Бизнис
„Алкалоид“ со консолидирани продажби од 308,9 милиони евра, извоз од 210,5 милиони евра и со инвестиции од 23,3 милиони евра во периодот јануари – декември 2024 г.
Според единечниот биланс на успех, во периодот јануари – декември 2024 година продажбите достигнуваат 13.433.299.470 денари, што е за 10% повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Вкупните консолидирани продажби, пак, достигнуваат 19.005.696.029 денари, што е за 15% повеќе во споредба со истиот период од минатата година.
Продажби според региони
Консолидираните продажби остварени на домашниот пазар се зголемени за 17%, а вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 14%. Компанијата, преку своите застапувања на производите на светски реномирани фармацевтски производители, активно учествува во обезбедувањето најсовремени ретки и специфични терапии, со што како докажан партнер на јавното здравство обезбедува значителна поддршка за здравствениот систем во земјава. Иако профитабилноста на овие програми е ограничена, тие значително го зголемуваат учеството на домашниот пазар во вкупните консолидирани продажби. Од вкупните консолидирани продажби 32% се остварени на домашниот пазар, додека, пак, 68% се остварени на странските пазари. Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 27%, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 22%, во земјите од Источна Европа (ЗНД, УКР…) се остварени 18%, а на другите пазари е остварен 1% од вкупните консолидирани продажби.
Најголем пораст кај извозните пазари, во споредба со минатата година, бележат продажбите остварени на Кипар, кои се зголемени 9-пати; потоа во Литванија, каде што се зголемени 2,5-пати. Потоа следуваат оние во Чиле (раст од 92%), Велика Британија (раст од 62%), Јордан (раст од 59%), во Грузија (раст од 57%), Украина (раст од 48%), Португалија (раст од 45%), во Монголија (раст од 36%), Германија (раст од 26%), Швајцарија (раст од 24%), во Романија (раст од 21%), Албанија (раст од 21%), Ерменија (раст од 18%) итн.
Продажби според групи производи
Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 91%. Од нив поголем удел имаат антибиотиците со 26%, препаратите ОТЦ со 19%, невролошките препарати со 12%, кардиолошките препарати со 11% од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 9% во вкупните консолидирани продажби, поточно хемија учествува со 2%, козметика со 6%, а билкарство учествува со 1%. Вкупните продажби бележат пораст кај сите профитни центри во споредба со остварените во истиот период од 2023 година. Сегментот фармација бележи раст од 16%, хемија раст од 7%, козметика раст од 5%, а билкарство раст од 6%.
Инвестиции
Во 2024 година, во насока на посветеноста за постојана модернизација и за проширување на производствените капацитети, производствените волумени и на асортиманот, АЛКАЛОИД АД Скопје ја комплетираше реализацијата на својот најголем инвестициски потфат во последните две децении – новиот погон за производство на цврсти фармацевтски форми Таблетно одделение 2.0 и придружните технички простории. Новиот техничко-технолошки капацитет, чија цел е повеќе од двојно зголемување на обемот и поголема флексибилност во производството на цврсти фармацевтски форми, зафаќа површина од 6.200 м2 (производствени и технички простории), а за него АЛКАЛОИД вложи вкупно 19,4 милиони евра.
Во првото полугодие од годинава се реализираше стратешка инвестиција и во ПЦ Козметика. Инсталирана е нова производствена линија за производство и за пакување влажни марамчиња, во вредност од 1,7 милиони евра. Новата производствена опрема за производство на влажни марамчиња е со капацитет од 120 парчиња/минута и е дополнета со целосно автоматизирани линии за пакување. На овој начин се овозможи удвојување на капацитетите за производство на влажни марамчиња и се прошири палетата на производи кои може да се произведуваат и да се пакуваат.
Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – декември 2024 година изнесуваат 1.435.215 илјади денари.
Вложувања
Во 2024 година АЛКАЛОИД АД Скопје регистрираше ново друштво во Хрватска, со назив АЛКАЛОИД ФАРМА ИНТЕРНАЦИОНАЛ ДОО Загреб. Имајќи предвид дека 68% од пласманот на производите на компанијата се наменети за извоз, од исклучително значење е присуството на производствената програма на пазарите во ЕУ, како и проширувањето на нови пазари. Во таа насока, новоотворениот правен субјект е осми по ред кој е основан во рамките на земјите членки на Европската Унија.
Компанијата регистрираше и ново капитално поврзано друштво во Казахстан, со назив АЛКАЛОИД КАЗАХСТАН ДОО, кое е прва подружница на компанијата во Азија. Отворањето на ова друштво претставува исклучителна можност за искористување на големиот потенцијал за пласирање фармацевтски производи на овој пазар, чија вредност на годишно ниво изнесува над 2 милијарди евра. Казахстан е пазар со 19,6 милиони жители и е економија со најдобри перформанси во Централна Азија. Портфолиото на АЛКАЛОИД во Казахстан за почеток ќе опфаќа антибиотици и додатоци во исхраната наменети за бремени жени. Во иднина компанијата планира проширување на асортиманот, како и присуство и во други земји од тој регион на интерес. Подружницата во Казахстан, лоцирана во градот Алмати, е 26-то по ред капитално поврзано друштво на АЛКАЛОИД.
АЛКАЛОИД АД Скопје како интернационална генеричка фармацевтска компанија тежнее да биде присутен во сите сегменти на овој бизнис и да им понуди на здравствените системи и на пациентите достапност до што поголемо портфолио и типови на лекови по прифатлива цена. Покрај вообичаените генерички лекови, АЛКАЛОИД АД Скопје има стратешка цел да настапи на пазарот и со биослични лекови. За навреме да настапи во овој растечки бизнис-сегмент во фармацевтската индустрија, АЛКАЛОИД АД, преку докапитализација на своето новоформирано друштво АЛКАЛОИД ФАРМА ИНТЕРНАЦИОНАЛ од Хрватска, вложи во јужнокорејската истражувачко-развојна компанија Rophibio преку купување малцински удел. Преку ова вложување во Јужна Кореја, во противвредност од 1 милион американски долари, АЛКАЛОИД АД, покрај сопственичкиот удел во компанијата, ќе добие и право на првенство при лиценцирање на производите за регионите во кои има свои операции. Земајќи го предвид потенцијалот на пазарот, како и искуството на тимот кој ја предводи компанијата Rophibio, АЛКАЛОИД АД донесе одлука за инвестиција во оваа истражувачко-развојна компанија, која во моментов е во напредна фаза на развој на биослични лекови.
Иновации
АЛКАЛОИД изминативе години започна процес на редизајнирање на постојните генерички фармацевтски производи за нови индикации, со цел создавање лекови со додадена вредност кои овозможуваат третирање и задоволување на потребите на индивидуални или на специфични групи пациенти. Стратешките инвестиции за модернизација на производственото портфолио доведоа до успешен развој на првиот патентиран лек со додадена вредност на АЛКАЛОИД, наменет, пред сѐ, за третман на рефлуксен езофагитис и на гастроезофагеална рефлуксна болест (ГЕРБ). Лекови од прв избор во третманот на рефлуксниот езофагитис и на ГЕРБ се т.н. инхибитори на протонска пумпа, група во која спаѓа и Омепразолот, кои најчесто се достапни во форма на гастрорезистентни таблети и капсули, како и на прашок за растворање. За првпат во историјата АЛКАЛОИД разви течна форма на лекот Омепразол, готов за употреба.
За пероралниот раствор Омепразол АЛКАЛОИД го доби првиот интернационален патент за лек со додадена вредност (Value Added Medicine – VAM), а првите одобренија за ставање во промет на овој иновативен лек веќе се доделени за македонскиот пазар, како и за пазарите во Обединетото Кралство, Ирска, Холандија, во Португалија, Унгарија, Романија, во Словенија, Хрватска, Бугарија и на Косово. Во тек се регистрациските постапки за другите земји во Европа и за пазарите во Европската Унија, при што се очекува добивање одобренија за ставање на лекот во промет и за негово последователно лансирање.
Резултати од работењето
Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 2.886.531.066 денари, бележи зголемување од околу 12%, додека, пак, единечната нето-добивка изнесува 1.702.570.214 денари и е, исто така, зголемена за 12%.
Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигна 3.000.938.019 денари и бележи раст од 9%, додека, пак, консолидираната нето-добивка во износ од 1.684.020.094 денари е зголемена за 7%.
При извршувањето на оперативните активности АЛКАЛОИД АД Скопје ангажираше повеќе од 1.000 домашни добавувачи.
Вработени
Во периодот јануари – декември 2024 година во АЛКАЛОИД АД Скопје се реализирани 253 нови вработувања во РС Македонија. Со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје, во март 2024 година е одобрен и исплатен регрес во висина од 40.500 денари нето-износ за користење годишен одмор за вработените во компанијата. Во декември 2024 Управниот одбор по повод новогодишните и божиќни празници, одобри исплата на новогодишен надоместок за вработените во нето-износ од 37.000 денари. Групацијата АЛКАЛОИД брои 3.042 вработени, од кои 2.302 се во земјава, а 740 се вработени во капитално поврзаните друштва во странство.
Податоци за акциите
Акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје котираат на официјалниот пазар на Македонската берза за хартии од вредност од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидните акции на Берзата. Цената на акцијата во периодот јануари – декември 2024 година се движеше од 18.151,00 до 29.000,00 денари или просечно 22.376,45 денари за една акција. Движењето на цената на акцијата е во рамките на трендот на просечниот годишен раст и се должи на редовното и транспарентно објавување позитивни резултати од работењето на компанијата, позитивното јавно мислење, на довербата во нашите производи, управувањето со друштвото и на генералниот тренд на раст на глобалните и на регионалните берзи. На 31.12.2024 година акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје беа во сопственост на 5.945 акционери, физички и правни лица, a пазарната капитализација на компанијата изнесуваше 40,4 милијарди денари.
На 1 април 2024 година, на Годишното собрание на акционерите, е одобрена пресметка и исплата на бруто-дивиденда за 2023 година во износ од 772.931 илјади денари. Во согласност со дивидендниот календар, во мај 2024 година започна исплатата на дивидендата во износ од 540 денари бруто, односно 486 денари нето за една акција. Дивидендата од акција за 2023 година е поголема за 10,2% во однос на исплатената дивиденда од акција за 2022 година.
Бизнис-план за 2025 година
Бизнис-планот за 2025 година, донесен со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје на седницата одржана на 27.12.2024 година, предвидува инвестирање на околу 8% од консолидираните приходи од продажби во материјални и во нематеријални средства, раст од 8% на консолидираните продажби во однос на реализираните во 2024 година, како и раст од 7% на консолидираниот профит пред оданочувањето во однос на 2024 година.
Бизнис-планот за 2025 година е базиран на очекувањата, проекциите и на можностите на тековните и на новите пазари и производи достапни за компанијата во моментот на изготвување на Планот. Околностите и настаните во 2025 година, а со тоа и остварените резултати може да варираат во однос на прикажаните во Бизнис-планот.
Очекувања за претстојниот период
Трендот на работење во отежнати економски услови, кои беа актуелни во изминатите неколку години, сосема е извесно дека ќе продолжи и во 2025 година. Доминанти предизвици беа инфлацијата и порастот на каматните стапки, кои, сепак, според сите очекувања, би требало да влезат во зоната на стагнација, а можеби и на благо опаѓање. Секако, глобалните безбедносни кризи ги отежнуваат економскиот амбиент и предвидливоста, што секогаш може да повлијае и врз цените на енергенсите, да создаде тешкотии во синџирите на испораки, но и да повлијае врз достапноста на одредени материјали.
Очекуваме во 2025 година да продолжиме по патеката на континуираниот раст базиран на можностите од нашите тековни инвестиции во нови производствени капацитети и опрема и од вложувањата во развојно-истражувачки проекти, на тој начин создавајќи конкурентно портфолио и можности за ширење на пазарите. За остварување на овие цели ќе продолжиме и со нови вработувања во земјава, но и на странските пазари, притоа континуирано вложувајќи во подигнување и во усовршување на нивото на знаења и на вештини на нашите вработени и во градење таленти.
ПР објава
Бизнис
Здружението на инфлуенсери го отфрла Правилникот на АВМУ и предлага Кодекс согласно европските практики
Здружението на инфлуенсери и креатори на дигитални содржини ја информира јавноста дека во целост ги отфрла Правилникот и Водичот донесени од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), оценувајќи дека истите се надвор од законските рамки и не се усогласени со реалноста на дигиталниот простор.
Според ставот на инфлуенсерите, предложените акти не нудат системско решение за транспарентноста и одговорноста во интернет комуникацијата, туку отвораат простор за правна несигурност, различни толкувања и дополнителен хаос во онлајн сферата. Наместо да придонесат кон уредување на областа, тие создаваат ризик од селективна примена и ограничување на креативната слобода, без јасна законска основа и без претходна широка консултација со засегнатите страни.
Здружението нагласува дека инфлуенсерите не бегаат од одговорност, редовно плаќаат данок во Македонија, наспроти сите невистини кои се ширеа во медиумите во изминатиот период и дека ја поддржуваат потребата од транспарентност, јасно означување на комерцијалните содржини и почитување на етичките стандарди. Сепак, тие сметаат дека ваквите прашања мора да се уредуваат преку инклузивен процес и решенија што ќе бидат во согласност со законите и европските практики, а не преку акти што излегуваат надвор од утврдените надлежности.
Согласно изработената европска анализа за тоа како оваа проблематика е решена во земјите членки на Европската Унија, Здружението достави предлог до министерот за дигитална трансформација, со кое се предлага донесување Кодекс кој ќе се темели на принципите на саморегулација и ко-регулација. Во најголем дел од државите членки, прашањето на инфлуенсер маркетингот се регулира преку јасни насоки за означување на спонзорирана содржина, едукација и соработка меѓу индустријата и институциите, а не преку рестриктивни и еднострано наметнати подзаконски акти.
Предложениот Кодекс има за цел да воспостави јасни, применливи и пропорционални правила што ќе обезбедат заштита на јавниот интерес, особено на потрошувачите и малолетниците, а истовремено ќе ја почитуваат слободата на изразување и спецификите на дигиталната економија. Овој пристап, според Здружението, претставува единствен одржлив и европски усогласен модел за уредување на интернет просторот.
Здружението на инфлуенсери и креатори на содржини ги повикува институциите да го повлечат спорниот Правилник и Водич и да отпочнат отворен и транспарентен дијалог со сите релевантни чинители, со цел изнаоѓање решение кое ќе донесе правна сигурност, јасни правила и стабилна рамка за развој на дигиталната комуникација во Македонија.
Бизнис
Илон Маск предупредува: САД на работ на финансиски колапс!
Илон Маск, извршниот директор на „Tesla“ и „SpaceX“, повторно алармира за сериозните ризици од растечкиот јавен долг на САД, предупредувајќи дека земјата се соочува со „практичен финансиски колапс“ доколку не се забрза технолошкиот развој и не се стави под контрола задолжувањето.
Според Маск, националниот долг на САД надминува 38,5 трилиони долари, додека годишните каматни плаќања се приближуваат до 1 трилион долари, износ што е поголем од буџетот за одбрана. Ова, како што истакнува Маск, создава сериозен фискален притисок и ја ограничува долгорочната економска стабилност.
„Без значителни иновации во вештачката интелигенција и роботиката, САД 1.000 проценти ќе банкротираат“, изјави Маск, нагласувајќи дека токму технолошкиот напредок може да обезбеди побрз економски раст и да ѝ даде на земјата време за фискална консолидација.
Тој додава дека развојот на напредните технологии може да доведе и до дефлациски притисоци, поради побрз раст на производството и услугите во однос на паричната маса, што дополнително го зголемува реалниот товар на долгот.
Иако, статусот на доларот како светска резервна валута ѝ овозможува на Америка поголема флексибилност во задолжувањето, Маск предупредува дека таквиот модел не е одржлив без сериозни инвестиции во технологија и продуктивност.
Во услови на растечки буџетски дефицити и зголемена загриженост за одржливоста на јавните финансии, пораката на Маск повторно ја отвора дебатата за улогата на иновациите како клучен фактор за долгорочна финансиска стабилност.
Фото: gazeta.ru
Бизнис
Лагард бара европска платна независност: Може ли “Wero” да ја прекине доминацијата на американските Visa и Mastercard?
Претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард, ги повика европските носители на одлуки итно да развијат домашна дигитална платна инфраструктура, предупредувајќи дека речиси секоја картична или мобилна трансакција на европските граѓани денес поминува низ системи под контрола на американски или кинески компании.
Неколку дена по нејзината порака, на 2 февруари, Европската иницијатива за плаќања (EPI) и сојузот EuroPA потпишаа договор за изградба на паневропска интероперабилна платна мрежа која би опфатила околу 130 милиони корисници во 13 земји. Срцето на системот е дигиталниот паричник Wero, замислен како европска алтернатива на Visa, Mastercard и PayPal.
Проблем за кој ретко се зборува
Секојпат кога жител на ЕУ плаќа со картичка, онлајн или дели сметка преку апликација, податоците за трансакцијата, кој што купил, каде, кога и за колку – поминуваат низ инфраструктура во сопственост на компании како Visa, Mastercard, PayPal и слични.
Картичните плаќања сочинуваат околу 56% од сите безготовински трансакции во ЕУ, додека Visa и Mastercard заедно годишно обработуваат околу 24 трилиони долари трансакции ширум светот.
Лагард во интервју отворено изјави дека Европа мора да има „дигитални плаќања под сопствена контрола“. Во геополитичка средина во која ЕУ настојува да ја намали зависноста од САД во областа на енергетиката, одбраната и трговијата, платните системи останаа речиси незабележана стратешка ранливост.
Искуството на Русија дополнително ја засили загриженоста. По западните санкции во 2022 година и исклучувањето од системите Visa и Mastercard, домашните плаќања во таа земја беа сериозно нарушени. Прашањето што сега се поставува во Брисел гласи: Што ако ЕУ еден ден биде изложена на сличен притисок?
Wero – европски одговор
EPI, конзорциум од 16 големи банки и платни процесори, меѓу кои BNP Paribas, Deutsche Bank и Worldline, го лансираше Wero во јули 2024 година.
-
Продуктипред 2 месециХалки картичка за деца – прва платежна картичка за деца на македонскиот пазар
-
Банкипред 2 месециФатих Шахбаз е нов главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје
-
Банкипред 2 месециКомплетиран новиот Управен одбор на НЛБ Банка Скопје: Значајна пресвртница на патот кон стабилност и стратешки раст
-
Интервјуапред 2 месециИднината на пензиите во Македонија – разговор со Иван Стојановиќ од КБ Прво
-
Интервјуапред 2 месециFinSight со Слободан Трендафилов (ССМ): Што ако минималната плата не се зголеми до Нова година?
-
Интервјуапред 1 месецСлавески за FinSight: Пониски провизии и повеќе бесплатни услуги за граѓаните од следната година
-
Кариерапред 2 месециИуте Македонија вработува Специјалист за плаќања
-
Банкипред 2 месеци„Digital first“- нова функционалност на НЛБ Банка





