Connect with us
no baners

Банки

Д-р Билал Суџубаши со силна порака до акционерите и клиентите: Халкбанк е сигурна и стабилна банка, доказ за тоа е профитот од 20,3 милиони евра за изминатата 2023 година!

Објавено

на

Главниот извршен директор на Халкбанк АД Скопје, д-р Билал Суџубаши упати силна порака до акционерите, клиентите и соработниците на банката во врска со работењето и резултатите за изминатата 2023 година. Пораката на првиот човек на Халкбанк ви ја пренесеуваме во целост.

„Почитувани акционери, клиенти, драги колеги, пријатели,

Изминатата 2023 година, иако повторно исполнета со низа на неизвесности на глобално ниво, во споредба со 2022 година, економските текови почнаа полека да се стабилизираат.

Иако се продолжи со затегнување на монетарната политика на централните банки со цел намалување на инфлацијата, а истите чекори ги следеше и Народната банка на РСМ, сепак, банкарскиот сектор во целина и во кризните времиња ги потврди својата стабилност и сигурност и продолжи да биде поддршка на економијата на земјата.

Халкбанк и во вакви услови, со раст на каматите и затегнати услови на работење, испорача позитивни резултати во секој домен. Нашата стратегија постојано да нудиме најразлични производи на пазарот  според барањата и потребите на клиентите и тоа по најдобри услови, се покажува како најдобар начин да создаваме вредност за сите – за државата, акционерите, вработените и клиентите.

Заклучно со декември, забележавме значаен резултат во однос на депозитната база, која надмина една милијарда евра, од кои 1.020 милиони евра се депозити на клиенти − правни и физички лица кои се зголемија во однос на истиот период лани за 171 милиони евра. Притоа депозитите на корпоративниот сектор се зголемени за 80 милиони евра, а на населението – за дури 90 милиони евра.  Причина за ваквиот раст во делот на компаниите е веројатно „задршката“ од поголеми трошоци поради кризата која носи неизвесност, додека во сегментот на население е на атрактивните депозитни производи, со атрактивни каматни стапки, кои ги понудивме на пазарот.

Во делот на кредитирањето, и во услови на затегната монетарна политика, имаме пораст од над 95 милиони евра. Ова најмногу се должи на корпоративниот сектор каде што имавме зголемување на кредитирањето во висина од речиси 90 милиони евра. Кога зборуваме за правните лица, раст на кредитирањето има кај сите големини на компании. Најголем, секако, е во сегментот на големите компании, но пораст има и кај средните, малите и микро фирми. Кај населението имаме намалување на кредитирањето, што и можеби е очекувано со оглед на мерките и целите на централната банка за намалување на инфлацијата.

Нашата актива со вкалкулираниот пораст сега веќе изнесува 1,6 милијарди евра. Нашиот нето-профит, заклучно со декември 2023 година, изнесува 20,3 милиони евра. Сето ова го потврдува фактот дека Халкбанк е силен бренд и сигурна и стабилна банка.

Наш деловен императив и во годинава што изминува беше посветување особено внимание на корпоративната општествена одговорност како начин за помош на поединци и заедницата во целина.   Оттаму, поддржавме најразлични општествени активности од областа на спортот, културата, образованието, поддршка за најмладите во делот на образованието и едукацијата, посветување внимание на постарата генерација и друго. Особено сме горди на нашата „зелена агенда“ и препознавање на Халкбанк како еко ориентирана банка која помага во зголемување на шумскиот фонд во Северна Македонија, поттикнување здрави животни навики и заштита на природата.

И во 2023 година се потрудивме да испорачаме производи во согласност со потребите на пазарот, но и иновативни производи како дел од нашата стратегија да бидеме лидери во воведувањето производи базирани на новите технологии и дигитализацијата. Затоа и продолживме  со воведување нови производи и услуги кои носат ново корисничко искуство и задоволство кај нашите сегашни и идни клиенти. Овој принцип ги води сите наши активности и се применува во нашите секојдневни ангажмани.

Во наредниот период ќе продолжиме да го градиме нашиот бренд и да ја остваруваме целта да бидеме една од најголемите банки во земјата и прв избор на клиентите. Тоа ќе го оствариме со понуда на нови, иновативни услуги со најдобри услови на пазарот и со следење и имплементирање на новите технологии кои се развиваат со незапирливо темпо и отвораат многу нови можности. Ќе продолжиме да бидеме и пример за општествено одговорно делување со нашата поддршка на општествени активности. Тука, секако посебно место ќе заземат нашите еко активности чија основна цел е давање директен придонес во насока на зголемување на зеленилото и заштита на природата, но и подигање на свеста како за потребата на сите поединци и чинители во оштеството да се грижат за природната средина. Во тие рамки, како што веќе најавивме, ќе реализираме голема петгодишна донација од 1.000.000 садници за пошумување на земјата во региони каде што е тоа потребно. Сето тоа ќе го постигнеме со нашите вработени кои се основа на нашиот успех.”

Со почит,
Билал Суџубаши, главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје

Банки

Славески и Светска банка договорија експертска поддршка за инстант плаќања

Објавено

на

Гувернерот на Народна банка, Трајко Славески, и заменик-претседателката на Светската банка, Антонела Басани, потпишаа договор за техничка и експертска поддршка за воведување систем за инстант плаќања во земјата, соопшти Народна банка.

Со поддршка на Светска банка се интензивираат активностите за приклучување кон СЕПА и за вклучување на домашните банки во шемата за кредитни трансфери, што треба да овозможи побрзи и поевтини прекугранични плаќања.

На средбите во Вашингтон било истакнато дека Светска банка ќе продолжи да ја поддржува интеграцијата на финансискиот систем во европските платни механизми, вклучително и воспоставување систем за инстант плаќања и негово поврзување со ТИПС на Европската централна банка, како и со системите во Западен Балкан.

Народна банка работи на решение засновано на модел на ТИПС, развиен од Банката на Италија, а за таа цел е потпишан договор за техничка соработка со Светска банка, кој опфаќа експертска поддршка во дизајнот и имплементацијата.

Соработката меѓу двете институции вклучува и поддршка во области како финансиска стабилност, регулатива, дигитализација, управување со ризици и финансиска вклученост.

Делегацијата на Народна банка учествувала и на работна средба во Вашингтон со претставници на меѓународни институции и централни банки од регионот, каде биле разгледани следните чекори за воведување на системот за инстант плаќања.

Продолжи со читање

Банки

Славески на средба со заменик-генералниот директор на ММФ Бо Ли: Потврдена силна поддршка за независноста на централните банки и засилена внимателност во услови на глобални ризици

Објавено

на

Гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, заедно со министерката за финансии Димитриеска – Кочоска и нашата делегација, остварија средба со заменик-генералниот директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, во рамките на Пролетните средби на ММФ и Светската банка коишто се одржуваат во Вашингтон.

Разговорите се одвиваа во контекст на засилена глобална неизвесност, предизвикана од геополитичките тензии на Блискиот Исток и значаен фокус на самата средба беше ставен на ефектите врз светските енергетски текови, инфлациските притисоци и потенцијалните ефекти врз економските изгледи. Двете страни разменија мислења за потребата од внимателно следење на ризиците и навремена подготвеност на креаторите на политики за адекватен одговор во случај на нивно прелевање врз домашната економија.

Посебен акцент беше ставен на можноста од појава на индиректни, односно второстепени ефекти врз инфлацијата, при што беше нагласено дека Народната банка будно ја следи состојбата и е подготвена, доколку е потребно, да реагира со расположливите монетарни инструменти со цел зачувување на ценовната стабилност.

Гувернерот Славески ја истакна определбата на Народната банка за водење претпазлива, конзистентна и кредибилна монетарна политика, која е насочена кон одржување на стабилноста на цените и заштита на финансиската стабилност во услови на засилена глобална волатилност и неизвесност.

Во разговорите беше нагласено и значењето на независноста на централните банки, вклучително и нивната оперативна и финансиска независност, како клучен предуслов за ефективно и навремено спроведување на монетарната политика и за одржување на довербата во институциите. Во овој контекст беше истакнато дека стабилните институционални рамки се особено важни во периоди на зголемени надворешни шокови и брзи промени во глобалното окружување.

Од страна на соговорниците беше реафирмирана важноста на континуираната соработка меѓу Народната банка и ММФ, како и поддршката на Фондот во насока на натамошно унапредување на аналитичките и институционалните капацитети.

Средбата, како што беше оценето, претставува потврда на заедничката заложба за одржување на макроекономската стабилност и зајакнување на отпорноста на економиите во услови на зголемени глобални ризици, при што централните банки остануваат клучен столб на стабилноста.

Продолжи со читање

Банки

ММФ: Народната банка со нови достигнувања во статистиката

Објавено

на

Народната банка остварува континуиран напредок во областа на статистиката, со висока усогласеност со меѓународните стандарди и засилена транспарентност. Ова беше истакнато на средбата на гувернерот д-р Трајко Славески и делегацијата на Народната банка со претставници на Одделот за статистика на Меѓународниот монетарен фонд, одржана на маргините на Пролетните средби на ММФ и Светската банка.

На средбата беше нагласено дека Народната банка активно придонесува кон иницијативата на ММФ за проширување на СДДС плус стандардот. Во таа насока, од јануари 2026 година започна редовна дисеминација на дополнителен индикатор, кој се однесува на показателот за нето-отворена девизна позиција во однос на капиталот, на Националната страница за стандардни податоци (NSDP).

Значаен напредок е постигнат и во областа на финансиските сметки, со објавување на  кварталните податоци за трансакции. Со тоа, Народната банка целосно ги имплементира препораките на ММФ, во однос на опфатот на податоците, со што се постигна усогласување со најновите меѓународни стандарди во оваа област.

Во доменот на екстерните статистики се преземаат активности за натамошно подобрување на квалитетот и деталноста на податоците. Во овој контекст, се реализира и проектот за воспоставување единствен склад на статистички податоци, финансиран од Европската комисија преку ИПА 2021.

Во доменот на монетарната статистика, продолжуваат активностите за воспоставување интегриран систем за известување за статистички и супервизорски потреби. Подзаконските акти донесени во 2025 и 2026 година воспоставуваат сеопфатна рамка за усогласено известување од банките и штедилниците, при што новиот систем ќе започне со примена од септември 2026 година, а известувачите веќе активно го тестираат.

Соговорниците ја истакнаа важноста на досегашната соработка и изразија подготвеност за нејзино понатамошно продлабочување, со фокус на унапредување на статистичките практики и усогласувањето со меѓународните стандарди.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange