Connect with us
no baners

Останато

Досега за најдобрите македонски е-трговци гласале повеќе од 4.000 гласачи

Објавено

на

За само неколку денови повеќе од 4.000 граѓани гласaле за е-трговците кои се номинираа на Изборот за најдобрите во македонската е-трговија – “Ecommerce Awards 2022”, во организација на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија. Изборот за најдобрите е-трговци се организира по втор пат токму со цел да ја препознае и награди напорната работа на домашните е-трговци во изминатата година, да се подигне свеста за е-трговијата во јавноста и да поттикне зголемување и подобрување на понудата во е-трговијата.

Право на глас има пошироката јавност, т.е. секое физичко лице. Секое лице може да гласа еднаш и при тоа, гласа во категории по сопствен избор и може да даде еден глас во секоја категорија. Категориите кои се задолжителни за гласање се: “Е-трговец на годината” и “Најпопуларна е-продавница”, додека сите други категории се опционални. Гласањето од страна на публиката е бесплатно и е отворено до среда, 15.02.2022 до крајот на денот. Гласањето може да се направи на следниот линк.

По завршување на гласањето од публиката ќе следува гласање од внимателно оформената жири комисија која се состои од експерти во повеќе области и е составена за да допринесе во изборот на најдобрите е-трговци во сите категории, освен за категоријата “Најпопуларна е-продавница” во која наградата ќе се додели единствено врз основа на бројот на гласовите од публиката.

Одредувањето на победниците за сите категории, освен за категоријата “Најпопуларна е-продавница”, ќе се изврши врз основа на утврдена методологија за пресметка земајќи ги превид гласовите од јавноста и жири комисијата, при што поените од публиката (јавноста) ќе се вреднуваат со 40%, додека поените од жири комисијата со 60%. Секој финалист ќе добие вкупен број на поени кои ќе го одредат неговото рангирање во соодветната категорија.

“Оваа година за натпреварот се пријавија повеќе од 150 компании во 23 категории и навистина нѐ радува фактот што е-трговците сакаат да бидат препознаени како најдобри во соодветните категории. Ги охрабруваме сите онлајн купувачи и корисници на е-услуги да гласаат за своите фаворити со што ќе придонесат да се изберат најдобрите македонски е-трговци за 2022 година. Гласањето може да се направи за номинираните е-продавници од областа на: облека и обувки, бела техника и електроника, убавина и здравје, туристички услуги, намирници и многу други категории. Дополнително, јавноста може да гласа и за најдобра веб страница за плаќање сметки онлајн во која се номинирани 8 компании, како и за најдобро владино решение од областа на онлајн услуги во кое се номинирани 7 решенија на владини институции.“ – велат од АЕТМ.

Инаку, процесот за наградување на најдобрите е-трговци започна со номинирање на е-трговците на официјалната веб страница на натпреварот и траеше до 13ти јануари. Најмногу од компаниите се пријавени за категориите „Е-трговец со најдобра грижа за корисници”, „Е-трговец на годината”, „Најпопуларна е-продавница”, како и „Е-трговец со најдобро присуство на социјални медиуми”. По завршувањето на рокот за пријавување, сите пријави беа внимателно проверени и оние е-трговци кои ги исполнија условите на натпреварот се објавени на листата на номинирани во соодветните категории на официјалната веб страница на E-commerce Awards.

Иницијативата “E-commerce Awards” е поддржана од Отворен регионален фонд за Југоисточна Европа – Надворешна трговија во рамки на Германското друштво за интернационална соработка ГИЗ, по нарачка на Германската влада. Генерален партнер на иницијативата е Мастеркард, златен партнер е Комерцијална банка АД Скопје и сребрен партнер е IuteCredit Македонија.

Бизнис

Кражба од холивудски размери: Како хакер потрошил половина милион фунти од банкарската картичка на Џони Деп без актерот да забележи!?

Објавено

на

Унгарската полиција уапси 27-годишен државјанин на Јордан под сомнение дека незаконски користел банкарски податоци на холивудскиот актер Џони Деп и потрошил речиси половина милион фунти од неговата сметка.

Според информациите објавени од странските медиуми, истрагата била покрената откако американска финансиска институција пријавила сомнителни трансакции до унгарската филијала на ФБИ. Подоцна било утврдено дека станува збор за сметката на Џони Деп, при што биле евидентирани 308 трансакции во периодот од јануари 2024 до декември 2025 година, во вкупна вредност од околу 619.500 евра.

Она што дополнително го привлекува вниманието е фактот што актерот, според извештаите, не забележал дека средствата исчезнуваат во период подолг од две години, сè додека банката не ги означила трансакциите како потенцијално сомнителни.

Осомничениот бил лоциран преку следење на IP адреси, е-мејл комуникација и телефонски броеви користени за онлајн купувања и резервации. Тој бил приведен во изнајмен стан во Будимпешта, каде што полицијата запленила електронски уреди за кои постои сомневање дека биле користени во измамата.

Истражните органи соопштија дека осомничениот ги негира обвиненијата, но му е одреден притвор, додека истрагата продолжува. Во тек е утврдување на начинот на кој биле компромитирани банкарските податоци на актерот, при што не се исклучуваат можности за кражба на податоци или злоупотреба при онлајн трансакции.

Случајот повторно ја отвора темата за дигиталната безбедност и заштитата на финансиските податоци, особено во услови на сè почести онлајн трансакции и глобална поврзаност на платежните системи.

Продолжи со читање

Останато

УЈП: Само 3% од граѓаните ја провериле годишната даночна пријава за 2025

Објавено

на

Само три проценти од граѓаните ја провериле својата годишна даночна пријава за 2025 година, информираат од Управата за јавни приходи (УЈП).

Според податоците на институцијата, од вкупно 862.896 генерирани годишни даночни пријави, заклучно со вчера биле потврдени само 27.788 пријави.

Од УЈП посочуваат дека иако институцијата ја изготвува годишната даночна пријава врз основа на расположивите податоци, законската обврска за пријавување на доходот е на секој граѓанин.

„Бројките покажуваат дека свеста за личната даночна одговорност сè уште не е на потребното ниво“, велат од УЈП.

Во насока на информирање на јавноста, УЈП испратила 493.182 лични пораки преку порталот „мојДДВ“, а комуницирала и со 1.349 буџетски корисници, 339 големи даночни обврзници, како и со стопански комори, со цел граѓаните да ги проверат своите даночни пријави.

Од институцијата предупредуваат дека непроверена пријава може да значи нецелосни или неточни податоци, што може да доведе до дополнителни постапки, одговорност и трошоци.

УЈП апелира граѓаните да ја проверат, потврдат или коригираат својата годишна даночна пријава најдоцна до 1 јуни.

Продолжи со читање

Останато

Македонија учествува на 71-та пленарна седница на MONEYVAL во Стразбур

Објавено

на

Делегација од Македонија учествува на 71-та Пленарна седница на Комитетот на експерти за евалуација на мерките против перење пари и финансирање тероризам – MONEYVAL, што од 26 до 29 мај се одржува во Стразбур, во организација на Советот на Европа.

Во составот на македонската делегација се државниот секретар во Министерството за финансии Андриана Матлиоска, директорот на Управата за финансиско разузнавање Кујтим Ибиши и директорот на Управата за финансиска полиција Слободан Ивановски.

Од Министерството за финансии информираат дека учеството на пленарната седница претставува потврда за континуираната посветеност на државата кон унапредување на институционалниот и регулаторниот систем во согласност со меѓународните стандарди и препораките на Financial Action Task Force (FATF).

„Нашата земја придонесува во споделувањето на најдобрите практики за борба против перењето пари и финансирањето на тероризмот, со што ја зацврстува својата позиција како партнер во глобалните безбедносни стандарди“, наведуваат од Министерството.

Во рамки на седницата се разгледуваат прашања поврзани со унапредување на меѓународните стандарди и политики во областа на спречување перење пари и финансирање тероризам, како и активности поврзани со процесите на евалуација и следење на земјите членки.

На состанокот ќе се дискутира за извештаите за заемна евалуација од шестиот круг за Ерменија и Словенија, ќе се разгледува напредокот и извештаите за следење на Романија и Бугарија, како и унапредување на процедурите за усогласеност на Грузија и Полска.

Од Министерството посочуваат дека членството во MONEYVAL им овозможува на земјите да ги следат промените во меѓународното законодавство во областа на спречување перење пари и финансирање тероризам, како и нивна имплементација во домашното законодавство.

Комитетот на експерти за евалуација на мерките за спречување перење пари и финансирање тероризам – MONEYVAL е мониторинг тело на Советот на Европа, кое поднесува извештаи директно до Комитетот на министри на Советот на Европа. Неговата задача е да ја процени усогласеноста на земјите членки со меѓународните стандарди за спречување перење пари и финансирање тероризам и ефективноста на нивното спроведување.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange