Банки
Билатерална фаза на аналитички преглед на законодавството со ЕУ – учество на претставници на Народната банка во билатералната фаза за областа „Финансиски услуги“
Народната банка е активно вклучена во активностите на работните групи за подготовка на преговарачките позиции за пристапување на нашата земја во Европската Унија, по одделни поглавја и области и во тековниот процес на билатералната фаза на аналитички преглед на законодавството (англ. Screening) со Европската Унија. Во рамките на Кластерот 2 – Внатрешен пазар, а конкретно за Поглавјето 9 – Финансиски услуги, свое излагање имаа Фросина Целеска и Лидија Пушевска-Марковска од Дирекцијата за банкарска регулатива и решавање банки во рамките на подрачјето „Банкарство и финансиски конгломерати“ и Игор Величковски од Дирекцијата за платни системи во однос на подрачјето „Платни системи и платежни услуги“.
Во подрачјето „Банкарство и финансиски конгломерати“, претставниците на Народната банка ја презентираа примената на директивата и регулативата за капиталните барања на кредитните институции, примената на директивата за закрепнување и решавање банки и на директивата за реорганизација и престанок со работа на кредитните институции. Во овој домен беше истакнато високото ниво на усогласеност на домашната банкарска регулатива и супервизија, за коешто потврда е и Одлуката на Европската комисија од 1 октомври 2021 година за усогласеноста на супервизорските и регулаторните барања во Република Северна Македонија со тие пропишани со соодветните прудентни барања и стандарди во ЕУ. На состанокот беа презентирани моменталните состојби и трендови во домашниот банкарски систем, како и детален опис на стандардите и практиките коишто ги применува Народната банка при вршењето на супервизорската функција. Стана збор и за идните планови во однос на постојаните активности на Народната банка за следење и усогласување со сите новини во ЕУ, коишто се однесуваат на регулативата и супервизијата на кредитните институции. Посебен акцент во овој дел беше ставен на активностите коишто се преземаат заради примена на барањата поврзани со воспоставувањето на функцијата за решавање банки, како во однос на обезбедувањето соодветна законска рамка усогласена со директивата за закрепнување и решавање банки, така и во однос на градењето соодветни организациски и човечки ресурси за спроведување на оваа функција од страна на Народната банка.
Во подрачјето „Платни системи и платежни услуги“ претставниците на Народната банка ги презентираа решенијата во Законот за платежни услуги и платни системи коишто овозможуваат конечност на порамнувањето на налозите за пренос на парични средства доставени од учесниците во платните системи, обезбедувајќи поголема сигурност за граѓаните и фирмите при извршувањето на нивните плаќања. На состанокот беше даден осврт на најрепрезентативните услуги, односно на услугите коишто граѓаните најчесто ги користат преку платежните сметки, коишто ги има утврдено Народната банка и за коишто давателите на платежни услуги ќе доставуваат информации до Народната банка за надоместоците што ги наплатуваат од потрошувачите. Во тој контекст, беше истакнато дека до крајот на септември оваа година, Народната банка на својата интернет-страница ќе овозможи споредување на надоместоците на најрепрезентативните услуги, при што граѓаните на едно место ќе може да ги споредат надоместоците коишто ги наплаќа секој давател и да одлучат кој од нив им нуди најповолни услови за извршување на плаќањата. Општо гледано, решенијата во Законот за платежни услуги и платни системи и подзаконските акти коишто ги донесе Советот на Народната банка кон крајот на 2022 година обезбедуваат целосна усогласеност со барањата на Директивата на ЕУ за конечност на порамнувањата и Директивата на ЕУ за споредливоста на надоместоците коишто се однесуваат на платежните сметки, пренесување на платежните сметки и пристап до платежните сметки со основни функции, коишто беа на агендата на овој билатерален состанок.
Банки
Средба Славески – Варнс: Стабилниот финансиски систем и модерните платни решенија се основа за инвестиции и економски раст
Гувернерот на Народната банка Трајко Славески оствари средба со вршителката на должноста амбасадор на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија Никол Варнс, на која беа разменети мислења за економските текови, институционалниот развој на Народната банка и реформските процеси насочени кон поддршка на економскиот раст и евроинтеграцијата.
На средбата беше истакнато дека Народната банка постојано го јакне својот институционален капацитет преку бројни развојни проекти, со посебен акцент на модернизацијата на платните системи. Современите и ефикасни платни решенија придонесуваат за поголема сигурност, побрз проток на финансиски средства и олеснување на деловното работење, што е значајно за подобрување на инвестициската клима.
Гувернерот Славески нагласи дека одржувањето на макроекономската стабилност и финансиската стабилност е врвен приоритет на Народната банка, како основа за создавање стабилни и предвидливи економски услови, заради поттикнување на домашните и странските инвестиции и за одржлив економски раст.
Во разговорот, гувернерот Славески се осврна и на пристапувањето на земјава кон Единствената област за плаќање во евра (СЕПА), оценувајќи дека станува збор за историски чекор за македонската економија. Тој посочи дека со пристапувањето кон СЕПА, на македонските граѓани и компании им се овозможи да вршат побрзи, поефикасни и поевтини плаќања во евра, и тоа уште пред полноправното членство на земјава во Европската Унија.
Гувернерот нагласи дека со воспоставувањето клон на ТИПС, развиен со поддршка на Европската централна банка, се официјализира почетокот на современ систем за инстант плаќања, што претставува значаен исчекор во модернизацијата на националната платежна инфраструктура и нејзиното регионално поврзување со земјите од Западен Балкан и со европскиот платежен простор. Со овој систем ќе се овозможи извршување плаќања во реално време, 24 часа дневно, седум дена во неделата, при што најголемиот дел од трансакциите ќе се обработуваат за неколку секунди. Новите решенија ќе овозможат едноставно иницирање плаќања, што ќе придонесе за побрзи, посигурни и поевтини трансакции за граѓаните и компаниите, како и за поефикасно работење на трговците.
Соговорниците ја потврдија подготвеноста за натамошно продлабочување на соработката и размената на искуства во областите од заемен интерес, заради поддршка на економската стабилност и реформските процеси во земјава.
Банки
Комерцијална банка како партнер на НСРР ја продолжува поддршката за родова рамноправност и финансиска независност на жените
Комерцијална банка и оваа година ја потврдува својата општествена одговорност преку континуирана поддршка на Националниот совет за родова рамноправност (НСРР), продолжувајќи ја својата мисија за помагање, охрабрување и едуцирање на жените за зајакнување на нивната финансиска независност.
Како дел од оваа заложба, Комерцијална банка финансиски ќе го поддржи проектот „Дигитализација и дигитална видливост на услугите на Советувалиштето и СОС линијата при НСРР“, со цел унапредување на пристапноста до поддршка и информации за жените кои се соочуваат со различни животни и социјални предизвици.
Во рамките на акцијата „Биди своја, биди силна!“, Комерцијална банка активно ќе придонесува кон охрабрување и мотивирање на жените да носат информирани и правилни финансиски одлуки, да изградат финансиска сигурност и полесно да ги надминат предизвиците на начин што обезбедува самостојност и заштита.
Со континуираната поддршка на активностите на НСРР, Банката ја потврдува својата заложба за родова еднаквост и за достапна, целосна поддршка на жените во сите аспекти на финансиското и социјалното делување.
Банки
Шпаркасе Банка повторно ја доби сертификацијата „Фер финансиски услуги за потрошувачите“ – потврда за транспарентност и грижа за клиентите
Шпаркасе Банка АД Скопје ја обнови сертификацијата „Фер финансиски услуги за потрошувачите“, доделена од Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ), со што уште еднаш ја потврди својата посветеност на транспарентно, одговорно и етичко работење.
Ова признание претставува потврда за континуираниот фокус на Банката кон фер услови, јасна комуникација и заштита на интересите на клиентите, како и за примената на највисоки стандарди во односите со потрошувачите.
Обновената сертификација обезбедува дополнителна стручна поддршка, релевантни увиди за корисничкото искуство и унапредување на добрите практики во финансискиот сектор.
Со вакви активности, Шпаркасе Банка продолжува да ја гради довербата на клиентите преку јасен и коректен пристап, поставувајќи ги нивните реални потреби во центарот на своето работење и потврдувајќи ја својата улога како одговорен и стабилен финансиски партнер.
-
Продуктипред 2 месециХалки картичка за деца – прва платежна картичка за деца на македонскиот пазар
-
Банкипред 2 месециФатих Шахбаз е нов главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје
-
Кариерапред 2 месециОглас за вработување во Комерцијална банка
-
Банкипред 2 месециКомплетиран новиот Управен одбор на НЛБ Банка Скопје: Значајна пресвртница на патот кон стабилност и стратешки раст
-
Интервјуапред 2 месециИднината на пензиите во Македонија – разговор со Иван Стојановиќ од КБ Прво
-
Интервјуапред 2 месециFinSight со Слободан Трендафилов (ССМ): Што ако минималната плата не се зголеми до Нова година?
-
Интервјуапред 1 месецСлавески за FinSight: Пониски провизии и повеќе бесплатни услуги за граѓаните од следната година
-
Кариерапред 2 месециИуте Македонија вработува Специјалист за плаќања




