискалната дисциплина.

Во рамки на расправата беа отворени и теми поврзани со ефикасноста на јавната потрошувачка, одржливоста на јавниот долг и влијанието на фискалните правила врз економските резултати.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange